Мотивите на убавината, сонот и смртта се меѓу најмоќните и најчестите во усната и пишаната книжевност,особено во релација со женски ликови, претставени како идеал и/или жртва. Но женственоста и смртта во западната книжевност не се само мотиви, туку и културни категории што ја доведуваат во прашање стабилноста на воспоставениот општествен поредок. Како што забележува Елизабет Бронфен, тие означуваат состојби на амбивалентност, дестабилизација и нарушување, додека нивното симболичко надминување овозможува повторно воспоставување на редот и стабилноста. Преку тематизација и репрезентација се демистифицира и неутрализира опасноста што тие ја претставуваат (Bronfen 1992: 12).
Како пример, можеме да ги спомнеме сказните за ,,Заспаната убавица” и ,,Златокоса” (Рапунзел). Овие творби обично раскажуваат за преубава дама, олицетворение на моралната доблест и скромност, која е заробена во својот замок, во исчекување да биде спасена. Чесноста, скромноста и убавината се прикажани како идеали што го обликуваат традиционалното разбирање за женските улоги во дадениот социокултурен контекст. Освен што се наоѓаат во (свесно) заточеништво, дамите често се западнати во долг сон. Сонот, слично на кулата во која се заробени, укажува на нивното телесно и умствено заточеништво и стремеж кон слобода во надворешниот свет. Овие дами најчесто се заробени од страна на некоја мистериозна клетва или по наредба на патријархалниот поредок, како во легендата за Моминската кула каде таткото ја заробува ќерка си во кула сред Босфор со цел да ја заштити од надворешниот свет.
Во песната „Дамата од Шалот“ (1833) од Алфред Тенисон, уметничката бајка „Заспаната Ѓурѓелија“ на Душко Наневски (1985) и современиот расказ „Заспаниот замок“ на Тања Касијан (2021) – кои се предмет на овој текст – овие мотиви се претставени преку силна естетизација, при што смртта на девојката-протагонистка не се прикажува како насилен крај, туку како возвишен, тивок и симболичен чин. Иако делата потекнуваат од различни културни контексти и времиња, тие нудат слична визија за женската убавина како проклетство и за смртта/сонот како последно засолниште од светот.
***
„Дамата на Шалот“ е наративна песна на Алфред Лорд Тенисон која претставува реставрација на средновековните англиски норми во викторијанска Англија. Песната е пишувана во период кога уметниците и писателите се навраќале кон англиското средновековно витештво и лирската поезија од кралските дворови за инспирација. Авторот како главен лик ја избира дамата Елеина која игра споредна улога во Артуровите легенди, трогнат од нејзината смрт предизвикана од невозвратената љубов од витезот Ланселот. Во песната акцентот е ставен на изолираниот живот на јунакињата заробена во замокот. Безимената дама е сама во својот замок, опкружена со сиви ѕидини и лишена од задоволството да ги гледа и да ужива во светските убавини. Таа е принудена од непозната и необјаснива клетва да исплете приказ на светот според одразот од огледалото во сопствената соба. Правејќи од ткаенината свет сличен на оној од кој е изолирана, дамата мечтае по својата слобода:
Таа не го знае својто ‘клетство
Та си ткае мирно
Безгрижно, со душа детска
Дамата од Шалот.
Долж небото сино, безоблачно
Камни скапоцени го светлеа седлото лачно,
Шлемот и перјето одгоре
Гореа јарко ко пламен единствен Дур јаваше до Камелот
(Марковски, 2018: 21).
Убавината на хероината е скриена и недостапна. Таа живее изолирана во кула и светот го гледа само преку огледало, ткаејќи ги неговите сенки. Оваа индиректност ја претвора Дамата во симбол на уметникот, но и на жената што не смее да учествува во реалниот живот. Нејзината убавина постои во тишина и самотија, сè додека не се појави Сер Ланселот, чиј лик ја нарушува рамнотежата. Во моментот кога таа се осмелува да погледне директно во светот, се вљубува во витезот и клетвата се активира: „Пајажина се разграни, низ ветрот расеа /Огледалото, потем, на две се скрши;/ /,Клетството веќе ме снајде’,/ плачеше ко низ смеа//Дамата од Шалот./” Таа решава да ја напушти кулата и да отплови кон кралството на Артур и да го започне своето патешествие кон себеспознавање и ослободување (Исто: 21).
Пловејќи кон Камелот, Дамата на Шалот пее тажаленка, додека околу неа започнува силна бура, којашто алудирана нејзините конфликтни чувства. Несреќната јунакиња загинува во бурата, пред да успее да ја почувствува слободата. Односно, таа станува слободна преку смртта. На крајот на песната, кога ќе ја здогледаатблагородниците и витезот Ланселот, тој ја коментира токму нејзината убавина:
И се прекрстија и без желба, страотно
Витезите во Камелот;
А Ланселот, замислен, рече:
,Лицето нејно во красота лечи;’
Бог в милоста своја ја облече
Дамата од Шалот
Ваквата естетизација на женската смрт не е случаен поетски избор, туку претставува дел од поширок културен модел. Според Бронфен, наративните и визуелните претстави на смртта ја црпат својата симболика од заедничкиот културен репертоар, при што женското тело традиционално се конструира како место на Другоста. Оттука, западната култура „ја сонува“ смртта на убавата жена, бидејќи токму преку приказот на мртвото женско тело истовремено го потиснува и артикулира сопственото несвесно знаење за смртта (Bronfen 1992: 11).
Таа не умира во паника или болка, туку мирно пловејќи по реката. Положена во чамец, како жива слика. Дури и нејзиниот крај е поетски обележан со песна, а потем тишина, што ја претвора смртта во уметнички чин. На самиот крај, Дамата од Шалот, која одразот на светот го претворала во уметност преку таписеријата, и самата е овековечена во уметничко дело.
Занимливо е што во ниту една од претходните творби кои ја спомнуваат оваа дама, таа не е ниту заробена ниту пак опседната од некоја клетва. Значи, клетвата е иновативност на поетот Тенисон, што според бројни критичари говори за неговата свесност за недостатокот на женска слобода во времето во кое пишувал. Изолацијата на Дамата во кулата претставува ,,израз на женската сексуалност и на фактичкото локализирање на прототипот на жената во викторијанската ера”. Критиката исто така ги апострофира моментите на ,,женскиот принцип на емотивно страдање како примарен, кулминирајќи со сопствено кршење, со кршењето на огледалото што одразува сенки на реалноста што заробува.”

Слична естетизација се забележува и во бајката „Заспаната Ѓурѓелија“, каде јунакињата е опишана преку богата симболика и силни визуелни слики во духот на средновековните романси. Занимливо е да се спомне дека оваа бајка е уметничка преработка на народната песна ,,Од сон Ѓурѓа попленета”, односно авторот Душко Наневски прави спој помеѓу народната песна и бајковниот елемент на заспаната убавица.
Оваа уметничка приказна започнува во бујна и расцветена шума, односно во романтизирана и мистична околина:
Си била една убавица, мома Ѓурѓелија. Си отишла цвеќе да си бере, во високата зелена планина. Кај што брала, таму заспала, на зелена трева, крај еден планински извор. Подзглавје и било се гороцвеќе, веѓите и биле – крилја ластовички, рацете и – крилја лебедови, а фустанот – перје паунови…. (Наневски, 1985: 99).
Ѓурѓелија е стопена со природата, нејзиното тело е украсено со крилја од птици и фустан од паунови пердуви. Таквиот опис ја возвишува и ја оддалечува од обичниот човечки свет. Длабокиот сон во кој постојано запаѓа е клучен мотив што ја прикажува како чиста, ранлива и беспомошна. Сонот кој добива пророчувачки моќи е сличен на непознатата клетва од која страда дамата од Шалот.
Штом ќе заспие Ѓурѓелија, ќе се појават тројца овчари кои откако ќе ја видат заспаната убавица, ,,жал им било да ја разбудат, ама па жал им било да ја одминат” и ќе се обидат да ја расонат. Додека да ја разбудат, таа сонува три сона: шарена змија (несреќа), темни облаци (доаѓање на Турците) и златно јаболко со ноже (смрт). Тројцата овчари ѝ изразуваат љубов на момата, но таа храбро ги одбива и ја напушта шумата.
Следниот ден момата повторно се наоѓа во шумата и заспива. Без да ја забележат, турската војска ја опсадува гората и момата го моли паунот, птичјиот симбол на велелепноста, да ја заштити:
Леле паун, ќе ме пленат Турци. Ќе ми врзат раце во синџири, да им бидам робинка до века! Не плаши се, убава девојко! Јас ќе ги раскрилам мојте златни крилја, тебе ќе те скријам! Си легнала момата убавица, во таа бујна, зелена трева, а над неа убавиот паун, ги раширил златните крилја и ја сокрил од очи на клетите Турци.
Момата е заштитена и негибната, но подоцна ќе се најде на чардак, па кога одново ќе заспие, ќе ја земат Турците. Штом ќе се разбуди во раскошниот сарај на турски великодостојник, Ѓурѓелија ќе побара јаболко и ноже за да раскваси уста. На нејзино барање, тие ѝ ги носат златното јаболко и сребреното ноже (од третиот сон!), па убавицата го зарива ножот во своето срце. В миг паѓа на диванот и прошепотува ,,нека знае и султанот силен, од сон мома не се краде!” (Исто: 104).
Слично на Дамата од Шалот, будењето предвестува и носи трагедија. Ѓурѓелија се буди во туѓ и непријателски простор, турскиот сарај каде што нејзината убавина станува предмет на поседување. Наместо да се помири со судбината на робинка или анума, таа го избира единствениот можен излез – смртта, која тука истовремено ја симболизира бунтовноста на христијанската раја против Турците. Саможртвувањето на Ѓурѓелија е тивко и достоинствено, со јасна морална порака: „Мома отсон не се краде.“ Ѓурѓелија всушност ја извртува естетиката на заспаната убавица која на почетокот ги пленува младите овчари, зачувувајќи го своето доствоинство престворена во мртва девица. Слично како на Дамата од Шалот, чија убавина мами воздишки кај витезите, на јунакињата во состојба на ограничено дејствување не ѝ останува ништо друго освен да посегне по својот живот и да се ослободи низ смртта.

Кога станува збор за мотивите на женственоста и смртта, можеби најпрепознатливата бајка е токму „Заспаната убавица“, каде принцезата под дејство на клетва запаѓа во длабок сон од кој може да ја избави само бакнежот на принцот. Се разбира, како и другите бајки и волшебни приказни, така и оваа во себе ги содржи ригидните родови улоги, ограничената автономија на жените и романтизирањето на женската покорност. Но во денешно време, кога жените уживаат значително поголем степен на општествена слобода отколку во времето кога настанувале овие приказни жените повеќе не мора да чекаат спас од принцот за да ја остварат својата среќа или да обезбедатматеријална сигурност. Токму оваа дистанца и извојуван напредок ни дозволуваат денес критички да ги преиспитуваме приказните во кои женската судбина зависи од машкиот спасител и да замислуваме поинакви приказни.
Преработената бајка „Заспаниот замок“ (2021) од украинската авторка Тања Касијан е една таква приказна. Бајката е дел од проектот „Будна, а не заспана: преосмислување на бајките за новата генерација“ (“Awake Not Sleeping: Reimagining Fairy Tales for a New Generation”) инициран од UN Women, чијашто цел е преку современи преработки на класичните бајки да се преиспитаат традиционалните родови улоги и стереотипи, поттикнувајќи критичко читање и размислување за нивното влијание врз современите претстави за жените и мажите. Симболиката е содржана уште во самиот наслов „Будна, а не заспана“, кој претставува директна спротивност на архетипската фигура на „заспаната убавица“. Наместо да ја афирмира женската статичност, тишина и покорност, проектот ја издигнува будноста како метафора за автономија, критичка свест и активно преиспитување на наследените општествени модели. Во таа насока, ,,Заспаниот замок” не ја ревидира само класичната бајка, туку ја преиспитува самата идеја дека идеалната принцеза треба да биде мирна, послушна и да чека некој друг да ја спаси.
Во приказната, принцезата Лето е прикажана како љубопитна, енергична и динамична девојка која постојано поставува прашања и сака да го истражува светот. Особено значајна е сцената во која Лето чита за приказната „Заспаната убавица“ во енциклопедија и со иронија го доведува во прашање нејзиниот традиционален модел. Наместо безрезервно да го прифати мотивот на бакнежот како универзално решение, таа отворено се прашува зошто би требало да оди низ светот бакнувајќи непознати принцези и принцеви за да ги спаси (Kasian, 2021):
Приказната за Заспаната убавица… Самовилите фрлаат магија… Принцезата заспива… Чуден принц ја буди со бакнеж. Навистина? Па, 2021 година е! Зар сè уште треба да бакнам непознат за да ја прекинам оваа магија? Светот на самовилската магија очигледно е заглавен во минатото! Мора да постои и друго решение.
Со оваа сцена авторката не само што го пародира еден од најпрепознатливите мотиви во европската бајковна традиција, туку ја преиспитува и идејата дека спасувањето мора да биде романтичен чин или дека љубовта секогаш се манифестира преку однапред зададени модели. Наместо пасивно да ја повторува улогата на класичната хероина, принцезата избира сама да размислува, да поставува прашања и да бара сопствени решенија. Така будноста станува симбол на интелектуална автономија и критичка свест.
Токму овие особини предизвикуваат незадоволство кај една од самовилите, која смета дека идната владетелка треба да биде помирна, попитомна и попослушна за полесно да управува со кралството. Наместо класичната клетва што ја осудува принцезата на долг сон, самовилата се обидува преку магија да ја преобрази во девојка што ќе биде тивка, статична и лишена од својата љубопитност.
Дојде време да се изврши магијата на Традицијата. Принцезата Лето ќе западне во долг и длабок сон, а кога ќе се разбуди, ќе биде повеќе налик на „нормална“ принцеза — скромна, самоконтролирана и, пред сè, тивка.
На тој начин, „клетвата“ добива јасно идеолошко значење: таа не претставува судбинска казна, туку обид да се дисциплинира женската независност и да се вклопи во традиционалниот модел на послушна принцеза. Меѓутоа, наместо Лето, заспива целиот замок, со што приказната симболично покажува дека вистинската неподвижност не се наоѓа во женскиот лик, туку во застарените општествени норми што ѝ се спротивставуваат на промената. Во оваа смисла, „Заспаниот замок“ радикално ја преиспитува традиционалната естетизација на женската пасивност. Доколку, според Бронфен, западната култура преку различни уметнички репрезентации ја претвора женската неподвижност во естетски идеал, современата преработка на Касијан го превртува овој модел преку своевидна симболичка супституција. Наместо женското тело да биде носител на неподвижноста, „заспива“ самиот замок: општествениот систем што настојува да ја дисциплинира женската индивидуалност.
На крајот, Лето успева да го разбуди замокот и да покаже дека добриот владетел не се обликува преку послушност и еднообразност, туку љубопитност, различност и способност да се прифатат различните таленти и животни избори.
***
Естетизација на неподвижното женско тело во сказните истовремено отвора простор и за психоаналитички и феминистички читања. Од таа перспектива, трите хероини можат да се интерпретираат како објекти на погледот.Изолираната кула кај Дамата од Шалот, и заспаното, неподвижно тело на Ѓурѓелија и (заспаниот) замок функционираат како симболички простори на контрола, каде женскиот субјект е сведен на пасивен објект. Психоаналитички гледано, нивната неподвижност и сон ја кодираат жената како „чиста“ и недостапна, додека будењето или директниот поглед кон светот ја активира казната. Во таа смисла, смртта не е само трагичен исход, туку единствениот можен облик на отпор кон опредметувањето: преку естетизираниот крај, женското тело се ослободува од наметнатата функција на спектакл за туѓиот поглед. Така, овој мотив не е само наративно клише, туку културен механизам што ја легитимира женската тишина, неподвижност и жртва како естетски и морално прифатливи.
Во овие текста, женската убавина не води кон среќа, туку кон страдање. Таа ги привлекува погледите на другите, но истовремено ја загрозува слободата на хероините. Дамата од Шалот, Ѓурѓелија и Лето се жртви на свет што сака да ги гледа, поседува или контролира, но не и да ги разбере. Затоа смртта на Дамата од Шалот и на Ѓурѓелија, претставена како вечен сон, може да се чита како последен обид за зачувување на нивниот идентитет и интегритет. Наспроти нив, Лето го одбива вечниот сон, со што ја потврдува својата самостојност и способност активно да ја обликува сопствената судбина.
Додека спиењето/смртта во првите две дела е симбол на одбивањето да се откажат од сопствениот интегритет, но и на цената што жените ја плаќаат за таквиот избор, во современата бајка, сонот не е простор на достоинствено повлекување, туку симбол на застарените општествени норми. Будењето на Лето означува будење од традиционалните родови улоги и преземање контрола врз сопствениот живот.
Користена литература:
Марковски, С. 2018. Некои аспекти на Ерос и Танатос во „Дамата од Шалот“ од Алфред Лорд Тенисон. Стожер. (131), 21–22. http://dpm-pisateli.mk/wp-content/uploads/2019/03/Spisanie-Stozer.indd_.pdf. Пристапено на 28.01.2026.
Наневски, Д. 1985. ,,Заспаната Ѓурѓелија”: Самовилско коњче (авторски бајки). Скопје: Едиција за деца Колибри.
РЕПЕР НЕТ. 02.06.2013. “Кратка анализа на структурната повеќеслојност на екфразисот во „Дамата од Шалот“ на лорд Алфред Тенисон”. https://reper.net. mk/2013/06/02/esej-broj11/. Пристапено на 28.01.2026.
Bronfen, E. 1992. Over her dead body: Death, femininity and the aesthetic. Manchester: Manchester University Press.
Kasian, T. 2021. “The Sleeping Castle”. Awake Not Sleeping: Reimagining Fairy Tales for a New Generation .https://eca.unwomen.org/sites/default/files/Field%20Office%20ECA/Attachments/Publications/2021/Fairy%20Tales/Stories2/The%20Sleeping%20Castle.pdf. Пристапено на 05.08.2026.