Дури и при најмало поместување, кафеавиот кожен кауч ѝ се прилепуваше на задниот дел на нозете. Ситните штипкања беа понепријатни налето, особено бидејќи терапевтката штедеше на клима. Дона се сети на кожниот кауч од куќата на нејзините, темно бордо со неколку светли линии наоколу, останати од бришењето на нејзините детски подвизи со пенкалото. Тој кауч никогаш не ја штипеше, веројатно затоа што летата од детството не беа обвиени во четиримесечен црвен бран.
Ординацијата на терапевтката силно мирисаше на мирисливи стапчиња. Терапевтката одлучила да троши, но во погрешна насока – наместо една вазна авторитетна сандаловина, стапчињата се наоѓаа на пет различни места и од секое од нив извираше евтина лаванда, како во купатило. Згора на тоа, полиестерската кошула ја беше впила сета пот на Дона, давајќи ѝ до знаење дека памукот е подобар избор за запурничавите ситуации. Но, памучните алишта сега беа реткост, поради сушата. А, сите ситуации беа запурничави.
Со затнат нос, ординацијата беше пријатно место. Во високата витрина беа наредени секакви книги – КБТ-терапија, ДБТ-терапија, гешталт, драма, арт, психоанализа, психодинамика. Како да влегуваш во супермаркет за да избереш еден од десетте видови млеко. Свежо млеко, пастеризирано млеко, полномасно, нискомаслено, органско – ако си ѝ пријател на Земјата, неорганско ако не си ѝ пријател на Земјата, чоколадно, со вкус на банана, со вкус на јагода, од растително потекло, од растително потекло со вкус на јагода… Млекото во маркетите веќе неколку месеци беше реткост. Поради сушата.
Топлината на одамна лакираниот паркет беше надополнета со голем правлив персиски килим чие црвенило централно ја повлекуваше тежината на просторијата. Вториот по големина предмет во ординацијата беше огромна ахроматска слика со мотиви на Роршархов тест, во која клиентите често го задлабочуваа погледот како што навлегуваа во своите беседи. Дури и ѕидовите, обоени во нијанса слична на онаа на каучот, како тешко ќебе надвиснуваа над присутните, прегрнувајќи ги. Единствениот светол предмет во ординацијата беше столчето на терапевтката, тапацирано со розов твид. Дона не ја гледаше логиката на контрастот. Дури и кога прочита напис за употребата на розовата боја во затвори за да се намали агресијата меѓу затворениците и се сети на розовото столче, не можеше да замисли агресивен човек на каучот. Тие луѓе веќе ја биле истуриле сета својата агресија ширум светот, заштитени од политичките побратими и посватените инвеститори. Нема потреба од потење во непроветрени ординации кога сите фрустрации може да ги испратиш во прокси боиште.
За Дона, терапевтската ординација беше празен театар во кој сите монолози беа добредојдени. Пред другарките мораше да внимава да не звучи разгалено и неблагодарно, постојано жалејќи се за патријархатот, подемот на технофеудализмот и останатите клетви на антропоценот, кога самата живееше многу полагодно од мнозинството. Пред терапевтката, знаеше дека не е најнеподносливата клиентка, земено предвид дека оној кој може да си дозволи редовни сесии сигурно не е во најнезавидна состојба.
По тарифа од три илјади денари на саат, Дона го толкуваше злото во светот. Сметаше дека злото е неминовна последица на човековата интелигенција. Кај лавовите, способноста за убивање е предуслов за преживување. Тие ловат водени од инстинкт, не можејќи да му одолеат на мирисот на млада антилопа. Се втрчуваат кон неа, ги забодуваат секачите во нејзиното сочно месо и судбината е задоволена. Животинското зло е краткотрајно зло. За човековото зло, пак, потребно е планирање, проектирање, анализирање, создавање разлики и раздори, откривање, искористување и уништување ресурси – вистински менаџмент. Тогаш Дона ќе се сетеше дека е демоде да си есенцијалист, па ќе поверуваше дека злото во светот е наследено од систем прекомплексен да се проучи и преинертен да се смени. Човекот е зол бидејќи е роден во средина која го овозможува злото. Границите на неговата етика се границите на неговиот разум и слободна волја. Слушајќи се себеси, ќе се присетеше дека звучи како претенциозен студент на воведно предавање по филозофија, и ќе се пресечеше. Кога гледаше дека гигантите од Силиконската долина купуваат земјоделски земјишта за да градат приватни градови – феудални поседи, ја замислуваше Земјата долги години пред појавата на луѓето. Пространствата без никаква пластика и без прави линии ја смируваа и се надеваше дека така ќе биде кога ќе заминеме. И ќе се сетеше дека припишувањето морална супериорност на природата ја прави да е мизантроп, што не може да е добро. Но, сесијата заврши и сега терапевтката чекаше друг клиент.
Додека Дона ги колвеше анксиозностите, терапевтката молчеливо запишуваше во својот тефтер. Единствениот пат кога ѝ се обрати беше за да ѝ појасни идеја за расказ на Дона инспириран од Физичката невозможност на смртта во умот на некој жив, скулптурата на Деjмиен Херст сочинета од ајкула-тигар потопена во формалдехид и изложена во стаклена витрина. Дона планираше да го убие главниот лик – образована, но безнадежна млада девојка – на ист таков начин. Изворот на конфликтот кој би довел до таков крај беше симбиотична врска помеѓу девојката и постар уметник, во која тој би ги добил сите насловни страници во светот, а таа, според сопствениот суд, неспособна за самоубиство, би добила задоволителна евтаназија. Секако, расказот би бил доволно интелектуален, дискутирајќи ги прашањата за телесна автономија, машка манипулација и апатичноста на уметничките кругови.
Последниот пат кога терапевтката ја виде Дона, не беше на лепливиот кауч, туку во Музејот на современата уметност. Дона, обвиена во бела туника, стоеше потопена во формалдехид, со погледот вперен во подзинатата публика. Одекнуваше шушкање и понекоја утеха дека тоа мора да е кукла и по некоја пресуда дека за ова се суди како за убиство. Затекната, терапевтката се сврте кон пријателката со која беше дојдена. „Ја познавам, ми беше клиентка.“
Текстот е објавен во нашата печата публикација „Без здив“ (2024).