Сузан Грин е случајно бремена на 45 години. Сузан Грин држи секогaш сè под контрола и ништо не се случува „случајно“, ниту „изненадувачки“. Одеднаш мајка ѝ умира и на нејзино огромно изненадување, целиот имот му го остава на синот. Сузан Грин ја губи контролата.
Целиот комплициран сплет на околности и контрадикторни емоции кои се појавуваат во романот „Кактус“ на Сара Хејвуд, кој го објави Полица, а одлично го преведе Ивана Балоска го сведов на овој едноставен вовед.
Кратко откако говорот на една изложба ме натера да размислам каде сум јас на скалата помеѓу „ужасната од крајното комерцијализирање на уметноста“ наспроти ставот на Славој Жижек дека комерцијалната уметност е лакмус за анализа на општествените политики и идеологии. Всушност и самиот раскажа како „бегал“ за оставен на мир да гледа блокбастери и да ги лови идеолошките линии кон кои тежнее Холивуд, односно западниот либерализам.
Ова ми се виде како соодветна дилема бидејќи „Кактус“ ја открив на Инстаграм и тоа по препорака на актерката Рис Витерспун и како најава за краткометражна серија која Нетфликс планира да ја продуцира.
Покомерцијално од ова веројатно не можеше да биде, но и дополнително соодветно при анализата на ликот на Сузан Грин, чиј отпор и шарм лежат во потполното игнорирање на општествените правила (на комерцијалата) но и на прифатениот и очекуван бунт на тие правила (сепак некако предвидлив, но „дозволен“ отпор). Сузан во извесни моменти потполно ги игнорира предрасудите и на тој начин е четири чекори пред најхрабрите феминистки.
Сузан никому не се објаснува и не бара потврда, за неа предрасудите и мислењата на околината суштински не постојат како проблем и притисок. Не ги зема предвид.
Во некои мигови остава впечаток дека дури и никогаш не чула за нив.
Таа има други посериозни проблеми.
„Кактус“, бидувајќи и бестселер на Њујорк тајмс е дел од комерцијалната уметност, и секако е очекувано допадлив и пресметано возбудлив. Фактот што чувствувате каков ќе биде крајот или барем предвидувате две насоки во кои може дa се развие не го намалува уживањето во читањето. Тоа во контекстов не го прави помалку субверзивен. Можеби токму тоа го прави дополнително субверзивен.
Ставот со кој Сузан се движи низ животот нѐ потсетува дека најцврстите империи сепак се создаваат и репродуцираат во нашата свест, но и таму првенствено се соборуваат. А, според Серван: „Во меките влакна на мозокот се создава несоборливиот темел на најцврстите империи“. И дека, ако таму ги снема, на ваша среќа, сте завршиле со нив. Сузан прави тоа да изгледа прилично едноставно.
Фотографија: Fluorescent Cacti and Leaf Sculptures, Nobel Truong — Colossal