Во својата песна “Berghain”, Росалија создава аудиовизуелен автопортрет на жена која ја бара тишината во еден гласен простор како што е Европа. Росалија пее за невозможноста да се излекува скршеното срце, кое во култот на христијанството (мотив што доминира во спотот и песната) можеби може само повторно да воскресне, но не и да се излечи додека си жив/а.
Почетниот рефрен “His fear is my fear / His anger is my anger / His love is my love / His blood is my blood” може да се протолкува како обратна причест. Во католичката миса, човекот прима Христово тело и крв за да се соедни со божественото. Тука, Росалија го превртува овој ритуал во интимно, човечко причестување: не со Бог, туку со Другиот. Росалија како да пее за заборавениот, потчинетиот Друг, за другото не-толку-сакано лице на Европа.
Но, доколку сакаме да направиме споредба во љубовен и романтичен контекст, „His blood is my blood“ претставува и жртвена формула: соучество во страдањето и копнеж за симбиоза што ги поништува границите меѓу „јас“ и „ти“. Се работи за онтолошка врска која те обзема: да го делиш со некого истиот страв, истата лутина, значи да станеш едно битие во болка. Во спотот на песната не го гледаме Другиот, само го чувствуваме во интезитетот на нејзината осаменост.
Овој мотив е повторно длабоко христијански. Свети Августин пишува дека љубовта не е само чувство, туку communio: споделување на раната. Росалија ја преведува таа идеја на модерниот јазик на поп-културата, каде љубовта станува облик на метафизичко страдање, а не само афективна состојба.
Кога Ив Тумор (Yves Tumor) се појавува со својот брутален стих “I’ll fu*k you till you love me,” песната доживува пресврт кој од пошироката публика беше сфатен како вулгарен. Мене, пак, ми звучи како несовршен обид да се внесе интезитет онаму каде што владее апатија. Неговото “I’ll fu*k you till you love me“ е последен крик за оживување. Стихот на Тумор ја пренесува идејата за телото како медиум за воскресение. Можност да се внесе живот таму каде што срцето одамна престанало да чука. Стихот е телесна реинтерпретација на католичкиот копнеж: да ја оживееш љубовта преку екстаза и преку нешто што ќе те раздрма длабоко под кожата.
Ако Росалија сме ние, луѓето, Ив Тумор е телесниот копнеж кој е последниот ресурс за враќање на интезитетот на животот. Бјорк, пак, е deux ex machina, божеството, или можеби гласот на Северна Европа на која толку ѝ се огледуваме: “The only way to save us is through divine intervention.” Можеби овој стих најмногу ја претвора песната во литургија. Се повикува спасение што повеќе не доаѓа. Бјорк, како пост-европска фигура на митска духовност, овде со својот глас функционира како свештеничка.
Бјорк, нашата мајка и свештеничка, го признава крајот и ограничувањето на човечката моќ, кога технолошкиот напредок, психотерапијата и естетиката можат само минимално да нѐ поддржат, но не и да нѐ спасат. Нејзиниот глас нѐ води кон митската шума, но таа веќе не е реален пејзаж, туку отсутна слика на природата што исчезнува. Можеби современиот човек повеќе не верува во некаква божествена интервенција, но не може да престане да ја повикува. Не во црква или додека е сам. Ја повикува во бучните клубови и градови, пренатрупаните канцеларии, трговски центри, театри и ресторани.
Мислите во спотот и песната, како оркестар без диригент, не престануваат. Во европската култура, оркестарот е симбол на хармонија и дисциплина, но овде тој станува хаотичен симбол на ментален метеж, на внатрешен шум кој не дозволува тишина, ни покајание, ни мир.
„Berghain“ е икона на современата исповедница. Кога си повреден, можеби најбезвредното нешто е што можеш да направиш е да напишеш песничка за тоа. Но Росалија создава уметност, нов правец и нова форма на сакрално страдање, нов правец каде академијата, поп-културата и клубската култура стануваат тројство на модерна духовност.
На крајот можеме пак да си го поставиме и повториме истото прашање: дали оваа генерација може да се излечи? Како и Росалија во спотот, колку и да чекаме пред златари, часовничари или продавници, обидувајќи се „да се поправиме“ со помош на накит и предмети, остануваме нецелосни и изолирани, чекајќи нешто повеќе.
Росалија е секоја модерна жена која ги гази улиците на Европа, опседната со својот оркестар на мисли. Затоа можеме да гледаме на “Berghain“ и како на литургија на нашите окупирани умови, во која Росалија ја претвора невидливата бучава во нешто свето. Во нејзиниот глас го слушаме она што сите го чувствуваме, но никој не може да го изговори – дека сите ние, во суштина, живееме во истата тишина меѓу две мисли, чекајќи некаква divine intervention да нè спаси од нас самите.