Квалитетот на книгите на Елена Феранте (Elena Ferrante) сè повеќе се докажува благодарение на филмските адаптации на нејзините дела. Во своето режисерско деби, актерката Меги Гиленхал (Maggie Gyllenhaal) се впушта во интригантна анализа и екранизација на романот „Загубената ќерка“, во кој главниот лик, професорката по италијанска книжевност, Леда Карузо, го игра Оливија Колман (Olivia Colman). Филмот започнува безопасно и малку бавно, со доаѓањето на Леда во едно грчко одморалиште каде што таа се надева дека ќе биде сама и ќе се одмори од сè.
За жал, нејзиниот мир на плажата набргу е прекинат со доаѓањето на едно бучно американско семејство и нивните деца. Додека девојчето Елена си игра со својата млада мајка Нина (Dakota Johnson), Леда се присетува на сопствениот живот од периодот кога имала две мали ќерки, што максимално ја вознемирува и го наговестува понатамошниот тек на филмот. Споменатото семејство кое дрско се однесува на плажата, на истиот начин ја третира и Леда, а на неа тоа воопшто не ѝ се допаѓа. Но, кога страстите ќе се смират, една од жените, Кали (Dagmara Dominchyk), ѝ приоѓа на Дамата, се извинува и започнува разговор. Леда забележува дека Кали е бремена и ја предупредува: „Децата се голема одговорност“.
Во моментот кога ќе се изгуби малата Елена и сите во паника ќе почнат да ја бараат, Леда се присетува на ситуација во која и таа „изгубила“ една од ќерките на плажа. Филмот продолжува паралелно со сцени од сегашноста и минатото на Леда – младата Леда ја глуми Jessy Buckley – пред 20 години, кога децата биле мали и таа се борела да изгради академска кариера и да го одржи бракот кој не ја исполнувал.
Леда ги гледа очајните погледи на Нина, која одвреме-навреме изгледа како да бара помош и совет, како огледало на нејзината младост и проблемите со кои се соочувала во тоа време. Но, разликата е во тоа што сопругот на Нина не е толерантен и разбирлив како сопругот на Леда, туку е прилично арогантен човек чие семејство зрачи со насилство.
Кога Елена конечно е пронајдена, токму од Леда, таа тајно ја зема куклата на Елена, што буди една нова лавина емоции кај неа, вклучувајќи го и чувството на товар со кое се справуваат мајките на мали деца. Леда во еден момент ѝ признава на Нина дека ги оставила своите деца три години додека уште биле мали, на што Нина покажува блага изненаденост, иако и самата го разбира заморот и очајот кои се јавуваат околу грижата за детето. Паралелите меѓу Леда и Нина одат подалеку: и двете имаат/имале афера со други мажи затоа што се чувствуваат/ле запоставено.
Иако на моменти филмот има (пре)бавен ритам, очигледна е намерата на режисерката да ѝ остави простор на публиката да размислува за емоциите, сеќавањата и одлуките што ги донела Леда, а кои сега одново се случуваат пред нејзините очи. Се наметнува и прашањето какви одлуки би донеле самите гледачи во дадената ситуација. Филмот не нуди оправдување ниту пак нужно бара од гледачите да ги разберат жените кои имаат деца, нивниот замор, фрустрациите, амбициите и притисокот да се одржи семејството, бракот и кариерата без (многу) помош и поддршка. Филмот едноставно ја прикажува голата вистина без да ја тргне камерата на другата страна. Дел од таа вистина е и самото општество кое не покажува разбирање кога овие жени ќе „пукнат“ и ќе донесат одлука да направат нешто за себе, нешто што не е во склад со наметнатите очекувања и норми и стануваат – тука ја цитираме Леда која тажно изговара – „Јас сум неприродна мајка“.
Она што го напиша Елена Феранте, а Меги Гиленхол успеа да го пренесе на филмското платно, е оловната тишина во која се завиткани емоциите на жените под товарот на мајчинството, како и општествената осуда врз оние мајки кои ќе се осмелат да се отворат и да проговорат за овие тешкотии. Филмот, како и книгата, го руши митот дека мајчинскиот инстинкт е вроден или дека доаѓа сам по себе и едноставно вели: мајките се битија со свои потреби, интереси и чувства – нешто што нашето општество сè уште има проблем да го прифати.
Преведено од VoxFeminae