ФИЛМ

Хранителка (Breadwinner)  

Режија: Nora Twomey

Улоги: Saara Chaudry, Soma Chhaya, Laara Sadiq

Времетраење: 94’

Земја: Авганистан

Жанр: анимиран/воена драма

 

Во фокусот на дејството е 11-годишната Парвана, чии услови за живот стануваат уште потешки по неправедното апсење на нејзиниот татко. За да се здобие со основното право на слободно движење и заработка за прехрана на своето семејство, таа е принудена да присвои нов идентитет на момче. Како единствен механизам за справување со неизвесноста и опасностите ставени на детските плеќи, Парвана ја има својата имагинација и моќ за раскажување живописни приказни.

Филмот реалистично ја прикажува насилната опресијата врз жените и девојките во Авганистан, но на начин кој ги хуманизира женските ликови и им дава повеќеслоен карактер – со водечка улога во семејството и акцент на моќта на женското пријателство. Животната приказна изнесена преку детски очи внесува посебен шарм на наивност и надеж за слободно и безбедно утре.

 

Добредојдовте (Welcome)

Режија: Philippe Lioret
Улоги: Vincent Lindon, Firat Ayverdi
Времетраење: 150’
Земја: Франција
Жанр: драма

17 годишниот Билал, кој е Курд од Ирак, патува низ Европа без документи, во обид да се најде со својата девојка Мина, која веќе стигнала во Англија. После 3 месеци патувајќи пеш, Билал конечно стигнува во Калаи, Франција, каде има цела заедница бегалци кои се обидуваат да преживеат, почнат одново или продолжат со рутата, во општество кое целосно ги отфрлува и им поставува препреки, на и онаку ужасно тешкото патување. Со сите правни меганизми исцрпени, Билал решава дека неговата единствена опција е да научи да плива и да се соочи со каналот долг 32 километри, во обид за подобра иднина. Добредојдовте е филм кој успева да нè измести од нашиот комфорен простор, ставајќи нè за кратко во чевлите на оние кои се принудени да бараат нов дом, и освестува колку е тешка таа потрага во очите на човековата апатија, рамнодушност и предрасуди.

Laurence Anyways

Режија: Xavier Dolan
Улоги: Melvil Poupaud, Suzanne Clément
Времетраење: 168’
Земја: Канада
Жанр: романтика/драма

 

Во 90-тите во Канада, протагонистот Лоранс ѝ кажува на девојка му дека сака да стане жена. Филмот ја следи нивната релација низ наредните десет години, во кои тие се разидуваат за повторно да се спојат, се соочуваат со предрасудите на своите пријатели, ги игнорираат советите на семејствата и се спротивставуваат на општествените фобии со своите лични животни избори.

Оваа динамична мелодрама циркулира околу релациите, родот и љубовта со непопустлива преданост кон транзицијата и страдањето на главните ликови. Laurence Anyways е еден од најуспешните и досега тематски најбогатиот филм на канадскиот режисер и “enfant terrible”, Ксавие Долан.

 

Телма и Луиз (Thelma & Louise)

Режија: Ridley Scott
Улоги: Geena Davis, Susan Sarandon
Времетраење: 130’
Земја: САД
Жанр: крими/авантура

 

 

Кротката и послушна домаќинка Телма ѝ се придружува на нејзината најдобра пријателка Луиз, независна и своеглава келнерка, на кратко патување кое се претвора во трка со законот откако двете жени ќе бидат замешани во убиство.

Сценаристката Кали Кури (Callie Khourie) мајсторски комбинира извесни традиционално машки американски жанрови како вестернот, филмот за патување и филмот за ортаци (road movie and buddy film). Филмот наново ги освојува овие жанрови со тоа што излегува од нивната матрица и воведува јасно феминистички теми како што се слобода вон стегите на домаќинството и важноста на женската блискост и меѓусебна афирмација. Овој култен филм е пресвртница за тоа како треба да се прикажуваат женските акциони хероини во Холивуд.

 

 

Жената на францускиот поручник (The French Lieutenant’s Woman)

Режија: Karel Reisz
Улоги: Meryl Streep, Jeremy Irons
Времетраење: 129’
Земја: Велика Британија
Жанр: драма/романса/историја

Неверојатна група таленти се здружуваат во истоимената филмска адаптација на романот „Жената на францускиот поручник“ од Џон Фаулс, постмодернистичко ремек дело кое се сметало за непреносливо на големиот екран.

Со помош на генијалното сценарио на истакнатиот драмски писател и добитник на Нобелова награда, Харолд Пинтер (Harold Pinter), британскиот пионер на Новиот бран Карел Рајс (Karel Reisz) ја трансформира Фаулсовата приказна за скандалозната романса во еден метанаративен и забавен филм за филмот. Во пречитувањето и реинтерпретацијата на Пинтер, Џереми Ајронс (Мајк/Чарлс) и Мерил Стрип (Ана/Сара) глумат во паралелни наративи, како викторијански џентлмен и општествена отпадничка за чија љубов тој ризикува сè и како современи актери кои ги глумат овие улоги во филмска продукција и се истовремено внесени во нивната сопствена забранета афера.

Филмот ја прикажува заробеноста на главните ликови во социјалните конвенции на едно историско време и комплексноста на слободата и преиспишувањето на сопствениот идентитет вон тие границите.

Маргаритки (Sedmikrásky)

Режија: Věra Chytilová
Улоги: Jitka Cerhová, Ivana Karbanová
Времетраење: 89’
Земја: Чехословачка
Жанр: комедија/сатира

Две тинејџерки кои го носат името Марија (Jitka Cerhová и Ivana Karbanová) решаваат дека штом светот е расипан, не им преостанува ништо друго освен и тие да бидат расипани. Па така, двете Марии нè водат низ една хаотична, непредвидлива и деструктивна одисеја во која буквално го конзумираат и уништуваат светот околу нив.

„Маргаритки“ е симболична критика на угнетувачкиот режим во Чехословачка кој за краток момент ќе ја донесе Прашката пролет во 1968 год. Филмот е предвесник на револуцијата, но истовремено и потсетник (или предизвик? бунт?) за неминовното враќање на статус квото. Режисерката Chytilová и нејзината филмска естетика се дел од чешкиот Нов бран, а во овој филм таа вметнува една феминистичка нота преку бунтовништвото на двете протагонистки кои го имаат последниот збор и не се плашат да кажат „Не!“.

 

 

Орландо (Orlando)

Режија: Sally Potter
Улоги: Tilda Swinton, Billy Zane, Quentin Crisp
Времетраење: 154’
Земја: Велика Британија
Жанр: драма/фантазија/биографија

 

„Орландо“ е филм за личност која успева во еден животен век да доживее нешто за кое многумина од нас (можат само да) сонуваат: да искуси четири века низ призмата на женскиот и машкиот пол без да остаре ни ден. Низ годините, Орландо (Tilda Swinton) е аристократ и десна рака на кралицата Елизабета, дворјанин при кралот Џејмс, амбасадор во Отоманската Империја, дама која ги кани на чај врвните англиски писатели и поети, и самата писателка и страстен љубовник/љубовница.

Базиран на истоимениот роман на Вирџинија Вулф (посветен на нејзината љубовница Вита Вест Секвил), филмот ја тематизира перформативната улога на родот, неговата театралност, апсурдност и арбитрарност, како и социјалните конвенции кои го условуваат низ вековите. Истовремено, филмот е едно женско проникливо препрочитување на англиската историја и книжевност кое си поигрува со жанрот биографија.

 

 

Среќни заедно (Happy Together)

Режија: Wong Kar-wai
Улоги: Tony Leung, Leslie Cheung, Chang Chen
Времетраење: 139’
Земја: Кина
Жанр: драма/романтика

 

Една од најинтензивните романси на филмското платно од 90тите, „Среќни заедно“ е еден искрен и раскошен приказ на релација која крахира. Лаи (Tony Leung) и Хо (Leslie Cheung) глумат пар кој патува низ Аргентина, заробен во повторлива и бурна шема на страст и деструктивна љубомора.

Прикажувајќи ја динамиката на една квир релација со длабока емпатија и комплексност, во период кога ЛГБТ заедницата во Кина се соочувала со неизвесна иднина, Вонг ицртува трескавичен портрет на животниот век на една љубовна афера која истовремено замајува и излудува. Снимен од Кристофер Дојл (Christopher Doyle), дел монохроматски (потрошениот сјај на љубовта), дел во силни бои со изразени зелени (љубомора) и црвени (страст) светла и површини, „Среќни заедно“ е занесно патување низ раселеноста и желбата.

Амонит (Ammonite)

Режија: Francis Lee
Улоги: Kate Winslet, Saoirse Ronan
Времетраење: 120’
Земја: Канада
Жанр: Биографија/драма/романтика

Филмот е сместен во 1840-тите години во едно гратче на британското крабрежје и ја следи приказната за британскиот палеонтолог Мери Енинг (Kate Winslet), која откопува фосили и ги продава на туристи за да ја издржува својата болна мајка. Нејзиното секојдневие наполно се менува откако еден богат турист привремено ќе ѝ ја довери грижата за неговата сопруга Шарлот (Saoirse Ronan).

Амонит нема длабока нарација и проникливи дијалози. Наместо тоа, комуникацијата се ослонува на говорот на телото – крутоста на самотничката Мери наспроти префинетоста на Шарлот, разменетите погледи набиени со копнежлив, возбудлив електрицитет, грчевите од болка или задоволство. Пред сè, Амонит е филм за преобразувачката сила во неочекуваните судири со туѓинци чии патишта во некоја точка од животот се испресекуваат со нашиот.

Слугинката (The Handmaiden, 아가씨)

Режија: Park Chan-wook
Улоги: Kim Tae-ri, Kim Min-hee
Времетраење: 168’
Земја: Јужна Кореја
Жанр: Драма/трилер/романтика

 

Базиран на романот Fingersmith (Sarah Waters, 2002), „Слугинката“ е поделен на три дела и се одвива во Кореја за време на јапонското колонијално владеење и го разгледува односот помеѓу двете протагонистки, богатата наследничка Хидеко и нејзината слугинка. Филмот се справува со теми како женска сексуалност, семејно насилство, психолошка траума, љубов помеѓу две девојки, слобода и моќ на еден сосема неочекуван начин, а исполнет е со предавство, интима и зрелост. Станува за збор за исклучително еротски филм, но сепак во овој случај, тоа е направено естетски и природно, а не служи единствено за примамување на поширок круг на публика. И покрај должината (речиси 3 часа), не само што дејството во ниеден момент не е здодевно и празно, туку напротив, секоја минута ве става сѐ повеќе во неизвесност за следната. Ако за некој филм може да се каже дека секој кадар е уметничко дело, тогаш тоа е овој.

 

 

Scroll to Top