Пред три години по првпат прочитав роман од Мишел Уелбек – „Елементарни честички“ (Les Particules élémentaires, Michel Houellebecq, 1998). Имајќи ги предвид најчестите информации што кружат за делата на Уелбек, очекував дека неговите книги би ми биле одбивни. Се изненадив што романот, во некои аспекти, особено постхуманистичкиот наратор кој се открива на крајот, беше подобар отколку што очекував, а и оние контроверзни сцени по кои Уелбек стана познат се вешто и обмислено напишани.
„Елементарни честички“, во многу други аспекти, беше полош отколку што очекував. Проблемот со женските ликови не е екстремната сексуализација, иако ова е главната точка на критика кога станува збор за нивно репрезентирање кај Уелбек. Идеолошкиот однос на романот кон нив е многу подлабоко вознемирувачки.
Приказната се врти околу двајца полубраќа, интровертниот научник Мишел и поотворениот професор Бруно. Попатно се среќаваат и нивните пријателки/девојки Анабела и Кристиен, кои служат, главно, не како полноправни женски ликови, туку како реквизити (да го позајмам концептот на Ч. Ачебе во “An Image of Africa: Racism in Conrad’s Heart of Darkness”) за градење на ликовите на Мишел и Бруно.
Имено, прекрасната (според описот) Анабела, пријателка од детството, подоцна се појавува во животот на Мишел и се вљубува во него, но тој, емотивно мртов и неспособен да доживее сексуално задоволство, не може да ги возврати чувствата. Иако анализите на романот, барем оние што ми беа достапни, не го спомнуваат тоа, имплицитно станува сосема јасно дека описот на Анабела не е опис на Анабела, туку таа е лик внесен за читателите да ја видат емотивната празнотија на Мишел, но и неговата внатрешна битка во која успева, сепак, да оствари некаква врска со Анабела.
Бруно, опишан како лик опседнат со секс и исто така неспособен за воспоставување подлабоки емотивни врски, во своите средни години ја запознава Кристиен, со која постојано достигнуваат сексуално задоволство меѓу себе и во оргиите, кои и двајцата ги сакаат. И Кристиен е пристутна, пред сè, за да можеме, како читатели, да го запознаеме Бруно и неговите справувања со сопствената ситуација во модерниот свет.
И што се случува во романот на Уелбек кога хероините им стануваат непотребни или здодевни на хероите? Се елиминираат. Кристиен, како резултат на здравствени проблеми, станува неподвижна и решава да изврши самоубиство: со инвалидската количка се фрла по скали. Младата Анабела се разболува од рак; непосредно пред смртта, додека е во кома, таа на Мишел „му изгледаше комплетно среќна“.
Смртта на една хероина би била поединечен случај, можен настан, искуство од животот. Смртта на двете протагонистки во еден роман е тенденција, идеолошка импликација, порака. Особено смртта која, како што ни прикажува Уелбек, и двете протагонистки ја посакуваат бидејќи веќе не можат да ги задоволат своите партнери.
Во романтичарската поезија и проза чест е мотивот на смртта на младата сакана. И често, поетот/писателот ја убива во своето книжевно дело младата жена – објект на љубов – пред таа да стекне сексуално искуство, во состојба на „чистота“, „невиност“ (со нивните романтичарски значења). Може да се толкува – иако тоа романтичарите не го формулираат така – дека нејзината смрт е потребна за таа никогаш да нема прилика да „згреши“ (во нивните очи), и со тоа да може протагонистот да ја памти и сака до крајот на животот. Овој мотив повремено се протега и во современата светска и македонска книжевност.
Отсуството на плотност, на телесна страст, писателите и од романтизмот и од други периоди, па до денес, го прикажуваат како повод за поттикнување на нивниот интерес за мистериозноста на жените. Во суштина, станува збор за стигматизирање на женската сексуалност.
Уелбек се обидува да отиде – површно и во голема мера неуспешно – малку понапред. Така, на Кристиен ѝ дава еротски желби и ѝ овозможува сексуално задоволство. На Анабела не ѝ дава ништо освен извонредна убавина и силна желба (која останува неостварена) да има дете со Мишел.
Но, и покрај разликите, идејата зад елиминирањето на Кристиен и Анабела, во основа, е слична на романтичарската.
Смртта на Кристиен и на Анабела во „Елементарни честички“ му е потребна на романот затоа што во „старите добри времиња“ е речиси невозможно да се прифати разделба по која хероините, како и хероите, би продолжиле да живеат самостоен и исполнет живот. Незамисливо им е на протагонистите да живеат со сознанието дека Кристиен и Анабела можат да продолжат без нив. Во еден момент, женските ликови реквизити (дотогаш потребни за дефинирање на машките ликови, кои треба да продолжат со животот) стануваат излишни, па писателот изнаоѓа начин да ги отстрани. И, божем великодушно, им овозможува да умрат и со тоа да бидат запомнети такви какви што биле во нивните најдобри, најкорисни денови.
Тоа беше мојата прва и засега последна средба со Уелбек. И сфатив дека, колку и да е болна разделбата во реалноста, јас, на пример, не би го (само)убила својот протагонист во книжевноста.
Фотографија: Carolee Schneeman