Калибан и вештерката: Жените, телото и примитивната акумулација (2004) од Силвија Федеричи ги истражува корените на капитализмот низ призмата на фамозните прогонства на вештерки во Европа и европејската колонизација на Новиот свет. Таа тврди дека развојот на капитализмот се темели на родовата поделба на репродуктивниот труд (како што се грижата за семејството, воспитувањето деца и одржувањето на домаќинството) и колонијализмот. Според Федеричи, овие често занемарени и невидливи сфери всушност се основа за капитализмот бидејќи ги создаваат и одржуваат работната сила и структурите на експлоатација. Следствено на ова, овие сфери стануваат клучни точки на борба за феминистичките и антиколонијалните движења, бидејќи директно се спротивставуваат на еден од главните изворни механизми на капиталистичката експлоатација.
Ваквиот приказ го предизвикува ставот на Маркс и другите последователни толкувања на транзицијата кон капитализмот како загарантирана, прогресивна и неопходна промена на општествените односи. Федеричи го става во преден план искуството на жените (насликани како вештерки) и колонизираните луѓе (преку метафората за ликот на Калибан од Шекспировата Бура) за да покаже дека примитивната акумулација [1] не е еднократен историски момент, туку процес што продолжува преку нови форми на експлоатација, како што се контролата врз репродуктивниот труд, колонијализмот и експлоатацијата на природните ресурси.
Ловот на вештерки за Федеричи е исто така дел од процесот на примитивна акумулација. Додека обичните луѓе биле протерани од земјата и го изгубиле пристапот до заедничките добра (англ. commons), мажите се здобиле со контрола врз жените и нивните тела. „Ловот на вештерки ги продлабочи поделбите меѓу жените и мажите; ги научи мажите да се плашат од моќта на жените и уништи еден цел универзум на практики, верувања и општествени субјекти чиешто постоење не соодвествувало со капиталистичката работна дисциплина, водејќи до редефинирање на главните елементи на социјалната репродукција“. Со други зборови, ловот на вештерки бил клучен за воспоставување на капиталистички општествени односи на производство.
Најпоразителен дел од читањето на Калибан и вештерката е моментот кога ќе се освестите за огромниот губиток на социјална моќ што го претрпеле жените при транзицијата кон капитализмот. Вештерките отелотворувале „сѐ што капитализмот морал да уништи: еретицата, онаа што исцелува, непослушната сопруга, жената која се осмелувала да живее сама, жената маѓепсница што ја отрула храната на господарот и ги поттикнала робовите да се бунтуваат“. Според Федеричи, контролата врз жените и нивните тела била директен резултат на акумулирањето капитал. „Женското тело, односно матката, [била ставена] во служба на пораст на населението и производство и акумулација на работна сила“.
Во книгата се документирани промените во социјалниот статус на жените, како одеднаш им било забранувано да шетаат сами по улица или да седат надвор од своите домови, како производството на пиво, што порано било женски занает, преминало во машка работа, како зборот „озборувач/ка“ (англ. gossip) го сменил своето изворно значење на „пријател/ка“ и се здобил со негативна конотација. Понатаму, Федеричи забележува непогрешлив континуитет помеѓу практиките што воделе до етикетирањето како вештерка и оние забранети со новата легислатива воведена во истиот период и наменета за регулирање на семејниот живот и половите и имотни односи: „Биле донесени закони со кои прељубата се казнувала со смрт… Истовремено, проституцијата и вонбрачните односи биле забранети… Дополнително, женските пријателства станале предмет на сомнеж поради нивната наводна субверзивност и закана за сојузот помеѓу брачните партнери“.
Новиот патријархален поредок што произлегол од ловот на вештерки бил тесно поврзан со воспоставувањето на самиот капитализам. Жените и мажите не биле еднакви за време на феудализмот. Сепак, „во пред-капиталистичка Европа, подреденоста на жените била ублажена од фактот дека тие имале пристап до заедничките добра, додека во новиот капиталистички режим самите жени станале заедничко добро бидејќи нивната работа била дефинирана како природен ресурс, достапен надвор од сферата на пазарните односи“.
Нешто на кое нѐ учи оваа книга е тоа дека жените тврдоглаво одбивале да го заземат своето подредено место во новото капиталистичко преуредување на општеството, исто како што ѝ се противеле на преобразбата на телото во (капиталистичка) машина. Жените ги уривале (живите) огради и ги преосвојувале заедничките добра, практикувале слободен секс надвор од потребите на репродукција и ги предводеле селските бунтови. Се среќавале ноќе на ридовите, околу огновите, краделе храна и облека од богатите и озборувале.
Федеричи тврди дека ловот на вештерки не претставува симбол за последниот здив на феудалниот поредок и пропратните суеверија, туку бил алатка за дисциплинирање и обликување на работничката класа. Таа заклучува дека само со игнорирање на искуството на жените, робовите и домородните луѓе во транзицијата кон капитализмот, примитивната акумулација може да се смета за прогресивна. Жените кои биле издвоени за јавно палење често биле сиромашни селанки обвинети од нивните земјопоседници или други богати членови на заедницата за вештерство, што Федеричи го поврзува со документирани случаи на сиромашни жени кои проселе или краделе храна. Како што забележува таа, „ловот на вештерки бил во пораст во социјална средина каде што ‘оние од добар сој’ живееле во постојан страв од ‘пониските класи’ и нивниот потенцијал за непослушност.“
Федеричи е често критикувана дека ги поедноставува сложените историски процеси и претерано ги поврзува ловот на вештерките и репродуктивниот труд со развојот на капитализмот. Некои историчари тврдат дека прогонствата на вештерките биле резултат на различни религиозни и културни фактори, а не само економски, додека други сметаат дека нејзината анализа селективно ги одбира податоците за да ја поткрепи тезата. Сепак, Калибан и вештeрката отвора нови перспективи за премислување на историјата и историските процеси преку нивно феминистичко пречитување и критика.
Тешко е да се разберат застрашувачката раширеност и бруталност на ловот на вештерки, особено ако се има предвид дека тоа е „еден од најмалку проучените феномени во европската историја“. Од средината на дваесеттиот век, вештерките влегуваат во доменот на поп културата и тоа до некаде им ја намалува субверзивноста. Серии од типот на Bewitched (1964-1972), или серии како Sabrina: the Teenage Witch (1996-2003) или Волшебнички (1998-2006) со кои сме растеле продаваат – барем на површината – една комерцијалиризана и аполитична идеја за вештерството и магијата, одвоена од мачната историја на вештерските гонења и палења. Освен тоа, до дваесеттиот век, родовата поделба на трудот, односно неплатениот репродуктивен и домашен труд на жените, станала нераздвоен дел од општеството што денешните неолиберални, капиталистички општества повеќе не ги сметаат вештерките за закана за капиталистичките производствени односи.
Факт е дека денес, ние жените и останатите маргинализирани групи уживаме поголеми права и слободи од вештерките гонети и палени во шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век. Вториот феминистички бран и движењата за ослободување од 60-тите се заслужни за подигањето на свеста за подреденоста на жените и експлоатативните односи во домот и потребата од поопштествување на репродуктивната работа. Сепак, тоа не го спречува патријархатот да наметнува нови, понекогаш посуптилни форми на подреденост и контрола врз жените. Напротив, обновените напади врз репродуктивните права и правата на телесна автономија и абортус низ светот го потврдува маргинализираниот статус на жените во денешното општество, како и кршењето на правата за егзистенција од страна на рударските и земјоделските компании во земјите во развој што го загрозуваат животот на претежно домородното население и обоените лица.
Книгата Калибан и вештерката нè потсетува дека, како феминистки, треба да ја разгледуваме сферата на репродуктивниот труд и континуираните форми на колонијализам како клучни ресурси за успехот на капитализмот и, токму поради тоа, како централни точки на нашиот отпор против капиталистичкиот систем на угнетување.
[1] „Примитивна акумулација“ е термин што го воведува Карл Маркс за да го објасни процесот на создавање на капиталот како основа за градење на капиталистичкиот систем. Примитивната акумулација ги подразбира насилните и принудни начини на кои ресурсите, како што се земјиштето и трудот, им се одземаат на заедниците и се централизираат во рацете на одредени поединци или класи. Во Европа, тоа се манифестирало преку протерувањето на селаните од нивните земјишта (пр., преку процесите на „оградување“ на земјиштата во Англија), експропријација на заедничките добра, ропството и колонијализмот. Преку овие процеси бил воспоставен капитализмот, односно настанала класа на капиталисти кои поседуваат средства за производство и класа на работници кои немаат средства и мораат да го продаваат својот труд за финансиски/материјален надоместок.
Извори: Women and Capitalism; Witch Hunts and the Birth of Capitalism; Silvia Federici on Witch Hunts, Body Politics and Rituals of Resistance.