Минатата среда беше официјалното отворање на мини јавната библиотека „Невенка” предводена од Здружение за креативна одржливост „КОМБО”. Библиотеката е лоцирана на Коце Металец 1Ѓ – Железара и ќе биде отворена од вторник до сабота, од 11:00 – 19:00 часот. По тој повод, поразговаравме со сестрите Анастасија и Ивана за идејата позади библиотеката и нејзината намена:
Концептот на библиотеката „Невенка” е да им се даде нова шанса на книгите – да едуцираат нови генерации читатели. Проектот е инициран од Невенка Здравковска, директорка на СТЕМ библиотеката при Универзитетот Мериленд во Америка, и од Наум Пановски, режисер и професор по хуманистички науки и изведувачки уметности. Книгите кои во моментов се достапни во библиотеката се дел од животната колекција на овие прекрасни луѓе. Тие слушнаа за нас и беа инспирирани да ни пристапат со оваа соработка – којашто со задоволство ја прифативме, особено затоа што ни изгледаше како поздрав од Универзумот, земајќи го предвид фактот дека постоечкото лого на КОМБО е цвет од невен, во чест на нашата баба Велика која од него правеше лековита маст.

Нашата идеја беше да создадеме простор што е повеќе од библиотека – место кое ќе функционира како мини збиралиште за сите трагачи по заедница, знаење и креативност. „Невенка” не е тивка читална каде што зборот е забранет, туку живо место кое охрабрува луѓето да се сретнат, да учат и работат заедно, да споделуваат идеи и да соработуваат. . Покрај книгите, кои засега можат да се читаат само во „Невенка” (во моментов работиме на систем којшто ќе овозможи и нивно изнајмување во иднина) заедно со кафе од КОМБО, планираме најразлични креативни работилници (наши, но и од други креативци), часови за еколошко креирање за најмладите, едукативни предавања за општествени и природно-научни теми, изложби, поетски читања, концерти и сè што ќе ни текне во иднина. Просторот го гледаме како мал екосистем кој постојано ќе расте. „Невенка” ја замислуваме како катче каде што ќе се спојуваат знаења и вештини, за од тие поврзувања да изникнат нови иницијативи што ја прават заедницата подобра.

„Невенка” е целосно “склопена” од стари предмети што си најдоа нова улога – иверица од шкаф претворена во полици, стол и саксија искомбинирани во лавабо, страници од стари (оштетени) книги залепени како тапет. Веруваме дека како што расте заедницата, така и просторот ќе зема нови облици -нешто на кое многу се радуваме.
фотографии: Никола Атанасов – Деус