Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје, ќе се одржи од 1 до 13 јуни на три локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП Центар-Јадро.
Викендот на гордоста е Фестивал за квир култура, уметност и теорија што создава простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.
Фестивалот се отвора на 1 јуни во 20:30 часот во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот полски интердисциплинарен уметник Карол Раѓишевски. Раѓишевски е познат по неговата уметничка практика која вклучува уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинирањето на факти со фантазија, компонирањето на документи од парчиња сеќавање и прикажувањето на неочекувани алтернативни траги на сеќавањата.
Тематскиот фокус на фестивалот оваа година е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Во продолжение, го пренесуваме интегрално освртот кон овогодинешниот фестивал на фестивалскиот куратор Славчо Димитров:
КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии
Викендот на гордоста – Скопје годинава се одржува по единаесетти пат, а неговата цел е да создаде простор за претставување и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.
Доколку тргнеме од претпоставката дека интерсекционалноста е клучната парадигма преку која се конструираат и се перформираат сите идентитетски позиции, вклучително и родовите и сексуалните идентитети, со програмата сакаме да понудиме повеќеслојна критика на бинарниот родов систем, хетеронормативноста и националистичката хомофобија, како и на пресечните точки на опресивните, дисциплински режими на моќ со класата, етничката припадност, расата и здравјето. Квир-особеноста, или настраноста, како почетна идеја на фестивалот, означува начин на живот, уметност на стилизација на сопствениот и колективниот живот, политичка алатка и став преку кои се дава отпор против доминантните модели на моќ/знаење со кои одредени сексуални и родови идентитети се оркестрираат и се регулираат како „нормални“, додека други, пак, како „настрани“ и „изопачени“. Политичката и културната квир-ориентација се занимаваат со критичко истражување и проблематизирање на нашите желби и копнежи за конформизам и нормалност, вклучително и на хегемониските претпоставки и вредности за љубовта, интимноста, сродството, отелотворувањето, капиталистичката конкурентност и еготизам, комодитетскиот фетишизам, како и современите дискурзивно-материјални перформативи на нацијата-држава.
Фокусот на програмата на Викендот на гордоста е насочен кон културните и уметничките перформативни практики, вклучително и визуелните и современите уметнички практики преку кои се обработуваат теми како што се отелотворувањето, афектот и субјективитетот со посредство на различни медиуми. Изборот се заснова врз нашата посветеност на идејата дека „естетското“ е суштински вкоренето во телесното искуство и како такво се наоѓа во основата на општествените, културните и политичките искуства. Одовде, доколку политичката идеологија и хегемониските културни модели ги пренесуваат сопствените наредби врз телата на граѓаните, при што ги оформуваат нивните емоционални ориентации и сензибилитети (естетскиот домен), телото и афектните и емоционални односи стануваат клучно место за обмислување и создавање на отпорот и алтернативните животни форми. Со други зборови, хетеронормативната идеологија и маскулинистичкиот културен поредок функционираат преку перформансите и ритуалите со кои се мобилизираат и се кореографираат нашите движења, енергии, желби, афекти и телесни потенцијали и со кои се регулираат односите меѓу телата во социјалните простори. Преку уметноста на перформанси и телесната уметност се мобилизираат токму ваквите притисоци на моќ врежани врз нашите тела и субверзивно се пренасочуваат во алтернативни и ненормативни насоки. Телото, во критичките феминистички и перформативни квир-практики, претставува бојно поле на кое се актуализираат и се оспоруваат односите на моќ.
Во текот на изминатите години учество на фестивалот зедоа многумина светски реномирани уметници, вклучително: Vaginal Davis (САД/Германија), Boryana Rossa (Бугарија/САД), CASSILS, француското дуо Helene Barriere и Victor Marzouk, Dominic Johnson (Велика Британија), дрег-кабаре колективот од Белград – Ефемерни исповеди, The John (Македонија), Ивана Драгшиќ (Македонија), Aerea Negrot (Германија), Del LaGrace Volcano (САД), Иво Димчев (Бугарија), Franko Dota (Хрватска), David Hoyle and the Lipsinkers (Велика Британија), Travis Alabanza (Велика Британија), Ron Athey (САД), Rachael Young (Велика Британија), boychild (САД), Hermes Pittakos (Грција), PANSY (Германија), Lauren Berlant (САД), David M. Halperin (САД), Felix Gonzalez-Torres (САД), Pauline Boudry и Renate Lorenz (Германија/ Швајцарија), Karin Michalski (Германија), Federica Dauri (Италија), Христина Иваноска, Велимир Жерновски (Македонија), Keijaun Thomas (САД), STEAM ROOM (Македонија/Бугарија/Шведска), Јован Јосифовски (Македонија), FRANKO B (Велика Британија/Италија), Nao Bustamante и Marcus Kuiland Nazario (САД), SPIT! Manifesto Collective (Велика Британија), Дарко Алексовски (Македонија), Зорица Зафировска (Македонија), Јелисавета Благојевиќ (Србија), џез-триото СВЕТЛОСТ (Македонија), Wolfgang Tillmans (ГЕР), Јане Чалоски (МКД), Јасмина Тумбас (САД), Julie Tolentino и Stosh Fila (SAD), Julischka Stengele (АУС), Нора Стојановиќ (МКД), Милош Коџоман и Драгољуб Бежан (МКД), Александар Георгиев (МКД), Matthieu Hocquemiller (ФРА), Hoedy (ЛИБ) и многу други.
***
Тематскиот фокус на СПВ 2023 е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Годинашниот кураторски избор на фестивалската тема се потпира врз комплексните и многустрани истражувања, критики и изведби во рамките на феминистичката и квир-уметност, теорија и култура што ги преиспитуваат, проблематизираат и преосмислуваат хетеронормативните, националистичките, капиталистичките и расните претпоставки и политики на времето, историјата и архивот, како во колективните, така и во индивидуалните нормативни претпоставки за времето, историјата, меморијата и развојот.
Посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, како и нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, од една страна, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето, од друга страна.
Дополнително со оваа тема целиме критички да ги истражиме дисциплинираните и регулаторните механизми што темпоралноста ја мобилизираат како клучна технологија и вектор на моќта во репродукцијата на хетеронормативноста, капитализмот и расистичкото/колонијалното насилство, впишувајќи се како втора природа во индивидуалните и групните телесни искуства, додека истовремено ги разликуваат и ги хиерархизираат прогресивните наспроти назадните и примитивните тела и субјективитети, односно нормалните временски форми на развој на личноста од заостанатите и сексуално „регресивни“ форми на живот и сексуалност.
Проблемите што ќе ги адресира годинашното фестивалско издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Почнувајќи од „таткото“ на современата квир-теорија, Мишел Фуко, и неговите генеалошки истражувања на историјата на сексуалноста, деконструкцијата и анализата на односите на моќ во конструирањето на различните, навидум, стабилни и трансисториски објекти и феномени, вклучително и родот и сексуалноста, стануваат возбудлив предмет за квир-теоријата, уметноста и културата и можност за политичка критика и активизам, како и замислување на поинакви иднини и мобилизација на утописки желби отаде затворот на нормативната сегашност. Од друга страна, истражувањата на Фуко поврзани со дисциплината и регулацијата на телата во модерните и современите општества ги внесоа ритамот, темпоралноста, временската динамика и биополитичката регулација на репродукцијата како клучни проблеми за критика низ квир-оптиката, отворајќи ги интерсекционалните иследувања на хетеронормативноста, капитализмот, расизмот и национализмот како исклучиво продуктивни методи во мислењето на временските политики на дисциплина и регулација.
Во оваа насока, феминистичките, квир- и транс-студиите на темпоралноста тврдат дека европското нормативно време е организирано за да поттикне длабоко родова дихотомизирана хетеронормативност и дека жените и сексуалните малцинства често го живеат времето поинаку. Следствено, предмет на критичка анализа се начините на кои државата ги контролира животните траектории на индивидуите и групите со нормативни претпоставки за линеарниот и нужен редоследот на раѓање, школување и работна сила, брак, репродукција, пензионирање, старост и смрт. Или, пак, како секојдневниот живот се дисциплинира со родовата организација на домашното време и работното време. Други истражувачи, пак, го критикуваат моделот на развој што ги поткрепува западните модели на историјата и психата. Анализите на отпорот кон нормативните временски шеми вклучуваат, но не се ограничени на истражување на фројдовското несвесно, длабоките нарушувања на очекуваниот животен век и генерациската логика за време на кризата со сидата, временските модалитети на квир „ноќниот живот“, дисјунктивното пубертетско време на родова транзиција и многу повеќе. Некои од клучните термини од студии за времето во контекст на родот/ сексуалноста ги вклучуваат: „репро-футуризмот“ на Еделман (2004) или идејата дека иднината е организирана од симболот на детето и иднината како репродукциски хоризонт на постојната доминантна хетеро-логика; Роман (2005) со „архивскиот дрег (влечење)“ или концептот на изведба како отелотворена меморија; Лучијано (2007) со „хронобиополитика“ или модел на сексуална организација на животот низ времето; Муњоз (2009) со концептот на „сè уште неприсутното“ или аспиративната утописка квир-желба и хоризонти на иднината; „еротоисториографија“ (Freeman, 2010) или моделот на историско истражување и практика како директно сензуална; и „трансисторичноста“ на трансискуството од минатото, сегашноста и иднината и за влијанието на империјализмот, расизмот и други структурни нееднаквости на полот.
Конечно, квир-истражувањата на политиките на времето се фокусираат на афективните динамики и социјално-организирани искуства на меланхолија, депресија, тагување, оплакување, абјектност итн., како проживеани искуства што ја одбиваат прогресивната идеја за времето упатено нанапред како капиталистичка хетерохроно-нормативност на продуктивноста и со назадното свртување кон минатото ги меморираат историите на насилство, колективните искуства на загуба на маргиналните заедници, но истовремено и ги преработуваат, преозначуваат и превреднуваат проживеаните минати искуства на повреда и срам.
Афективното свртување наназад, всушност, кај квир-луѓето претставува и сензуално, желбено и копнежливо трагање, копање и замислување на својата историја и линиите на припадност низ урнатините на грандиозните национални истории. Преку блесоците, трагите и ефемериите на животите во сенка и забранетите искуства на рабовите на историјата. Како што тврди Елизабет Фриман (2005), квир-луѓето „преживуваат преку способноста да пронајдат и да зграпчат релации на задоволства помеѓу телата. И тоа го правиме низ времето“ и преку историјата.
Славчо Димитров,
куратор на фестивалот