Да не беше Елизабет Фрејзер веројатно немаше да отидам на концертот на Massive Аttack. Во жешките денови исполнети со апатија и недоверба кон сѐ што се случува во светот кој е мој дом, минатото лето потпора ми беше нејзиниот глас во заедничката песна со Џеф Бакли, All flowers in time bend towards the sun. Во саботата на стадионот на АРМ (замислете, во Скопје!) со свои очи ја видов Елизабет Фрејзер и со свои уши го слушнав нејзиниот глас: прекрасен, волшебно-лебдечки, ангелски. Застана пред мене на сцената осветлена само од едно светло, облечена целата во црно, како ангел на смртта.
Како да го опишам моето доживување на концертот на Massive Аttack освен како најинтензивното нешто што сум го искусила? Штом започнаа да течат кодовите и написите на видео бимот зад сцената, ме преплавија чувства на надоаѓачка апокалипса – како да ја гледам одјавната шпица пред крајот на светот. Чувствата на егзистенцијална криза беа неминовни штом пред мене во пишана форма се појавија прашањата кои и онака секој ден ми се вртат низ глава: Дали е ова реалноста? Дали е ова сон? Дали сум важна? Дали постои избор? Дали припаѓам? Смеам ли да се плашам? Избраните видеа, слики и ефекти, како и начинот на кој беа презентирани во спој со музиката на Massive Аttack за мене беше слично, по интензитет, на гледање на филм од Дејвид Линч. Уметниците мора да се во дослух со душата (а на душата не ѝ е сеедно кога сведочи страдање). Уметноста не смее да бега од реалноста, туку баш напротив, да нѐ соочува со таа реалност. Стаписано соочена со стварноста, се борев со нагонот да сликам сѐ, за сѐ да запаметам.
За време на концертот мојот ум беше преплавен од напрегнатите слики и звуци, така што постојано бев на раб на солзи, ама не можев да плачам. Ми се вриштеше, но не можев да вриснам. Налик чувството додека го гледам The Lost Highway или Mulholland Drive. Емоциите струјат, брзо се испревртуваат во телото, сѐ додека не ме обземе комплетен мир. Но тоа не е мир што произлегол од исклучување на телефонот или преправање дека светот надвор од мене не постои. Тоа е мир што произлегува од соочување со реалноста – со геноцидот и бескрајната смрт во Палестина, со фашизмот на Израел, Трамп и Путин – реалноста онаква каква што е денес, без да го тргнеме погледот, без да продолжиме со денот имајќи ја привилегијата стварноста да не нѐ вознемири или да не ни го попречи индивидуализираниот ритуал на „грижа за себе“. Напротив, тоа е мир што доаѓа од (не)прифаќање на реалноста и акумулирање на надеж, во контакт со луѓе кои исто така се грижат и одбиваат да молчат. Радост додека се веат палестински знамиња, додека сите скандираме Free, free Palestine… Тоа е истата форма на радост на која се темелат филмовите на Линч: лудизам, игра, транс. Пред нас течеа слики од фабрики за оружје, од нацистички марш во Германија, од страдањето во Газа, од војната во Украина…А ние продолжувавме да танцуваме. Да се соочиш со злото во светот и да продолжиш да танцуваш додека болката и нелагодноста струјат низ тебе. И тоа е отпор. Тоа е Massive Аttack.
За жал, постои мислењето дека уметноста води исклучиво кон задоволство и забава, па очекуваме дека кога ќе отидеме на концерт, во тие два саати ќе се растопат сите невољи на светот кој нѐ опкружува. Уметноста, а особено музиката, го има потенцијалот да ги обединува луѓето, а во овој гнил 21-ви век, за што попрво би требало да се обединат луѓето ако не во борба против неофашизмот? Соочени со Роберт дел Наја и неговата блуза со напис ,,Произведено во Газа‘‘ и одбројувањата на убиени деца во еден ден во Газа на бимот, одеднаш апатијата се чини неприфатлива. ,,Можеби сите теории на заговор се само заговори‘‘ и ,,Сомнежот е друг вид на контрола‘‘ пишуваше на бимот. Можеби апатијата произлегува од сомнежот, кој единствено се надминува со заедничарење, онакво какво што доживеавме на концертот на Massive Attack, коешто влева надеж која води кон бунт.
На оние кои велат дека концертот беше премногу политизиран, може само да ги потсетиме дека сѐ е политичко. Да се има огромен пристап до луѓето и да не се искористи таа платформа за побуна против фашизмот е молк што му годи на и го засилува истиот тој фашизам. Можеби концертот на Massive Attack нема да ги спречи Велика Британија и САД да извезуваат оружје во Израел. И можеби ставот кој го зазедоа членовите на Massive Attack не е и ништо друго освен човечност, но уметноста мора да е пред сѐ човечна.