Првпат присуствувам на отварањето на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола и чувството е по малку како да сум „падобранец“ на забава кај популарните дечки од средно. Со девојка ми сум, возбудени сме, и истовремено нелагодно претрчуваме по црвениот тепих, покрај фоторепортерите. Не ми е блиска филмската фела. Уште не влезена, ме уморува церемонијалноста, но наоѓам задоволство во перформативниот труд на дотераните славни и неславни гости.
Дојдени сме да го гледаме Скејтањето не е за девојчиња, новиот филм на режисерката Дина Дума што треба да го отвори фестивалот, но мораме да бидеме стрпливи. Додека го проследуваме џез оркестарот кој свири антологиски песни од „блокбастер“ филмови меѓу свирачите и дувачите на тромбони, труби и саксофони, нема ниту една жена. „Жените можат да изгураат бебиња, ама дијафрагмата очигледно не им е доволно јака за дувачки инструменти“, на смеа коментира Стеф. „Изгледа ни свирењето не е за девојчиња“, ѝ дофрлам кога во салата се појавува женски хор, а јас се прашувам дали секогаш мора да бидам ваков смор. Можда и не морам. Од самопрекорот ме спасуваат уште процедуралности. Следуваат награди за великаните на филмската камера врачени од највисоките „ешалони”. На платното се редат измонтирани снимки од херојски подвизи што сакаме да веруваме дека го движат човештвото напред или такви што ја тестираат телесната и менталната издржливост.
Затоа, час и половина подоцна, кога по три обиди и три најавни шпици конечно им успева да го пуштат филмот на Дина, а првиот кадар го отвара младата Ромка Адела која лизга со скејтот од едниот до другиот раб на платното, се збунувам, очекувам нешто друго, филмот глича среде помпезниот фестивалски спектакл.
Скејтањето не е за девојчиња ја следи приказната на три генерации Ромки во Шутка: Есма (Симонида Селимовиќ), ревносна и снаодлива жена, мајка на адолесцентката Зара (Џефрина Јашари) и помладата Адела (Ефќар Абаз) – скејтерката. Пред да стане извесно дека татко им кој заминал на печалба во Швајцарија нема да се врати ниту да им прати пари, Зара се занимава со своите љубовни маки, а Адела наоѓа утеха од школскиот булинг во слободата што ѝ ја дава скејтањето. Сѐ до моментот кога семејната ситуација толку се влошува, што останува само едно „чаре“: спогодбена мажачка за сѐ уште малолетната ќерка. Разлутена и тажна онолку колку што е тврдоглава, Адела решава да победи на натпреварот по скејтање за да ги подмири семејните долгови и да ја спаси сестра си. Иако самата идеја е детски наивна, со напорот што деноноќно го вложува во усовршување на потезите паралелно го изодува мачниот пат на созревањето што не може да се заобиколи. Особено не во Шутка. Особено не како девојка.
Во неполн час и половина, Скејтањето не е за девојчиња нѐ втурнува во вртлог од социјални неправди и преку ноќ напуштени детски соништа. А сепак, и покрај сериозната тематика, филмот зрачи ведрина. Не мислам на онаа ведрина со која типично е окарактеризиран ромскиот дух, на она „удри бригу на весеље“. Дума внимателно ја избегнува и траорноста и карикатуралноста на ромската заедница, одбивајќи да ја сведе на едното или другото, движејќи се храбро некаде низ и помеѓу. Верувам дека за успехот се заслужни консултациите со самите Ром(к)и со кои го читала и прецизирала сценариото, одлуката да се биде со луѓето во Шутка, да се снима во нечиј вистински дом, да се работи со натуршчици и да се остави простор за импровизација и непосредност, за приказната да може да дише и да се раскаже самата на јазикот на којшто му припаѓа, да се одомаќини одвнатре, и покрај надворешното око.
Пред сѐ, филмот на грб го носат жените. Откако на сцената во Културниот центар продефилираа толку успешни мажи, искрено ме одмори тоа што во филмот на Дина речиси и да ги нема. Дури и оние спомнатите, фигурираат во нивното отсуство или напросто не ги биваше за ништо: таткото што заминува во потрага по подобар живот, оставајќи го семејството на цедило, починатиот чичко, кого жена му (тетка им) го испраќа во задгробниот живот кастриран, без вилица, незаинтересираниот татко на другарка ѝ кој не сака да ѝ помогне на Адела, дечкото на Зара кој во клучен момент ја извисува, насамарениот младоженец, натепаниот соученик… Допри и расипи, растури и остави, мажите се тука да направат штета што жените потоа мора да ја поправат: да завршат работа, да изнајдат решение, да си го избришат образот и да продолжат со крената глава ако не успеале.
Уште во дебитантскиот долгометражен филм Сестри, Дина е фасцинирана од сестринството, од сестрата како фигура на довереничка и заштитничка, наспроти обременетиот однос на мајката и ќерката, фигура која притоа не секогаш поаѓа од крвно сродство. Во Скејтањето не е за девојчиња, ги имаме двете сестри, но ги имаме и мајките, ќерките, тетките, сосетките и другарките меѓу кои се бришат линиите на невидливата хиерархија. Сите за една, една за сите, гласи сестринскиот код. „Што? Да си заминам и да ги оставам моите?“, Зара реторички го прашува типот со кого се гледа кога тој ѝ предлага да избегаат. Но за Зара и жените околу неа да се сподели маката е поважно отколку да се замине за да се спаси сопствената глава. Ние жените во публиката знаеме дека го немаме тој луксуз.
Да се остане значи да се биде тука кога сестра ти ќе се најде во неволја. “Joy” (радост) – ѝ читаме на дреч зелената маичка на Есма, додека седи гушната со Зара и Адела во претпоследниот кадар од филмот, иако на крајот работите сѐ можеби уште позамрсени за трите протагонистки отколку на почетокот. Дина одбива да ги одмота со некаков утописки крај или мрачна разрешница, но остава радоста да вирее и на најнеизвесните места. Суровоста се храни од самотијата, па ако Скејтањето не е за девојчиња нѐ учи на нешто, тоа е дека животот продолжува без да прашува, но меѓусебното сведочење и присуство го прават поподнослив за живеење.
Едвај чекам филмот да почне редовно да се прикажува во кино салите. Едвај чекам да стигне до девојките и жените, до сестрите. До оние кои како Ефќар, која вечерта првпат беше во кино сала, ќе можат да си ги препознаат соништата и стравовите на големото платно. „Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави приказни“, рече директорот на фестивалот во својот говор. Не знам дали Скејтањето не е за девојчиња е убава приказна, но додека аплаудиравме, ги помислив оние присутни (од високите политички ешалони) кои барем тој саат и половина го сведочеа животот на оние чии приказни другите денови од годината радо би заборавиле дека се толку блиску до нас. И просто уживајќи, заборавив на сите процедуралности.