На 14.02.2026, во соработка со Коалиција Маргини, одржавме работилница за пишување WLW* љубовни писма. За малку инспирација и ширење на лезбејското* писмо, преведовме неколку писма напишани низ ѝсторија од влијателни и познати жени, адресирани до нивните (потенцијални) љубовници и „пријателки“.
Вирџинија Вулф до Вита Саквил-Вест, 1927
Слушај, Вита — остави го маж ти и ќе одиме во Хемптон Корт и ќе вечераме на реката и ќе шетаме низ градината под месечината и ќе се вратиме дома доцна и ќе отвориме шише вино и ќе се поднапиеме, а јас ќе ти ги раскажам сите нешта што ми се вртат во главата, милиони, безбројни — Не се јавуваат преку ден, само ноќе, покрај реката. Размисли. Остави го маж ти, кога ти велам, и дојди.
Вита Саквил-Вест до Вирџинија Вулф, 1927
Сведена сум на нешто што ја посакува Вирџинија. Ти напишав прекрасно писмо во бессоните кошмарни часови од ноќта, но ми испари: просто, ми недостасуваш, на еден сосема едноставен, очаен, човечки начин. Ти, со сите твои не-смотани писма, никогаш не би напишала толку безлична фраза како оваа; можеби дури не би го ни почувствувала тоа. А сепак верувам дека ќе осетиш мала празнина, но ти толку префинето би ја наќитила што би изгубила дел од својата стварност. Кај мене, пак, делува отсечно: ми фалиш повеќе од што можев да си замислам; а бев спремна да ми фалиш многу. Така што писмово е навистина само болен писок. Неверојатно е колку стана клучна за мене. Претпоставувам дека си навикната луѓето да ти ги кажуваат овие нешта. Проклета да си, разгален створу; нема да направам да ме сакаш повеќе со тоа што вака целосно ќе ти се разоткријам — Но, ох моја драга, премногу те сакам за да можам да бидам паметна и воздржана со тебе. Премногу искрено. Немаш поим колку можам да бидам воздржана со луѓето што не ги сакам. Тоа сум го усовршила. Но ти ми ги сруши ѕидовите. И, искрено, не ти замерувам.
Една Сент Винсент Милеј до Едит Вин Матисон, 1917
Ми напиша прекрасно писмо, — се прашувам дали наменски сакаше да звучи толку убаво. — Мислам дека да; зашто некако знам дека твоите чувства кон мене, колку и да се мали, се љубовни. … ништо во последно време не ме направило толку среќна како можноста да те посетам. — Не смееш да заборавиш дека си ми спомнала — зашто тоа сериозно би ме разочарало. … Ќе се обидам да понесам неколку навистина убави работи со себе; ќе соберам сè што можам, и потоа, кога ќе ми кажеш да дојдам, ќе дојдам — со првиот воз, каква што ме дале. Немој да се лажеш, ова не е од милост; милостијата не ми доаѓа природно; знај дека гордо ти се предавам; ретко со некого вака зборувам.
Со љубов,
Винсент Милеј
Радклиф Хол до Евгенија Сулин, 1934
„Драга — се прашувам дали сфаќаш колку сметам на твоето доаѓање во Англија, колку само ми значи — ми значи колку целиот свет, и навистина моето тело ќе биде целосно, целосно твое, како што твоето ќе биде целосно, целосно мое, љубена. И ќе лежиме гушнати една во друга, блиску, блиску, сѐ поблиску, и ќе ти ја бакнувам устата и очите и градите — Ќе те бакнувам по целото тело — А ти ќе ме бакнуваш исто толку како што ме бакнуваше кога бевме во Париз. И ништо нема да биде важно освен нас двете, две љубовници што копнеат една по друга, најпосле заедно.
Алмеда Спери до Ема Голдман, 1912
Најмила… Камо да имав доволно храброст да си го одземам животот кога стигна до климаксот — ќе завршев среќна, зашто во твој момент во целост те поседував. Сега си свесна за чезнеењето што ме запоседна — чезнеењето да те имам постојано иако тоа е невозможно. Постои ли поголемо страдање — поголем рај — поголем пекол? Ох, како желбата да живеам ми останува кога посакувам да живеам откако ќе те имам. Задоволна? Боже, не! Во моментов го слушам ритамот на пулсот што минува низ твоето грло. Се изнедрувам со крвта што живот ти дава, трасирајќи ги тајните места на твоето тело.
Сакам да побегнам од тебе но во мислите итам од едно место на друго. Не можам да избегам од ритмичното шприцање на твојот љубовен сок.
Елеонор Рузвелт до Лорена Хикок, 1933
Најдрага Хик–
Не можам да си легнам вечерва без да чујам нешто од тебе. Помалку се чувствував како дел од мене да ме напушти вечерва. Ти стана толкав дел од мојот живот што тој се чини празен без тебе.
***
Хик, душичке
Ох, колку беше убаво што ти го чув гласот. Беше малку непристојно да ти кажам колку ми значеше. Ми беше без врска што не можев да ти кажам je t’aime и je t’adore како што посакував, но секогаш мисли си како да го кажувам, и дека си легнувам мислејќи на тебе.
***
Хик, душичке
Цел ден мислев на тебе и уште еден роденден што ќе го поминам со тебе, но сепак вечерва звучеше толку далечна и формална. Ох! Сакав да ги обвиткам рацете околу тебе, чезнеам да те држам близу. Твојот прстен ме успокојува. Го гледам и си мислам „таа навистина ме сака, инаку не би го носела!“
***
Посакувам да можев да лежам крај тебе вечерва и да те земам во прегратка.
Емили Дикинсон до Сузан Гилберт
Кога погледнувам околу себе и се фаќам дека сум сама, повторно воздивнувам по тебе; мал воздив и залуден воздив, кој нема да те врати дома. Ми требаш сѐ повеќе и повеќе, а големиот свет станува сѐ поголем… секој ден во кој не си тука — ми фали моето најголемо срце; моето оди да скита наоколу, ја бара Сузи… Сузи, прости ми Мила, за секој збор што го кажувам — срцето ми е полно тебе… а сепак, кога сакам да ти кажам нешто што не е за светот, зборовите ми бегаат… ќе станувам сѐ понетрпелива додека не дојде тој ден, зошто досега, само тагував по тебе; сега почнувам да се надевам по тебе.
[…]
А сега, довидување, Сузи… додавам еден бакнеж, срамежливо, да не има некој таму! Не им давај да видат, важи Сузи?
[…]
Сузи, дали навистина ќе си дојдеш дома следната сабота, и ќе бидеш повторно моја, и ќе ме бакнуваш како што правеше?… Толку многу ти се надевам, и толку сум нетрпелива, чувствувам како да не можам да чекам, морам да те имам сега — исчекувањето повторно да ти го видам лицето ме вжештува и ми предизвикува треска, и срцето ми чука толку брзо — одам навечер на спиење и прво што правам, седам таму ококорена, силно ги стискам рацете и си мислам на следната сабота… Зошто Сузи, ми се чини како отсутниот Љубовник да ми се враќа дома толку скоро — и срцето мое мора да биде многу зафатено, да се спрема за него.
Ирис Мурдох до Бриџит Брофи
Мила моја, ти благодарам многу за писмото. Преубаво ми е што те видов.
Ништо не е неизбежно, мислам. Допираш длабоко во мене, како што и самата знаеш. Но не можам да ти дадам повеќе отколку што некогаш сум можела, а дури и за тоа нѐ делат времето и просторот… Ова е мувлосан, скаменет одговор на твоето шармантно писмо (кое го уништив: се плашам дека ги уништив и претходните, иако сега жалам за тоа!).
Не мислам (освен ако не ме исфрлиш, да ме исфрлиш од каква било внатрешност во која сум) дека некогаш ќе престанам да сакам да те гледам, и кога ќе те видам, да бидам длабоко допирана и поместувана од тебе. Обожавам да добивам писма од тебе (и обожавам да ти пишувам, што е баш нешто бидејќи мразам да пишувам писма во основа). Знам дека не сум задоволителна… и дека морам да те замолам (најискрено, бидејќи ова ми значи) да ме истрпиш ваква каква што сум. (Најпосле, јас те трпам каква што си: или ова е језуитски аргумент?) Најдраго девојче, само тоа. Те гушкам.
Секогаш,
И
****
Смешно е колку е очигледно дека љубовта е таа која го врти светот, иако толку тешко е да се изведе како што треба. Мислам баш чудно дека е толку едноставно. Многу сум уморна и збунета како што гледаш.
****
Еден ден ќе сфатиш дека не сум доволно мудра ниту доволно рамнодушна за „да направам нешто во врска со тебе“ што би било доволно, со оглед на тоа што не можам да ги обезбедам суштинските добра; и тогаш можеби ќе ме прифатиш како една јадна жена што се провлекува збунето низ животот и како твоја стара пријателка. Не биди обземена ниту во болка, мила. Колку непотребно изгледа тоа. А сепак, колку многу време човек поминува така. Патем, не бев пијана, и љубовта (правилно разбрана) навистина го движи светот. […] Со многу од тоа светопридвижувачко нешто, Бриџит, секогаш твојата незадоволителна стара
И
***ц
Колку паметно пишуваш!
Баш е збунувачко.
Ме сакаш жена, а после ме сакаш маж,
или хермафродит, да ти одговара на изборот,
додека за себе имаш некоја друга приказна
од сообразни потези. (‘Занимлива си!’)
Да ги сфатам овие нешта јас не уmeam,
Му бегам на Фројд и неговото дрдорење, зошто јас
Не го сметам полот за основна категорија.
Секако, човек има пол, не негирам.
За пасоши, облека и слично
Јас сум жена, и не порекнувам.
Бидејќи мажот секогаш се трудел да ја окове,
Жената би била маж, кога би можела да проба,
Во многу случаи — но ова не би ја поправило
Во ниедна подлабока смисла, и како дух
Жената е надмоќна на мажот по вредност.