фотографии на Ана Јакимска
Кога се доселив во Лондон, си мислев, имам среќа што преку улица од студентскиот дом каде што ми беше доделена соба за претстојната година има мало турско гранапче. Набрзо дознав дека вакви гранапчиња има доволно во сите населби низ она што се нарекува „Поширок Лондон“, или сѐ што не е центар. Но, во тие први денови во Њу Крос, кога сѐ уште не можев да се навикнам на раното заоѓање на есенското сонце, гранапчето на Ондер беше мојата точка на препознавање во градот во којшто немав никакви спомени. Лондон ми изгледаше како град кој волшебно се создава пред мене при секое излегување од подземното метро.
Едно доцно попладне во декември, кога топлото светло од божиќните украси на главните улици му се спротивставуваше на мракот што паѓаше уште пред ручек, на пат накај дома, свратив во гранапчето на Ондер. Се поздравивме чаршиски и со корпата за пазарување се изгубив зад рафтовите полни со познати вкусови. Се обидував да дофатам една тегла со мармалад кога ме удри силен лондонски акцент од влезот на гранапчето.
„Здраво, шефе, што ќе ми препорачаш за брза вечера? Доста ми е од британската пржена храна, си реков да пробам нешто егзотично.“
Според разговорот, звучеше дека ова не му е прво доаѓање во продавницата. Ја ставив кошницата на пултот, свесна за неговиот љубопитен поглед кон „егзотичните“ производи за кои толку отворено сакаше да ни даде до знаење дека не ги познава.
Има нешто во големите западни култури што прави да им е удобно во нивната точка на гледање на светот дури и кога се надвор од познатото, си помислив. Дури и подготвеноста за експериментирање со културата на Другиот, како во случајот со младиот Англичанец љубопитен за „ориентална“ храна во Њу Крос, не беше ништо повеќе од потврда на удобноста на идејата за културна супериорност што во овој случај тој, како претставник на Западот, ја покажуваше кон нас од Истокот. Почувствував дека тоа што ги знаев производите што за Англичанецот беа непознати ме направи и мене дел од експонатите во таа етничка изложба што се создаде со неговиот влез во гранапчето.
Зборувајќи за основите на културниот империјализам, Едвард Саид го критикува создавањето на концептот на Ориентот во западната мисла на осумнаесеттиот век, предупредувајќи на опасноста од постоењето на идејата за супериорна и инфериорна култура (1994). Да можев да размислувам академски на крајот на тој долг декемвриски ден, сигурно ќе го препознаев своето искуство во зборовите на Саид и тоа ќе ме возбудеше да тргнам во некакво идно докажување на мојата културна посебност наспроти големината на Лондон. Идно, зашто во тој момент почувствував само желба да го напуштам тој простор што е можно побрзо и да се спасам од позицијата на „набљудувана“.
Поминувајќи покрај еден зашумен двор на патот накај дома, низ ветрот ме удри познат силен мирис. Застанав да ја побарам лисицата со поглед, додека не ја здогледав како ме гледа скриена зад една грмушка. Во Скопје нема улични лисици и до скоро воопшто не го познавав овој мирис. И покрај студот, останав тука неколку секунди. Ова беше мојата победа над погледот на локалецот во гранапчето кој ме дефинираше како апсолутен странец. Без разлика на неговото убедување, јас имав научено како да ги читам тајните кодови на овој град. Кога отклучив и влегов дома таа вечер, по првпат се почувствував удобно во Лондон.
