Многу често низ разговори со луѓе од мојата генерација (деца родени во 90-тите, плус-минус) зборуваме како го фативме можеби најдоброто време од развојот на интернетот. Постепеното зголемување на нашиот пристап и контакт со технологијата низ годините нè стави во уникатна позиција за тоа како денес ги воспримаме информациите, нешто од што сметам дека можеме да научиме многу во овој век на константно алгоритмично консумирање сè и сешто.
Најраните години од детството повеќето од нас ги поминаа на улица и јас не знам некој/а да имал/а голем допир со технологијата, освен цртаните филмови на телевизија. Од Cartoon Network научивме англиски, ги гледавме Покемон, Дигимон и Драгонбол, до каде што нашите телевизии ги имаа откупено, а остатокот од времето игравме криенка, фудбал, „лепчиња“ (на скопски „народна“), ластик и слично со маалските другарчиња. Тоа ни даваше некој добар баланс: ни ја стимулираше нашата детска имагинација, додека истовремено добивавме здраво ниво на колективна социјализација.
Како што пополека во домовите влегуваа компјутерите, Пентиум 2, 3… така полека се описменувавме информатички. Преку прости логички игри па сѐ до „Mame32“ и префрлањето на аркадните игри од „на флипери“, каде секој жетон вредеше злато, во сопствениот дом, каде жетоните се бесконечни, го направивме можеби првиот чекор од оскудност во изобилие, но и од колективното, споделено искуство во флиперницата, во индивидуализираното, изолирано искуство во нашиот дом.
Во раните 2000-ти, речиси никој/а во мојата околина не можеше да си дозволи ADSL-интернет дома, па затоа брзо се случи бумот со интернет-кафулињата. Тогаш „гејмањето“, „мирцањето“, „сурфањето“ и седењето по форуми и блогови беа нешто што се прави во друштво, по цена од „само“ 30 денари/час.
Дома, на почетокот, имавме само dial-up интернет, којшто ја држеше мрежата на фиксниот телефон зафатена, па требаше да одлучиме дали за максимумот од околу 30 минути непречена конекција ќе пребараме некоја информација, слика или ќе спуштиме (една!) песна од сомнителен, пиратски сајт за „емпетројки“. Затоа, тоа беше период кога културно се „воздигнувавме“ преку размена, изрежани „принко“ цедиња со (еклектични) миксови собирани преку пет луѓе, или од полусомнителни препродавачи на кои им бараш албум од песна што си ја слушнал на телевизија, па тие ти режат „оригинал“ од албумот (пак на „принко“).
Следниот чекор во нашата интернет-еволуција беше пристигнувањето на ограничениот широкопојасен интернет по пристапна цена. Се сеќавам на првиот пакет кој го имавме дома, 3 GB интернет месечно од „Он.нет“, и тука веќе дојде до клучен пресврт. И покрај ограничувањето, конечно добивме симболична автономија во изборот што ќе слушаме или гледаме.
Па така, многу внимателно биравме кои филмови (од по 700 МB) или песни/албуми (стриктно „емпетројки“) да ги спуштиме за тие три гигабајти месечно, па од читање по форуми и веб-страници со рецензии правевме безброј листи на бендови, албуми и филмови – сите со различно ниво на приоритет – коишто требаше да се распоредат соодветно низ месеците. За среќа, како што одминуваше времето, така лимитот се намалуваше, за по некое време да добиеме сосема неограничен интернет и цел свет да ни е на дланка, ограничени само од нашиот вкус, желба и глад за уметност и информации, нешто бесценето за оние што поминале низ сите претходно споменати фази.
Ете, тука го гледам суштинскиот момент што нè дели од другите генерации. Не бевме ние посебни по оскудноста на достапната културна понуда – на генерациите пред нас им било многу полошо од тој аспект. Исто така, не ни било сè сервирано на тацна од надворешен ентитет, односно сме требале колку-толку да се потрудиме да го изградиме нашиот вкус, во комуникација со други луѓе и со трпение и свесност во постапките. Она што нѐ обележува како генерација е токму тоа што ја проживеавме транзицијата од оскудност до целосна достапност малтене во живо, и како што растевме ние, така растеа и можностите. Имам впечаток дека природно научивме информациите да ги воспримаме побавно и да бидеме покритички настроени кон нив, односно посвесно и поавтентично да се поврземе со она што го читаме/слушаме/гледаме.
Fast-forward денес, апсолутна власт и контрола врз сè што добиваме како содржина има алгоритмот. Денес немаме потреба да одлучиме што би сакале да гледаме – гледаме што има на „Нетфликс“. Не бараме нова музика своерачно, туку оставаме „Спотифај“ да продолжи непречено да „вергла“ слична музика дизајнирана да свири незабележливо во позадината, до толку што не ни забележуваме кога завршил албумот што сме го пуштиле, а кога почнал алгоритмот да ја диктира плејлистата. Информациите ги добиваме исклучиво од непрекинатиот проток на рилови и тиктокови, чија веродостојност ја земаме исто толку здраво за готово, колку што генерациите на нашите баби и дедовци ги сметаа работите напишани во весник за непобитни факти.
Секој наш клик, лајк или секунда задршка на рил или видеозапис останува запишан; секоја интеракција, секое споделување, секое споменување на нешто се квантифицира во податок за тоа што треба да консумираме следно, ставајќи нè во културолошки меур и ехо-комора која ни го сведува идентитетот на константна репродукција на некаков аритметички просек на она што машината го смета за наш вкус, без опција за излез. Наместо наменска, свесна одлука да слушаме или гледаме нешто, или да побараме некаква информација, најмногу што можеме е несмасно и непрецизно да се бркаме со алгоритмот, надевајќи се дека ќе го наштимаме онака како што би сакале.
Истовремено, колективното, споделено искусување на уметноста како што е одењето на кино е или индивидуализирано и заменето со малите екрани на нашиот телевизор, лаптоп или телефон или, пак, е целосно комодифицирано и комерцијализирано. Притоа, најголем интерес има за блокбастер-премиерите, на кои покрај за картите се троши уште мало богатство на специјална кофа со пуканки, сок и благо или ВИП-седишта.
На овој начин секој наш слободен момент, секоја наша интеракција е дизајнирана само со една цел – да се екстрахира вишокот вредност од нас за предвидување на нашето однесување што води кон уште профит.
Сепак, баш поради ваквата поставеност на работите сметам дека сега е моментот за чекор назад – не од позиција на аскетизам или фетишизација на минатото и некакво носталгичарење за побавен или помалку достапен интернет, туку за користење на алатките кои ни се достапни денес, но така што контролата и автономијата ќе ги вратиме во наши раце. Само така ќе можеме да излеземе надвор од маглата на предвидувачките машински учења кои никогаш нема да можат да разберат што точно во нас воскликнало кога сме посведочиле некоја сцена од филм што продолжува со денови да ни се одигрува во главата, кога сме слушнале некој дел од песна што останал со нас или сме прочитале нешто што ни отвора нови перспективи.
Мораме да се одделиме од канцерогената капиталистичка логика на вечен раст и агресивна репродукција на содржина која треба да ја консумираме постојано и по секоја цена за повторно да најдеме значење и скапоценост во непосредноста, заедништвото и присутноста. Почесто да одиме на кино и на концерти, да разговараме со пријателите за нешто што сме слушнале, гледале или читале, да споделуваме работи кои нè возбудиле и да бараме предлози од луѓето чие мислење и вкус ги почитуваме. Само така ќе можеме колективно да се избавиме од безличната потиснувачка маса на континуирани банални дразби, и повторно да се пронајдеме едни со други, назад во сопствената кожа.
Есејот е напишан за и оригинално објавен во годишниот зборник на Медуза – „К О Ж А“ (2025)