Залезот на летото го носеше почетокот на мојата 29-та година. Ќе речат последна година како млад човек, ама забораваат дека во земјава сѐ доцни, па и младоста. Тортата, во склад со последната капиталистичка носталгија, е Барби. Кога нема што, се цица од старите добри времиња. Читај: несвесни.
Стигнува тортата и облечени во брза, носталгична мода, екоумни и сиромашни, се сликаме со свеќичките кои светат во темната непредвидливост на иднината. Ги гледам моите пријатели и барам желба за замислување, да не бидат свеќичките за џабе. Немам некои желби, одамна се чувствувам празно. Дали да си посакам барем уште едно безгрижно hot girl summer?
Што е hot girl summer? Со скролање на Инста и на ТикТок, кликање на многу линкови од разни интернетпортали за поп-култура, па и листање на некои броеви од печатени списанија кои чудесно живуркаат, може да се најдат безброј дефиниции за значењето на овој израз. Но, истовремено, секој може да си има своја дефиниција за hot girl summer и таа да биде точна, во склад со какофоничната реалност. Фактите се непостоечки.
За мене hot girl summer e фрагмент од безгрижноста што ја носеше летниот распуст. Сега е возможен ако работиш прекувремено, без викенди, па спојуваш денови, ем за да се одмориш ем за да не липсаш и да останеш жив/а.
Тој фрагмент од безгрижно лето мириса на вжештен асфалт кој испарува по прскање со црево, на растопен сладолед и крв од изгребани колена.
Во едно такво лето, од сабајле до вечер играв со барбики со другарка од маало. Нејзината барбика имаше сѐ Барби – кола, куќа, фустанчиња и штикли, а мојата беше ексцентрична Барби. Екцентричната Барби имаше виолетова четка фризура, што ја обоив со мојот прв маркер за тагирање (бев раперка). Мојата барбика немаше соодветна Барби-облека – туку мини toxic-шалвари што ги сошив од парталчињата што останаа откако мајка ми ги скрати бидејќи ми беа предолги. Носеше и фустани, сошиени од мене, во деновите кога баба ми ми даваше да шијам бидејќи не се верски празници.
Или како она безгрижно лето 2001, кога првпат мајка ми и тетка ми ме однесоа во Охрид, иако имаше пукотници. Истото лето, кога излезени на улица да си играме, со децата од маало правевме најшик кореографии на хитот на неделата што вртеше по радијата. Не ги биравме ние. Песната доаѓаше од стар вокмен, звукот имаше ужасен квалитет. Беше преснимана од радио и одвреме-навреме испрекината од џинглови. Ја нарачавме преку SMS и замоливме да не се пуштаат џинглови зашто ќе ја преснимуваме. Ги пуштија ко за инает. Џингловите не влијаеа на чекорите. Песната нонстоп се врти, ја знаевме во сон.
Горе глава земјо вековна
после дождот сонце изгрева
туѓа рака граблива
нема сила да те совлада
Toa го пееја македонските поп-ѕвезди, додека ги мрдавме колковите a la Шакира. Внесена во танцот, видов како Фатиме немо ѕирка зад живата ограда на нејзиниот двор. Тажна, скришум гледаше како се клатиме. Претходно мајка ѝ дојде и ја одвлечка дома, не ѝ даваше да игра. Не беше фер што Фатиме не може да игра на кореографијата. Отидовме кај неа пред куќа и почнавме да ја викаме да дојде да играме жмурка. Мајка ѝ сфати дека со нас разбирачка нема и ја пушти.
Сакам уште едно безгрижно лето, како кога отидов на поседок во Битола кај мојата BFF и во недостаток на базен, наизменично се прскавме со една пластична пушка на вода, заборавена играчка на нејзиниот внук, преправајќи се дека сме Антифашистички фронт на жени (АФЖ).
Или кога со истата BFF решивме да го повториме традиционалниот викенд во Охрид кој се чинеше дека станува попроколнат и попроколнат од година во година, поради веројатни и неверојатни логистички апсурди. Тогаш, кога единствено се грижев за свежо издепилираните препони и многубројните поткожни влакна. Слушнав дека некоја типка стиснала поткожно влакно на плажа и поради недоволна дезинфекција, раната се инфицирала и таа останала неподвижна. Мојот хроничен стрес се претвори во подмолно гласче, па нонстоп погледував накај препоните поткревајќи ги бикините, привлекувајќи чудни погледи од присутните. По неколку менувања купачи во услови на невротична хипохондрија која резултираше со стопена маст и флеки насекаде, спротивно на Марго Роби, јас сакав да сум Стереотипична Барби. Ете, такво hot girl summer.
Низ многу сесии тарот, дното на најверојатно многубројни коктел-чаши, подиуми и кратки патувања до вода или зеленило, друштвото го бараше прекинувачот за клетоста и враќањето на тие исклучиво важни години од младоста што ни беа одземени. Но, се чинеше дека никаде ги нема.
По изолацијата почна војна, високи цени, бескрајна работа од дома, па од лето во лето наместо забава, добивме некоја летна магла со војни, инфлации, ситни хонорари и претрупaност од работа. Слободата не дојде со трескот, туку со ѕвечкање на ситни монети при крајот на месецот.
Ги гледам моите пријатели пред да ги дувнам свеќичките и кај сите го забележувам уплавот од неизвесноста скриен зад насмевката. Мојот близок круг на пријатели одамна не е ист. Некои од нив се преселија, па сега кругот е полн со познаници од пошироки друштва кои останале сами.
Се чини дека високата кирија на луксузно уредените станови во југословенска естетика ги втурнува во барем две работни места. За Tinder-авантурите не ни почнувам муабет. Прво почнува смешно, со кикотење и прераскажување шашави анегдоти, ама сѐ се завршува со тивка воздишка и сфаќање дека спас нема.
Ги гледам моите пријатели пред да ги дувнам свеќичките и ги гледам моите сингл другари и другарки што не можат да се порадуваат на своите љубови. Да се биде геј во Скопје? Страшно. Некои не ни зборуваат, а некои кога зборуваат, се отвора една трагикомична бездна. И паѓаме во неа сите присутни, без да знаеме дали е подобро да нѐ проголта сега и тука, или да бараме чаре. Секогаш се тука и Grinder-анегдотите и дијалозите кои совршено го отсликуваат безнадежниот дух на времето како: „Heii, mi iskoci deka si vo blizina, sto pravis? Heiii, eve shetkam. Kade shetkas tuka? U centar, pred soborna“, или фактот дека додека се случуваше ова луцидно допишување, седевме во кујната во станот карши Соборен храм и слушавме како на собирот оди песната „Молитва“ испеана од Виолета Томовска:
Нека расне, о боже, родот убав мој
златен дожд од мудрост долго нека пие
нека биде, о боже, вечен родот мој
нека е што не сме ние
Ем род ко род, ти текнува, ем да не биде ко нив? Светот го врти бизарна смисла за хумор.
Ги гледам моите пријатели и нивните лица, па точно на полноќ, пред да ги дувнам свеќичките на тортата, ми текнува на еден факт од истражување. Ко да сум улава, факт што ме прогонува откако го прочитав. На залезот на младоста, наместо чудовишта, под креветот има страшни факти од општествено-социјални истражувања. „Ивана, шо му се дешава на луѓето?“, често вели BFF.
Освен во Counter Strike, земјава e европски шампион во ксенофобијa, хомофобијa и теории на заговор, и е една од оние што имаат најголем сомнеж во луѓето. Во најголем процент (22,3%) испитаниците сметаат дека секогаш треба да си претпазлив со другите луѓе. Како да просперираш, не, ајде, како да живееш во околина која не ти верува?
Од каде се почнува кога основата е комплетна апатија и злобна сомничавост? Да се биде во врска во Скопје? Страшно.
Ми текнува и на еден текст, според кој живееме во „средно жалосна ера“, или mid ера. Достапноста што ја овозможи интернетот и доцниот капитализам ги банализираат кризите со кои се соочуваме, па угушени сме во сензационалистички информации. Сево ова буди нихилизам, што прави времето во коешто живееме да е „средно жалосно“, иако е ученички пример за потреба од промена и револуционерна уметност. Од средно жалосно најтешко се бега. Удоле длабоко, угоре високо – журката е mid и сардисана од сите страни. Но, со Барби торта.
Ги погледнувам моите пријатели и ги затворам очите. Ги дувам свеќичките и посакувам силни пријателства кои не се растрошуваат, единствено безбедно засолниште во средно жалосна ера, која кога ја живееш – трае вечно и не е тренд што носталгично се враќа секои 20 години.