, ,

Цели генерации девојки пораснаа заедно со ППЖ: Интервју со Тиииит!Инк

Евоцирање на спомени од Прво па женско 2019

114453394_3417322971635196_1468029256755863953_o

Во исчекување на новото издание на феминистичкиот фестивал Прво па женско, кој оваа година ќе се одржи од 17 до 23 август, ве потсеќаме на минатогодишното издание преку интервјуто со четирите Тиииитовки – Јана Коцевска, Јана Старделова, Кристина Леловац и Моника Јамандиловска.

 

 

Драги Јани, Кика и Моника, пред некој ден заврши седмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција Прво па женско! За оние читателки и читатели кои можеби не се запознаени со фестивалот, да направиме кратко враќање во 2013 кај почетоците на ППЖ.
Како почнавте со фестивалот кој веќе станува важна точка во културниот живот во Скопје?

 

 

Jана С: Нашите амбиции на почетокот не беа многу големи, туку другарски и со голема желба да допринесеме кон културната сцена во градот. Почнавме со организација на помали настани кои растеа од година во година. Настаните како Woody Allen in Skopje, Let’s Dance! David Bowie night и Скопје во 90ти, ни овозможија да стекнеме искуство и да го рашириме кругот на соработнички/ци и поддржувачк/и. Првиот фестивал го организиравме во 2013та и оттогаш сѐ повеќе и повеќе расте. Се надеваме дека ќе (о)стане важно место каде сите (ќе) се чувствуваат безбедно и комфортно со своите тела и идентитети.

 

 

Како 6те фестивалски изданија зад вас ви ги имаат променето целите и очекувањата од фестивалот и дали можеме веќе да зборуваме за влијанието кое ППЖ го има на културната сцена во Македонија, со оглед на тоа што една од целите на фестивалот е етаблирање на женските уметнички пракси, со посебен фокус на независната сцена?

 

 

Кика: ПРВО ПА ЖЕНСКО расте и се развива далеку подобро од што можевме и да сонуваме. Со тоа растат и целите и очекувањата, но и одговорноста што ја имаме. Кога почнувавме, пред 7 години, зборот феминизам речиси и го немаше во јавниот дискурс, а покрај нашиот имаше само уште еден настан од областа на културата кој ги промовираше женските права. Сакаме да веруваме дека ПРВО ПА ЖЕНСКО го прошири и го одржува тој простор за промислување на културата и воопшто на општеството од феминистичка позиција. Имаме цела генерација девојки кои пораснаа заедно со ППЖ, кои денес одважно се нарекуваат феминистки. Се радуваме што сега го имаме суперпопуларниот ПИЧ ПРИЧ, и на сцена и на радио, ја имаме МЕДУЗА која на автентичен начин ја еманципира младинската публика, со кои здружено продолжуваме да го инспирираме и поддржуваме автентичното женско творештво во културата. Веруваме дека секоја година ППЖ нуди уметничка програма која е поттик и на домашната сцена да гледаме почести и посмели обиди за уметничко промислување на женското и на феминизмот.

 

Како вас лично ве има променето работата на овој фестивал?

 

 

Моника: Како најнова Тиииитовка со задоволство го презедов ова прашање. Работата на овој фестивал не само што ме промени, туку јас израснав на ПРВО ПА ЖЕНСКО. Идеолошки и професионално. На првото издание во 2013 сосем случајно се пријавив на фејсбук за да бидам волонтерка на фестивалот. Оттогаш продолжив да работам покрај Јаните и Кика на ПРВО ПА ЖЕНСКО и останатите активности кои ги организира Тиииит! Инк. и ова искуство неизмерно ми помогна да се остварам во феминистката која сум денес. Можноста која овој фестивал и Тиииитовки ми ја овозможија – да работам и учам во феминистички простор, одигра неспоредлива и неизмерно важна улога во градењето на мојата личност. Денес, за мене нема ништо подраго од работата на овој фестивал, ниту поубави денови во годината од овие четири фестивалски денови.

 

 

Фестивалската архива станува сé побогата, публиката побројна, а и тимот зад ППЖ расте. Што значи тоа за Тиииит! Инк? Дали Тиииит! Инк ќе почне да нуди и други програми или ќе го задржи фокусот на Прво па женско?

 

 

Јана С: Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО без домашната подршка не би можел да се развива; таа најмногу ни значи и се трудиме да биде што поинклузивна, иако сме свесни дека понекогаш е тешко да се вклучат и претстават сите родови и етнички погледи. Во однос на тоа што го нуди фестивалот морам да признаам дека големо влијание и поддршка наоѓаме и на регионално ниво преку нашите пријателства со феминистички организации и нашето учество на феминистички фестивали преку кои се обидуваме да следиме што се случува во регионот и пошироко, и тоа да и го приближиме на нашата публика. Тиииитовки секогаш работат на нешто ново, затоа сум сигурна дека иднината ќе ни донесе и нови програми надвор од рамките на ПРВО ПА ЖЕНСКО.

 

Кога мислам на Прво па женско, мислам на разговорите во женска соба, фанзините на Wasted Rita, предавањата на Сандра Дален, концертите во денцинг сала и многу, многу други содржини. Дали би можеле да издвоите најдраги сеќавања од предходните изданија на фестивалот?

 

 

Јана К: Искрено, не знам од каде да почнам со одговорот на ова прашање, а да не го одземам целиот простор предвиден за ова интервју 🙂 Бидејќи во моментов цело време на меморис ми излегуваат снимки концертот на Акуа Нару ќе почнам од минатогодишниот фестивал каде имавме едно уникатно и неочекувано доживување со дивата која одлучи да сподели со нас цели два часа концерт и еден час дружење со неа по концертот. Ова се случи благодарејќи на соработката со Пасворд продукција. Особено ни е драго гостувањето на португалката Wasted Rita за второто издание на ППЖ во 2014 година, која ги изложи своите графики под насловот HUMAN BEINGS – GOD’S ONLY MISTAKE#5. Следната година, на наша најголема среќа, ја остваривме соработката со Сандра Дален, секс-инструкторка од Стокхолм која одржа работилница за клиторијален секс, а по две години дојде повторно и имавме шанса да се едуцираме малку повеќе за вагиналниот секс. Во 2016 година, на четвртото издание, за прв пат се случи ПичПрич во МКЦ, и тоа мораме да го издвоиме за почеток на прекрасната понатамошна пракса на Ана Василева и Румена Бужаровска кои сѐ уште одржуваме соработка. Кога сме веќе кај соработките на ППЖ ја издвојуваме Кумјана Новакова која неколку години по ред ја креира филмската програма на фестивавалот. Најдраго ни е секако првото Прво па женско на кое секогаш ќе си се присеќаваме за моментите во кои најпартизански ја организиравме содржината.

 

 

А што е со овогодинешното издание? Дали некој дел од програмата особено ве освои?

 

 

Mоника: Овогодинешната фестивалска програма беше толку богата на сите полиња, што навистина не би можела да издвојам еден или неколку настани сами по себе. За вљубениците во театарот ги понудивме претставите „Јас, жртвата“ и „Вториот пат“ каде гостуваше Верица Недеска, како и перформансите „СИНЕ“ и „БЕГАЛКА“ кои беа одлично, за журкаџиите имавме две вечери диџеј сетови и две вечери концерти (Мави Феникс, Nalyssa Green, Post Lovers, SРЕТИ), за вљубениците во уметноста имавме две изложби: Марија Ангеловска која го отвори фестивалот со “Ова објективизирано тело” и Јана Јакимовска “О” која постојано беше во женска соба. Остатокот од деновите публиката ја проследи дискурзивната програма и разговорите во женската соба кои беа посветени на женското тело.

 

Веќе две години Прво па женско се фокусира на одредена тема, а оваа година темата беше Тело, со поднаслов Ова тело кое не е едно. Како се решивте за оваа тема и која е позадината зад темата?

 

 

Јана К: Прашањата за телото и телесноста како и родовите политики и сексуалноста се суштината на феминистичките промислувања. Овие теми се појдовни точки на многу од позначајните феминистички филозофи и теоретичари и тие се предмет на постојано реобмислување, преиспитување и секогаш се позиционираат во релација со нов општествен и културен контекст. Низ разновидните културно-уметнички фестивалски содржини, ќе имаме можност да зборуваме за телата и телесноста во однос на човекови права, стереотипи, сензација, традиционална култура, кибер култура, здравје, задоволство… Навистина е тешко да се опфатат сите прашања кои оваа тема ги обработува, но се надеваме дека со селекцијата на програмата ќе успееме да опфатиме еден важен дел од комплексноста на овие идеи. Воедно му благодариме на нашиот долгогодишен соработник Славчо Димитров за идејата да ја позајмиме мислата на Лус Иригаре во обединувачкиот слоган, кој е поставен толку отворено и широко, а сепак подразбира една идеја за соединување.

 

За крај, со оглед на тоа што Тиииит! Инк и Прво па женско се гради врз база на пријателски врски, кажете ни, како е да се соработува со другарки на фестивал и како пријателствата влијаат на духот на фестивалот?

 

 

Кика: Ни Тиииитовки, ни ППЖ немаше да бидат тоа што се да не беа токму тие другарски врски. Тиииит! Инк е јаготка на шлагот од долгогодишно женско другарство. Со здружување се создаде и проширеното друштво од неверојатни девојки и момци кои денес го создаваат ППЖ. Тие не само што чувствуваат дека му припаѓаат, туку Фестивалот го доживуваат како свој. Затоа и имаме фестивалски тим кој е посветен и предаден на она што заедно сакаме да го постигнеме. Пресреќни сме што оваа година програмата во целост ја развивме низ соработки, а тимот имаше непроценливо важен влог во нејзиното конципирање. ППЖ се гради низ база на пријателство и солидарност и навистина е наше зедничко.

 

 

Фестивалска галерија:

 

Фотографија: Александра Костадиновска

 

Фотографија: Александра Костадиновска

 

Фотографија: Александра Костадиновска
Фотографија: Драгица Николовска

 

Фотографија: Гала Насева

 

Фотографија: Гала Насева
Фотографија: Александра Костадиновска
Фотографија: Александра Костадиновска
Фотографија: Драгица Николовска
Фотографија: Гала Насева
Фотографија: Драгица Николовска

 

Фотографија: Драгица Николовска

 

 

Фотографија: Драгица Николовска
Фотографија: Драгица Николовска и Кристијан Караџовски
Фотографија: Драгица Николовска и Кристијан Караџовски

 

Фотографија: Драгица Николовска и Кристијан Караџовски

НАПИШАНО ОД:

Калиа Димитрова

Jul 24, 2020

Коментари
Scroll to Top