Кога му пристапувам на едно уметничко дело, секогаш тргнувам од еден специфичен агол: покрај важноста на контекстот и времето, пресудно ми е како делото влијае на мојот внатрешен свет. Кога стојам пред едно уметничко дело, секогаш, освен боите, текстурите и концептот, пробувам да ја откријам онаа шифра што чека да биде прочитана од сите што се подготвенида погледнат подалеку од очигледното. Па така, додека ги истражував почетоците на македонската и балканската кинематографија, доживеав епифанија која не само што ја промени мојата перцепција за сопственото наследство, туку верувам дека фрла сосема нова, радикална светлина врз глобалната филмска историја.
Ве поканувам да ми се придружите низ една анализа на првата балканска и македонска филмска минута. Заборавете на сè што сте прочитале во учебниците по историја и дозволете ѝ на вашата интуиција да ве води низ факти кои се толку очигледни, а сепак со децении премолчени од еден херметичен, машки наратив.
Замислете ја следната сцена: Годината е 1905. Битола е епицентар на превирања, град на конзулите, но и предвечерје на крвави војни. Браќата Јанаки и Милтон Манаки се првите кои поседуваат камера, а филмската лента во тоа време е ужасно скапа и тешко достапна. Тие живеат во ера на воени сојузи, империи во заминување, султани и воени паради, ера во којапионерите на филмот ширум светот обично ги насочуваат своите објективи кон славење на машката (над)моќ. Баш тогаш,браќата Манаки решаваат да направат нешто шокантно и визионерско. Наместо да ја трошат лентата само за овековечување на воени превири и минливи политички фигури (присутни во нивните подоцнежни филмови), тие решилесвојот прв творечки импулс да го насочат кон жената. И тоа не која било жена, туку нивниот прв кадар го насочуваат консвојата баба.
Филмот е едноставно насловен како „Баба Деспина“. Една минута, еден кадар и една жена.
Гледајќи го филмот, она што особено ме трогнува е нивната свесна „жртва“ на ресурсите. Тоа што овие двајца млади луѓе, со тогашната најмодерна технолошка играчка во рацете, избрале да го овековечат достоинството на жената која е стожер на нивниот свет, претставува чин кој излегува од сите рамки на тоа време. Акт на љубов и почит кон нивните корени.
Додека го набљудуваме овој кадар, нè поразува судирот на два света. Најновата технологија на 20-тиот век се соочува со Баба Деспина, која во својата 114-та година, родена во 1791 година, премостува два века и стои пред објективот на една нова ера. Таа веројатно е најстариот човек во светот снимен на филмска лента во тоа време. Деспина стои сама пред прагот на својата куќа, позиција која за мене е ехо и жива реплика на античкиот артефакт на „Големата Мајка“. Таа е симболот на мирот и стабилноста во домот среде хаосот. Додека светот околу неа се подготвува за војна, таа ја држи нишката на опстанокот. Баба Деспина не е во „придружба“ на некој маж, ниту пак позира за да го задоволи машкиот поглед, туку владее со својот простор. Таа е субјект, а не објект.
Што прави Деспина во таа една минута? Преде со раце постари од еден век, кои се во постојано ритмично движење. Тука лежи суштината на моето откритие: со овој филм Манаки го издигнаа женскиот неплатен труд на ниво на врвен естетски приоритет. Со овој кадар, тие му порачаа на светот дека вретеното е поважно од мечот и пушката.
Додека светската кинематографија од овој период, како онаа на Алис Ги-Блаше, експериментирала со фикцијата, Манаки во 1905 година ни дадоа нешто посирово: документарен доказ за суверенитетот на жената. Додека официјалната историја ги бележела освојувачите, Манаки решиле да ја снимаат жената што создава – стожерот на домот кој нуди утеха, храна и облека во најстрашните времиња. Фактот што истата година тие се посветуваат и на создавање на филмовите „Предилки“ (со кадри од група жени што предат на вретено) и „Перачки“ (со кадри од група жени додека перат на река), само ја запечатува оваа идеја. Повеќе од случаен кадар, се работи за свесен тематски циклус кој го слави колективниот женски труд, често земен здраво за готово. Браќата Манаки настапуваат како сојузници кои препознале дека во рацете на жената лежи јадрото на цивилизацијата.
Ако феминизмот е, во својата срж, борба за видливоста на жената како автономен субјект и признавање на нејзиниот труд и работа, тогаш „Баба Деспина“, „Предилки“ и „Перачки“ создадени во 1905 година се едни од првите феминистички (филмски)манифести. Знам, за неверување е фактот дека на Балканот – простор кој е вечно жигосан како центар на патријархатот – првото нешто што камерата го „видела“ е токму овој достоинствен женски отпор на секојдневието низ труд.
Искрено сметам дека филмот „Баба Деспина“ заслужува да биде перманентно уметничко дело во нашите музеи, но поважно, ова дело треба да биде емотивниот центар на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ и задолжителен пролог на секое фестивалско издание, за да ги потсети светските кинематографи дека балканската кинематографија започнала со поклонување пред една (обична) жена. Кога би ме прашале, дури би наложила да се прикажува пред секоја кино проекција на кој било филм во државава.
Завршувајќи ја оваа анализа, ве оставам со неколку прашања кои треба да ја преиспитаат вашата верба во историјата и анализата на ова уметничко дело:
- Зошто во учебниците учиме за „техничкиот успех“ на Манаки, а го премолчуваме нивниот вредносен избор – да го слават женскиот труд како врвна уметност и токму тоа да биде темата на нивниот прв филм?
- Зошто официјалната историја трврдоглаво одбива да ги вреднува жените како стожери на мирот и сигурноста во домот дури и во најстрашните времиња, како вистински уметници кои создавале материјални услови за живот, но и уметност и култура креирајќи облека, теписи, прекривки со препознатливи шари и везови, третирајќи ги само како пасивни набљудувачки?
- Дали сме подготвени, преку објективна ревизија на светската кинематографија да признаеме дека филмот „Баба Деспина“ е можеби првиот феминистички филм во историјата – не затоа што носи политички пароли туку затоа што за првпат режисерите свесно избираат да го игнорираат спектаклот на машката моќ за да му се поклонат на суверенитетот на жената?
И најважното:
- Како би изгледало нашето општество доколку на трудот на нашите мајки и баби отсекогаш му пристапувавме со истата почит со која Манаки ѝ пристапиле на својата баба? Без негово романтизирање, туку уважувајќи го во неговата гола вистина.
Најпосле, мораме да се гордееме со ова дело. Би сакала тоа да е наш заеднички идентитетски артефакт. Имаме обврска да научиме достоинствено да ја читаме и славиме нивната уметност и визија, а пред сѐ животворниот труд на жените во нашите животи. Овој филм е ода за секоја жена чиј труд останал невидлив, овековечен во една филмска минута како најстар и најчист доказ дека создавањето – а не уништувањето – е единствената сила што навистина го води човештвото напред.