Во сабота (9 мај) со почеток во 19 часот во Буква, во рамки на 6. Скопски поетски фестивал ќе се случи промоција на изборот песни од црногорските поетеси Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ, „Ништо ново под сукњата на современоста“, а во препев на македонски јазик од Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски. Стихозбирката е во издание на „Култура Бета“, а поместена во едицијата „ПоезијаМинус“.
„Ништо ново под сукњата на современоста“ е заеднички избор песни од современите црногорски поетеси Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ. Насловот на овој заеднички избор ги отсликува поетиките на авторките што во голема мера се доближуваат и допираат една со друга и на стилско и на тематско ниво. Вујошевиќ и Делаќ гласно, храбро, феминистички и автопоетички реферираат и го прекршуваат патријархалното опкружување пишувајќи за сопствените претходнички, но и љубови, за своите внатрешни борби, но и за секојдневните сопки. Авторките успешно успеваат да допрат, да ги анализираат и искритикуваат мачните теми со кои нашето секојдневие е исполнето и кои, и покрај сите обиди за нивно менување, сѐ уште цврсто опстојуваат под облеката на ова време.
Покрај промоцијата на книгата, Вујошевиќ и Делаќ ќе настапат и на првата вечер на Скопскиот поетски фестивал со нивниот поетско-музички перформанс „Другиот (не) сум јас“, како и во рамки на поетското читање „(Со) стих спроти наратив“ на втората фестивалска вечер.
Во продолжение прочитајте неколку песни од збирката.
Марија Вујошевиќ
Избор песни од стихозбирките „Автофрикција“ и „Игра со ножици“
претходничка
одлучија: ќе дојдеш.
животот почнува со врескот;
штом излезеш,
таа ти се качува на рамената и
веќе не слегува.
нема никого зад огледалото, сине
а саатот е расипан.
во долгата плетенка вкрстуваш
срам, страв и страст
страв, страст и срам
страст, срам и страв
совршена.
потоа го освојуваш
одново
одново
своето место,
неспорно моќна
бунтовна и
телото ти е на располагање
за урлање, тетовирање, земање,
покривање, покажување,
оперирање, снимање,
ебење, раѓање, абортирање,
мажење, убивање, бегање, сè е
скоро возможно;
а ја носиш.
секоја пред и по неа. ритмичниот здив
на твојот издржлив оган
држи дел од косата и јазикот
врзани.
кормилар е на пловидбата
на твојата слобода,
исправена,
со сошиена утроба,
со изгризани цицки –
чудовиште наречено Човек-Жена.
новата доба бара нови завети (дневни вести)
размислувам со прстите по новата, светлечка тастатура.
ми снемува причини да посакувам смрт, но и
да ѝ се плашам.
ќе се upload-неме некогаш заедно на облак,
каде и да завршат нашите патувања.
имаме сосема сигурни узди за стравови,
сега, кога сме скротувачи на своите родители.
знам кој го предводеше јуришот
во нападот на паника.
обожавам како со црвениот шал лесно
си ја потпираш главата,
твојата љубов спрема пустинските лилјани, жар-птиците и
лабавите асоцијации.
феноменологија на местото
не е прашање која
туку каде сум –
зад очите одамна
снимената приспивна песна
(кој притиска repeat?), a jaс
јас сум
во вртлогот на градските светла
во црвеното светло на семафорот
прекршено во капка дожд,
во средношколскиот дневник,
во згрчениот чекор
при остварување контакт;
јас сум
во невнимателностите
на лирскиот субјект,
во одлуките помеѓу
третата и четвртата чаша,
во спомените
на прошетките по макадам,
на разгледниците
во secure фолдерот,
во трагите од наглото кочење
пред мракот на понорот.
Марија Вујошевиќ (1995, Подгорица) завршила основни и мастер студии по психологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. Авторка е на збирката поезија „Игра со ножици“ (Треќи трг, 2021), која беше наградена на регионалниот конкурс за прва книга на „Треќи трг“ и Белградскиот фестивал за поезија и книга, а беше и во најтесниот избор за наградата „Душан Васиљев“ за 2021 година. Нејзина втора стихозбирка „Автофрикција“ е издадена во 2026 г. од „Космос издаваштво“. Нејзини песни се објавувани на регионални интернет-портали, во книжевни списанија и зборници. Се занимава и со поетски перформанс и со изработка на колажи. Живее во Подгорица и работи како уредничка во издавачката куќа „Нова книга“.
Барбара Делаќ
Избор песни од стихозбирката „Стравотна нежност“
на ничија земја по малку свои
во непознат бар
на странски јазик
бараме зборови за
живот во своите четири ѕида
во Пакистан велиш
така живеат сите жени
безбедно е исклучиво
во фикцијата
особено
во фантастичните
светови
уметноста што не комуницира
со оностраното
е амбалажа за умовите
заљубена во својот
дизајн
твоите усни се меки и топли
им верувам дека знаат повеќе
од механизмот за преживување
зошто пишувам за нежноста
си играме дека сме
астронаути
зборуваме со суштества
од други планети
тие не ни кажуваат
дека е сè во ред
солидна слобода
солидна работа
солиден стан
солиден брак
тоа ми го посакува баба ми
не знае дека сè уште се селам
еднаш годишно
додека умирам од помислата
дека солидноста може
вечно да трае
Барбара Делаќ (1994, Котор) е авторка на три поетски збирки: „Стравотна нежност“, „Каде сме ова, зборувај ми“ и „Tomorrowland“. Таа е лауреатка на Фестивалот на млади поети (Заечар, 2017), добитничка е на „Бранковата награда“ (Нови Сад, 2018), како и на резиденцијалните стипендии: Berlin-Stipendium, доделена од Академијата на уметностите (Берлин, 2019); Reading Balkans (Приштина, 2021); Резиденција за писатели на Хрватскиот ПЕН-центар (Загреб, 2025). Добитничка е и на наградата за најдобар драмски текст на Црногорскиот народен театар (Подгорица, 2025). Заедно со кантавторката Сара Ренар, го објави поетско-музичкиот албум „Каде сме ова, зборувај ми“ во форма на аудиокнига, која може да се слушне преку апликацијата Book & Zvook. Нејзината поезија е преведена на повеќе јазици.