ФИЛМ

Десет филмови што ни ја одбележаа 2024-та

(сцена од „Жута“ (1973), реж. Владимир Тадеј)

 

Како симболично заокружување на годината, дел од авторките на Медуза ги споделија филмовите што им оставиле најсилен впечаток годинава:

Дамјана Видическа: „Ама јас сум мажоретка“ (1999), реж. Џејми Бабит [комедија / романса]

But, I’m a Cheerleader е шарен campy лезбејски филм што истовремено го нагласува трапавиот перформанс на хетеросексуалноста. Хуморот е одличен. 👯‍♀️ Квир филм за квир жени ahead of its time.

 

Александра Спасеска: „Предизвикувачи“ (2024), реж. Лука Гвадањино [спорт / драма]

Challengers е возбудлива, интимна приказна во која се испреплетени љубовта, конкуренцијата и личната амбиција. Филмот е љубовен триаголник поставен во светот на професионалниот тенис, во кој Зендаја глуми некогаш амбициозно тениско чудо од дете, а потоа станува тренер. Таа го подготвува својот сопруг Арт (Мајк Фаист) за турнир. Без да знаат, турнирот ги доведува лице в лице со Патрик (Џош О’Конор), нејзин поранешен љубовник и поранешен најдобар пријател на Арт.

Она што го издвојува Challengers е истражувањето на сложената динамика на моќ во односите, љубовта, предавството и помирувањето, прикажувајќи го секој лик со нијанси и ранливост. Изведбите имаат магнетска привлечност, а на Зендаја ова ѝ е една од најдобрите улоги досега. Го игра ликот со повеќеслоен интензитет – амбициозна и силна, но истовремено повредена од трауми. Хемијата помеѓу трите главни лика е опиплива, поттикнувајќи ја сложената емоционална мрежа што е во срцето на приказната.

 

Лени Фрчкоска: „Incendies“ (2010), реж. Денис Виленев [воена драма / трилер]
Incendies го гледам кога ќе ме фати неизбежната декемвриска меланхолијa и со него наместо да ѝ бегам, ја оставам да ме дотепа. После таа катарза, полесно поминува. Неверојатна приказна за цикличноста и болката на семејната траумата. Поболна и потешка од буквалната едиповска приказна и неверојатно надежна.

 

Душица Лазова: „Домаќинство за почетници“ (2023), реж. Горан Столевски [драма / комедија]

„Домаќинство за почетници“ (Housekeeping for Beginners) е најновиот филм на македонскиот режисер Горан Столевски кој го следи секојдневието на едно неконвенционално, делумно дадено, делумно избрано семејство и предизвиците на градењето заедништво и меѓусебна доверба по една трагедија.

Ова е приказна за квир семејство, но настраноста во филмот е далеку од само и првенствено сексуална. Столевски на настраноста ѝ приоѓа интерсекциски, прикажувајќи ги слоевите на дискриминација со кои се соочуваат ликовите поради нивното застранување од општествено прифатените и привилегирани идентитетски позиции и начини на живеење, сакање и создавање заедници – од етничка припадност и родова експресија до сексуална ориентација и класна поставеност. 

Според мене, филмот нѐ води низ една квир утопија, ако под утопија подразбираме активно полагање надеж во иднината преку градење на можни светови, каде сонувањето не ги исклучува ограничувањата на реалниот свет туку сонува низ нив, каде општествените „отпадници“ тврдоглаво градат свои прибежишта и инсистираат на чувствување радост со цел да одбијат да бидат дефинирани од општествената позиција во систем кој не ги препознава.

Истовремено, филмот е повик кон општеството да се отвори за широките и разновидни форми на заедничарање вон бракот и традиционалното семејство како единствен институционално признаен облик на грижа и заедничко живеење.



 

Елена Кузмановска: „Bottoms“ (2023), реж. Ема Селигман [комедија]

Како љубител на комедии, во последно време навистина ми е тешко да најдам филм којшто ќе ми предизвика саат и пол константно смешкање и искрено уживање. Па, кога дознав за Bottoms, апсурдна лезбејска комедија, инспирирана од хуморот на тин комедиите од 2000-тите, решив да му дадам шанса и дефинитивно не ме разочара.

Џози и Пи Џеј се две средношколки, т.н. „лузер лезбејки“ кои се затрескани во две од најпопуларните девојки во нивното училиште. Во безобразен, импулсивен и недоволно испланиран обид да ги придобијат, тие започнуваат боречки клуб (како тој со Брет Пит – со многу крв и тепање, само без некоја голема морална порака и апсолутно никаква доза на сериозност), претставувајќи се како женска феминистичка група за самоодбрана зајакнување на девојките во училиштето. Еден незлонамерен трач и чуден склоп на околности, ги обележува девојките како опасни деликвенти, а тие тоа го користат во нивна полза. Клубот бргу и тотално ненамерно станува важен дел од животот на девојките коишто припаѓаат во него. Но, колку ќе трае еден ваков налудничав план изграден врз лаги?

Амбиентот на филмот е ексцентричен и постојано свесен за неговата апсурдност. Дијалогот е полн со евтини шеги, кои Селигман вешто ги користи да потчепнува теми кои се табу, па преку хуморот таа ги сведува тие прашања на едно незначајно ниво. Филмот не пробува да биде сентециозен, но сепак е присутен еден суптилен поттекст, што реално ја прикажува сликата на општеството, родот, сексуалноста и суровата вистина дека луѓето (особено квир средношколките) честопати се себични и несовршени, но токму тоа ги прави вистински и комплетно нормални.

 

Вики Младенова: „Пијаното“ (1993), реж. Џејн Кемпион [драма / романса]

‘He chopped it off’ е една филмска реплика, што за жал (веројатно и некоја морбидна среќа – да се отвориш и останеш отворена кон состојбите на човечното бивство) ќе ја паметам засекогаш, а се сеќавам веќе долго, од некое недатирано детство кога првпат го гледав The Piano. Накратко, глувонемата мајка останува без прст, во сведоштво на со крв-по-лице-испрсканото мало девојче, нивна ќерка, а по повод љубовта што се наоѓа не во домот, туку во блиска колиба. Летната спарина и нестабилната географија на мојот живот, оваа чудесно 2024-то лето, ме натераа пак да го изгледам овој филм. Таков кој носи доволно солиден наслов за да го избројам во моите омилени три.

Тоа што, на вознемирувачки настојчив и непроменет начин, од тогаш и тоа сфумато-детство, кога го гледав првпат, до денес ме предизвикува во врска со овој филм е: како ниту една материјална и секаква друга повреда не може да се спротивствави на космолошките поврзувања што ги овозможува сакањето некого. Отсечениот прст добива метална протеза, и удирањето по дирките на пијаното повеќе тинчи, нотите се здобиваат со персонална содржина но никогаш не го губат потенцијалот на звукот што се лепи по некои ѕидови, на нејасни куќи, што се хармонизираат со статусот на дом само заради космолошките поврзувања, а не заради позицијата на посилниот.

Калиа Димитрова: „Злобница“ (2024), реж. Џон М. Чу [мјузикл / фантазија]

Последниот филм што го гледав оваа година и беше сѐ што очекував: екцентричен хумор, лудница костимографија и сценографија и прекрасна пријателска комплементарност на моќните вокали на Ариана Гранде и Синтија Ериво. Магнетната хемија меѓу актерките ја прави приказната за борбата помеѓу комформизмот и радикалната автентичност и солидарност блиска, игрива и приемчива, за големи и мали. (Да се гледа во кино!)

 

Анастасија Марковска: „Анатомија на еден пад“ (2023), реж. Џастин Триет [драма / трилер]
Не знам што сте слушнале за него, но за мене, „Анатомија на падот“ е еден од најостроумно напишаните филмови во последно време. Згора на тоа, рационалноста и ладната глава на протагонистката, верно доловени од страна на Сандра Хилер, ми причинија особено задоволство затоа што ретко ги гледам како нагласени особини на женските ликови.

 

Грација Атанасовска: „La Chimera“ (2023), реж. Аличе Рорвахер [авантура / комедија]

Приказната за Артуро, романтичарот-ограбувач на етрурски гробници со скршено срце кој е во потрага по загубената љубов Бенјамина, успева да обедини приказна за цела една заедница гледана низ призмата на класата, на исцрпувачката идеологија на капитализмот, и она „неупотребливото” или „одвишното” што лежи зад неа – амбивалентноста, сонот, љубовта, убавината, загубата. 

Универзумот на Рорвахер е исполнет со луѓе кои се движат низ мистерии. Во Ла химера, сегашноста и минатото се чудесно испреплетени, а световите на живите и мртвите меѓусебно си влијаат.

И токму затоа го сакам овој филм. Неговите апсурдни и чудесни елементи се чинат неодделни од нашиот стварен (буден) живот. На жанровско ниво ова е постигнато преку наивноста на магичниот реализам, а убедливоста токму на ниво на техника, преку снимањето на 16мм и 35мм филм, што му дава една едноставна материјалност на целото доживување на филмот. 

 

Мања Величковска: „Жан Дилман, трговски кеј 23, 1080 Брисел“ (1975), реж. Шантал Акерман [драма]

„Жан Дилман, трговски кеј 23, 1080 Брисел“ (Jeanne Dielman, 23 quai du Commerce, 1080 Bruxelles) од Шантал Акерман е култен класик од 1975 кој прикажува три денови од животот на Дилман, самохрана мајка, домаќинка и сексуална работничка, задушена од монотонијата на домашната работа и кревкоста на секојдневното постоење, сведено на преживување.

Зошто жената пободу не може да е радосна? – е можеби клучното прашање што било од интерес за Шантал, толку генијална во приказот на теророт од механизираното и хипердетерминирано време на Дилман. На многу едноставен начин филмот успева да ја долови историската женска истрошеност од злоупотребата на нејзиниот невидлив труд кој оди во одгледување и издржување на површно интелектуализираните и лишени од одговорност – мажи, во животите на жените. Наспроти тоа, многу вешто и суптилно се потсмева со претпоставените тесногради и морализаторски претстави за сексуалната работа, за изгледот на овие работнички или нивната економска реалност.

Нема, верувам, поефективна филмска тегоба од таа сочинета во долгото и уморно лупење на компири и краткиот, но субверзивен, прекин на задачата од страна на Дилман, која дури и пристрасните гледачи – очекуваат таа, умно, да си ја заврши.

Them (2021)

Them (прва сезона), e антолошка хорор серија во режија на Литл Марвин. Првата сезона, со поднаслов „Завет“, го следи црното семејството Емори, кое се преселува од Северна Каролина во Калифорнија, во населбата Комптон која е населена само од бели луѓе во Комптон, во текот на 1950-тите како дел од Големата миграција. Нивната потрага по американскиот сон постепено ескалира додека се соочуваат и со натприродни ужаси и со насилниот расизам на нивните нови соседи.

Серијата повлекува паралели помеѓу системскиот расизам и натприродниот терор, кои со сиот нивен дехуманизирачки терор изолираат и генерациски уништуваат. Отворениот расизам на општеството е еднакво застрашувачки како и паранормалните сили и ваквата дихотомија ги замаглува границите помеѓу реалниот и метафоричниот ужас во серијата. Приказната ја критикува и ја распарчува идејата за американскиот сон, особено за црните семејства во 1950-тите, откривајќи колку длабоко е испреплетена идејата за успех во американското општество со расистичкото насилство.

 



 

Swallow (2019)

Наслов: Swallow 

Режија: Карло Мирабела-Дејвис

Играат: Хајли Бенет, Остин Стовел 

Земја: САД

Времетраење: 1ч. 34мин.

Жанр: Психолошка драма / Трилер 

 

 

 

Во режија на Карло Мирабела-Дејвис, Swallow (2019) е приказна за женската телесност, општествените очекувања и гладот за ослободување кој демнее и се манифестира на бизарен начин. Приказната ја следи Хантер, млада и неискусна бремена домаќинка која развива пика –  психолошка состојба која ја принудува да јаде предмети што не се храна. Нејзиниот живот е резултат на задушувачкото, патријархално опкружување, каде нејзиниот богат сопруг и неговото привилегирано семејство ја диктираат нејзината улога како сопруга, а и наскоро мајка. Секоја нејзина постапка е константно под лупа, па како форма на револт, Хантер го гледа самоповредувањето како единствен начин да повторно си ја завземе контролата врз телото.


Заводливиот визуелен јазик на филмот субверзивно користи прецизно, ригидно кадрирање, пригушени и меки бои во стерилно-минималистичка атмосфера. Филмот ги користи дежурните алатки за конвенционалната убавина – симетрија, мекост и естетско совршенство – за да ги критикува самите системи што ги претставуваат. Ако ви се бендисале Hereditary (2018), The Lobster (2015) или A Ghost Story (2017), тогаш тивкиот ужас и растроеност на Swallow ќе ви бидат по вкус.

 



 

The Harbinger (2022)

Наслов: The Harbinger

Режија:  Andy Mitton

Играат: Gabby Beans, Emily Davis

Земја: САД

Времетраење: 1ч. 26мин.

Жанр: Хорор / Драма /Мистерија 

 

 

 

Пред неколку години бев во публика на промоција на книгата „Нашиот пат – 25 женски приказни од истријата“ и Ивана Хаџиевска ноншалантно кажа дека политиките на сеќавање се и политики на заборавање. За историски лаик како мене, ваквата идеја ме просветли нешто налик кога мажите дознаваат зошто жените не одат навечер по скратени патеки. Соочени со исцрпувачки дисонантно секојдневие, заборавот станувa стандарден резултат од сите наши системски и лични трауми. „The Harbinger“ (2022) го разработува концептот на заборавање, и го користи како метафора за емоционалното и психолошкото бришење што го доживеаја многу луѓе за време на пандемијата КОВИД-19. Антагонистот во филмот го отелотворува овој страв со тоа што таргетира поединци кои се ментално ранливи и сами, ги совладува и на крај брише од сеќавањето на сите кои ги знаеле. Оваа натприродна закана отсликува вистински страв, кој условно кажано и се оствари, а тоа е дека пандемијата ќе ги направи луѓето изолирани, заборавени и исклучени од нивните заедници.

Филмот го прикажува заборавот како повеќеслоен хорор: не само што ликовите се плашат да ги загубат релациите со саканите, туку се борат и со губењето на чувството за идентитет и (споделена) историја. Приказната сугерира дека во време на колективна траума, заборавањето на тоа што се случило е застрашувачко како и самата траума. The Harbinger има воздржаната употреба на Jump scares и тоа придонесува за бавното билдање на атмосферски хорор што ги нагласува психолошките теми на филмот. Наместо да се потпира на чести, заплашувачки моменти, филмот користи тивок, притаен страв кој постепено ја вознемирува публиката и јасно ја комуницира темата.

Филмот не е без маани: има бавно темпо во првата третина и нема особен развој на ликовите. Но, е еден од ретките филмови кои воопшто се бават со пандемиската тема со сутилност и нијансираност во пристапот. Знам дека на прв поглед не е баш примамлив избор – кај хорор, па и пандемиски – ама ако ништо друго, барем ќе се потсетите дека ковидот се случи, и сè уште не е завршен.

 

Atlantics (2019)

Наслов: Atlantics
Режија: Mati Diop
Играат: Mame Bineta Sane, Amadou Bmow, Ibrahima M’Baye
Земја: Франција, Сенегал
Времетраење: 1ч. 44мин.
Жанр: Хорор / sci-fi / документарец 

 

Ако книжевниот и филмскиот хорор ги рефлектира нашата култура, нашите верувања и стравовите кои ги криеме и негуваме, тогаш Atlantics (2019) e sci-fi гласник на нашите капиталистички трауми. Режисерката Мати Диоп и филмската екипа ја користат научната фантастика за остра социјална критика преку приказната за група експлоатирани градежни работници од Дакар кои испловуваат кон подобар живот во Шпанија, но импровизираното пловило им се превртува и умираат во Атлантскиот океан. 

По смртта, тие се враќаат како духови кои ги опседнуваат телата на мештаните на Дакар со цел да му се одмаздат на шефот кој со тоа што не ги исплаќаше, всушност ги натера да запловат кон Шпанија. Освен како класичен хорор раскажувачки механизам на прогонување, смртта на момчињата го обременува наративниот тек на приказната како симбол за последиците на работничката експлоатација. Ваквата иновативна употреба на хоророт и натприродни елементи во филмот не служат за да ја исплашат публиката, туку како наративни средства во оваа алегорија за социјална правда и критика за вечните последици на колонијализамот.

Покрај класната критика, приказната е испреплетена со суровиот патријархален пејзаж на постколонијалниот пустош. Духовите често ги опседнуваат телата на локалните жени, особено другарките на главниот лик Ада и со тоа симболично ги прикажуваат долготрајните ефекти на патријархална контрола и економски притисок со кои се соочуваат жените од експлоатираните работници. Овие сцени со опседнување одразуваат интерсекциско преклопување, но и како борбите на мажите и жените во Дакар се разликуваат. 

Atlantics (2019) ги поткопува традиционалните приказни за духови со тоа што го користи жанрот во комбинација со експлицитно траорната класна позадина. Со ова, Мати Диоп и филмската екипа ја напушта класичната научно фантастична закана која доаѓа од некаде далеку или од нашата психа и ја позиционира во нашата материјална реалност. 


Супстанција (2024)

препорачува: Ема Вељаноска, визуелна уметница

 

Наслов: The Substancе
Режија: Корали Фаржеа
Играат: Деми Мур, Маргарет Коли, Денис Квејд, Гор Абрaмс
Земја: САД
Времетраење: 2ч. 20мин.
Жанр: Хорор / Sci-fi

 
Честопати опишуван како највознемирувачкиот филм на годината, „Супстанцијата“ е сатиричен хорор кој длабински ги разработува темите за женскиот идентитет, стареењето и општествената опсесијата со младоста, а особено преку идејата дека жените имаат „рок на траење.“ 

Елизабет, фитнес-селебрити што се обидува да си ја врати младоста преку експериментален производ, го претставува страшниот притисок со кој се соочуваат жените во свет каде што нивната вредност се мери според младост и убавина. Хорор-елементите се само гротескна метафора за овие борби. Сцените во кои нејзиното тело буквално се распаѓа — нозе и заби паѓаат, кожата се цепи — ја отсликуваат болката на жените кои се чувствуваат како букално да се распаѓаат, откако ќе достигнат одредена возраст. Гледајќи како се распаѓа, ја почувствував тежината на овие очекувања. 

Борбата на Елизабет, на брутален и крвав начин ја прикажува застрашувачката реалност:  ние жените, принудени сме постојано и посекоја цена да се корегираме и трансформирмираме, како да сме предмети што треба да се поправат – за да останеме релевантни, посакувани и (дури и) човечни во очите на јавноста.  За секоја жена што некогаш ја почувствувала тежината на стареењето или притисокот да се остане вечно и ендодимензионално убава, овој филм е и катарзичен и длабоко вознемирувачки. Дефинитивно вреди да се гледа.

 

Сè за мојата мајкa (1999)

препорачува: Ема Вељаноска, визуелна уметница

 

Наслов: Todo Sobre Mi Madre / All About my Mother / Сè за мојата мајкa

Режија: Педро Алмодовар

Играат: Сесилија Рот, Мариса Паредес, Кандела Пења, Антонија Сан Хуан, Пенелопе Круз

Земја: Шпанија

Времетраење: 1ч. 41мин.

Жанр: Драма / Мелодрама

 

 

Филмот „Сè за мојата мајка“ е длабок и емоционален приказ на тага, идентитет и сложеноста на женственоста, режиран од Педро Алмодовар. Овој филм длабоко резонира со мене, бидејќи делата на Алмодовар отсекогаш ми биле омилени поради нивното детализирано портретирање на женските ликови и живописните светови што ги создава. Неговата способност да спои хумор и трагедија, додека ги прикажува многустраничните животи на жените, ги прави неговите филмови не само интересни, туку и длабоко поврзани со реалноста.

Во центарот на филмот се наоѓа Мануела, мајка која се соочува со загубата на својот син. Додека се упатува на патување за повторно да се поврзе со своето минато, филмот ни ја претставува палетата на богато развиени ликови, вклучувајќи ја духот на трансжендерската секс работничка Аградо и загрижената глумица Хума. Портретот на нивните борби и триумфи од страна на Алмодовар додава длабочина на нарацијата, правејќи јасно дека нивните приказни се есенцијални за човечкото искуство.

Живописните палети на бои и вниманието на Алмодовар кон деталите ја засилуваат емоционалната резонанција на филмот. Кинематографијата убаво ја комплементира нарацијата, создавајќи гозба за сетилата што ги влече гледачите во свет кој се чувствува и фантастичен и длабоко реален. Секој кадар е исполнет со чувство на итност и страст, што рефлектира уникатниот стил на раскажување на Алмодовар. Неговите филмови често ги предизвикуваат општествените норми и очекувања, особено околу родот и идентитетот, што ги прави особено значајни за мене, бидејќи поттикнуваат разговори за реални проблеми.

И да бидеме искрени, начинот на кој Алмодовар ја претставува Мадрид, особено во живописните 80-ти, ме прави да посакам да живеам таму. Во свет каде што женските приказни често се маргинализирани, филмовите на Алмодовар се моќни наративи кои ја слават богатството на животите на жените.

На крајот, Мануела наоѓа нови врски и разбирање, кои и помагаат да се соочи со загубата на својот син. Оваа точка на кулминација не само што ја зајакнува темата на мајчинството, туку и ја истакнува важноста на изборот на семејството и заедницата, што остава траен впечаток на гледачот.

Филмот обединува плеада на емоции и теми, создавајќи длабока рефлексија на животот и смртта и на значењето на врските помеѓу жените. Мене ми служи како потсетник зошто делата на Алмодовар остануваат основен дел од моето филмско патување, постојано инспирирајќи и движачки ме секој пат кога го гледам.

 

 

High Fidelity (2000)

препорачува: Ема Вељаноска, визуелна уметница

 

Наслов: Висока Верност / High Fidelity

Режија: Стивен Фрирс

Играат: Џон Кјусак, Лиза Боне, Џек Блек, Ибен Хјеле

Земја: САД

Времетраење: 1ч. 53мин.

Жанр: Комедија / Романса

 

Филмската адаптација на романот на Ник Хорнби за емоционалната незрелост, неуспешните врски и опсесивното правење листи (нешто што, како љубител на листи, ми носи посебно задоволство) носи мрачен хумор и претставува една од најдобрите улоги на Џон Кјусак.

Приказната го следи Роб Гордон, кој се обидува да се справи со раскинувањето додека го живее својот (и мојот) личен сон – поседува продавница за плочи, слуша музика и прави листи на топ 5 омилени нешта.

Преку прераскажувањето на „топ 5 најлоши раскинувања“, го гледаме како минува низ процес на самоспознавање, преиспитувајќи ги своите минати врски и грешките што ги направил.

Еден аспект во кој и лично се пронаоѓам е мајсторството на Роб во правење микс-плејлисти – користејќи „туѓа поезија“ за да ги изрази своите чувства. Во еден момент, по кратка авантура со ликот на Лиза Боне, размислува за своето верување дека она што е важно е што ти се допаѓа, а не дали ти си допадлив (what really matters is what you like, not what you are like), но, низ наративот тој ја осознава спротивноста на ова верување.

Внатрешниот монолог на Роб нуди интимен увид во неговите мотиви, откривајќи човек кој е себичен и често сексистички настроен, постојано екстернализирајќи ги одговорите за своите неуспеси. Иако постојано се жали како работите тргнале наопаку во неговиот живот, јасно е дека тој има проблем да се поврзе со жените кои најчесто ги објективизира, барајќи ја „идеалната“ партнерка. Неговата опсесија со музика дополнително го потхранува неговото чувство на супериорност, заслепувајќи го во потрагата по самосвест.

Адаптацијата на High Fidelity носи со себе одреден шарм, но кога се гледа низ феминистичка призма (дури јас би рекла човечка призма), веднаш станува јасно дека приказната се врти околу еден несовршен машки лик, додека женските ликови се претставени на крајно дводимензионален начин, со што единствено го поддржуваат неговото патување и ги потврдуваат неговите погрешни убедувања дека тој е центарот на приказната. Овој пристап само ја нагласува непропорционалната важност што им се дава на машките искуства, додека женските ликови остануваат на маргините, сведени на алатки за развој на неговиот карактер.

Сепак, една од најдрагоцените карактеристики на филмот е начинот на кој со леснотија се исмева ароганцијата на Роб, без да се омаловажи страста кон музиката. На крајот на денот,  вкусот има значење – а музиката повремено го поврзува со другите на неочекувано значајни начини.

А да, и саундтрекот на филмот не е лош.

 

Conte d’automne (1998)

препорачува: Ема Вељаноска, визуелна уметница

 

Наслов: A Tale of Autumn / Есенска Приказна

Режија: Ерик Ромер

Играат: Мари Ривјер, Беатрис Роман, Ален Либолт

Земја: Франција

Времетраење: 1ч. 52мин.

Жанр: Романтика / Комедија

Ерик Ромер, еден од најистакнатите режисери на францускиот Нов бран, го заокружува својот циклус „Приказни за четирите сезони“ со филмот „Есенска приказна“ (Conte d’Automne). Овој филм е вистински пример за тоа како Ромер на суптилен, но длабок начин успева да ги истражи човечките односи и случајните моменти кои ги обликуваат нашите животи.

Во „Есенска приказна“, централната фигура е Магали, вдовица и лозарка, чиј мирен живот е вознемирен од две независни, но поврзани шеми да ѝ се пронајде партнер. Од една страна, девојката на нејзиниот син се обидува да ја спои со стар професор, а од друга, нејзината пријателка Изабел користи лажен идентитет за да привлече ерген. Како што е типично за Ромер, приказната не се потпира на драматични заплети, туку на низа деликатни недоразбирања и суптилни човечки реакции.

Она што овој филм го прави посебен е мајсторската способност на Ромер да ги прикаже секојдневните ситуации и баналностите на животот на начин кој е истовремено универзален и личен. Ликовите на Магали, Изабел, и Жералд се обични луѓе, но нивните емоции и одлуки се длабоки и препознатливи. Ромер не инсистира на драматизација – неговите наративи течат природно, оставајќи го гледачот да се препушти на моментите кои создаваат големи животни промени.

Кулминацијата на приказната доаѓа на свадбена забава, каде Ромер вешто ја создава тензијата преку суптилни кореографии на погледи и движења. Секој лик погрешно ги разбира ситуациите околу себе, но на крајот, преку една насмевка и чаша вино, доаѓа до ненадејно помирување. Оваа сцена не е типична кулминација во класичен филмски смисол, туку повеќе е еден момент на разбирање и животно прифаќање, што ги дефинира делата на Ромер.

 

 

Гозбата на Бабет (1987)

препорачува: Магда Ориѓанска, преведувачка

 

Наслов: Babette’s Feast / Babettes Gästebud (1987)

Режија: Габриел Аксел

Играат: Стефан Одран, Бодил Јер, Биргит Федерспиел

Земја: Данска

Времетраење: 1ч. 43 мин.

Жанр: драма

 

Во едно тмурно крајбрежно село во Данска во 19-тиот век, две сестри живеат аскетски живот, посветени само на црквата и на посесивниот татко кој ги задолжува да го изгледаат до неговата смрт. Години подоцна, за време на француско-пруската војна, тие ја вдомуваат Бабет – бегалка од Париз која им станува слугинка. Еден ден, Бабет решава да подготви луксузна француска гозба за целото село и да ги прекрши пуританските принципи во заедницата.

„Гозбата на Бабет“ ми е при срце бидејќи се случува некаде на Јиланд, данскиот полуостров од каде започна мојата фасцинација за „егзотичната“ Скандинавија кога бев дете, а продолжи летово кога учев дански таму за прв пат. Го сакам филмов зашто растеретено ја слави убавината и тешкотијата на заедништвото преку навидум едноставниот подвиг на една жена која собира куп луѓе на маса за да јадат заедно споделувајќи живот.

 

 

 

Scroll to Top