фотографија: Соња Ставрова
На 18 април 2022 година, како одговор на прашањето за нејзиното расно потекло, Карди Б твитна дека е „Ирка и Југословенка“. Иако тоа беше наводна сардонска или иронична шега на Карди Б, изморена од притисокот да го објаснува нејзиното потекло, приказната циркулираше во весниците и нивните наслови во регионот со – „Јас сум Југословенка“ и Карди Б. Оваа појава на „Југословенка“ во американскиот контекст нуди фасцинантни загатки во нашиот современ момент: Што учиме кога гледаме една ваква икона на американската култура како ја презема идејата за Југословенка на овој потсмешлив начин? Што кажува ова за монолитните наративи за Југословенките на Запад?
Професорката Јасмина Тумбас во нејзината прва книга „Јас сум Југословенка!: феминистичка перформансна политика за време и по југословенскиот социјализам“ зборува за сложената историја на феминистичкиот отпор и квир-отпорот во Југославија и наследството на Југословенката околу прашањата за еманципаторската убавина, насилството, сексуалното ослободување и расните разлики. Во рамките на Skopje Pride Weekend, таа одржа предавање и семинар за перформансот во рамките на широкиот спектар на уметноста и популарна култура во поранешна Југославија. Со неа поразговаравме подетално за овие теми.
Во вашата прва книга се осврнувате на отпорот на Југословенките и нивните перформанси во уметноста и културата. Која ви беше инспирацијата за книгата и колку беше предизвикувачко пишувањето, што сакавте да претставите?
Прашањето на омоќување на жените во социјалистичка Југославија е централен протагонист во мојот живот веќе подолго време. Како дете на југословенската нација, поголемиот дел од животот го поминав во дијаспората како мигрант, а првите години беа обележани со желбата за враќање назад. Очајната фантазија за враќање во обединета Југославија се намали на почетокот на новиот милениум, кога распаѓањето стана целосно, а сепак сè уште сакав да разберам како и зошто Југославија била толку специјална. Академското образование ми овозможи да напишам книга што ќе разјасни зошто уникатноста ми изгледала толку родова, преку моето растење, моите рани искуства во земјата и перформансната политика што сум ја видела во уметноста и културата. Се прашував што можеме да научиме од визуелната историја од еманципацијата на жените во Југославија и како тоа акцентирање може да стане важен наратив за нацијата која исчезна, но сè уште е основа за работата на многу феминистички уметници, теоретичари и историчари од регионот. Најпредизвикувачкиот аспект беше да се состават неколку декади од тешката приказна на социјалистичка Југославија и нејзиното разединување во деведесеттите, а притоа да истакнам што може да нè научи историјата за генеративните, но и негативните делови на политичкиот систем, како постоењето на родово базирано насилство и патријархалните вредности. Најважно од сè, ја напишав оваа книга за да одгатнам како и зошто Југословенката како фигура сè уште може да биде релевантна и денес.
Без да откриваме премногу од книгата, сигурна сум дека е интересно да се знае кои биле главните карактеристики на југословенскиот феминизам и како уметноста помогнала да го изразат отпорот кон патријархатот?
Карактеристиките на отпорот со телото во центарот на истражувањата и делата се разновидни и дури и контрадикторни, што ја прави Југославија толку интересен случај за истражување: антифашистичките феминизми се пресекуваат со еманципаторската моќ на учесничките на избори за убавина, силни антивоени активистки, авангардни перформансни уметници, музички поп-икони, квир-револуционери и снајперистки за време на војната. Се надевам дека читателите нема само да разберат како Југословенката ги поврзува различните манифестации, но и ќе ја зголемат нејзината видливост преку наоѓање на сопствени читања на феминистичката перформансна политика, надвор од книгата. Тоа е една од најголемите награди што ја добив од турнејата со книгата летово. Поголемиот број луѓе кои ги среќавам имаат свои приказни за тоа како ги обликувала еманципаторската феминистичка и квир-историја на Југославија. Мојата книга е врвот на ледениот брег за разните начини на кои жените и квир-заедницата воделе отпор на патријархалниот социјализам.
Како професорка по родови студии и современа уметност, што сметате дека е најважно за студентите да знаат во однос на феминистичките и родовите прашања?
Важно е да го познаваат сопствениот ум, да научат ja навигираат системската опресија, да го најдат својот јазик на отпор и да се силни заштитувачи на своите права. Во продолжение на трансформативната моќ на феминизмот и родовите студии на индивидуата, сметам дека најдобро што можеме да направиме е да влегуваме во непријатни, но генеративни дијалози во нашата заедница, за моментални современи прашања, а истовремено и да ја почитуваме историјата што претходела на овие борби.
Како сметате дека перформативната уметност може да биде искористена за менување на социополитичката сцена во едно општество особено во однос на феминистички и квир-прашања? Кои уметници од Балканот ја користат својата уметност за да направат промена?
Современата феминистичка и квир-уметност – особено перформативната и придружена со политика на телото – честопати прифаќа конфронтирачки начин на обраќање за да ги испита прашањата за етиката, политиката, социјалните неправди и конвенционалните поими за семејството и идентитетот. Феминистките и квир-артистите од регионот имаат создадено моќни дела што ни помагаат да разбереме како доминантната политика се судира со телото, анализирајќи многу од неискажаните желби за отпор, исцелување и растење што се вообичаено потиснати во мнозинското општество. Во мојата книга давам многу примери од седумдесеттите досега. Во современ контекст се осврнувам на уметниците како Тања Остојиќ и Селма Селман, како и на колективот „Жени во црно“, кои ризикуваат многу за нивната уметност изложувајќи ги сопствените тела во макотрпни ситуации.
На што сте фокусирана сега? Кои се вашите следни проекти?
Всушност, првата книга беше за да се претстави итноста од следење на југословенскиот регион преку наследството на социјалистичката историја низ објективот на една Југословенка. Мојата следна книга е за разоткривање и проширување на теориите за идентитетите од дијаспората со подиректно фокусирање на современите уметници (од деведесеттите и потоа) од регионот, чии дела критички се занимаваат со прашањата за граѓанството и национализмот на пресекот на родот, миграцијата и егзилот во современата уметност.
*Интевјуто е оргинално објавено во 56тиот број на магазинот Портрет.