Додека Деметра плачела по својата грабната ќерка, пред неа се појавила старицата Баубо (интерпретирана и како персонифицирана вулва) и што мислите, што и (по)кажала што божицата одеднаш се сепнала, па потоа прснала да се смее?
Не се сеќавам точно каде митот за Деметра и Баубо беше баш вака сведен, но според Жорж Деверо, додека божицата тагувала и одбивала секаква утеха токму старицата и нејзиниот арсенал (веројатно исклучително вулгарни) гестикулации и шеги успевале да ја насмеат и наведат да јаде и пие. Односно, да преживее.
А, со каков арсенал шеги и гестикулации располага лик кој истовремено е и персонифицирана вулва, но и каква е нивната моќ да (ве) изненадат и покренат во момент на потполна безнадежност оставам на вашата фантазија.
Не можев да се ослободам од оваа приказна кога размислував како да го почнам текстот посветен на графичкиот роман „Везење“ од Марџан Сатрапи кој пред неколку месеци го објави „Бункер“, а (одлично) го преведе Јоана Хаџи Лега Христоска.
„Озборувањето на другите е луфтирање на срцето“, вели баба ѝ на Сатрапи. Овој исклучителен графички роман е приказна за неколку жени кои по неделните ручеци, кога мажите одат да дремнат, а жените раскреваат (колку ретроградно), ставаат чај во самовар и „си го луфтираат срцето“ (колку забавно и субверзивно во најава).
Романот почнува исклучително конзервативно и благо иронично: „Баба ми го викаше дедо ми Сатрапи, никогаш по име. Велеше дека сопругот треба да се почитува“, но веднаш потоа тотално ве изненадува: „Баба ми беше зависна од опиум. Докторот и имаше кажано да го зима за да ги ублажи болките (така барем велеше таа). И кога се будеше пред да го земе, расположението честопати ѝ беше за никаде, ама тоа никогаш не траеше долго.“

Низ разговорите на жените, комотно сокриени од ригидниот патријархат, низ многу смеење, малку плачење, во простор кој е безбеден за присутните (а не толку за озборуваните отсутни 😀) се ослободува од срамот и инхибициите и често се отвараат исклучително тешки социјални теми (и лични трагедии) како принудните бракови (на само 13 години), митот за невиноста и неговата бизарност (за волја на вистината и неколкуте начини да се камуфлира отсуството на невиност), но и теми кои се постојано и секаде актуелни, како на пример односите на моќ во личните релации и семејствата, (дис)функционалните бракови, врските со оженетиот маж (особено „анализата“ на предностите на таква релација), изневерувањата… и слични вечно актуелни табуа.


Не изостанува и темата на пластичната хирургија…

Мајсторството на Сатрапи е низ лесен и близок јазик и контекст да ве заведе, да ве насмее и така опуштени да ве истури во исклучително тажна приказна како таа за принудниот брак на 13 годишно девојче со 69 годишен старец.

Женскиот микрокосмос кој го создава и на кој се сеќава Сатрапи, сместен во соба во раните деведесетти години, ги исмева и превртува односите на моќ, но и во прв план ја става издржливоста и храброста на иранските жени, а на читателот на романот денес, му покажува каква е таа енергија која со децении тлее, се опира и пркоси, но и ја носи моќта со која ги предводеше протестите во 2022 година.