Пред седум години прочитав едно незавршено писмо, чувано од млада Босанка дваесет години. Писмото почнала да го пишува нејзината мајка, која загинала и не успеала да го заврши кога нивниот стан бил гранатиран за време на војнатa. Содржината на писмото и неговата недовршеност несвесно ги понесов со себе на начин на кој со себе понекогаш понесувам луѓе кои не треба да се заборават. Ако се согласиме дека инстинктот и емпатијата не се чувствуваат, туку претставуваат процес на меѓусебно запознавање, тогаш не смеам да го напуштам овој импулс да зборувам за нешто што го изразува неискажливото.
Навистина, писмата сами по себе поседуваат моќ да ги поврзат минатото и сегашноста и да додадат нови перспективи кон иднината. Тие внесуваат интимност во фактите – постојано се трансформираат и ги надминуваат ограничувањата на просторот и времето. Сите писма, особено оние рачно пишуваните, како ова што го носам со себе, ги исцртуваат контурите на испраќачот и имаат начин да се вовлечат во кожата на оној кој ги чита. И тоа го прават со една совршена непретенциозна вештина што од писмото прави место без реални координати каде се среќаваат две личности.
Од мојата средба со ова конкретно писмо за кое почнав да ви раскажувам, најболно ја понесов неговата недовршеност. Насилно прекинатата реченица ме натера да размислувам за интимата и да се запрашам колку е таa возможнa во свет кој се урива врз нас? Во својата суштина, писмото треба да обезбедува приватен простор, да ти овозможи да ги изразиш најинтимните мисли. Размената на рачно напишани писма не е само трансакција, туку заедничко искуство кое вели – еве нешто посебно помеѓу мене и тебе. Но, ова конкретно писмо како да сведочи за спротивното. Поставено толку јасно на границата помеѓу Јас и Другиот, помеѓу мојот свет и светот надвор, помеѓу внатрешното и надворешното, помеѓу мирот и војната, помеѓу обидот за ред наспроти хаотичното нарушување на насилството, ова писмо е некаков чуден потсетник за невозможноста да се избега од реалноста.
Внатрешното и надворешното се два домена кои постојано се преплетуваат еден во друг, како бранови на неуморна струја. Човечкиот живот, па дури и животот на самотниците, не е возможен без светот кој директно или индиректно сведочи за присуството на други луѓе. Оттука интимното е во постојан судир со неспособноста да се одомаќини во општественото, но исто така и невозможноста да живее сосем надвор од општественото. Радикалниот субјективизам на емоционалниот живот наспроти општеството, кое бара приспособување, нè растргнува сите оставајќи нè немоќни и непостоечки. Оттука и мојот поразително депресивен обид да си одговорам на прашањето Што ни е потребно за да дишеме, да направиме простор за себе?, завршува со едно трагично „Стварно не знам“.
***
Летово имав можност да ја достигнам врвната форма на дисоцијација кога додека спокојно грицкав лубеница на плажа, над мене прелетуваа воени авиони. Искрено посакав да ги игнорирам целосно, да не размислувам за нив. Почнав да се оправдувам и сожалувам самата себеси, сепак ова е прв одмор кој си го дозволив во три години. Зарем јас не заслужувам барем неколку дена целосно исклучување од реалноста? Сепак се обидувам да живеам во земја која цело време се чини дека е на работ на распад. Значи, според некоја космичка потрага по рамнотежа, десет дена без интернет се чинеше едвај доволно да избегам од светот кој се спрема да се распарчи врз мојата глава.
Давењето се случува во шест фази. I фаза, „Борба за здив“, дури и давеникот да не е насилно потопен, се случува во првите дваесет до шеесет секунди. Телото изгледа подисправено во водата и „пливањето“ почнува да наликува на „газење во вода“, со периоди на потопување. Преминот од „пливање“ во „борба за здив“ е суптилен и често незабележлив за оние кои седат на брегот. II фаза, „Задржување на здив“, се случува по потопувањето, под влијание на потрошувачката на кислород и производството на јаглерод диоксид. „Задржувањето на здивот“ завршува со неволно вдишување вода. III „Вдишување вода“, смртоносната доза на вода во белите дробови е проценета на 22 mL по kg за солена вода, 44 mL по kg за свежа вода. Ова укажува дека солената вода може да биде повеќе „смртоносна“, бидејќи поголем дел од неа останува неапсорбиран во белите дробови. Тешко е да се одреди субјективното искуство на давење, односно „болката и страдањето“ поврзани со процесот. Според едно истражување именувано „Искуството на давење“, забележано е дека дел од давениците го опишуваат чувството како длабоко трансформирачко. Најголем дел од испитаниците го асоцираат иницијалното искуство со зборовите „болно“, „страшно“, „борба“ или „шокантно“. „Чувство на горење“ е исто така поврзано со вдишувањето вода. Неколкумина изјавиле дека виделе светли бои под водата за време на своето искуство. Периодот на паника, борба за здив, чувството на горење во градите додека вода влегува во дишните патишта, е проследен со чувство на апсолутна смиреност и спокојство. Умерената хипоксија не предизвикува губење на свеста, но значително влијае на функционирањето на мозокот и сетилата. IV фаза „Бесвест“. Губењето на свеста обично се случува кога сатурацијата на кислородот во крвта паѓа од речиси 100% на 50-60%, или кога артериската парцијална концентрација на кислород е под 3,6 kPa (27mmHg) и/или артериската парцијална концентрација на јаглерод диоксид е меѓу 12 и 16 kPa (90-120 mmHg). Заклучено е дека времето до онесвестување кај човек што се дави зависи од достапните резерви на кислород во телото. V „Време до престанок на дишење“. Во просек, 130 секунди по потопувањето се случува нагло паѓање на крвниот притисок. Апнеа или неправилно дишење се случува во оваа фаза. Најчесто се потребни 262 секунди по потопувањето за крвниот притисок да достигне нула. VI „Смрт“ – неможност да се оживее.
***
Од минојската цивилизација откриени се две скулптури кои се познати како „божици на змиите“. Иако приказната за змиската божица и прашањето дали овие скулптури се приказ на божество останува неодговорено, за мене немаше дилема. Ако има, ако постои или некогаш постоело некакво семоќно божество, сигурно би изгледало вака. Со змии во двете раце, раскошна облека која ги остава градите целосно голи и наместо круна, мачка на главата. Знам дека звучи како да се потсмевам, ама не е така. Фигурините датираат од крајот на неопалаталниот период на Минојската цивилизација, околу 1600 година п. н. е.
Во митологијата, змиите често симболизираат различни работи. Може да претставуваат преродба и обновување затоа што ја менуваат кожата, што симболизира нови почетоци. Змиите исто така се поврзуваат со плодност и живот, бидејќи често се асоцираат со божици на природата и земјата. Во некои култури, тие се сметаат за заштитници на домот или симболи на мудрост. Во исто време, змиите може да претставуваат и опасност, смрт или измама. Нивната двојна природа ги прави моќни и мистериозни симболи во различни култури.
И за Грците и за Египќаните, змијата претставувала вечност. Уроборос, грчкиот симбол за вечност, се состои од змија свиткана во круг или обрач, која си го гризе сопствениот опаш. Уроборосот произлегол од верувањето дека змиите се јадат самите себе и се преродуваат од себе во бескраен циклус на уништување и создавање. Се вели дека Уроборосот има значење на бесконечност или целосност. Во древната слика на Уроборос лежи мислата за самоуништување и претворање во циркуларен процес. Уроборосот е драматичен симбол за интеграција и асимилација на спротивностите. Овој процес на „повратна врска“ истовремено е симбол на бесмртност бидејќи за Уроборосот се вели дека самиот се убива и сам се оживува, сам се оплодува и самиот се раѓа. Можеби затоа кога ги видов, посакав да посакам нешто од ова, за мене новооткриено божество. Но, што да се посака се покажа како голем предизвик за еден тукушто реформиран верник.
Можеби скептичноста и цинизмот толку ми ја преплавиле главата што беше речиси невозможно да замислам простор за надеж. Се чини сум заборавила да замислувам и од страв дека ако продолжам, ќе заминам во непростлива територија на патетика, одлучив да влезам во водата. Таа беше топла и солена. Ако ѝ се препуштиш, ако не се противиш, водата никогаш нема да те удави.
Есејот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).