ФИЛМ

Убаво момче (Beautiful Boy)

Режија: Felix van Groeningen

Улоги: Timothée Chalamet, Steve Carell, Amy Ryan

Времетраење: 120′

Земја: САД

Жанр: драма

На прв момент, се чини дека тинејџерот Николас Шеф (Timothée Chalamet) има сè – покрај добрите оценки, тој е глумец, уметник, спортист и уредник на училишниот весник. Кога Ник ќе стане зависен од метамфетамин и ќе биде на работ да го уништи својот живот, неговиот татко (Steve Carell) прави сè што може за да ги спаси синот и семејството.

„Убаво момче“ го прикажува потресното искуство на преживување, рехабилитација, повраќање и лекување и овој приказ на мрачниот тест на издржливост е далеку од совршен. И покрај своите несовршености, филмот успева на ретко автентичен начин да ја прикаже неподносливата болка на ликовите, служејќи се со напати фрустрирачки временски скокови во кои ликовите се навраќаат на некои посреќни времиња во обид да продолжат понатаму.

 

Boyhood (2014)

Режија: Richard Linklater

Улоги: Ellar Coltrane, Patricia Arquette, Ethan Hawke, Lorelei Linklater

Времетраење: 145′

Земја: САД

Жанр: драма

Уникатен во емотивната сировост и нарација, Boyhood, од режисерот Ричард Линклејтер е снимен во текот на дванаесет години во родниот Тексас на режисерот и ги прикажува физичките и емоционалните промени што ги доживува детето Мејсон (Елар Колтрејн), неговите разведени родители (Патриша Аркет, која освои Оскар за нејзината изведба и Итан Хок) и неговата постара сестра (Лорелеј Линклејтер). Фокусирајќи се не на драматични пресвртници, туку на ситните детали и моменти кои го сочинуваат животот, Линклејтер создава беспрекорно одглумен, непорсреден портрет, кој расте пред нашите очи – во секоја смисла. Дозволувајќи ни да гледаме како ликовите созреваат и стареат преку документарен реализам, во комбинација со фиктивна приказна, која на скромен начин го прикажува животот онаков каков што е, филмот има моќ да нè вовлече и трогне, како ретко која приказна во историјата на кинематографијата.

 

 

Aftersun (2022)

Режија: Charlotte Wells

Улоги: Paul Mescal, Frankie Corio

Времетраење: 96′

Земја: Велика Британија, САД

Жанр: драма

Во евтино летно одморалиште во Турција, 11-годишната Софи (Френки Корио) ужива во реткото време поминато заедно со нејзиниот драг и внимателен татко, Калум (Пол Мескал). Додека таа полека влегува во светот на адолесценцијата, Калум се бори со тежината на животот надвор од татковството.

За време на одморот, сè е мед и млеко. Ги гледаме Калум и Софи во сончеви сцени покрај базенот како јадат сладолед, пливаат, играат билијард. Но позади кревкото заедништво и длабоката грижа, ја забележуваме загриженоста на Калум, моментите на омраза кон себе, неговите стравови дека не е доволно добар татко, дека не заработува доволно, дека не знае што со себе понатаму, дека единствената улога која го призејмува е токму татковството.

Дваесет години подоцна, нежните сеќавања на Софи од нивниот последен одмор претставуваат еден моќен и топол портрет на нивната врска. Навраќајќи се на тие денови, возрасната Софи се обидува да ја консолидира сликата за татко ѝ онаков каков што го знаела со човекот кој всушност бил. Воден од одличната глума на Френки, филмот ја проучува интерсекцијата помеѓу нашите сеќавања и вистината за љуѓето што ги населуваат.

Вештерката (The Witch)

Режија: Роберт Егерс

Улоги: Ања Тејлор Џој, Кејт Дики, Ралф Ајнсон 

Времетраење: 92 мин

Земја: САД

Жанр: хорор, трилер, мистерија

Дејството на „Вештерката“ e сместено во 1630 година во Нова Англија и раскажува за животот на семејство посветени пуританци, откако најмладиот син Семјуел одеднаш ќе исчезне. Семејството ја обвинува Томасин, најстарата ќерка на која ѝ бил доверен Семјуел на чување во моментот кога исчезнал. Сомнежот во Томасин прераснува во сомнеж за вештерството и приказната се расплеткува во неколку клучни компоненти: искушение, женски бунт и социјално исклучување. Сценаристот и режисер на филмот Роберт Егерс, најголемиот дел од дијалогот го цитирал дословно од историски документи за вештерство.

Критичар(к)ите се практично едногласни со позитивните рецензии за филмот, додека анализите се разновидни и повеќеслојни. И покрај тоа што идејата и претставувањето на вештерството се менува низ годините, приказната за Томасин носи еден заеднички елемент содржан во сите променливи конципирања на вештерките – жртвеното јагне во време на криза.

Ако не се сметате за фанови на хорор, ама сте фанови на феминистичките толкувања на вештерството, тогаш гледајте го „Вештерката“.

 

Те следи (It Follows)

Режија: Дејвид Роберт Мичел
Улоги: Мајка Монро, Кил Гилкрист
Времетраење: 100 мин
Земја: САД
Жанр: хорор, трилер

Откако тинејџерката Џеј (Мајка Монро) за првпат има секс со Хју (Џејк Вири), дознава дека е најновата алка во фаталниот ланец на проклетството коешто се пренесува од жртва на жртва преку сексуален однос. Смртта неуморно граба кон неа и кон сите жртви на клетвата, при што зазема лице на некој што го познаваат или на комплетен странец. Хју ја информира Џеј дека единствен начин да се ослободи од клетвата е да ја пренесе на друга жртва. Ако новата жртва умре, клетвата се враќа кај неа.

Филмот собра мноштво позитивни критики и кај генералната публика и кај критичарите и се смета за еден од најуспешните модерни хорор филмови. Субверзивноста на „Те следи“ лежи во превртувањето на закоравените хорор наративи коишто ја демонизираат женската сексуалност. За разлика од таквите филмови, оваа coming-of-age приказна раскажува за здружениот отпор кон пуританските сфаќања за сексот, обвинувањето на жртвите и траумата.

Филмот одлично ги илустрира облиците на насилство и културата на прикривање на силувањата токму преку можноста на проклетсвото успешно да се транформира и со тоа да изгледа неопасно за останатите. Ако ви е здосадено од jump scares и филмски тропи излезени од неколку исти калапи, тогаш „Те следи“ е филмот за вас.

 

Телото на Џенифер (Jennifer’s Body)

Режија: Karyn Kusama 

Улоги: Megan Fox, Amanda Seyfried, Johnny Simmons

Времетраење: 102’

Земја: САД

Жанр: хорор, комедија

Популарната навивачка Џенифер (Megan Fox) ќе биде жртвувана на ѓаволот од страна на инди бенд во очајна потрага по слава, а ритуалот ја претвора во женски демон убиец (succubus) кој се храни со машките средношколци. Кога нејзината најдобра пријателка, книжевничката Анита/‘Needy’ (Amanda Seyfried) ќе дознае што се случило со Џенифер, таа се обидува да ја сопре и да стави крај на хоророт.

По премиерата во 2009, „Телото на Џенифер” беше отфрлен од филмските критичари како смешна адолесцентна секс фантазија дизајнирана исклучиво за стрејт мажи, што главно се должело на очигледната сексуална објектификација на Меган Фокс при рекламирањето на филмот (види: постер).

Но последниве неколку години, особено пост-#MeToo, филмот беше присвоен и одново толкуван од младата феминистичка и квир публика која во „Телото на Џенифер” гледа една камп rape/revenge одмаздничка фантазија која ја осветлува насилната машка овластеност, вели „не постојат совршени жртви” и се осврнува на женското пријателство и несигурност, женската желба и сексуалното експериментирање (многу квир критичари ја сметаат Џенифер за клучен бисексуален лик на големиот екран).

 

Кери (Carrie)

Режија: Брајан Де Палма

Главни улоги:  Сиси Спејсек, Пајпер Лори, Су Снел

Времетраење: 98’

Земја: САД

Жанр: хорор, мистерија

Идејата дека хорор филмовите во голема мера ги експлоатираат и брутализираат жените е тема која е доста присутна во феминистички теории на филм. Во многу филмови од овој жанр, мизогинијата не само што е очигледна и деректна, туку и можеби е главната нишка која привлекува дел од публиката. Сепак, хорор филмот традиционално има и богата база на обожаватели кај женската публика, а бројни филмски критичар/к/и сметаат дека хорор жанрот има силен субверзивен потенцијал, и како таков, може да служи како одлична подлога за феминистички наративи. Веројатно како и кај секој друг жанр, постојат филмови кои ја потврдуваат првата теза, и такви кои одат во насока на втората.

Во секој случај, на многу начини, хорор филмовите доведуваат во прв план прашања кои инаку се заташкани во патријархалната култура. Баш поради тоа, овој октомври нашите филмски препораки ќе бидат во доменот на хоророт, а со кој филм е посоодветно да се започне ако не со легендарниот Кери (Carrie) од 70тите.

Филмот Кери претставува адаптација на хорор-романот на Стивен Кинг. Главната протагонистка е повлечената и чувствителна тинејџерка Кери Вајт (Сиси Спејсек), која се соочува со булинг од соучениците во средното школо, како и насилство од нејзината фанатично побожна мајка (Пајпер Лори).

По добивањето на првата менструација, околу Кери почнуваат да се случуваат чудни појави, па таа почнува да се сомнева дека има натприродни моќи. Откако е поканета на матурата од емпатичниот Томи Рос (Вилијам Кат), Кери се обидува дасе вклопи во средината, но работите на крајот добиваат мрачен и насилен тек.

Откако Кери на Стивен Кинг беше претставен на екранот во 1976 година, публиката почна да прифаќа женски ликови како главни улоги во хорор филмовите. За некои критичари, Кери можеби е претерано монструозна приказна, но нејзината монструозност може да се гледа и како израз на женската моќ, лутина и преземање на контрола.

Одмазди се (Do revenge)

Режија: Џенифер Кајтин Робинсон

Улоги: Камила Мендез, Маја Хок, Остин Абрамс, Алиша Бо

Времетрање: 118’

Земја: САД

Жанр: црна комедија, драма, coming-of-age

„Oдмазди се“ е coming-of-age црна комедија од 2022 година, во режија на Џенифер Кајтин Робинсон. Дреа (Камила Мендез) ја ужива својата средношколска моќ како алфа-девојка на престижниот кампус во Мајами, која се изборила за својот статус во супер-елитното училиште, иако поттекнува од сиромашна позадина. Но, нејзиниот живот е набрзо уништен, откако секс видето кое го снима за својот дечко, Макс (Остин Абрамс), магично е испратено до сите во училиштето.

Елеонор (Маја Хок) е нова ученичка, која исто така смета дека животот ѝ трајно уништен поради гласнина која ја почнала една девојка од училиштето. По една случајна средба во тенискиот клуб, Дреа и Елеонор создаваат тајно пријателство со цел одмазада на тие кои им згрешиле.

„Одмазди се“ претставува омаж (и тематски и естетски) на добро познатите тин-комедии од 90тите и 2000ти, со Gen Z шмек, занимавајќи се со, добро истражениот, но засекогаш релевантен наратив, на созревање во средина која креира поделби, која е насилна и застрашувачка, но истовремено зашеметувачки забавна и привлечна. Кинематографијата, костимите и музиката функсионираат одлично, но ликовите на моменти делуваат како карикатури на тропите кои ги застапуваат, иако филмот навудум пробува да ги разниша стереотипните тропи.

Прашањето кое се поставува е, дали на повидок е тин-класик за денешните тинејџери од калибарот на „Clueless“ или „Mean girls? Ние мислиме не. Нo можеби се работи за генерациски јаз. Погледете го филмот и пресудете сами 🙂

 

 

Запознавајќи го човекот: Џејмс Болдвин во Париз (Meeting The Man: James Baldwin In Paris)

 

 

Режија: Terence Dixon

Времетраење: 27’

Земја: Франција, Англија

Жанр: Документарен филм

Документарен портрет на Џејмс Болдвин од 1970 година, една од врвните фигури на американската книжевност, афро-американската култура и политичка мисла од 20 век, снимен во Париз. Во овој краток, но напнат дискуризевен филм го следиме легендарниот писател  на симболични локации во градот, каде што живеел во тоа време, вклучително и на плоштадот Бастиља.

Средбата со Џејмс Болдвин не оди целосно според планот на групата бели филмаџии кој стојат зад камерата, додавајќи му тежина потребна тензија на наративот, во чиј центар е импресивниот и страсен светоглед на Болдвин.

 

 

 

Сè секаде сè наеднаш (Everything Everywhere All at Once)

Режија: Daniel Kwan & Daniel Scheinert

Улоги: Michelle Yeoh, Ke Huy Quan, Stephanie Hsu, Jamie Lee Curtis

Времетраење: 142’

Земја: САД

Жанр: научна фантастика, авантура, семејна драма

Евелин е средовечна жена која е неволно понесена во луда авантура во која ги истражува паралелните универзуми и своите можни животи. Тоа резултира со уште поголем предизвик во кој од неа се бара да го спаси светот и да се бори со непријателот низ бесконечните светови на мултиверзумот.

Режисерите на филмот успеваат да создадат солидна емотивна приказна со користење на тропи од жанрот научна фантастика. Глумата е извонредна, особено постепеното нурнување во лудилото на ликовите кои се принудени да ги преиспитаат семејните односи додека се борат со неколку стварности истовремено.

 

Scroll to Top