Митот денес во феминистичките прераскажувања
Уште од мала, бев маѓепсана од фантастичноста на грчката митологија – од боговите, магијата, мистичните суштества и јуначките подвизи. Нормално, на свои 12 години, серијалот на книги за Перси Џексон – лик директно инспириран од митскиот херој Персеј, потомок на Посејдон и покорувач на Медуза – за мене беа врвот на сите книжевни дела, а филмските адаптации, вредни за Оскар. Бидејќи тоа беа единствените извори преку кои ја запознавав грчката митологија, никогаш не се сомневав во нивната вистинитост, а ликовите ги прифаќав такви какви што ми беа претставени. Па така, Посејдон го знаев едноставно како бог на морето и татко на Перси, а пак Медуза, како страшна, змијоглава злобница која само сака да му наштети на главниот херој. Па затоа, кога Персеј ѝ ја отсекува главата, тоа беше негова заслужена победа, логична и очекувана кулминација во приказната.
Кога пораснав и почнав покритички да ги анализирам митовите што дотогаш ги земав здраво за готово, сфатив дека зад херојските подвизи и фантастичните суштества се кријат многу посложени приказни за моќ, неправда и одмазда. Голема улога во тоа играа современите прераскажувања на грчките митови, како што се романите „Песната на Ахил“ (The Song of Achilles, 2011), „Кирка“ (Circe, 2018), „Аријадна“ (Ariadne, 2021), „Електра“ (Elektra, 2022) и „Погледот на Медуза“ (Stone Blind, 2022). Она што ги поврзува е нивниот субверзивен пристап кон грчката митологија.
Обично, во центарот на приказната, како главни наратори се поставени ликови кои во традиционалните верзии на митовите се занемарени и сведени на споредни улоги. Сега, преку нив, од нов агол ги осознаваме познатите приказни и во ново светло ги запознаваме прочуените ликови. Па така, на пример, Медуза наместо чудовиште, ја запознаваме како жена која е злоставувана и неправедно казнета, а пак Ахил наместо само како непобедлив воин, го запознаваме и како нежен, надежен млад човек и љубовник на Патрокле. Митот во овој контекст отвора простор за нови феминистички и квир читања кои директно ги преиспитуваат вредностите што ги обликувале традиционалните наративи и нудат поинакво толкување.
Книга која (очигледно) ми остави голем впечаток и покрај тоа што при првото читање не ме освои е „Електра“ (Elektra, 2022) на Џенифер Сејнт. Станува збор за роман изграден од три женски наративи, чии различни искуства се спојуваат во една приказна. Поточно ги вклучува перспективите на Клитемнестра, Касандра и секако Електра, кои се познати како споредни карактери во приказните на важните ликови во Тројанската војна. Претпоставувам причината поради којашто првично не ми се допадна романот беше тоа што не успеав да се сочувствувам со носечкиот лик. Обично, тој лик е главниот протагонист, некој за кого навиваш, но со Електра не беше така. Ретроспективно, кога му се навратив на романот, сфатив каков лик Сејнт се обидела да прикаже преку Електра, а сфатив и дека всушност многу ми се допаднале приказните на останатите две протагонистки.
Клитемнестра е кралицата на Микена, сопруга на силниот и непокорлив Агамемнон и сестра на убавата Елена. Историски, Клитемнестра е можеби една од најконтроверзните ликови во грчката митологија. По десетгодишнината од Тројанската војна, таа го убива својот маж, а причината за овој чин е убиството на нејзината прва ќерка Ифигенија. Агамемнон ладнокрвно ја жртвува својата ќерка за божицата Артемида, сѐ со цел да ѝ овозможи на грчката флота да отплови кон Троја. Клитемнестра, пак, останува во Микена и сама се справува со последиците од неговата одлука – со тагата, политичката нестабилност и општествените очекувања што ја опкружуваат. Смртта на Ифигенија е оправдана како жртва за „повисока цел“, овозможување на војната против Троја, која самата ќе резултира со смртта на илјадници војници и жители. Сепак, во традиционалната античка интерпретација, чинот на Клитемнестра бил сметан за предавнички. Нејзиното убиство на Агамемнон било гледано како нарушување на општествениот и моралниот поредок. Tаа го прекршила идеалот за послушна и верна сопруга, презела политичка моќ и извршила насилство во рамките на домот (oikos), кој во грчкото општество се сметал за основа на стабилноста и редот.
Но, проблемот не е само во самото убиство, туку во прашањето кој има право да одлучува за животите на другите и чие насилство се смета за легитимно. Зошто Клитемнестра е оцрнета поради убиството на еден човек, додека Агамемнон останува запаметен како херој, и покрај тоа што неговите одлуки довеле до смртта на илјадници луѓе, меѓу кои и неговата сопствена ќерка? Нејзиниот чин е прогласен како нарушување на редот токму затоа што таа се осмелува да му се спротивстави на оној што ја поседува моќта. И денес, насилството насочено кон политички, општествени или други фигури на моќ многу полесно се осудува како недозволиво, додека насилството извршено од самите структури на моќ често се оправдува со повисока цел, должност или неопходност.
Касандра е ќерка на тројанскиот крал Пријам и кралицата Хекаба, сестра на Парис и Хектор. Според митот, богот Аполон ѝ го подарува дарот на пророштвото, но откако таа ја одбива неговата „љубов“, тој ја проколнува. Нејзините пророштва секогаш ќе бидат точни, но никој никогаш нема да ѝ поверува. Во романот, ова проклетство станува централно за нејзиниот лик. Касандра ја предвидува пропаста на Троја и смртта на своето семејство, но не може да ги промени настаните бидејќи никој не ѝ верува. Иако во приказната има jасно причинско-последично објаснување за неверувањето во зборовите на Касандра, сметам дека има простор за интерпретација на оваа приказна во еден посовремен контекст.
Преку ликот на Касандра, можеме да го препознаеме стравот кој денес постои кај многу жени, особено во ситуации кога се спротивставуваат на личности кои се на позиција на моќ, дека нивниот отпор може да доведе до казна, неверување или општествено осудување. На тој начин, Сејнт ја пресликува реалноста во која жените, особено кога зборуваат за неправда, насилство или злоупотреба на моќта, често мораат дополнително да се борат за да бидат слушнати и да им се поверува. Трагедијата на Касандра лежи токму во тоа што таа ја кажува вистината, но нејзините зборови постојано се отфрлаат. Така, таа станува симбол на женскиот глас кој не е отсутен, туку намерно е игнориран и дискредитиран.
За разлика од Касандра и Клитемнестра, кои на различни начини се спротивставуваат на моќните структури околу нив, Електра не се спротивставува на системот, туку ги прифаќа неговите вредности затоа што тие се единствениот модел на морал и правда што ѝ е познат. Таа ги усвојува идеите за чест, лојалност, семејна должност и женска вредност кои се создадени од патријархалниот систем, а преку нив бара смисла во сопственото страдање. Таа ја чувствува должноста да ја казни сопствената мајка не само поради болката од смртта на нејзиниот татко, туку и затоа што верува дека само така може да го обнови нарушениот поредок и да ја воспостави правдата онака како што ја разбира. Електра може да се чита како пример за тоа како патријархалните структури не опстојуваат само преку директната моќ на мажите, туку и преку жените кои ги прифаќаат и пропагираат нивните вредности. Нејзиниот презир кон Клитемнестра укажува на тоа како таа ја прифаќа традиционалната поделба помеѓу „правилно“ и „погрешно“ женско однесување и го проценува преку истите критериуми создадени од системот кој и самата ја ограничува.
Впечатливо е колку грчката митологија останала присутна во книжевноста низ вековите. Речиси и да не постои книжевен период што не се навратил на нејзините приказни и ликови. Причината лежи во нивната исклучителна способност да се приспособуваат на различни историски и културни контексти. Митот не е затворен, непроменлив корпус на приказни, туку е податлива материја, што секоја епоха ја модулира, прилагодува и ја чита низ призмата на современите вредности, проблематики и ставови. Од трагедиите и средновековните алегории до модернистичките и постмодернистичките интерпретации, секое враќање кон овие приказни открива повеќе за времето во кое се создадени отколку за самото митско минато.
Современите феминистички прераскажувања претставуваат кулминација на оваа традиција и насочуваат кон прашања што се особено релевантни денес. Доблеста на овие дела не лежи толку во нивната стилска виртуозност, колку што во нивната способност сложените теми да ги направат достапни преку современ и разбирлив јазик. Иако не секое од овие дела претендира да биде ремек-дело на прозата, се додека успева да допре до поширока публика и да поттикне подобро разбирање на современите искуства и предизвици со кои се соочуваат жените, тогаш неговата книжевна и општествена вредност е неспорна.











