Веројатно сте налетале на видеа од жени кои готват во своите луксузни кујни, тип-топ средени и облечени во елегантни цветни фустани. Целата сцена изгледа како временски портал во 1950-тите. Додека готват, жените зборуваат за својот живот и за тоа како е да се биде „традиционална“ сопруга и мајка и како тоа е нивниот „животен повик“. За овие жени се користи терминот tradwife, кој потекнува уште од минатиот век.
Со прости зборови, се работи за кованица добиена од зборовите традиционален и жена. Овој збор се користи долги години, но во денешниот контекст се поврзува со инфлуенсерките опишани погоре кои во своите видеа ја преземаат естетиката на американските предградија од 1950-тите, кога по завршувањето на Втората светска војна жените биле повлечени од јавната сфера и вратени во приватната.
Малку контекст: за време на војната, додека мажите се бореле на фронтот, жените биле главна и водечка работна сила во различните индустрии. Меѓутоа, кога војната завршила и мажите се вратиле дома, за жените повеќе немало место. „Ретрадиционализацијата“ била извршена преку пропаганда, особено во американскиот контекст, каде на жените им била промовирана идејата за домаќинка која стои во служба на својот сопруг. Во овие околности се појавува вториот бран на феминизмот, чија главна битка била жените да се изборат за правото на работа и да се вратат во јавната сфера.
@naraazizasmith sweet or savory? #easyrecipes #homecooking #fypツ #breakfast #brunch ♬ La vie en rose (Cover Edith Piaf) – 田东昱
Зошто ги нарекуваме tradwives, а не домаќинки?
Во современиот свет, целиот феномен на tradwives се врти околу т.н. ретрадиционализација, односно враќање на традиционалните родови улоги, пришто мажот работи, а жената останува дома. Промовирањето на овие вредности на Интернет започна некаде со почетокот на пандемијата. Најдобар пример е Нара Смит, една од најпопуларните tradwife креаторки на ТикТок, која работела како модел пред нејзината tradwife кариера, а откако се мажи за сопругот кој е мормон, се посветува на „традиционалната женска улога“.
Важен аспект на tradwife феноменот е токму религијата, особено христијанството. Честопати, овие жени во видеата зборуваат за религијата како една од причините поради кои го избрале овој начин на живот. Сепак, тоа не го прават сите инфлуенсерки. Важно е да се направи разлика помеѓу „потврдокорните“ tradwives и оние кои само готват и зборуваат за својата улога.
„Потврдокорните“ меѓу нив страсно зборуваат за нивната улога како жени, а истовремено го омаловажуваат феминизмот. Обичните tradwives не се оградуваат од феминизмот, туку дури велат дека феминизмот е тој што им дава можност да изберат каков живот сакаат да водат. За тврдокорните tradwives, феминизмот е олицетворение на злото. Во нивната приказна, тие создаваат архетип на некаква си лута, зеленокоса, феминистка-мажомразачка. Со ова се обидуваат да ги окарактеризираат феминистките како некои кои всушност не сакаат еднаквост туку го уништуваат веќе „совршениот“ традиционален поредок.
Односот на феминизмот кон tradwives
„ЛУЃЕТО СЕ УМОРНИ ОД ЛУТИ МАЖОМРАЗАЧКИ (ФЕМИНИСТКИ)“
@ivyoutwest (TikTok) – tradwife
Овие жени истакнуваат дека феминизмот ги принудува жените да ги напуштат домовите, иако некои жени можеби не го сакаат тоа, и дека феминистките ги осудуваат жените кои сакаат да бидат домаќинки. Феминизмот не е хомогено движење, па веројатно има радикални феминистки кои сметаат дека е антифеминистички ако жената реши да живее живот на домаќинка. Сепак, овој став не го карактеризира целото движење. Феминизмот се бори за правото на избор – жената да може да избере дали ќе работи или не, дали ќе биде домаќинка или не – затоа што многу често жената е принудена да се посвети и да му даде предност на домашниот труд.
Па така, иако феминистките не можат да ја критикуваат личната одлука на индивидуата да се занимава исклучиво со домашен труд и семејна грижа, tradwife феноменот треба да се гледа низ критичка призма. Имено, како што наведуваат Катарина Ротенберг и Шани Оргад, tradwives трагаат кон поедноставно минато од позиција на сегашната неолиберална стварност. Нивната одлука да останат дома можеби изгледа како личен избор, но тоа е одлука што се случува во рамки на сегашното општество, во кое сведочиме на кризата на пазарот на труд и нерешената ситуација во однос на домашниот труд и грижата за семејството. Иако феминистките ја извојуваа победата за жените да влезат на пазарот на трудот, нивните домашни обврски не се намалија. Напротив, кариерната работа им беше натоварена на веќе постоечките домашни обврски.
@ivyoutwest My thoughts on #tradwife ♬ original sound – IVY
Кога ќе ја земеме предвид и оваа перспектива, гледаме дека многу жени кои всушност не можат да постигнат со две работни места, доколку ја имаат таа можност, ја жртвуваат својата кариера и одлучуваат да бидат домаќинки. Ова не е реалност и можност за сите жени. Поради влошените економски услови во кои се наоѓа светот, семејствата кои живеат на работ на сиромаштијата и во сиромаштија едноставно мора да ги задржат своите работни места. Поради оваа причина, tradwife феноменот е крајно проблематичен. Речиси сите жени кои можеме да ги видиме како промовираат ваков начин на живот на социјалните мрежи припаѓаат на т.н. висока средна класа. Јасно е дека овој начин на живот не ѝ е достапен на секоја жена – не сите жени имаат сопрузи кои можат или мораат да го издржуваат целото семејство со своите приходи.
Овде треба да споменеме и еден друг аспект кој во феминистичката теорија се нарекува „трета смена“. Во ХХ век од жените се барало, покрај работата (прва) и домашниот труд (втора смена), уште една трета работа: да изгледаат убаво. Па така, секоја работна обврска морале да ја завршат тип-топ средени и дотерани, а за жените да се средат и да изгледаат негувано, потребно е време. Овој феномен e присутен и во tradwife видеата.
Имено, tradwives секогаш изгледаат средено, готват нашминкани и носат прекрасни фустани. Имаат фризури за кои веројатно им е потребен најмалку еден час. Неколку од нив дури и го промовираат средениот изглед како неопходен – жената мора да изгледа убаво за својот сопруг.
@esteecwilliams Dress: MissCandyFloss on Instagram #tradwife #traditionalwife #traditionalmarriage #homemaker #traditionalvalues #tradlife #dollyourselfup #dressup ♬ Come and Get Your Love – Redbone
Романтизирање на минатото
Важно е да се разбере дека она што tradwives го сметаат за „традиционално семејство“ има своја историска рамка. Станува збор за облик на семејство што било застапено во текот на 50-тите и 60-тите години во САД во предградијата (населби каде што претежно живеат бели луѓе). Така, начинот на живот што тие го пропагираат всушност се заснова на романтизирање на бело, христијанско американско семејство, а не на традиционално семејство.
Според Френки Ситлер-Елбел, овој тренд всушност го романтизира минатото во кое сè уште не дошло до феминистичка и сексуална револуција и го претставува како идеална доба. Ситлер-Елбел цитира една од жените која вели:
ТОГАШ СЕ ПОЗНАВАВТЕ СО СИТЕ СОСЕДИ НА ВАШАТА УЛИЦА. МОЖЕВТЕ ДА ЈА ОСТАВИТЕ ПРЕДНАТА ВРАТА ШИРОКО ОТВОРЕНА И ДА СЕ ЧУВСТВУВАТЕ БЕЗБЕДНО.
На овој начин tradwives го романтизираат минатото во кое белците од високата средна класа живееле во предградијата, без да ја ставаат во контекст целокупната ситуација во земјата и како овој начин на живот не бил достапен за голема група на граѓани кои, напротив, воопшто не се чувствувале безбедно.
Како од навидум безопасно готвење, tradwife феноменот почна да се поврзува со американската десница?
Со доаѓањето на Доналд Трамп, но и пред тоа, полека почна да расте десничарското расположение во САД. Социјалните мрежи сега се преполни со десничарски креатори. Овде не станува збор само за умерената десница, туку и за alt-right движењето кое од ден на ден сѐ повеќе се придвижува кон екстремната десница. Ситлер-Елбел се интересира за тоа како десницата го користи tradwife феноменот.
За десничарите, таа е совршена жена. Некои од овие жени дури и го градат сопствениот архетип наспроти феминистичкиот. Според нив, феминистките се ороспии кои спијат со еден куп мажи за да си ја подигнат самодовербата. Велат дека феминистките ги мразат мажите и патријархатот, но потоа се жалат дека не можат да си најдат маж. Со тоа што ги прикажуваат феминистките како непожелни, тие се претставуваат како идеални жени, кои секој маж ги посакува.
Една од овие инфлуенсерки сподели видео на нејзиниот YouTube канал (Unreported World) каде вели дека прогресивното движење, чиј дел е феминизмот, има намера да ги уништи традиционалните вредности. Па така, иако некои tradwife инфлуенсерки сакаат само да се оградат од „прогресивните ставови“ и да се претстават како традиционални, некои од нив намерно се ставаат во опозиција. Нема сомнеж дека на овој начин се позиционираат поблиску до десницата.
Дали tradwives воопшто го живеат животот што го промовираат?
И покрај тоа што ваквиот живот е недостижен за повеќето обични жени, мораме да се запрашаме дали овој живот е реално остварлив дури и за интернет tradwives? Првенствено, со самото појавување на Интернет, овие жени целосно ја напуштаат tradwife сферата, бидејќи всушност имаат работа. Повеќето од нив имаат илјадници, а некои дури и милиони следбеници, а да не зборуваме и за спонзори, од кои заработуваат пари. Токму затоа, тие не го живеат животот што го претставуваат како исправен.
Тука доаѓаме до целосна контрадикторност. Како јавни личности, тие го пропагираат традиционалниот начин на живот и неопходноста жените да останат во домот, а во исто време всушност не го прават тоа. Социолошки гледано, тие го напуштаат доменот на приватната сфера и ја окупираат јавната сфера за која велат дека не е за жените. Исто така, дали покрај толку снимање и креирање содржини воопшто успеваат да ги извршат „женските“ обврски?
Заклучок
Овие жени го романтизираат животот кој е недостапен за поголемиот дел од светската популација. Кога ги гледа дотерани и во кујни кои веројатно чинат десетици илјади долари, секој човек би посакал да стане tradwife. Меѓутоа, ако tradwife беше жена која живее на граница на сиромаштија, никој не би помислил дека таквиот живот е идеален. Дополнително, во денешната економија е речиси невозможно едно семејство да живее со само една плата, освен ако работникот не заработува стотици илјади.
Ваквиот живот не само што е недостижен, туку е лицемерен, бидејќи ни самите тие жени не го живеат. Тие ги жнеат сите придобивки што им ги пружа феминизмот, а истовремено го пропагираат неговото уништување.
Извор: Zoomer.rs