колаж: Стефанија Арсовска
На церемонијата од бракосочинувачки тип, убедени во вечноста и длабочината на нивната љубов, за време на свеченото дефиле, младоженецот не умееше да ја препознае идната сопруга во толпата гости од мажи, жени и недораснати. Таа толку многу го посакуваше она што го посакуваат сите генерации, што заборави да го изгаси шпоретот после загревањето на ручекот од вчера, кој по функција постана доручек денес. Сите толку многу се плашеа дека тој ќе ја избере погрешната сопатничка, што групно замреа во исчекување да се формира следната средностатистичка фамилија. За свадбен поклон, секој мораше да носи по една жаба сразмерно на среќата душевна на младоженците, онолку колку што еден човек може да осеќа среќа за друга индивидуа. Некои оставаа полноглавци, некои вина, но не се криви што спектакуларно не сорадуваа.
Чекалната се преполни со жаби и луѓе што го означи почетокот на пребарувањето. Никој не ја сети театралната договореност, взаемното ракување и негласното себеизмамување. Во таа атмосфера прозвуче со своето скромно ехо еден пар „да“ кое проби низ градни коша 52, ушни школки 17 и една долгорочна меморија!
Младоженецот беше постар, русо-проседен, свежо бричен и долгорочно вработен, кој отсекогаш знаел што сака дури и кога постојано менувал струка. На нивната прва романтична средба, на зајдисонце, на најубавата трева, после 30-тата минута од запознавањето, тој пројави длабока загриженост на нејзината искрена дилема кој факултет да го запише и несигурноста што сака со, од и во животот. Се заинтересира дали е таква во сите области од своето постоење? Можеби во тој момент, на тоа жарко зајдисонце, тој си го замисли точно денешниов тип на церемонијална прослава, и се уплаши дека ако продолжи, т.е. ако одлучи, спонтано да се заљубува во идејата да бидат засекогаш-секогаш заедно, дали би сакал половината од неговата човечност да биде неодлучната Климентина?
Но, веќе следната минута му ја одвеа потта и грижата, таа пројави самоиницијатива и нарача побрзо од него ладно капучино, а на прашањето што прозвучи на темата „омилени музички жанрови“, таа имаше спремно име и презиме со српска наставка што му ги одложи тмурните мисли, до понатака, кога нивните интереси нема да бидат само негови.
Сега за сега, во тацната за подароци седеше голема, пегаста, зелено-кафенкаста жаба и крекаше громогласно за да ја пронајде својата зелено-сродна душа, што ќе го избере со намигнување штом го слушна. И ќе го проведат остатокот од следните неколку дена натрлувајќи ги брачните плускавци, во прегратка нежна.
Но човековиот свет е извитоперен, тој ја избра Климентина меѓу сите убавици, ја избра заради идеалниот сооднос на тоновите меѓу нејзините темнозелени очи и лососово-розови образи од постарата колекција руменила на Хајли Бибер, која не смееше да се пропушти, од 25 долари на туристичко пазарење, без предолго барање, со големо ветување за избраност и сопружност, со претплатена благодарност, без некоја еколошка одговорност, Климентина беше пасивна самка и ја немаше привилегијата на една зелена жаба.
Само откако беше прашана, беше решена дека нејзината половина човечност е овој светол русокос, неговата радост постана нивна, така се зедоа Ристе и Климентина.