Станува сè полесно да се биде циник.
На глобално ниво, гледаме како интересите на големите сили ги прегазуваат и уништуваат човечките животи, вредности и ресурси. На локално ниво, сведочиме за навидум бесконечната „креативност“ на корупцијата, што го прегазува духот на цел еден народ кој сè повеќе гледа некаков спас надвор од тука. На лично ниво, оваа безнадежност нè прави апатични. Колку и да се трудиме да останеме оптимисти, цинизмот околу нас е страшно заразен. За да си ја олесниш борбата против апатијата, потребна ти е екипа или заедница што ќе те бодри и поддржува. За мене, тоа е музичкиот колектив „Гола планина“ заедно со сите луѓе, здруженија и иницијативи што гравитираат околу него.
„Гола планина“ е идеја која се роди пред неколку години, кога група средношколски и факултетски бендови од независната македонска музичка сцена се здружија и почнаа да си даваат поддршка едни на други. Зад сцената, музичарите си помагаа со снимањето песни и албуми, организирањето свирки, промоции и сѐ измеѓу. Во приказната не бев директно вклучен од самиот почеток. Но, уште во 2021 година, откако излезе првото издание на Луфтанза, „Демо тејп I“, уртекстот на „Гола планина“, без запрепастен од тоа што го чув и веднаш станав број еден фан на „новиот македонски бран“.
Во следните месеци и години, сè повеќе бендови му се придружија на колективот. Енергијата на музиката на Луфтанза, Хајка, Занаду, КЕМ и сите останати има некоја свежост и автентичност што не мислев дека може да произлезе оттука. Континуирано растеше бројот на албуми и свирки. Луфтанза дури и успеаја да организираат регионална турнеја. Јас продолжив да го слушам секој албум и да одам на секоја свирка. Се довлечкав дури и до Љубљана да ги гледам на фестивалот „МЕНТ“, каде бев најгорд „татко“ на светот. Инспирацијата што зрачеше низ секој процеп на „Гола планина“ ми даде неверојатна надеж дека во Македонија можат да процутат работи чијшто погон е колективната љубов, а не алчноста. Ова го почувствував и на своја кожа кога Лука од Луфтанза одлучи да го преобрази својот соло проект „Корпорација Вагина“ во четиричлен бенд и ме викна да свирам бас.
Уште од првите проби ја осетив отвореноста, слободоумноста и автентичноста, кои дотогаш имав прилика само да ги гледам од страна. Иако со „Вагина“ свиревме песни што Лука веќе ги имаше издадено, тој сакаше сите да си го најдеме своето место и да им дозволиме на песните да станат нешто поголемо и поинакво од тоа што беа. Креативната соработка се прошири уште повеќе кога ги отворивме вратите за други членови од колективот и вон него да ни помогнат во снимањето на нашиот видеоалбум „Дали ова е живо?“. Раде ни го среди звукот, Андреј, Гоки, Сара и Алекс снимаа, Април ја среди типографијата, Наде го менаџираше хаосот на сет, а сите кои дојдоа да глумат „статисти“ дофрлаа идеи за како филмот да испадне поинтересен. Неопислива магија завладеа во просторијата откако го фативме темпото со снимање. Направивме нешто што ниту Лука можеше да го направи сам во својата спална соба, ниту ние четворицата во нашата пробувална. Несебичната помош што ја чувствувавме при снимањето на „Дали ова е живо?“ совршено илустрира како функционира помошта во колективот и како ги пречекорува неговите „формални“ граници, ако воопшто ги има.
На пример, кога сакаме да принтаме маици за бендот, им се обраќаме на штампарите од „Партизанска штампа“, кои исто така не пропуштаат шанса да дизајнираат и печатат постери за речиси секоја наша свирка. Кога на битолската културна организација „Пондер“ им се потребни изведувачи за нивните настани, знаат на чија врата можат да чукнат. Кога „Младинскиот филмски фестивал“ сака да направи работилница за документарци за млади бендови, туку сме да соработуваме. Но, оваа мрежа на солидарност е поголема и од овие директни соработници. За мене, секој што редовно доаѓа на свирки, што ќе ни најде микрофон пола саат пред свирка, што ќе ни помогне да најдеме генератор за нашиот фестивал е дел од мрежата и приказната на „Гола планина“. Што поголема станува оваа мрежа, толку повеќе чувствуваме одговорност да не дозволиме да згасне тоа што сме го изградиле, што само уште толку нè мотивира да се впуштиме во работа. А особено е важно да не ја изгубиме ова мрежа при недостатокот на суштинска институционална поддршка за развој на алтернативна култура или какви било автентични младински политики.
Но, не е лесно „пешки“ да се гради една културна сцена. Постојано се соочуваме со проблеми кои треба импровизирано да се решаваат. Дури и најосновното нешто, како наоѓање соодветен простор за свирка, претставува една мала голгота. Всушност, баш во тие најтензични и најтешки моменти, кога се обидуваме да пребродиме навидум нерешлив проблем, најмногу учиме. Се сослушуваме, пребројуваме и го прошируваме колективното знаење меѓу себе. Совладувањето надворешни пречки и интерни конфликти е баш тоа што нѐ зближува и опаметува. За тоа пред сѐ се заслужни меѓусебните почит, доверба и љубов. Звучи како најелементарна работа, но колку подолго сум дел од „Гола планина“, толку подобро сфаќам дека овие вредности се најрадикалното нешто зад нашиот колектив и сите соработници околу нас. Во општество во кое преовладуваат непотизмот и волјата на капиталот, „Гола планина“ ми дозволува да живеам во еден поинаков свет во кој се вреднува и почитува искрено сработениот труд.
Повеќе од што било друго, „Гола планина“ е едно колективно чувство. Опкружени со алгоритми кои се хранат со нашата безнадежност или со блиски луѓе кои „од љубов“ нè советуваат „да си тераме работа“ или „да си тераме пат во странство“, „Гола планина“ и сите луѓе околу неа ми даваат да се чувствувам дека вреди да се вложи во локалната заедница, вреди да им помогнеш на своите другари, да правиш музика, да се инспирираш од другарите, да пееш на својот јазик и, најпосле, дека вредиме и ние.
Светот што сме си го создале е сѐ уште релативно мал. Некој ќе рече дека донекаде живееме во некој меур каде што „си го правиме филмот“. Свесен сум и дека една песна или една свирка не можат драстично да ги променат светот и заедницата, особено кога станува збор за структурни проблеми. Но, токму песна по песна и свирка по свирка, се собираат сè повеќе луѓе со порив да изградат еден подобар свет. Не можам да немам луда надеж дека ако се собереме доволно луѓе и доволно длабоко ги пуштиме нашите корења, тие ќе ги истуркаат гнилите корења на сегашниот систем.
Не знам уште колку ќе трае приказната на „Гола планина“, ниту уште колку долго ќе имам енергија и волја да се вложувам во целата приказна. Но, знам дека секој чекор напред, секоја пребродена препрека, секој нов албум и секоја свирка сè уште ме прават исто толку возбуден за иднината на колективот колку што ме направи објавувањето на „Демо тејп I“ во 2021 година. Ете затоа не сум циник.
Текстот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).