ФИЛМ

Најлошата личност на светот (Verdens verste menneske)

Режија: Joachim Trier

Улоги: Renate Reinsve, Anders Danielsen Lie, Herbert Nordrum

Времетраење: 127’

Земја: Норвешка

Жанр: мрачна романтична комедија-драма

„Најлошата личност на светот“ на Јоаким Трир ја истражува милениумската несигурност низ очите на Јулија (Renate Reinsve), неодлучна девојка во доцните дваесетти која неколкупати ја менува кариерата и запаѓа во романса осудена на пропаст сè додека не успее да најде минливи моменти на радост низ низа емотивните пресврти.

Филмот е поделен на 12 поглавја, пролог и епилог. Секое поглавје претставува некоја изискувачка преодна фаза од раната зрелост на Јулија и нејзините романтични врски. Извонредната глума на протагонистката го прави филмот магнетски привлечен во својата рефлективност, пред реализмот да им отстапи место на повремените надреални, стилизирани моменти на неизговорена магија и болка.

На повеќе начини, филмот дава концентрирана доза од тоа како изгледа и кое е чувството да се биде жив во последната половина од изминатава деценија, во очи на сериозни општествени пресврти, климатски промени, #MeToo движењето и cancel културата и усмешно ги доловува предизвиканите облаци на сеопфатна несигурност што истовремено ги движат и попречуваат милениумците како Јулија.

 

Збогум Амор (Farewell Amor)

Режија: Ekwa Msangi

Улоги: Ntare Mwine, Zainab Jah, Jayme Lawson

Времетраење: 118’

Земја: САД

Жанр: драма

„Збогум Амор“ е патување низ загубената интима на три ликови и искрена, сирова медитација за вистинското значење на семејството, разделбата и културните јазови.

По 17 години, Волтер, имигрант од Ангола, одново се среќава со своето семејство – жена му Естер и ќерката тинејџерка Силвија – откако конечно успева да им обезбеди виза за да се преселат кај него во Њујорк. 

Отуѓени едни од други, странци кои единствено ги спојува заедничката траума на разделбата, филмот ги следи протагонистите додека тие се обидуваат да ја обноват релацијата наоѓајќи заедничка љубов во танцувањето која може да им помогне да ја премостат емоционалната дистанца која се испречила меѓу нив.

 

Тоа е грев (It’s a Sin)

Режија: Peter Hoar

Улоги: Olly Alexander, Omari Douglas, Callum Scott Howells, Lydia West, Nathaniel Curtis

Времетраење: 1 сезона (5 епизоди)

Земја: Велика Британија 

Жанр: драма

Во пет епизоди кои се протегаат низ 80-тите, „Тоа е грев“ следи група квир пријатели во нивните рани дваесетти кои се среќаваат во Лондон во 1981 и започнуваат да живеат заедно во трошен стан што го нарекуваат Розевата палата. Тие се забавуваат, прават грешки, експериментираат со сексуалноста, учат за вистинското пријателство и многу рано се соочуваат со болката и загубата како резултат на кризата со СИДА која го зафаќа светот.

Нудејќи еден многу потребен, трогателен и болен поглед на раната борба со ХИВ вирусот во Велика Британија, недостатокот на информации и терапија, како и стравот од неизбежната судбина, серијата „Тоа е грев“ успева одново да отвори дискусија за политичката и личната стварност на лицата заболени од СИДА тогаш и сега и да ја покрене свеста за потребата од тестирање, за превентивните лекови и денешната ефективна терапија.

Јас, Тоња (I, Tonya)

Времетрање: 120’
Земја: САД:
Режија: Craig Gillespie
Улоги: Margot Robbie · Sebastian Stan

Тоња Хардинг е лизгачка на мраз, која и покрај непривилигираната положба, тешко минато и стил кој отскокнува, успева да се прослави во дисциплината. Сепак, нејзината кариера почнува да излегува од колосек кога нејзиниот поранешен сопруг повторно влегува во нејзиниот живот. Тоња останува запаметена, не по нејзините брилијантни потези на мразот, туку по озлогласениот напад на нејзината ривалка, Ненси Кериган, оркестриран од тогашниот сопруг на Хардинг, Џеф Гилули, непосредно пред првенството на САД во уметничко лизгање во Детроит во 1994 година.

Базиран на вистински настани од минатото, филмот се обидува да ја претстави сложената слика за Тоња Хардинг, чии репутација и кариера се целосно уништени по споменатиот скандал, во чие планирање таа не земала дел, и наместо тоа, прикажува и една друга страна од нејзиниот живот, исполнет со брутално насилство, сиромаштија и потсмев.

Филмот се здоби со доста критика, особено поради вклучувањето на комичен елемент, кога нема ништо комично во однос на прикажаните услови, но и поради кастингот на Марго Роби во улогата на Тоња, која и со најлошата фризура и костим, пак нема да делува како „бело ѓубре“ – како што Тоња често било потретирана во медиумите.

Сепак, „Јас, Тоња“ на живописен начин ни носи, не само дел од историјата на поп културата, туку и теми кои токму поп-култура ги занемарува, како родот и класата, нездравата конкуренција, наметнатото женско ривалство и домашното насилство.

 

Венено (Veneno)

Режија: Javier Ambrossi, Javier Calvo, Mikel Rueda, Álex Rodrigo

Улоги: Jedet; Daniela Santiago; Isabel Torres; Lola Rodríguez; Paca la Piraña

Земја: Шпанија

Времетраење: 1 сезона (8 епизоди)

Жанр: драма, биографија

Биографска приказна за маркантната шпанска транс икона Кристина Ортиз Родригез (Cristina Ortiz Rodríguez), позната по прекарот „Ла Венено“ (шпански: отровна). Обожавана поради нејзината харизма и отворениот, експлицитен и пред сè забавен начин на изразување, Ла Венено се стекнала со популарност благодарение на бројните телевизиски појавувања во 90-тите. 

„Султана, куртизана, индијанската Покахонтас, но со ајкула“, се претставува Ла Венено на нејзиното прво ТВ појавување. „Ајкулата.. Ми е меѓу нозете, каде на друго место?“ Венено ја доловува пред јавноста реалноста на транс жените – единствената професија која им е дозволена е давањето сексуални услуги. На маргините на општеството, Кристина си создава свој живот во кој таа може да биде Ла Венено и да ги испише правилата на сопственото постоење. Во рамки на тоа постоење, таа може да биде која и да посака – султана, куртизана, Покахонтас – на начини кои поширокото општество никогаш не би ги прифатило. Моќта на Венено се фантазијата и убавината.

Венено ги следи сеќавањата на Кристина од нејзиното детство, траумата која ја претрпела, како научила да се справува со неа, и како ја креирала персоната која ѝ помага да преживее на улица, со токсични партнери, во затвор. Серијата ја истражува и темната страна на нејзиниот живот, моментите на губење контрола, себе-повредување и оттуѓување од најблиските; но и влијанието на нејзината борба и отвореност врз пошироката квир заедница во Шпанија и важноста на квир семејството.

 

Проаѓање (Passing)

Режија: Rebecca Hall

Улоги: Tessa Thompson, Ruth Negga

Земја: САД

Времетраење: 139’

Жанр: драма

 

Њујорк, 1929. Филмот следи две црни жени (Tessa Thompson & Ruth Negga) чија боја на кожа им дозволува да пројдат како бели. 

Случајната средба со школската пријателка Clare, комплетно ќе го наруши навидум хармоничното секојдневие на Irene, која сè до тој момент се убедувала себеси дека е задоволна од животот, бракот, семејството, друштвото и пред се, задоволна со своите одлуки.

Базиран на романот на Нела Ларсен, „Проаѓање“ (2021) го истражува справувањето со сопствениот идентитет кога тој идентитет е конструиран од средината и (не)можноста да се биде среќен и безбеден во неговите ограничени рамки. Одлуката филмот да биде црно-бел, дополнително дозволува да се нагласи дуалната природа на ликовите и изборот да се пројде како црн или бел.

 

 

Белешки за еден скандал (Notes on a Scandal)

Режија: Richard Eyre

Улоги: Judi Dench, Cate Blanchett

Земја: Англија

Времетраење: 158’

Жанр: драма

 

Барбара (Judi Dench), наставничка пред пензија, се спријателува со харизматичната Шиба (Cate Blanchett), новата наставничка по ликовна уметност. Кога Барбара ќе открие дека Шиба има афера со еден од нејзините ученици, скандалот е премолчан, а чувањето на тајната отвара простор за длабока манипулација.

Белешки за еден скандал (2006) е филм за перверзната и декстурктивна моќ на осаменоста, желбата и зависта. Извонредната глума на Денч и Бланшет ќе во вовлече во замрсената психолошка игра и ниту за момент нема да ви дозволи да ги тргнете очите од екранот.

 

 

Мустанг (Mustang)

Режија: Deniz Gamze Ergüven

Улоги: Günes Sensoy, Doga Zeynep Doguslu, Tugba Sunguroglu, Elit Iscan 

Земја: Турција, Франција, Германија

Времетраење: 97’

Жанр: драма

Мустанг (2015) е долгометражно деби на турско-француската филмска режисерка Дениз Гамзе Ергевен. Филмот е сместен во сегрегирано турско селце и го прикажува животот на пет млади сестри кои живеат со своите баба и дедо, секојдневните предизвици, проблеми и правила кои ја диригираат нивната младост, растејќи како девојчиња во конзервативно општество. Дел од филмот се базира на личниот живот на Ерговен, а естетиката и нарацијата влече референци од The Virgin Suicides од Софиа Копола. 

 

Бубалици (Booksmart)

Режија: Olivia Wild

Улоги: Kaitlyn Dever Beanie Feldstein

Времетраење: 142’

Земја: САД

 Жанр: тин комедија

Во пресрет на својата матура, две најдобри другарки кои целото средно школо го посветиле на учење и подготовки за универзитет, сфаќаат дека можеби испуштиле други значајни искуства за разлика од своите врсници. Испаничени од ова сознание, Еми и Моли се обидуваат да соберат искуства од четири години во една ноќ што, секако, завршува неуспешно.

Бубалици е современ, мудар и прониклив coming-of-age филм, кој не запаѓа (целосно) во добро познатите стапици на стереотипни ликови, има одлично сценарио, хумор и свеж и искрен приказ на важноста на женските пријателства во средното училиште.

 

Квин & Слим (Queen & Slim)

Режија: Melina Matsoukas

Улоги: Daniel Kaluuya, Jodie Turner-Smith

Времетраење: 132’

Земја: САД

Жанр: романтика/драма

 

Квин и Слим (2019) се запознаваат на дејтинг мрежа и имаат потпросечен дејт, кој со завршува со неочекуван пресврт кога видно расистички полицаец ги запира и сака да ги казни за брзо возење. 

Филмот црпи инспирација од други авантуристички/љубовни road-trip филмови, но во сликата успешно ја инкорпорира реалноста за расистичкиот САД и борбата за преживување денес. Зад филмот стои Melina Matsoukas, генијалната режисерка, позната по видео спотот Formation на Beyonce, како и популарната серија Insecure.

Квин и Слим е приказна за пријателството, солидарноста, неправдата и преживувањето, теми кои се одмотуваат додека во позадина вртат сонливи пејзажи и саундтрак кој е еднакво добар колку и филмот.

 

Scroll to Top