🎵 Bang bang, my baby shot me down 🎵
Често си ја слушам „Kill Bill“ од SZA, песна што јасно го евоцира филмот „Kill Bill“ на Тарантино и неговата препознатлива кинематографска опсесија со одмаздувањето. Двете дела ја доловуваат истата позната слика: од љубовници до смртни непријатели. Иако екстремна, песната вицерално ги доловува суровите последици од раскинувањето, одразувајќи го филмскиот приказ за тоа како едно распаднато „ние“ може да те прогонува и да те поттикне да посакаш да ја избришеш или преработиш врската од минатото.
Живееме во „Kill Bill“ свет :)
Денес е навистина тешко да се замисли врска што преживува кога цели цивилизации горат и држави пропаѓаат. Приказните за разводи веќе не нѐ шокираат.
Ова е мојата приказна. Еден цел свет, цел живот, изграден со друг човек ми потона во празнина, минато што веќе не постои. Кога го напуштив домот што го изградивме заедно, си заминав само со мојата внимателно одбрана колекција на книги. Во истиот миг, од нешто на коешто се гордеам, колекцијата стана мртов товар што морав да го влечам позади себе. Раскинувањето практично ме уништи, ме изобличи и ме скрши на парчиња коишто подоцна моите нови пријатели, семејство и рандом добронамерници ги склопуваа како да сум некој трагичен Лего сет.
Само оние што прекинале врска од 10 или повеќе години навистина можат да ја разберат насилноста и свирепоста на тој чин. Целосната катастрофа и ужас и она речиси свето, духовно ниво на болка. Суровата вистина е дека понекогаш единствениот начин да му се вратиш на сопственото „јас“ е да го уништиш она „ние“, уништување коешто неизбежно го остава „јас“ засекогаш променето.
На крајот на краиштата, љубовта ме спаси! Но не романтичната.
Првпат го гледав „Eternal Sunshine of the Spotless Mind“ со мојот екс. Му беше еден од омилените филмови. По болно раскинување, Џоел и Клементина, главните ликови во филмот, подлежат на процедура за да се избришат еден со друг од нивните сеќавања. Сепак, заедничките искуства и она „ние“ што го изградиле заедно оставаат трајни емоционални отпечатоци кои повторно се појавуваат како фрагментирани сеќавања и потсвесни желби. Дури и кога свесното сеќавање исчезнува трагата од поврзаноста останува, што сугерира дека тоа „ние“ всушност има подлабоко онтолошко присуство.
Речиси е лудо да се верува во романтична љубов и она „ние“ по апокалипсата на разводи и раскинувања која сѐ уште трае. Освен, се разбира, ако не си наивен/а. Не се водам само од искуството; исто така сум и многу начитана на темата за љубовта. Тоа е мој начин да најдам некаква смисла во она што ми се случува. Во својата книга „Во пофалба на љубовта“ (единствената книга што му ја оставив на мојот екс – ја симнав од интернет, ја фотокопирав, па дури ѝ ставив и машничка), Ален Бадју – голем француски мислител за љубовта – пишува за модерната љубов и проблемот на индивидуализмот. За него љубовта е моќен противотров за неолибералниот индивидуализам и цинизам. Современата опседнатост со изолираниот поединец, воден од сопствениот интерес и стремежот за лична добивка, се доведува до прашање токму преку вистинската вклученост и заинтересираност за перспективата на друга личност.
Не мислам дека пештерските жени/девојки го имале истиот проблем како нас. Пештерата на заедништво се урна врз нашите депресивни и анксиозни умови. Нашето „јас“ е премногу вообразено, премногу кревко и премногу присутно.
Сметам дека живееме во ера на раскинувања, ера на разводи, ера на колективно навигирање низ урнатините на скршеното „ние“, што нѐ прави поцинични и нихилистички настроени од кога било. Како можеш да веруваш во нешто по болното одвојување на „јас“ од „ние“?
По раскинувањето, решив да бидам одговорна, па отидов на терапија. Најчесто разговаравме за преживувањето на почетната болка, почетното „убиство“ од страна на љубовникот, оној на кој најмногу му верувате. Разговаравме и за моите следни чекори и за тоа колку се плашев да го убијам неговото „јас“ во нашето „ние“.
Две години подоцна, во една особено нихилистичка фаза, разговарав со жена која се занимава со астро-коучинг и ѝ реков дека луѓето треба да менуваат партнери отприлика на секои десет години. Ѝ се виде смешно и рече дека за неа тоа е повеќе како седумгодишен циклус. Гледајќи наназад, сфаќам колку било сурово од моја страна да гледам на врските како на нешто потрошно, предмет со еднократна употреба. Можеби тоа беше само мојот механизам за справување, или можеби почнав да се гледам себеси како некоја која неизбежно го уништува она „ние“.
Бадју ја критикува современата тенденција на врските да им се пристапува низ потрошувачка призма во потрага по инстант компатибилност и минимален ризик, што често е олеснето со онлајн платформите за запознавање. Тој тврди дека љубовта по природа подразбира ризик и ранливост, кои се суштински за нејзиниот трансформативен потенцијал. Љубовта ги принудува поединците да ги надминат своите нарцисоидни тенденции и да ја признаат реалноста и валидноста на постоењето и гледиштето на другиот. Тоа е процес на децентрирање на сопственото „јас“.
Имаше еден цитат од роман на Буковски каде Лидија, неговата љубовница, го прашува (парафразирам бидејќи последен пат го читав романот во средно): „Толку многу работев за да станам добра жена, зошто сега сакаш да станам лоша?“ 🎵 Bang bang, I used to shoot you down 🎵
Само оние што раскинале врска од десет или повеќе години навистина можат да ја разберат чистата насилност на тој чин: агонизирачкото одвојување на „јас“ од „ние“, болното преиспитување на поранешната романтична поврзаност и неизбежниот судир на два света. Покрваво е и од филм на Тарантино.