фотографија: Baastian Woudt
Дали знаете што точно сакаат жените најблиску до вас? Дали можете да се сетите кога последен пат сте ги прашале вашите мајки, баби, сестри што сакаат? Од вас, ама и општо, од животот? Можеби ако ги прашате ќе бидете изненадени од тоа колку многу и колку силни желби имаат жените околу вас, а можеби тие ќе бидат изненадените, затечени од можноста да одговорат.
Американската писателка Лиса Tадео не се плаши да ги постави овие прашања. Авторката на книгата Три жени (Three Women, 2015) поминала 8 години истражувајќи ги желбите на три жени на различна возраст во денешен САД. Додека работела на книгата, ги запознавала жените и нивните животи, се доселувала во нивните градови за да биде поблиску до нив, прашувала и, пред сè, слушала. Приказната во Три жени осцилира помеѓу трите протагонистки. Меги е млада жена што ги преживува последиците од врската со својот наставник што ја имала на свои 17 години. Лина е домаќинка и мајка на две деца во брак без секс и интимност со човек што одбива да ја бакне. Таа почнува афера со дечкото од средно откако повторно ќе се најдат на Фејсбук. Слоан, успешна и убава сопственичка на ресторан на море, е во отворен и среќен брак со сопруг со кој заедно имаат секс со други личности.
Tрите жени и нивните желби наспроти околината
Тадео пишува за женската желба со емпатија, сочувство и солидарност за жените, како некој што ги разбира. Таа форензички ја испитува женската желба, ја става под микроскоп, ја секцира и набљудува како таа влијае на секој од ликовите. Им дава глас на трите хероини и ни го прикажува нивниот внатрешен монолог.
Еден од начините на кои Тадео ја разгледува желбата е во релација со околината. На пример, кога Лина им кажува на жените од групата за поддршка дека има љубовник и дека е среќна со него, на виделина излегува фрустрацијата на дел од нив поради тоа што на Лина не ѝ е доволно да има дом, сопруг што финансиски ја обезбедува и здрави деца. „Тие беа лути што таа сака повеќе,“ пишува Тадео (380). Лути што Лина сака среќен брак, посветен партнер и страст. Нејзиното трагање по нешто повеќе стои наспроти инертноста и незаинтересираноста на жените околу неа. Жените не само што не ја одобруваат желбата на Лина, туку и јасно и даваат до знаење дека нема право на такви „високи очекувања“ од својот брак.
Уште поизразена е вмешаноста на околината во случајот на Меги. Неколку години по матурирањето, Меги заклучува дека нејзината врска со наставникот имала повеќекратни негативни последици – ѝ го нарушила менталното здравјето и ѝ ја уништила академската иднина. Кога нејзиниот случај стигнува на суд, поротата, судијата, медиумите, па и целиот град веќе имаат оформено мислење. Судeњето следи познат наратив кадешто наставникот е претставен како угледен граѓанин, а Меги е лошата девојка од лоша фамилија што само сака внимание, пари и да му го наруши угледот. Наставникот е семеен човек, заедницата го знае и почитува, неодамна бил избран за Наставник на годината, додека, пак, Меги е необразована, проблематична млада девојка без иднина и со родители што имаат проблеми со злоупотреба на алкохол. Желбата на Меги и нејзината врска со наставникот меѓу другото ги отвара и прашањата за согласноста, динамиките на моќ и менталното здравје.
Слоан, најбогатата, најзгодната и генерално најпривилегираната од трите е дел од тројна врска помеѓу неа, нејзиниот сопруг и нивен познаник. Двојните аршини се гледаат кога Слоан има непријатна средба со сопругата на познаникот. И покрај тоа што сите тројца биле подеднакво одговорни за тајната врска, таа е единствената што сноси некакви последици и е нападната и осудувана од сопругата и од целиот град.
Сите три жени, на еден или друг начин, го навлекле на себе неодобрувањето, ако не и бесот, на заедницата во која живеат. Сите три, на еден или друг начин, ги плаќаат скапо своите желби.
Желбата како себе-откривање
Во литературата и теоријата, жената многу пати е разгледувана како предмет на желба, посакуван објект. Многу мудри текстови се напишани на темата објективизација на женското тело, но ретко кога вниманието е насочено кон самата жена и тоа што таа го сака. Во Три жени, Тадео зборува за тоа како жените од мали се учат да ги минимизираат своите желби, да не им обрнуваат внимание и крајно, да научат да живеат без нив (385).
И покрај многуте победи што феминистичкото движење ги има извојувано досега, огромен број жени ширум светот сè уште се охрабрувани и од нив се очекува да сакаат да стапат во брак и да имаат барем 2-3 деца. Зависно од тоа каде во светот живеете, повеќето девијации од овој модел на желба се казниви со закон, невозможни, или ако имате среќа само осудувани. Слободната женска желба, како и секој престап, е казнувана од околината па и општеството во целост.
Според психотерапевтката и писателка Естер Перел (Esther Perel): „Желбата значи да се признае и уважи она што се посакува. Желбата е израз на нашето самостојно (суверено) себство. Желбата е показател за имањето слободна волја. Можете да ги присилите луѓето да направат нешто, но никогаш нема да ги присилите да посакаат и да копнеат за нешто“. Оттаму, желбата е крајниот слободен израз на нашиот идентитет.
Ако имаме предвид дека девојчињата често се воспитуваат во однос на луѓето околу себе, во однос на улогите што (ќе) ги имаат, да можат да се поврзат со другите, да бидат добри и послушни ќерки и ученички, а подоцна и сопруги и мајки, не е толку необично што жените имаат помалку можност да размислуваат за себе и своите желби. Желбата неретко е придружена со борбеност, решителност и акција, а токму момчињата се тие што најчесто се поттикнати да бидат самостојни, силни и слободни.
Постојаната, вкоренета навика да се фокусираме на туѓите потреби и желби, да излеземе во пресрет, да бидеме корисни и потребни, нè оддалечува од нас, нашиот внатрешен глас и следствено, нашите желби. Менувањето на начините на кои децата колективно се воспитуваат е макотрпен и бавен процес, но тоа што можеме да го правиме е да ги охрабруваме жените околу нас почесто да размислуваат за себе како за некој кој вреди и заслужува да му бидат исполнети желбите. Ако само една преморена мајка, работничка, сопруга или млада девојка од време на време реши дека таа самата вреди доволно и заслужува да ја добие подобрата работна позиција, слободната саботна вечер со другарките, скапата марама или евтината масажа, тоа ќе биде една жена повеќе на страната на трите жени – престапнички.