(наслов на оригиналот: “The Carrier Bag Theory of Fiction”, Ursula K. Le Guin, 1986)
Во умерените и тропските предели каде се чини дека хуманоидите еволуирале во човечки суштества, исхраната им се основала на зеленчук. Во Палеолитот, Неолитот и праисторијата, шеесет и пет до осумдесет проценти од она што луѓето го јаделе во овие предели било собрано – само во екстремниот Арктик главна храна било месото. Ловците на мамути се славно митологизирани и во пештерските цртежи и во нашата имагинација, но за да преживееме и да се здебелиме всушност сме морале да собираме семиња, корени, никулци, ластари, лисја, јаткасти плодови, бобинки, овошје и зрна, а за да си го зголемиме внесот на протеини, сме додавале бубачки и мекотели, сме поставувале стапици за птици, риби, стаорци, зајци и други небивнести животинки. [1] Ова не било воопшто тешко да се изведе; изискувало далеку помал напор од трудот на селаните што робувале на туѓа нива по настанокот на земјоделието и трудот на платените работници од зачетокот на цивилизацијата. Просечниот праисториски човек можел пристојно да заработи со околу петнаесет работни часа неделно.
Петнаесетчасовна работна недела остава многу време и за други работи. Имале толку многу слободно време, што најнеуморните меѓу нив – оние кои немале бебе за да им го заживее секојдневието, или не биле вешти готвачи, пеачи, мајстори, или не биле окупирани од интересни мисли – решиле да се зафатат со ловење мамути. Вештите ловци се враќале со огромен товар месо, многу слонова коска и едно чудо за раскажување. Месото не било највпечатливиот дел од ловот, туку приказната.
Тешко е да се раскаже вистински незаборавна приказна за тоа како сум чистела лушпи од диво овесно семе, семка по семка, една по друга по трета, па како сум се чешала по убодите од комарци, па како Ул кажал нешто смешно, па потоа сме отишле до потокот и сме се испијаниле, па сме набљудувале дождовници и сме наишле на уште една овесна нива… Воопшто не се споредува со приказната за тоа како сум забила копје во титанското и влакнесто бедро, додека Уб врескал набиен на огромен биван и крвта бликала во румени порои. Па, како мамутот го згмечил Буб како желе, откако мојата стрела прецизно го погодила директно во окото и му го пробила мозокот.
Оваа приказна не само што има Акција, туку има и Херој. Хероите се моќни. Дури трепнеме, и мажите и жените во нивата со див овес и нивните деца, и вештините на вештите, и мислите на мислителите, и песните на пејачите стануваат дел од таа приказна, силно нагмечени во наративната утроба посветена на Херојот. Но тоа не е нивна приказна, туку негова.
Кога Вирџинија Вулф ја планирала книгата Три Гвинеи, во нејзината тетратка почнала да работи на „Поимник“ со кој сакала да го преобмисли англискиот јазик за да раскаже една поинаква приказна. Еден од записите во поимникот е и терминот ‘хероизам’, кој го дефинирала како ‘ботулизам’. [2] Зборот ‘херој’ во речникот на Вулф е заменет со ‘шише’, па според ваквата строга реевалуација, херојот се гледа како шише. Она што јас, пак, сега го предлагам е да го гледаме шишето како херој.
Не шишето како шише со џин или вино, туку шише во посуштинска смисла на зборот; шишето како сад, или нешто што содржи нешто друго.
Ако немате во што да ја ставите храната, ќе ви се лизне од рацете – дури и да е нешто сосема неборбено и неснаодливо, како на пример, овесот. Кога сте гладни и додека ви е при рака ќе си го наполните елементарниот сад – стомакот – колку што можете повеќе. Но, што кога утре наутро ќе се разбудите, надвор е студено и врне и ќе ви текне дека ќе беше добро да имате некоја шака овес за каснување и малку за Ум за да ја заќутите? Арно ама, како да пренесете повеќе од еден мев и грст овес до дома? Затоа, по дождот, станувате и одите во пустата влажна овесна бавча и сфаќате колку би било фино да имате нешто во кое ќе можете да го сместите бебето У-у за да го соберете овесот со двете раце. Некаков лист, тиква, лушпа, мрежа, торба, носилка, вреќа, шише, саксија, кутија, сад. Држач. Примател.
Првата културна алатка веројатно била еден вид на примател… Многумина теоретичари сметаат дека најраните културни пронајдоци несомнено биле садови за чување собрани производи и некој вид на носилка или мрежаст преносител.
Така вели Елизабет Фишер во Изум на жените (McGraw-Hill, 1975). Ама, не, ова не е можно. Каде e тој блескав, голем, долг и тежок – всушност, мислам дека беше коска – со која човеколикиот мајмун првпат удира по некого во филмот, па потоа грофта во екстаза што го извршил првото прoписно убиство, па ја фрла коската кон небото? И така, додека си се врти лебдечката коска таму во небесата, се претвора во вселенски брод што се пробива низ космосот за да го оплоди, и на крајот од филмот да изроди еден прекрасен фетус – момче се разбира – кое лебди во Млечниот пат без (за чудо) никаква утроба или матка. Не знам, а и не ми е ни гајле. Не ја раскажувам таа приказна. Доволно сме се изнаслушале за стапови, копја и мечеви; за нешта со кои се лупа, боде и удира, за долги и тешки нешта. Ама не сме слушнале за она во кое се ставаат нештата, за садот што ги содржи овие нешта. Тоа е веќе нова приказна. Тоа се вести.
Ама сепак стари вести. Еднаш одамна – кога ќе размислите подобро, многу многу одамна – пред создавањето на оружјето, таа подоцнежна, луксузна и излишна алатка; пред полезните нож и секира; но, истовремено со незаменливите јарем, мелница и копач – бидејќи што ќе ви се купишта компири ако немате во што да ги вратите неизедените дома – и истовремено со алатот што ја истиснува енергијата нанадвор, сме создале алат што ја носи енергијата дома. Ова ми има смисла. Јас сум приврзаничка на еволутивната теорија на Фишер што таа ја нарекува Теоријата на торбата.
Оваа теорија не само што објаснува и избегнува широки области на теоретска нејасност и безмисленост (во кои виреат тигри, лисици и други силно територијални цицачи) туку, мене лично, како никогаш претходно, ме закотвува во концептот за човековата култура. Јас не сакав да бидам дел од култура за која претходно ми беше кажано дека потекнува од и се надоградува врз употребата на долги, тврди предмети за набивање, удирање и убивање. („Она што Фројд го помешал со нецивилизираност кај жената, всушност бил нејзиниот недостаток на лојалност кон цивилизацијата“, забележува Лилијан Смит.) Општеството, цивилизацијата за која зборувале овие теоретичари била очигледно во нивна сопственост. Ја поседувале и таква им се допаѓала. Дури кршеле, набивале, туркале и убивале, тие биле олицетворение на она што се поимало како човек, во целосната смисла на зборот. Сакајќи и јас да бидам човек, почнав да трагам по докази дека сум. Но ако бидувањето човек подразбира да направам оружје со кое ќе мора да убивам, тогаш или сум крајно дефектна или воопшто не сум човек.
Така е, ми потврдија. Ти си жена. Човек, можеби воопшто не си, ама со сигурност си дефектна. Сега ќути додека ја раскажуваме Приказната за издигнувањето на мажот-херој.
Слободно, одговарам, додека се оддалечувам кон дивиот овес, со У-у во носилката и малиот Ом кој ја нарамил корпата. Само продолжи да раскажуваш како мамутот паднал врз Буб, како Каин паднал врз Абел, како бомбата паднала врз Нагасаки, како желето во пламен се истурило врз селаните, како проектилите ќе паднат врз Империјата на злото, и за сите други подвизи кои се дел од Издигнувањето на мажот.
Ако е човечки да ставаш нешто што сакаш, бидејќи е корисно, јадливо или убаво, во торба или кошница, во завиткана кора или лист, или во мрежа сплетена од твојата коса, или во што и да е, и потоа да си ја понесеш дома, а домот е уште еден, поголем вид на торба, вреќа, сад за луѓе, и подоцна го извадиш и го јадеш или делиш или складираш за во зима во поцврст сад или го ставаш во торба со билки или во светилиште или во музеј, свето место, просторот што го содржи она што е свето, и следниот ден веројатно го правиш истото одново – ако сето ова е човечки, ако ова е тоа што се бара, тогаш сепак сум човечко суштество. Потполно, слободно, со задоволство, за првпат.
Не сум, ете, веднаш да ви кажам, неагресивно и неборбено човечко суштество. Јас сум лута жена во години која силно мавта со чантата бркајќи ги силеџиите. Но, не се сметам, ниту пак некој друг се смета за херој заради тоа. Едноставно тоа е една од оние глупави работи што мора да ги правиме за да можеме да продолжиме да собираме овес и да раскажуваме приказни.
Во приказната лежи целата разлика. Приказната е тоа што го скри моето човештво од мене, приказната што ја раскажувале ловците на мамути за тепање, удирање, силување, убивање, за Херојот. Прекрасната, отровна приказна за ботулизмот. Убиствената приказна.
Некогаш се чини дека на приказната ѝ се ближи крајот. За да не престанат да се раскажуваат приказни, некои од нас овде во овесот, сред туѓинското жито, мислиме дека мора да почнеме да раскажуваме една друга, која можеби луѓето ќе можат да ја продолжат кога старата ќе заврши. Можеби. Проблемот е што сите си доволивме да станеме дел од убиствената приказна, па можеби и нас ќе нѐ снема со неа. Затоа, со одредено чувство на итност ги барам природата, субјектот, зборовите на другата приказна, нераскажаната, приказната за животот.
Оваа приказна е непозната, не излегува така лесно и непромислено од устата како што излегува убиствената; но, сепак, претерано е да се нарече „нераскажана“. Луѓето ја раскажувале приказната за животот со векови, со секакви зборови и на секакви начини. Митови за создавање и трансформација, приказни за итроштини, народни приказни, шеги, романи …
Романот е фундаментално нехеројски вид на приказна. Се разбира, Херојот многу често ја преземал, бидејќи тоа е неговата империјална природа и неконтролиран нагон, да преземе сѐ и да раководи, носејќи сурови декрети и закони за да го контролира својот неконтролиран нагон да убива. Така, Херојот наредил преку своите гласноговорници – законодавците, прво, дека исправна форма на наративот е онаа на стрелата или копјето, која почнува овде, оди право таму и ТУП! ја гаѓа целта (која умира); второ, дека главниот предмет на наративот, вклучувајќи го и романот, е конфликтот; и трето, дека приказната не ја бива ако тој не е во неа.
Со ништо од ова не се согласувам. Јас би одела дотаму што би рекла дека природната, исправната, соодветната форма на романот е онаа на вреќата, торбата. Книгата содржи зборови. Зборовите содржат работи. Тие носат значења. Романот е торба со билки која работите ги држи во одредена, моќна релација еден со друг, но и со нас.
Една од врските меѓу елементите во романот, секако, може да биде конфликтот, но да се сведува наративот само на конфликт е апсурдно. (Имам прочитано прирачник за пишување во кој стоеше дека „приказната треба да се гледа како битка“ и каде се зборуваше за стратегии, напади, победа, итн.) Конфликт, натпревар, стрес, борба итн., во склоп на наративот гледан како торба / стомак / кутија / куќа / врзоп со билки, може да се сметаат за неопходни елементи од целото кое само по себе не може да биде карактеризирано ниту како конфликт, ниту како хармонија, бидејќи неговата цел не е ниту расплет, ниту стагнација, туку континуиран процес.
Конечно, јасно е дека Херојот нема добри изгледи во торбава. Нему му треба бина или педестал или врв. Стави го во торба и изгледа како зајак, како компир. Затоа ги сакам романите: наместо херои, во нив има луѓе.
Така, кога тргнав да пишувам научно-фантастични романи, тргнав влечејќи тешка вреќа со работи, мојата торба полна со мекуши и клапчовци, и малечки зрнца од работи помали од семе од синап, и испреплетени мрежи кои кога со мака ќе се отплеткаат откриваат едно сино камче, сталожено функционален хронометар што го покажува времето на еден друг свет, и череп од глушец; полна со почетоци без краеви, со воведи, загуби, трансформации и преобразби, и многу повеќе итроштини од конфликти, многу помалку триумфи од измами и заблуди; полна со вселенски бродови што заглавуваат, неуспешни мисии и луѓе што не разбираат. Реков дека е тешко да се раскаже вистински незаборавна приказна за тоа како сме чистеле лушпи од диво овесно семе семка по семка, но не реков дека е невозможно. Кој рекол дека е лесно да се напише роман?
Ако научната фантастика е митологијата на модерната технологија, тогаш нејзиниот мит е трагичен. „Технологијата“ или „модерната наука“ (онака како што обично се користат овие зборови, како непреиспитана кратенка за „тврдите“ науки и високата технологија создадени низ континуиран економски раст), се херојски подвиг, херкулски, прометејски, сфатен како триумф, а со тоа, крајно, како трагедија. Фикцијата која го отелотворува овој мит ќе биде, и била, триумфална (Човекот ја освојува земјата, вселената, вонземјаните, смртта, иднината итн.) и трагична (апокалипса, холокауст, тогаш или сега).
Доколку, сепак, го избегнеме линеарниот, прогресивен режим на временската (убиствена) стрела во Техно-херојското, и ги редефинираме технологијата и науката примарно како културолошки торби, наместо оружја за доминација, еден пријатен нус ефект е тоа што научната фантастика може да се доживее како далеку помалку круто, тесно поле, не нужно прометејско или воопшто не апокалиптично, и всушност далеку помалку митолошки жанр отколку реалистичен.
Чуден реализам, ама чудна е реалноста.
Научната фантастика, сфатена соодветно, како секоја сериозна фикција, колку и да е смешна, е еден вид обид да опишеш што во суштина се случува, што всушност луѓето прават и чувствуваат, како луѓето се поврзуваат со сѐ останато во оваа огромна вреќа, стомакот на универзумот, оваа утроба од работите што ќе бидат и овој гроб на работите што биле, оваа бескрајна приказна. Во неа, како и во секоја фикција, има доволно место да се стави и Мажот онаму каде што припаѓа, на своето место во целата шема; има доволно време да посееш еден куп див овес, но и да го изжнееш, и да му пееш на малиот Ум, и да ја слушаш шегата на Ул, и да набљудуваш дождовци, а приказната сѐ уште не завршува. Сѐ уште има семиња да се соберат и место во торбата со ѕвезди.
[1] Од „бивни“, издолжени заби кои се издаваат од устата кај извесни цицачи, вклучувајќи го и мамутот. (заб. на прев.)
[2] Од англискиот збор „bottle“ (мак. шише). (заб. на прев.)