Феминизмот го бие лош глас. Иако отсекогаш постоел отпор кон феминистичкото движење, во последно време забележувам сѐ поактивна инвалидација и омраза насочени кон движењето. Секако, поголем дел од времето ваквите ставови доаѓаат од цис-мажи, но сѐ почесто воочувам како и голем број жени го делат истото мислење. Особено ме изненадува тој сентимент од луѓе чиишто принципи во голем дел се поклопуваат со основните идеали на феминизмот. Тие се навидум против родова дискриминација и се свесни за потешкотиите и опасностите на коишто жените се вообичаено изложени. Тие исто така се против токсичната маженственост (само не под тоа име). Всушност, тие повеќе се дистанцираат од самиот збор отколку од вредностите кои феминизмот ги поддржува. Зборот феминизам е речиси огрден, често употребуван дури и како навредлив збор.
Затоа често чувствувам страв и несигурност поради фактот што се идентификувам како феминистка. Сѐ почесто одбегнувам да навлезам и да дискутирам на феминистички теми, пред сѐ за да си го заштитам менталното здравје или, пак, од страв дека ќе изјавам нешто „контроверзно“. Воочувам како, кога се спомнува зборот феминизам или кој било друг термин типичен за феминистичкиот жаргон (пр. токсична маженственост, родова флуидност, угнетување), реакцијата е речиси иста – превртување со очи, знаци на неудобност, тишина и одбегнување на темата. Или, пак, коментар од типот на „Јас лично не се класифицирам како феминист/ка, тоа не е за мене“. Па, што точно го прави овој термин толку одбивен?
Одговорот е инхерентно субјективен и разнолик. Сепак, забележувам некои сѐ поприсутни стереотипни ставови како: „Феминистките проповедаат некоја женска супериорност и воедно се мажомразачки“, „Па и мажите имаат проблеми. Зошто да се дава акцент само на женските страдања?“, „Целото движење е перформанс за внимание, жените имаат доста права и не страдаат од никаква дискриминација. Не секоја жена сака да биде независна, кариерно амбициозна, girlboss на којашто не ѝ треба маж или каков било партнер“. И, за крај, „Феминизмот е премногу радикален и преминува во пропаганда“. Тргнувајќи од овие најчести стереотипни ставови, ќе се обидам барем да ја чепнам површината на оваа огромна (феминистичка) санта, да ги демистифицирам дел од стереотипите и надежно, барем до некаде да допрам до т.н. антифеминист(к)и.
Најпрво, главниот концепт на феминизмот како да се има загубено, а недоволната и неправилна информираност преовладува. За ова би ги обвинила десничарските пропаганди и интернет-содржини, особено оние ширени од личности како Пирс Морган и Бен Шапиро, кои константно ги бираат најекстремните и неадекватни случаи и ги користат за да го оцрнат лицето на феминизмот. Како израсток на истата маса би ги зела за пример и т.н. red pill podcasts кои виреат на социјалните мрежи. Тоа се главно поткасти креирани и водени од мажи кои самоуверено, преку стратегиски развиена псевдофилозофија, ги оправдуваат својата мизогинија и непочит кон спротивниот пол и ги зајакнуваат деструктивните родови улоги. Како резултат, луѓето што ги следат овие содржини добиваат некоја искривена слика за тоа што претставува феминизмот, кои се неговите застапници и какви принципи застапуваат.
Суштински, феминизмот подразбира еднаквост за сите врз основа на идејата дека на секој поединец, без разлика на полот и родот, треба да му бидат загарантирани достоинството, автономијата и правото на избор. Тука не станува збор за некаква женска супериорност, туку за еднакви услови за живот и еднакви права за сите. Феминизмот директно му пркоси на цврсто воспоставениот патријархален систем, кој не само што им штети на жените и на другите маргинализирани групи, туку ги заробува и мажите. Феминизмот препознава дека и покрај тоа што патријархатот им дава моќ и општествени привилегии на мажите, овој систем истовремено ги ограничува и им припишува исто толку строги родови улоги. На пример, мажите не смеат да плачат или да бидат ранливи во јавност, или, пак, од нив се очекува да бидат главни хранители на семејството. Неисполнувањето на овие општествени очекувања често предизвикува разочарување и самопрезир кај мажите. Феминизмот не ги одрекува тие потешкотии, туку препознава дека овој систем е неправеден кон сите родови идентитети. Движењето не ја насочува лутината кон мажите, туку кон системот, а од мажите се бара да бидат сојузници во борбата што ги засега и нив.
Следен е аргументот „Зар жените се изложени на дискриминиција во денешното општество? Па, никој не ми брани ништо, можам да гласам, да одам на работа, да бидам финансиски самостојна и ред други работи“. Иако сум благодарна што можам да кажам дека тие работи ми се овозможени – секако, токму како резултат на феминистичката борба на храбрите предводнички од минатото – тоа сепак не ги негира ниту очигледните ниту суптилните сексистички микроагресии што ги искусувам(е) секојдневно, дали на работа, дома или на улица, или, пак, во различни институции. Тие заземаат различна форма, како имплицитни потценувања, невкусни коментари или навидум неизбежни ситуации кои влеваат страв и чувство на опасност. Поразот кога не сум сфатена сериозно, фактот што мора да докажам дека сум исто толку важна, вредна и способна индивидуа во општеството, константното чувство на ранливост кога се движам сама навечер. Понатаму, треба да сме свесни дека нашето лично искуство не е репер за глобалната ситуација на жените низ светот. Не секоја жена ја живее истата реалност. Ваквото размислување целосно ги инвалидира сите останати жени кои на дневно ниво се соочуваат со уште посериозни проблеми и неправди. Mожностите за автономност, сексуална слобода, едукација и работа не секаде се овозможени и прифатени. Традиционалните вредности тежнеат и ги ставаат жените во опасност. Расте бројот на фемициди во светот. Како што потврдија и неодамнешните локални (!) случаи, најголем број од убиствата се случуваат во домот, местото кое треба да пружа сигурност. Сторителите се сопружници, интимни партнери или дел од семејството. А и покрај алармирањата, институциите и понатаму не пружаат соодветна заштита за жените, не ги проследуваат пријавите на насилство и не реагираат навремено. Оттука, да се каже дека феминизмот е непотребен и чисто перформативен е апсурдно.
Во последните десетина години, феминистичките тематики се сѐ поприсутни во популарните медиуми. Холивудските филмови, на пример, се преплавени со самостојни, сингл, ултраработливи хероини. Овој бран на содржини изгледаше навистина освежувачки, во споредба со поранешните шаблонски приказни за дамата во неволја која треба да се спаси. Јас, а верувам и многу други девојки, ваквите филмови ги доживеав валидирачки и охрабрувачки. Но, одреден дел од гледачите ги толкуваат како медиум на „феминистичка пропаганда“ и го држат ставот дека ваквата застапеност станува претерана и прерадикална. Вистина е дека Холивуд го гледа феминистичкото движење како ризница за капитал и дека неговата вмешаност не секогаш е искрена, а како резултат, многу често добиваме површни и недоразвиени феминистички прикази. Но и покрај тоа, би рекла дека суштински овие содржини причинуваат поголемо добро од зло. Женските приказни сепак се вредни за приказ и дискусија, треба да прават бука и да ги тревожат масите кои се „загрозени“ од феминистичкото движење.
Пред некое време наидов на аргументот дека ваквите содржини и пораки ја исклучуваат традиционалната жена и дека главно сметаат оти не постои место за неа во феминизмот. Ова тврдење е едноставно погрешно. Задачата на феминизмот е да ја предизвика оваа позиција како инхерентно посакувана и предодредена за жените во светот, но тоа не го спречува движењето да ја поздрави автономната одлука на секоја жена која решава да биде мајка и да го гради својот живот со партнер во едно конвенционално, хетеросексуално семејство. Поучено од грешките на вториот бран феминизам, чиј главен фокус беше стремежот за независност на белата жена од средно-висока класа, денес феминистичкото движење ја нагласува својата инклузивност и ги зема предвид класните, расните и идентитетските разлики.
А, кога станува збор за нивото на радикалност, ако се смета за радикално да се бориме за социјална правда, безбедност и еднаквост, тогаш, да, феминизмот е, и треба да е радикален.
За крај, точно е дека феминизмот е склон кон генерализација. Не постои една конкретна и правилна дефиниција. Има толку различни сфаќања колку што има луѓе кои би рекле дека се феминист(к)и. Некои би рекле дека ако феминизмот значи сè, постои ризик да стане бесмислен. Други, пак, се свесни дека припадниците на движењето не се хомогена група и имаат право да го толкуваат и прошируваат значењето на борбата во правец што самите сметаат дека е најточен за нив. Сепак, суштината на феминизмот треба да остане иста. Секој човек, без разлика на полот, родот, расата, класниот статус и сексуалноста заслужува еднакви права и почит. Да си антифеминист(ка), ама да веруваш во човекови права е само по себе контрадикторно. Женските права се човекови права. Феминизмот е еднаквост.