Со години не сум се навратила на суштината, на моите длабоко интимни и најбазични истражувања. Не сум си споменала за времињата кои толку ми недостасуваат, за деновите што ги минував како Мери Бретон, Мери Сетон или Мери Кармајкл меѓу правливите рафтови на библиотеката истражувајќи и пишувајќи, [1] за тоа како крадев од ноќниот одмор за да го дочитам она што немаше да успеам да го стигнам во текот на денот. Ја подготвував докторската дисертација и ги истражував женското лудило и женската хистерија, кои се присутни како карактерен белег кај бројни женски ликови во англо-американската книжевност. [2] Како такви, доста радикално ги менуваат стереотипните поимања за лудилото и хистеријата единствено и само како медицински состојби или болести, со тоа што наметнуваат отворање нови (феминистички) интерпретации за лудилото како облик за подривање на општествените матрици. Овој карактерен белег може да се смета и како метод на една универзална женска борба и крик против животните неприлики, катадневните патења и машката доминација во слободните и демократски општества.
Ме интригираше ова општо женско „лудило“ (индуцирано, акутно и непостојано, или упорно) и сите психосоматски и психијатриски состојби како шизотипските растројства, паранојата, меланхолијата, биполарноста и клиничката депресија, кои се неразделен сегмент на самоуништувањето, автоагресијата и суицидалноста. Темелејќи ја мојата хипотеза на анализата на Илејн Шоволтер во Женската болест – жени, лудило и англиска култура 1830-1980, истражував како женското лудило може да се протолкува како алтернативна поетска реалност или состојба, односно како манифестација на женската дивина и бунт кои водат кон „будење“ преку пружање отпор и субверзивно подривање на доминантно машкиот систем.
Во овие месеци, кои се развлекоа во години истражување, копав и пребарував низ македонскиот книжевен корпус вдолж 20-тиот век и консултирав колеги македонисти во обид да детектирам траги на ваквото присуство и манифестација на оваа моја опсесија кај женските книжевни ликови во македонската литература од 20-тиот век. Нивната природа и дух на затвореност поради наметнатата замолченост и присилната вкалапеност во вековната, крута балканска рамка ми изгледаа различно од оние на женските ликови во англо-американската проза.
Еден докторски труд е претесен за анализа на плејада женски ликови, но сепак се најдов како размислувам за шареноликоста на нивните психички состојби која ми делуваше фасцинантно. Морфолошки гледано, овие книжевни жени немаат сериозни нарушувања на површината, но книжевноста, низ јазични филтри и сита, ја просејува оваа навидум стабилна морфологија. Тоа резултира во приказ на лепеза од невролошки состојби и психопатологии кои потоа физиолошки се манифестираат.
На ум ја имав и појдовната компонента дека книжевните женски ликови се творевина, сочинение на фикцијата и имагинацијата и не може да подлежат на серија медицински испитувања, ниту, пак, можеме да им направиме прецизен невропсихијатриски профил. Можеме да се обидеме да ги разбереме проучувајќи ги преку серијата фактори и констелации во кои се конституирани, а тоа се претпоставени историски, социо-економски, географски, политички и културолошки констелации и различните просторно-временски отсечки.
Токму поради ова разноличие се прашував зошто македонската книжевна жена е поинаква, поразлично скицирана од нејзините англосаксонски двојнички? Зошто македонската хероина ја дефинира подруг вид посебност или атипичност која не може да корелира со психолошкиот профил, на пример, на суицидалните мадам Бовари, госпоѓа Понтелје или Каренина, на „лудата жена од таванската соба“, Берта Рочестер или на меланхолично-депресивните Бланш Дубоа, Естер Гринвуд, Марија Вајет, Луси Вестерна… Истражувајќи, се најдов во една состојба на одобрување и разбирање. Се препознав себеси како се огледувам со различната македонска книжевна жена кај која постои една друга состојба, револуционерна на свој уникатен начин – преку приказот на нејзината стоичка истрајност, нескршливост, цврстината на менталното здравје и психичка издржливост, и покрај замолченоста и физичката скршеност (преработеноста, многудетноста, грижата за куќата, мажот и децата, работата на нивата, хранењето на добитокот…).
Се прашував зошто таа не можела да си го дозволи луксузот да „полуди“? Дали немала време на претек да размислува за сентименталности, живеејќи скромно без дадилки и прислужнички? Таа не одела на балетски претстави и опера, немала сопствен кројач, стилист и готвачка, немала „сопствена соба и 500 фунти“ кои би значеле финансиска и креативна слобода да твори и да се самоактуализира. Наместо тоа, таа има некој си Јон на глава и на плеќи кој ја замолчувал и ја терал да скока на една нога околу куќата или кујната во станчето од 50 м2 во кое живела со мажот, двете деца, свекрвата и свекорот, и деверот ерген. Нејзината неможност да „полуди“ и субверзивно да го подрие зацементираниот систем на машката доминација исто така се должи и на нејзината „враменост“ во просторот и времето, придружувана од веќе споменатите принудна замолченост, обезименост и немање идентитет, наметнати од балканскиот патријархат.
Па така, македонската книжевна жена низ 20-тиот век немала ниту време ниту, пак, реална можност да „полуди“. Потсетувајќи се на „Лудата жена од таванската соба“ на Гилберт и Губар, на „Женската болест“ на Шоволтер и ред други феминистички четива, одново си размислувам зошто и како „луксузот и привилегијата“ полудено да крикнат против патријархалното угнетување го имале и го „уживале“ ситуираните книжевни жени во англофонската, руската и француската книжевна традиција. Можеби тоа била задодевноста или можеби се должи на длабокиот емотивен патос, но, сепак, заеднички содржател за сите овие фасцинантни женски ликови се: можноста за (ако не солидно, барем некакво) образование, повисок општествен статус, финансиска извесност и спокој, удобна живеачка, патување и викендички на село, бал, коњички трки итн.
Македонската книжевна жена не се приклучува кон овој сеженски, книжевен отпор манифестиран во и преку „женско лудило“. Не постигнува, оти треба со две раце да си ископа пет гробови и самата во нив да ги положи и Ангеле, и Капинка, и Роса, и Здравко и Ѕвездан, и веднаш потоа да се врати назад на работата, на куќата, на мажот, и кога ќе ја прашаат: „Која беше?“ – Никоја. „Кај си била?“ – Никаде. „Што направи?“ – Ништо. [3] И замолчена, столчена, врамена, финансиски зависна, да продолжи да битисува под покривот на таткото, братот, мажот, синот.
Но дури и тивкото преживување на македонската жена како книжевен лик може да се разбере и толкува како еден вид „ненасилно, тивко, гандистичко пружање отпор“, [4] односно, суб-теза за тезата опстојувањето (и покрај сѐ) и нескршливоста (и покрај обидите да те скршат). Македонската пиреј-жена сепак се буди и одбива да биде „погребана покрај душoвадникот“, конечно ослободувајќи се од патријархалната доминација што целиот живот ја задушувала, замолчувала, ѝ го земала името, идентитетот, радоста и иднината.
Затоа, ослободувањето (читај „лудилото“) на македонскиот женски лик оди потешко од ослободувањето на англофонскиот женски книжевен сочинител. Во традиционалната рамка, тој е во костец со времето – македонската книжевна жена тешко се менува, таа дава некаква ронка надеж за ослободување, за етапно подривање на конформистичката рамка преку будење, суицидност, лудило; надеж дека има излез од „метафората на тишината“, но не трансгресира многу динамично или брзо, ниту, пак, суштински значајно и на некое повисоко ниво. Македонската книжевна жена ќе излезе од вековниот молк, враменоста и финансиската зависност само преку демонстративно излегување од „таванската соба“, од метафоричната кујна во која е затворена, а која ѝ ја зготвил балканскиот патријархат. Ова излегување треба да биде гласно, гневно, јавно и со доза на субверзивно лудило; рев кој ќе ја пробие вековната траорна тишина, придружен од силен афектен врисок кој ќе го прекине наметнатиот „завет за молчење“ и ќе пенетрира внатре, длабоко и жестоко во јадрото на традиционалното опкружување.
Овој мал, но значаен пробив е само почеток на процесот на трансформација на македонската книжевна хероина. Иако овој процес се чини како сизифовски труд, значајно е да се вреднува поместувањето кое полека води кон „субверзивно лудило“. Македонскиот женски лик од минатиот век иако е спречуван од патријархалната матрица во своите напори да се одважи на проактивност преку радикално лудило како начин на рушење на конформистичкиот систем, сепак покажува иницијатива и револуционерен дух кои се вредни за поздрав и почит. Секако дека надворешните констелации како битен фактор не смее да се релативизираат. Трансформацијата од (делумно) пасивен во (целосно) активен субјект ја става македонската книжевна жена во една позиција на ново и поинакво, пооптимистичко пречитување и преиспитување. Таа станува агенс, активен чинител на сопствената и индивидуална приказна, одвојувајќи се од колективната меморија на традиционалната, машка историја, рака под рака еднаква со своите раскошни двојнички од останатите книжевни традиции. Македонските книжевни пера од првите децении на дваесет и првиот век, како, на пример, ликовите од романите на Ирена Јорданова, креираат вокални женски ликови чие „лудило“ плени, маѓосува, подрива и влеваат надеж дека веќе се чекори храбро, брзо, одважно и одлучно и дека се разбива закоравената, застарена патријархалната матрица.
И јас длабоко и интимно си посакувам револуционерно и субверзивно да „полудам“ по теркот на книжевните хероини кои со години ги проучував, но од друга страна, поради рецидивот од општата балканска враменост, оваа моја желба е сѐ уште, за жал, само утопија. Ми доаѓа да полудам, како оние фасцинантни книжевни хероини од увезените книжевни традиции. Но како да полудам и да го менувам светот, како да освестувам и преиспитувам, да образувам, да наметнам став, да се спротивставам на нечии гледишта? Сакам, но го немам комфорот и луксузот на целото време на овој свет, оти ме чекаат купишта работа. Здравје, повеќе среќа утре, заедно со новите македонски книжевни хероини.
[1] Алузија на феминистичкиот есеј „Сопствена соба“ на Вирџинија Вулф.
[2] Овој текст се базира на заклучоци од докторска дисертација од 2016, публикувана како научна студија под наслов „Спекулум на лудата жена“, поддржана како проект од национален интерес од страна на Министерството за култура, а во издание на книгоиздателство „Икона“ Скопје, 2023.
[3] Андреевски, П. М. (1980/2010). Пиреј. Три: Скопје.
[4] Срцева-Павловска, Т. (2018). Спекулум на лудата жена. Икона: Скопје.
Есејот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).