Како би звучела приказна чијшто заплет не произлегува од конфликт, убиство или борба? Што доколку одбиеме двигателот на заплетот да биде храбриот херој што убива и окупира? Дали можеме да си замислиме приказни во коишто околината не постои исклучиво во служба на убиствената мисија на еден централен јунак, туку го отвора патот за разбирање на приказните како резервоари на знаење, искуства и живот?
Во рамки на Медуза book club ќе се обидеме да се приближиме поблиску до можни одговори на овие прашања преку заеднички прочит и дискусија на славниот есеј „Теоријата на торба во фикцијата“ (The Carrier Bag Theory of Fiction) од Урсула К. Ле Гвин. Краткиот, но исклучително инспиративeн есеј на Ле Гвин од 1986 година ја поврзува фикцијата со клучни антрополошки, епистемолошки и феминистички прашања предизвикувајќи ги општо прифатените структури на нарација и отворајќи простор за алтернативни модели и појдовни точки за еден расказ. Теоријата на фикцијата од Ле Гвин досега многупати претставувала поттик за истражување на нови форми на раскажување, но исто така и за согледување на аспектите од човечкото искуство коишто долго време биле третирани како второстепени или биле комплетно засенети од доминантните херојски приказни.
Работилницата ќе се одвива во два дела во коишто ќе бидат опфатени дискусија посветена на есејот како и едноставни и кратки креативни вежби за пишување преку коишто ќе се обидеме и практично да ги откриеме изворите на знаење и на искуства подобни за алтернативни начини на раскажување. Работилницата ќе ја води Катерина Шекутковска од издавачката куќа „Илика“, а ќе се одржи в понеделник, 16.12. во 18 часот во кафе-книжарницата „Илика“.
Катерина Шекутковска е преведувачка од германски јазик, уредничка во издавачката куќа „Илика“ и истражувачка. Таа е докторантка при Катедрата за германска книжевност во Бамберг, Германија, каде што работела како предавачка и научна истражувачка.
Резервирајте го вашето место сега и станете дел од овој еднократен Медуза читачки клуб! Бројот на места е ограничен, а крајниот рок за пријавување е петок, 13-ти декември, со пополнување на следнава пријава. Пријавувањето е на принцип „прв/а пополнил/а, прва услужен/а“, а учесниците ќе бидат исконтактирани во сабота (14/12).