Изминатава година за мене мина во знакот на новите почетоци. Неизвесноста на ваквите фази ми се чини нѐ враќаат во детството и младоста без разлика колку искуство стои зад нас: отсега сѐ ќе биде поинаку, ќе се менува, ќе се менувам, ќе треба повторно да растам. Денеска, кон крајот на оваа година која ми се чини како да не сака да заврши, гледам назад на сето она што минало и не можам да го избегнам прашањето околу тоа како се одигруваат ваквите процеси во контекстот во којшто живеам и какви позиции на моќ и зависност се генерираат од него и низ него. Со други зборови, прашањата кои бараат одговор од мене во овие последни денови од 2023, се следни: Како да продолжам да растам во средина која постојано ме условува да бидам послушна и зависна, зависна од помошта на другиот? Како да создадам услови и другиот да расте без да биде зависен од мене?
Уште од самиот почеток ја сфаќам проблематичноста на позицијата воопшто да се отвори вакво прашање, сосема јасно изложувајќи се на критика за пропагирање на индивидуализам, на пренагласена самостојност, одбивање за соработка или неприфаќање на туѓата помош. Но тука помалку ме интересира оваа позиција која прилично се базира врз моралните, родовите и воспитните сфаќања и претстави на заедницата, отколку можностите за создавање на услови во кои можеме да бидеме самостојни индивидуи кои водат заеднички дијалог и преку него создаваат услови за обострана еманципација. Тоа навистина значи дека ќе мора да се поместам надвор од често романтичното инсистирање за колективност и заедништво кон просторот на индивидуалното, меѓутоа исто така и дека ќе дојдам чекор поблиску до просторот каде што преовладува она јас од кое оваа средина така силно се плаши и толку упорно сака да го поседува и покори.
Оваа година научив дека нештото од коешто можам најмногу да црпам инспирација и мотив за себеси и другите во мојата креативна практика и во секојдневната интимна и професионална размена со останатите е мојата субјективност. Препознавањето на сингуларноста на сопствената позиција и на оригиналноста во сплетот на околности кои нѐ обликувале да станеме она што сме и нѐ издигнале до истата, е момент на неизмерна среќа и афирмација. Патот на ова препознавање ме врати во моментите од детството кога широкоградо имав смелост да бидам јас, да си дадам простор слободно да се изразам, ме врати во миговите на слобода пред грубите интервенции на средината која толку несмасно и бесчувствително нѐ втурнува во калапите на сопствените сфаќања и дефиниции, која нѐ тера да се свиткаме, да сме покорни, да молчиме. И денес разбирам дека ова неизбежно ќе се повторува: колку сме послободни да се живееме себеси, толку поостра ќе биде казната што сме се осмелиле да го сториме тоа. Казнети затоа што сме биле непослушни и сме го предизвикале режимот со нашето постоење.
Предизвикот на патот на ваквото растење и еманципација ми се чини уште поголем доколку се земат предвид динамиките на зависност кои се широко прифатен вид на социјална интеракција во оваа средина. Во дисфункционален систем кој постојано нѐ доведува во неизвесни ситуации, за потоа, пак, понекогаш дури и херојски да нѐ спаси од истите, станува општо правилото дека мора да се побара помош и услуга од други за да може бар делумно да се функционира. Како да мечтаеме за вистинска еманципација кога оваа дисфункционалност е толку присутна што постепено го инфицира и доменот на нашето однесување, во услови кои сме ги создале самите ние? Најстрашно од сѐ: што кога и ние самите почнуваме да ја отелотворуваме државата и да го фрламе во неизвесност блискиот соработник, партнерката, некој член од семејството, за потоа да бараме благодарност и понизност што сме го извлекле од ситуација која ние самите сме ја конструирале? Ќе те смалам за да можам да те спасам. Ќе те онеспособам за да можам да ти помогнам. Како поинаку ќе си ја потврдам сопствената вредност? Нема подобар начин да ја легитимираме нефункционалноста на државата отколку со оваа имитација на нејзините логики на постапување.
Тесна е врската помеѓу динамиката на зависност и односот кон индивидуата. Македонската средина ми се чини дека е средина која постојано ги анатемизира субјективното и индивидуалното што води до една прилично незгодна ситуација: постои свест за тоа колку всушност може да профитира заедницата од специфичната позиција на одредени индивидуи, нешто од кое поединци знаат исклучително добро да капитализираат. Но интересно е што многу ретко се гледаат вистински, одржливи резултати од вака стекнатиот профит. Имено, таа иста свест не знае да научи, таа е затворена и многу бргу повторно се врти кон инсистирање на објективното и колективните цели, особено во моментите кога таа субјективност станува проблематична односно не се вклопува во генералната општествена парадигма. На овој начин, извлечените цитати од поединецот еднократно се употребуваат за моментално да се нахрани колективниот пачворк-наратив исполнет со недоследности, вишата цел за која треба да се принесе жртва. Оваа динамика резултира во две општо познати сценарија: осамување и маргинализација на индивидуалните поединци или нивно (често самоволно) придушување и експлоатирање во рамките на псевдо-заедницата која го прифаќа само она кое размислува исто како неа. Простор за поинаквото навидум има, сѐ додека се вклопува под строгиот режим на колективниот закон и работи во негова функција.
Бидејќи оваа свест не сака да научи и нема сопствена содржина, таа е условена од потребата да најде што е можно повеќе индивидуални ресурси кои ќе ја полнат сѐ додека тие не се исцрпат целосно. Поаѓајќи од ова се подразбира дека општеството со ваквата свест ќе ги форсира и ќе оперира со принципите на заедништво, меѓусебна поддршка, услужност и помош, па дури и грижа и љубов, кои во својата непромисленост остануваат само празни флоскули, за да генерираат сѐ повеќе односи на зависност. Токму во оваа динамика моќникот може да остане моќник со загарантирано алиби на покровител, поддржувач, на добар човек: ти помогнав да стигнеш дотука, а сега владеам со тебе. Искажи ја твојата неизмерна благодарност за мојата добродетел. Вечно барај ја мојата помош. Свиткај се.
Како тогаш да растеме? Очигледно е дека најпрво мора да стане збор за тоа како да се создадат услови преку кои ќе се еманципираме, но клучна во овие процеси ми се чини и одржливоста на оваа еманципација. Доколку истата настанува во услови каде што е зависно врзана за безграничната помош од другиот, тогаш таа е осудена да биде моментална и минлива. Остануваме заглавени во магичниот круг на привидната самостојност на обете страни, на црпењето афирмации по цена на послушност. Доколку настанува во услови на вистинско растење и учење преку кои се втемелуваат аргументирани заеднички вредности и содржини, тогаш таа и понатаму ќе се мултиплицира: во дејноста на слободни луѓе кои се подготвени да се сретнат со другиот, да не се плашат од неговата поинаквост и да влезат во дијалог со него. Да се послушни само кон зборот кој си го дале еден на друг, на законот кој го создале во заедништво. Бегството од дијалог на исто рамниште, надвор од динамиките на зависност кои понекогаш генерираат навистина изопачени односи на моќ, и стравот од самостојниот поединец се одраз на непознавањето на содржините и вредностите во нас, на границите на нашето его. Спознавајќи се себеси и минувајќи низ вистински процеси на еманципација, ние создаваме услови и за автентична средба со другиот, за прегратки кои навистина нѐ топлат.
Учам од осаменоста, од тишината во празната соба во која моментално пишувам. Само мачорот е тука, ми преде во скутот. Се радувам на светулките и украсите на балконот на сосетката. Понекогаш се затекнуваме на прозорецот како гледаме една во друга, се насмевнуваме и се поздравуваме. И тоа е доволно. Го пишувам списокот на желби за претстојната година. Најгоре стои желбата да се исправам. Го слушам гласот во себе. Нема да сум послушна.
***
Сепак, за да избегнеме поимска бркотница, тука мораме да направиме едно важно појаснување. Секоја послушност кон некоја личност, кон некоја институција или моќ (хетерономна послушност) е покорност; таа имплицира дека јас се откажувам од мојата автономија и дека прифаќам нечија туѓа волја или нечија туѓа одлука наместо мојата. Наспроти тоа, доколку сум им послушен на моите сопствени разум и убедувања (автономна послушност), тогаш тоа не е акт на покорност, туку акт на потврдување. Моето убедување и мојот суд – сѐ додека се навистина мои – се дел од мене. Кога ги следам нив, а не судот на другите, тогаш навистина сум јас самиот.
Ерих Фром: Непослушноста како психолошки и етички проблем.