Неочекуваното
Еве ти го мојот контакт и сподели го со твоите квир другарки, ми вели новата матична гинекологина, подавајќи ми купче розови рецепти на кои ја запиша својата мејл-адреса, откако се обидов да „опипам“ дали е сензитивна, покрај тоа што е стручна. Нека ме побараат ако имаат недоумици или прашања, или ако им треба малку охрабрување пред да дојдат тука.
Си го повторувам во глава тоа што ми го рече докторката, во мал шок од сознанието дека постојат и вакви искуства. По прегледот што го закажав меѓу состаноци, со намера да не му придавам преголемо значење, се прашувам колку историски избришаното уживање нè има навикнато приликите што се однесуваат на нашето здравје и сексуалност да ги третираме како неважни. И знам – не сум единствена, затоа што по секое срамежливо и тивко спомнување дека одамна не сум била на гинеколог, се редат многу: и јас, и јас, леле и јас. Пријател(к)ите ми споделуваат дека немаат никаков однос со своите гинеколози и дека за време на самиот преглед се зборува само за нивното репродуктивно, но не и за сексуалното здравје. Нивната сексуална ориентација и однесувањата, родовите изразувања, желби и емоции никогаш не се тема на разговор; напротив, тие се внимателно премолчени. Гинеколошкиот преглед им е сведен на минимум интеракција, најчесто на непријатен in and out допир, страв да не се доживее некакво вознемирувачко искуство или резултат, и надеж за што помалку контакт – сè до следниот преглед, кој ќе се закаже некогаш, понатаму.
Кога станува збор за нашето здравје, попрво ќе се подложиме на долго самодијагностицирање отколку медицински да си ги потврдиме сомнежите. Влегуваме во вртлозите на алгоритмите следејќи приказни налик на нашите и во тој процес само се обвинуваме што не правиме нешто повеќе од тоа набљудување. Многумина од нас, а особено квир луѓето, ескивираат да одат на лекар за да не доживеат уште едно хорор-искуство. Во споредба со други области, насилството во здравството врз основа на сексуалноста и родовоста неспоредливо предничи, поради што дури и во најкризните ситуации се прашуваме дали воопшто има смисла да одиме на лекар. Дури и кога ќе се охрабриме да преземеме нешто во врска со тоа, се соочуваме со фактот дека одговорите што ги бараме ни се непристапни и прескапи, а честопати од самите лекари се сметани за ирелевантни или непотребни. Особено е вознемирувачко помирувањето со фактот дека сме радосни кога еден најобичен рутински преглед ќе помине како што треба.
Сексуалноста речиси никогаш не ни е тема на разговор, а особено не со лекар. Сите нејзини аспекти што нè загрижуваат, за време на прегледите ни ја полнат устата со плунка што на крајот само ја подголтнуваме. Работите поврзани со сексуалноста ги чуваме во себе наместо да ги изговориме, за подоцна, можеби предоцна, во афект, да почнеме да ги кажуваме секому. А бидејќи и јас не сум ништо подобра од другите, дури и во прилики како оваа сум во дилема што сè „треба“ да споменам.
За приликава, одлучив: како клиторисните краци што патуваат низ нашите препони, стомакот и грбот, да му се препуштам на импулсот овој текст да пулсира од сензации, зашто нешто долго скриено, а сега откриено, заслужува да извира насекаде. Затоа што токму за таквиот јаз што постои меѓу именувањето и премолчувањето, или меѓу нашите тела и знаењето за нив, зборува и книгата Избришаното уживање: клиторисот и мислата на Катрин Малабу, конечно преведена на македонски.
Клиторисот е секогаш тука за нас
Во Избришаното уживање Малабу предлага нова географија на уживањето, „од другата страна на пенетрацијата“, во која клиторисот се појавува не само како анатомска туку и како фигуративна и политичка категорија: место на отпор што ја нарушува логиката на доминацијата и послушноста. Како таков, тој функционира како искуство на јазот, како простор во кој уживањето се остварува преку изместување на воспоставените односи на моќ. Низ таа перспектива, клиторалното задоволство може да се мисли и во однос на познатото разграничување на Ролан Барт во Camera Lucida – меѓу стадиум, културното поле на значења што можеме да ги „читаме“ во сликата, и пунктум, деталот што нè прободува и нè погодува афективно – не како една од тие позиции, туку како она што се случува меѓу нив, во самиот јаз што ги раздвојува. Токму тој простор овозможува и ново читање на уживањето, на пример, како предмет на возвишеното.
Наместо возвишеното да се разбира исклучиво како „негативно задоволство“, како во Кантовата естетика, низ концептите за избришаното уживање на Малабу, тоа може да се сфати и како заборавено или „избришано“ уживање што се појавува кога имаме обид да ја премостиме оддалеченоста меѓу субјектот и претставата. Во оваа смисла, восприемањето на возвишеното уживање не би ја потврдувало моќта на субјектот над непознатото, како што тоа често го прави доминантниот „машки поглед“. Тоа би воспоставило поинаков однос кон моќта – преку привремено, но значајно надминување на јазот меѓу субјектот и Другоста. Преку правење обид за нивно приближување, обид за остварување на една средба или случување.
Тоа чувство на присутен, а сепак отсутен екстремитет се појавува токму во јазот меѓу искуството и јазикот. Токму затоа, низ целиот превод на Малабу, за француското „écart“ се употребува зборот „јаз“, со цел да се долови чувството на големина и возвишеност на процепот меѓу видливото и скриеното. Овој „јаз“ ја опишува и длабочината и тридимензионалноста на клиторалното уживање, кое не може да се сведе на едноставна праволиниска релација меѓу две точки. Францускиот „écart“ не означува само „разлика“ (différence) туку и оддалечување, растојание или раздвојување. Зборот „јаз“ ја носи токму таа конотација на празнина или расцеп меѓу две нешта, па затоа е поблизок до значењето на „écart“ отколку неутралното „разлика“. Во филозофски, културолошки и теоретски текстови „écart“ често означува простор на напнатост или несоодветност меѓу два поима, на пример меѓу норма и практика, идеал и реалност, тело и дискурс. „Јазот“ го задржува токму тој ефект на структурен расцеп. Малабу укажува на присуството на јазот како простор што ја надминува историската дијалектика на јас и Другиот. Потпирајќи се на нејзината теорија за „клиторалното избегнување на дихотомиите“, (возвишеното) уживање кај неа може да се преосмисли од феминистичка и квир перспектива како искуство што не се исцрпува во бинарни спреги, туку се случува токму во растојанието меѓу нив.
Токму затоа, клиторисот во феминистичката и квир теорија се појавува не само како орган туку и како начин на мислење. Таму клиторисот не само што им бега на дихотомиите туку и создава нови телесни топографии. Се поврзува со многу повеќе од само „женското“ тело. На ниво на метафора, тој ја буди мечтата по невозможното и овозможува секој, како што вели Пол Б. Пресијадо – да приклучи „клиторис на соларниот плексус“, односно радикално да го премести уживањето од неговата традиционална локација. Ова имагинарно дислоцирање на клиторисот од историското „никаде“ кон „насекаде“ е возбудливо токму затоа што растеме без сознание за цел еден орган што е дел од нас. За време на часовите по биологија тој речиси и не се појавува како дел од нашата анатомија. Во нашето искуство честопати се појавува задоцнето. Долго постои како орган-фантом, поради што откако еднаш ќе го откриеме, имаме повторлива потреба да го напипаме – за да се осигураме дека навистина е тука.
Ако клиторисот е токму она што историски било оттурнувано кон невидливото, тогаш не е случајно што неговото мислење се појавува во простор во кој видливото е речиси целосно окупирано од фалусоидното. Кога сме кај неговата местоположба, особено е значајно што токму во Скопје – градот на мноштвото збоднати пениси – се роди превод на книга што се занимава со она што е избришано и невидливо, наспроти интрузивното што секојдневно ни е пред очи. Движејќи се од дома до работа, од сите страни нè демнат фино костимизирани dicks on horses. Реално, години по нивното издигнување, илјадниците изданија од различни епохи тешко може да се сфатат поинаку освен како еден центарски circle jerk, од кои некои дури и ејакулираат пенеста вода. Токму поради ваквите гличеви што нè пречекуваат во реалноста, како и осуденоста да се сопостои во простор на бронзени и човечки гадинки на машкоста и нацијата, збогатувањето на мислата и фантазијата поврзани со сексуалноста и родот има непроценливо значење.
Несомнено, на повеќе нивоа, книгата на Малабу во македонскиот контекст отвора простор за филозофска, а не само за активистичка или вокабуларна артикулација на теми кои кај нас најчесто остануваат на маргините. Со воведувањето на прецизен и концептуално изострен дискурс за телото, уживањето и сексуалноста, книгата создава јазик за мислење на искуства што често остануваат неискажани. Таа не се ограничува на едноставното именување на премолченото, туку ја проблематизира и историјата на неговото бришење, амбивалентноста на видливоста и сложениот однос меѓу биолошкото и симболичкото. Преводот не е само културен настан, туку и интервенција во филозофскиот и јавниот дискурс, која овозможува нашиот јазик да стане место каде што овие прашања можат да се мислат низ сопствени поими, наместо да се преземаат исклучиво од други контексти. Книгата ни овозможува да се осмелиме да мислиме со клиторисот, односно – со уживање, кога умот и срцето докажано нѐ изневеруваат.
Гаранција за Избришаното уживање
Конечно, пред вас е книга чиј превод и уредување не се потпираа само на францускиот оригинал, туку беа внимателно споредувани и со англискиот и со хрватско-српскиот превод. Во тој повеќејазичен дијалог се настојуваше секоја реченица на македонски да биде попрецизна и поритмична. Истовремено, посебно внимание беше вложено во задржувањето на филозофските поими во нивната воспоставена употреба, онака како што тие се изучуваат во наставата по филозофија и како што се застапени во нашите филозофски речници, за да не се изгуби смислата на суптилните надоврзувања што Малабу ги прави кога само алудира на нив. За сето ова, и многу повеќе, му должиме на сестраниот преведувач на оваа книга – Дарко Леитнер-Стојанов. Како истражувач и историчар, тој изработи превод чувствителен на современиот локален контекст, кој ја задржува концептуалната прецизност и нуди заводливи креативни решенија.
Настрана преводот, гарантирам дека фасцинацијата со оваа книга трае долго. На крајот од примерокот на хрватско-српскиот превод што го имав пред години, оставив јасни упатства за тоа како по читањето таа да се предаде на следниот читател. Тогаш бев убедена дека таа не смее да остане само кај мене, туку постојано да патува – од човек до човек. И иако намерата беше текстот да циркулира, да отвора разговори и да продолжи да живее, патот на тој примерок заглави кај првата читателка, другарка ми Марија – личност која отсекогаш тврдеше дека нешто што најмногу мрази е да собира книги по дома. Сега потврдувам дека книгата е сè уште кај неа. Марија си ги погази и зборот и навиките, но тоа е добро, зашто знам дека иако книгата не прошета како што замислував, длабоко промени барем една личност, освен мене.
Оттогаш, едно не е сменето. Надежта што ја имам за книгава ми е иста: таа да стигне до што повеќе читател(к)и и да ги погоди толку силно што никако нема да можат да се разделат од неа.
„Избришаното уживање“ е третото издание на книжевната едиција за феминистичка теорија и литература на Тиииит! Инк., Vagina Dentata. Преводот од француски е на Дарко Леитнер-Стојанов.