1. И бѣ́ слово
Во почетокот беше Словото, и Словото беше со Бога, и Бог беше Словото. (Јован 1:1)
Сигурно ќе намрштам многу веѓи почнувајќи со првиот стих од Библијата. Сепак, неговото значење е повеќе од јасно: јазикот како артикулација на свеста истовремено ја обликува и ја отелотворува реалноста. На почетокот, човештвото било исто што и Бог, универзалната свест, и – како и сите други форми на живот – дишело во ист ритам со природата. Низ илјадници години, луѓето развиле контрола врз дишењето и посебна свест која не општела со светот директно, туку преку симболи и метафори, и чија најочигледна последица е јазикот – или Словото.
Ако каменот, секирата и огнот биле првите алатки за преживување, јазикот бил првата алатка што ни овозможила да живееме заедно. Без јазикот, не сме можеле да иновираме и да го организираме нашиот колективен живот во големи функционални заедници. Овој креативен потенцијал бил пресуден за општествениот развој, кој е впишан во јазикот како некаков таен код. Впрочем, јазикот е едно големо археолошко наоѓалиште, каде што со секое поткопнување можеме да дојдеме до нови сознанија за животот и за културата на луѓето.
2. Женологија – наука за животот и за жените
Оваа т.н. „јазична археологија“ е еден од основните методи на новата општествена наука што ја предлага курдското движење за слобода. [1] Се вика jineoloji – од курдскиот збор jin што значи „жена“, и го дели истиот корен со jiyan или „живот“. Накратко, женологијата, превод предложен од соборките, е наука за животот и за жените. [2]
Па, зарем модерната наука не го изучува животот? Секако, но на крајно технички, механички и аналитичен начин. Наместо да ја покаже поврзаноста на сè, таа делка и сецира, се разгранува во безброј дисциплини и го изолира знаењето во мали џепчиња на разноразни специјалности, фрагментирајќи ја големата слика. Со ваквиот пристап, развиен во просветителството врз основа на Декартовата замисла за човечкото тело како машина, науката ја претвора реалноста во предмет на истражување, а научникот во субјект кој има право да манипулира и да експериментира со неа, но не смее да биде нејзин дел. Со други зборови, човекот се иззема од природата – и од внатрешната и од надворешната – и тоа му овозможува безмилосно да ја експлоатира за профит во подемот на индустриската револуција. Во дигиталната револуција, пак, механичката замисла за човечкото тело достигнува дистописки размери со технофеудалците, [3] кои самата човечка природа и сето наше знаење и сеќавање буквално го напикаа во „вештачкоинтелигентната“ машина, водени од истиот мотив, а за сметка на целиот, и онака кревок екосистем.
Денешната наука не работи во полза на животот и не нуди решенија за проблемите на општеството: нееднаквоста, војната и климатскиот колапс што ни виси над глава. Напротив, таа е злоупотребена и искористена за развој на експлоататорски и убиствени технологии од системот, кој не го чува и негува животот, туку го убива, пакува и го препродава за пари.
За да ја вратиме науката во служба на животот, потребен ни е нов пристап – синтетичен, не само аналитичен. Треба одново да ги откриеме нишките што нè поврзуваат и приказните што биле потиснати со страв и насилство, приказните на жените, децата, родовите дисиденти и домородните населенија. Сите тие остануваат запаметени во јазикот, во народното творештво и во културните обичаи, но за да ги пронајдеме и да ги поврземе во кохерентен наратив што ќе ни ја раскаже вистинската приказна за светот, а не таа што ни ја пропагираат системските институции, потребен е инаков поглед. Поглед што нема да ја репродуцира спрегата субјект–објект, врз која почива менталитетот на доминација, туку ќе гледа сè како дел од себе и себеси како дел од сè.
3. Приказната на кожата
Зборот кожа звучи (и личи!) како наежени влакненца, веројатно поради гласот [ʒ] кој го дели со глаголот ежи, кој, пак, мора да е поврзан со ежето што секогаш е спремно за самоодбрана. Следното прашање веќе се наѕира: од каде доаѓа зборот кожа и какви одблесоци носи од постоењето и вредностите на нашите предци?
Останувам со подотворена уста: според Етимолошкиот речник на „Википедија“, македонското кожа потекнува од протословенското *коза + суфиксот *-ја. Да, добро прочитавте. Зборот кожа потекнува од името на животното коза. Звучи како несреќна игра на зборови, но не е. Уште поинтересно е што ова е специфично за словенските јазици; другите индоевропски јазици имаат други приказни зад зборот. Главно, тој доаѓа или од протоиндоевропската коренска морфема *(s)keu-, што значи „покривање, криење“ (англ. skin), или од морфемата *der-, што значи „дерење“ (и, очигледно, преживеала и во нашиот јазик) или „лупење“ (грч. derma). Во овие јазици кожата се поврзува со процесот на покривање или откривање на телото, а во старословенскиот со потеклото на самите покривки – козите.
Објаснувањето лежи во суфиксот *-ја, кој служи за создавање глаголски именки од женски род што означуваат дејства (nomina acti) или алатки (nomina instrumenti). Така настанале именките сеча (од глаголот *sěťi), жед (од глаголот *žędati), суша (од придавката *suxъ), свеќа (од именката *světъ) и душа (од именката *duxъ). Сите тие пренесуваат значење што е блиско до некакво дејство (сеча, суша, жед) или алатка (свеќа, душа). Во зборот кожа, суфиксот можеби упатува на двете одеднаш – и на правење кожа од козите, и на алатката добиена од тој процес.
Си го замислив нашето кожа како општата именка палома – име на предмет (марамче) изведено од името на брендот што произведува такви предмети. Ако „брендот“ на нашите облеки биле козите бидејќи козјата кожа била толку чест материјал за покривање на телото, по некое време, таа станала и наша кожа. Конкретното име станало општо. Ова не значи дека старите Словени немале друг збор за човечката кожа претходно, но и тоа како зборува за присутноста и значењето на козите во нивниот секојдневен живот.
4. Овци и кози
Од етимолошки речници завршив во зооантрополошки студии за овците и козите. Дознав дека тие биле првите припитомени животни – пред околу 10 000 години на териториите на денешни Ирак, Иран, Сирија и Источна Турција. [4] Културите Винча и Старчево ги довеле на Балканот, [5] а старите Словени живееле во симбиоза со нив уште во Понтско-касписката Степа. Оваа врска ја преживеала нивната миграција и се чествува до ден-денес преку зборот кожа.
Козите имаат витка става и долг период на лактација, па бараат малку храна, а долго даваат млеко. Овие „крави за сиромашни“ биле толку важни за луѓето без пристап до пасишта и добиток (кои често биле жени) што понекогаш живееле и во домот како миленичиња. Освен за облека, пергаменти и повивање на мртвите, нивната кожа долго време служела и за изработка на шишиња поради својата отпорност на топлина и издржливоста.
Важноста на козите за словенската традиција е отелотворена преку митското суштество Чатеж, кој е получовек, полукоза – еднаш весел дух што им носи вода и овошје на шумарите и на овчарите, другпат пакосник што ги заведува патниците или фрла по нив со камења. Сличен е на грчкиот Пан, но поврзан и со словенскиот бог Велес, чуварот на животните, мудроста и подземниот свет. По доаѓањето на христијанството, ликовите како Чатеж добиле негативна конотација, но остатоци од неговиот култ сè уште живеат во народните маски и зимските обреди.
Во фолклорот, на козите им се припишуваат тврдоглавоста, лукавоста и самостојноста. За разлика од мирните и покорни овци, козите се пркосни и симболизираат отпор. Всушност, додека ги барав првите записи од зборот кожа на старословенски, наидов на еден стих токму за овците и козите и – погодете што – повторно е од Библијата!
И ќе се соберат пред Него сите народи; и ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите – од левата. (Матеј 25:32–33)
Овците се праведниците што се на страната на благословот и вечниот живот, додека, пак, козите се осудени зашто наводно не им помогнале на „најмалите браќа“ – сиромашните, гладните, болните и затворените. Ако ја контекстуализираме анализата, вистинската порака е јасна: секој што се конформира, ќе оди во рајот, а секој што мисли со своја глава – право во пеколот.
5. Заборавеното знаење од секојдневието
Сигурно барем во еден момент ви падна смешно што читате текст за кози. Да беше за коњи, можеби немаше да биде толку смешно. Сета историја е раскажана низ призмата на патријархатот, па среде нашите градови ги славиме големите војсководци и нивните коњи, а животните кои ни помогнале да преживееме и со кои сме живееле секој ден ни делуваат смешно.
Женологијата вели дека патријархатот можеме да го разобличиме само ако ги пронајдеме и ги раскажеме овие заборавени приказни, она што било потиснато со доминацијата на белиот маж и неговата перспектива. Таа ни овозможува да си ги повратиме системите на знаење што се проткајувале низ секојдневието. Па така, иако биолошката функција на кожата насекаде е иста, нејзината концепција како лексема ги сочувала културните особености на народите и различните начини на живот. Зборот кожа е лингвистички артефакт во кој е фосилизирано значењето на козите за словенските народи. А ни раскажува и уште една заборавена приказна – за заедништвото помеѓу луѓето и природата и нивната неспорна истоветност.
[1] Kowarsch, A.-K. (2022). “Alternatives to the established social sciences.” In Challenging Capitalist Modernity–Alternative Concepts and the Kurdish Quest (Конференција во Хамбург, 2012). Academy of Democratic Modernity.
[2] Jineolojî Academy. (2022). The rebellion of the oldest colony – Jineolojî: The science of women and life. Jineoloji.eu.
[3] Varoufakis, Y. (2024). Technofeudalism: What Killed Capitalism. Melville House.
[4] Boyazoglu, J., Hatziminaoglou, I., & Morand-Fehr, P. (2005). The role of the goat in society: Past, present and perspectives for the future. Small Ruminant Research, 60 (1–2), 13–23. https://doi.org/10.1016/j.smallrumres.2005.06.003
[5] Orton, D. C. (2008). Beyond hunting and herding: Humans, animals, and the political economy of the Vinča period (Doctoral dissertation). University of Cambridge, Faculty of Archaeology and Anthropology.