ФИЛМ

Малколм & Мари (Malcolm & Marie)

Режија: Сем Левинсон
Улоги: Зендаја, Џон Дејвид Вашингтон
Времетраење: 106’
Земја: САД
Жанр: Инди, драма

Малколм & Мари е нов филм на Нетфликс, во режија и според сценарио на Сем Левинсон, кој стои и позади серијата Еуфорија, каде Зендаја ја игра главната улога.

Центарот на нарацијата се несразмерните односи на моќ, меѓузависноста и емоционалното насилство во комплицираната врска помеѓу Малколм и Мари. Нивниот однос и длабоко вкоренети трауми на кои им се базира љубовниот однос, се „одврзуваат“ преку приказната која ни е раскажана преку еден целовечерен конфликт меѓу ликовите, кои штотуку се враќаат од премиерата на филмот кој го режира Малколм – инспириран и базиран на животот на Мари.

Малколм & Mари е клаустрофобична (анти) љубовна приказна, која ги отвора прашањата на дискрепанците на моќта, привилегијата, расата, неплатениот труд, автентичноста во уметноста, традиционалната улога на жената како муза, и борбата за простор, почит и видливост на жената во хетеросексуална врска, која прета во жив песок. Партнерите (иако можеби се трудат) не можат а да не западнат во улогите кои им се однапред општествено предодредени.

 

 

Девојка што ветува (Promising Young Woman)

Режија: Emerald Fennell
Улоги: Carey Mulligan, Bo Burnham, Alison Brie, Connie Britton, Laverne Cox
Времетраење: 114’
Земја: САД
Жанр: Трилер, драма

Првиот филм на Emerald Fennell (позната како show-runner на втората сезона од Killing Eve и нејзината улога како Камила во The Crown), Promising Young Woman (2020) e инстантен хит. Дејството го води Кери Малиген (подобра од било кога што кажува многу за вредноста на овој филм) како шарена, мила и, навидум, наивна девојка. Но, верувајте, тоа не е сѐ! Навечер, во клубови и барови Кеси се преправа дека е мртва пијана и чека да ѝ се приближи маж кој е спремен да ја искористи нејзината состојба. Само момент пред тој да посегне, таа го шокира со прашањето “What are you doing?”.

Во време по #MeToo и #TimesUp движењата, овој филм доаѓа како многу природна, но истовремено исклучително моќна критика на односите на моќ и нормализираната rape culture. Promising Young Woman e забавен и разигран филм, а сепак успева да допре онаму каде што боли. Еден од подобрите филмови во 2020 и совршен за убаво заокружување на оваа мачна година.

Небремена (Unpregnant)

Режија: Rachel Lee Goldenberg
Улоги: Haley Lu Richardson и Barbie Ferreira,
Земја на потекло: САД
Времетраење: 103 минути
Жанр: драма/комедија/coming of age

 

Unpregnant е класичен (да не кажам клише) coming of age филм за две поранешни најдобри другарки (кои се разделиле поради повторно најклише причина: едната станала кул, а другата не), кој на мошне предвидлив начин обработува една не-толку клише тема.

Двете поранешни другарки всушност се спојуваат бидејќи едната од нив, Викторија, останува бремена и сака да абортира, и тоа мора да патува од Мисури до Ново Мексико за да добие абортус без писмена дозвола од родител (таа има 17 години). Тука на сцена стапува нејзината поранешна најдобра другарка Бејли, која на располагање има кола и иако патиштата им се разделиле, сепак сака да помогне, бидејќи е генерално супер другарка. Поголемиот дел од дејството на филмот се случува на патот од нивниот град до клиниката за абортус, а попатно додека многу очекувано се случуваат секакви проблеми и авантури, доста убедливо се обработуваат темите на слобода на избор, согласност, религиозен и фамилијарен притисок, пријателство, доверба и лојалност, како и директното влијание од десните политики над телата на девојките жените. Во една трагикомична сцена кога Викторија и Бејли се заглавени буквално in the middle of nowhere, Викторија (која инаку е средената, совршена девојка со план), доживува еден мал напад на паника и нервоза проследен со многу успешен монолог каде меѓудругото на цел глас се дере: Како е можно да е потребна дозвола од родител за една ваква процедура, а не е потребна никаква дозвола за буквално да родиш човек?! Филмов е одличен избор ако coming of age жанрот ви е слабост, а според мене на одличен начин ја прикажува голготата низ која треба да помине една девојка за да добие абортус во земја во САД.

 

 

Љубовната вештерка (The Love Witch)

Режија: Anna Biller
Улоги: Samantha Robinson, Laura Waddell, Jennifer Ingrum, Gian Keys
Времетраење: 120’
Земја: САД
Жанр: Хорор/комедија/мелодрама

 

 

Филмот ја следи Elaine, млада вештерка која започнува нов живот по смртта на нејзиниот маж за кого почнува да бара замена. Првото нешто кое ќе ве освои при гледање е визуелниот стил, благодарение на кој ќе се чувствувате како истовремено да се наоѓате во шеесетите години на минатиот век, во некој паралелен свет или пак како во нечија халуцинација. Секој момент од филмот изгледа неприродно и претерно, но токму тоа е она што го прави вреден за гледање. Преку смрт, танц, сатанистички ритуали, високи чизми и сина сенка, „Љубовната вештерка“ и Elaine поставуваат прашања за тоа како светот и културата се справуваат со женската сексуалност, средновековните наспроти модерните родови улоги, но и машкиот и женски поглед. Филм кој нема да го заборавите уште долго по првото гледање.

 

Смртта и животот на Марша П. Џонсон (The Death and Life of Marsha P. Johnson)

Како дел од одбележувањето на месецот на гордоста и немирите на Соунвол, ви го препорачуваме документарниот филм во кој се истражува причината за смртта на легендата на движењето за геј ослободување, Марша П. Џонсон (The Death and Life of Marsha P. Johnson), во режија на Дејвид Франс. Марша била транс активистка, дрег кралица и една од фигурите со кои се поврзува почетокот на Стоунвол немирите во 1969. Нејзиниот надимак во тоа време бил „Saint of Chirstopher Street“ (каде што се наоаѓал барот Соунвол), бидејќи поголемиот дел од својот живот го има посветено на активизмот, иако се соочувала со сериозни проблеми со менталното здравје, како и чести апсења и насилство. Телото на Марша е најдено во реката Хадсон во 1992 и е првично регистрирано како самоубиство, но многу од нејзините пријатели и членови на заедницата веруваат дека станува збор за убиство.

Џонсон е симбол за она што црната квир феминистичка мислителка Алексис Полин Гимс го опишува како “никогаш стрејт”: оние квир пионери кои не можеа или не сакаа да ги сокријат своите разлики и на тој начин ја принудија нивната настраност да биде јавно признаена каде и да отидат.

Овој филм, како и животот, каузата и смртта на Марша Џонсон, се еднакво важни и ден денес. Транс жените сè уште се соочуваат со насилство, маргинализација и стигматизација, која не ретко завршува со смрт, како кај нас, така и глобално (како илустрација, во 2019  барем 27 транс личности беа убиени во САД, а повеќето од нив црни транс жени). Во име на месецот на гордоста и #BlackLivesMatter протестите, да се едуцираме за личностите кои го посветиле својот живот на борбата за ослободување и да ја продолжиме нивната борба, спротиставувајќи се на хомофобојата, трансфобијата, сексизмот и расизмот.

 

 

Двојниот живот на Вероника

Режија: Krzysztof Kieslowski
Улоги: Irene Jacob, Philippe Volter, Wladislaw Kowalski
Времетраење: 98’
Земја: Франција/Полска
Жанр: Драма/мистерија

 

„Двојниот живот на Вероника“ (Le Double Vie de Veronique) го следи животот на две млади жени кои изгледаат сосема идентично, Weronika и Veronique. Иако не се познаваат, помеѓу нив постои мистериозна, неискажана врска која и двете ја чувствуваат во секоја сцена. Преку кинематографијата, црвените и зелени тонови и генијалната музика, филмот разработува теми на интуиција, идентитет и љубов, и е несомнено воден не од содржината, туку од емотивната, ранлива и поетична изведба на Irene Jacob.

 

 

 

She’s Beautiful When She’s Angry

Преку документарниот филм She is Beautiful When She’s Angry, режисерката Mary Dore ни ги покажува животите и постапките на одреден дел од жените кои биле релевантни за феминистичкото движење во 60те и 70-тите години, фокусирајќи се  нивната креативност и неуморна борба.

 

И тогаш танцувавме (And then we danced)

Шведскиот режисер Levan Akin во својот најнов филм “And then we danced“ ја прикажува романсата помеѓу двајца мажи (Мерхаб и Иракли), танчери на традиоционални грузијски танци. Традицијата на грузиското танцување односно прецизни воени потези и сложени атлетски скокови, не содржат простор за слабост или безполовост како што тоа го кажува професорот на овие двајца млади танчери. Мерхаб или тој што е “послабиот“ ќе биде ставен настрана а подоцна и избркан, а Иракли ќе биде ставен на негово место.

 

Портрет на жената во огнот (Portrait of a lady on fire)

Режија: Céline Sciamma
Улоги: Noémie Merlant, Adèle Haenel, Luàna Bajrami, Valeria Golino
Времетраење: 122′
Земја: Франција
Жанр: Драма, романса

 

Оваа недела го препорачуваме Портрет на жената во огнот (Portrait of a lady on fire). Филмот ни прикажува љубовна приказна која се случува во Франција во 1770, помеѓу две жени: Елоиз која се мажи против својата волја и сликарката Мариен која е платена да ѝ направи сведбен портет. Филмот го пренесува зближувањето на двете жени во кратко проживеаната слобода пред свадбата. Режисерката Céline Sciamma го гледа филмот како манифесто на женскиот поглед (“manifesto about the female gaze”). Приказната е раскажана преку внимателно снимените лица на протагонистиките, нивните изрази, кадри одблиску, суптилна или драматична светлина. Сепак, дури и без да ги покажува мажите, Sciamma ги доловува различните начини на кој животите на протагонистките се под строго влијание на патријархалните норми.

 

 

 

Scroll to Top