На 24 октомври во просториите на „Мала станица“ во Скопје во организација на Тиииит! Инк. и ШКУЦ се отвори групната изложба со наслов „Тука, но некаде другаде / 𝙏𝙪𝙠𝙖𝙟, 𝙖 𝙣𝙚𝙠𝙟𝙚 𝙙𝙧𝙪𝙜𝙟𝙚 / 𝙃𝙚𝙧𝙚, 𝙗𝙪𝙩 𝙨𝙤𝙢𝙚𝙬𝙝𝙚𝙧𝙚 𝙚𝙡𝙨𝙚“ во кураторство на Јана Старделова. Изложбата е отворена за посета до 3ти ноември.
Групната изложба содржи дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Ивана Мирчевска, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ја сплетуваат динамиката на раселувањето, транснационалните идентитети, колективноста и постојаното менување на чувството за припадност на оние кои ги поминуваат границите. Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадност – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Замислена како долгорочна иницијатива, наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже одредена точка, таа го покренува случајот за промена, како тие се развиваат и како тие влијаат на нас и на нашите заедници.
За „Медуза“, нашата уредничка Душица Лазова поразговара со кураторката на изложбата.

Д.Л.: Почнувајќи од самиот наслов, „Тука, но некаде другаде”, изложбата ја истражува лиминалноста, односно позицијата да се постои некаде измеѓу (било тоа во просторот или времето). Во самиот опис, велиш дека ти е важно што „уметниците не го романтизираат домот“, туку ја проучуваат оваа неизвесна и неодредена поставеност, зошто? Кои се предностите, но и предизвиците на лиминалноста?
Јана Старделова: Како личност која работела со мигрант(к)и кои се наоѓале во многу комплексни и тешки животни ситуации, преферирам на домот да гледам реалистично. Кога почнав да го надополнувам своето професионално искуство во областа на миграциите со моето делување во областа на културата, тогаш започна и мојата соработка со уметници кои ја начнуваат темата на лиминалноста во својата пракса. По среќавањето со Невена Алексовски, која истражувајќи ги своите генеалогии неретко ја користи лиминалноста како начин да ја долови својата реалност, во 2022 го поставивме нејзиното дело Меланхолија на напуштените краишта во Private Print. Оттука почнав да го развивам концептот за групната изложба, препознавајќи дека домот, колку што е безбедно, толку може да биде и ужасно небезбедно место (на пр. во контекст на насилството врз жените и каде тоа најчесто се случува).
Тоа бидување некаде измеѓу, исто така, лично ме дефинира. Последните 15 години сум дел од тимот на Тиииит! Инк. и „Прво па женско”, додека истовремено живеам и работам во некој друг контекст. За мене беше исклучително важно да останам поврзана со Скопје, не само да следам што се случува туку и активно да делувам. Предноста во лиминалноста ја гледам во можноста што ни ја нуди да ги разбереме нештата подобро, надвор од бинарноста, и да им се приближиме на оние чувства и начини на бидување што ни се измолкнуваат и се таму некаде помеѓу. Ми се чини дека предизвиците лежат во тоа чии перспективи сепак остануваат недоловени и непретставени на крајот на денот.
Како дојде до тоа да соработуваш токму со овие уметници од регионот? Како изгледаше процесот на селекција на делата?
Во изложбата првично сакав да вклучам само уметници кои имаат искуство со мигрирање, пред сѐ, уметници кои живеат и работат во Љубљана. Како што го развивав концептот, решив дека сакам да внесам и перспектива на оние кои (засега) останале во својот роден крај. За мене беше многу важно да претставам македонски уметници. И покрај тоа што постои нивна застапеност во Словенија, сметам дека таа може да се подобри.
Во однос на делата, некои од нив беа изработени конкретно за оваа изложба. Останатите заедно ги селектиравме врз основа на темите со кои се занимаваат и се блиску до овој доста широк концепт на изложбата. Процесот изгледаше така што речиси година и пол пред првата изложба во Љубљана почнавме заедно да ги истражуваме темите со кои се занимава изложбата. Потоа, уметниците (Невена Алексовски, Ана Чворовиќ, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Андреа Кнезовиќ, Ленка Ѓоројевиќ и Илија Прокопиев) започнаа со работниот процес. Ми беше важно да имаме (и да си земеме) доволно време за работа и развој, период во кој решив целосно да им верувам. Многу ме радува што начинот на кој работевме и се среќававме во текот на припремите за изложбата беше препознаен и ценет од страна на уметниците.
Изложбата најпрво беше поставена во декември во Словенија, каде што живееш и работиш, во галеријата „Шкуц“ во Љубљана. Зошто ти беше важно да се прикаже и тука и таму и дали (првичните) впечатоци на посетителите во Скопје се разликуваа од тамошните? Дали тукашниот контекст – твојата изворна „дома” – влијаеше врз твоите кураторски одлуки при поставувањето на изложбата во „Мала станица“?
Мојата преселба во Љубљана од самиот почеток ја следи вклученоста во феминистичкиот фестивал „Прво па женско“, затоа и во планирањето на оваа изложба уште од старт знаев дека ќе се случи и во Љубљана и Скопје. Ми беше важно да ги поврзам овие два контексти, историски поврзани, но сепак раздвоени. Интересно е дека во Љубљана покрај очекуваната публика, дојдоа многу посетители кои не ги познавав, луѓе од дијаспората кои не секогаш гравитираат околу галериските простори. И тоа многу ме радува, сметам дека е важно да нудиме содржина која може да комуницира со пошироката публика. Оние кои ја видоа изложбата во двата контексти споделија дека делува сосема различно, што ме радува. Се надевам дека ќе можеме да ја прикажеме и во некој друг контекст.
Морам да признаам дека во Љубљана ми беше полесно да размислувам и да ги носам кураторските одлуки. Секако просторот е клучен за донесувањето на одлуките, но тука е и продукциската реалност. Во Скопје изложбата бараше компромис, промислувања и промени во просторот. Од аспект на достапност, ме радува дека и двата простори беа достапни за лица со физичка попреченост. Се надевам дека во иднина ќе овозможам достапност и на оние со попреченост во видот, како и други попречености, т.е. таа размисла ќе биде потесен дел од мојот кураторски пристап.
Според тебе, зошто е важно токму уметноста во регионов да се занимава со сложените наративи поврзани со миграцијата и (не)припаѓањето?
Во време кога миграциите се криминализираат, авторитарните општества се размножуваат и омразата преовладува, уметноста е еден од ретките начини со кои можеме да покажеме некоја поинаква позиција и повеќеслојни наративи кои ќе комуницираат со публиката. Доминантните наративи ни се сервирани на црно-бел, бинарен начин, оттаму потребата да се покажат различните нијанси.
Многу е важно да се споменат и присилните миграции кои беа последица на војните во бивша Југославија, процесите по распадот на Југославија и осамостојувањето на државите, но и миграциските движења во 2014/15 год. Примерот со Избришаните во Словенија покажува колку можат да бидат сурови државите. Се надевам дека ќе можеме да ги прикажеме и овие перспективи во рамки на „Прво па женско“.

Кураторката заедно со уметниците
Колку е важно уметноста да биде интимна и ранлива?
За мене лично се многу важни нежноста и ранливоста кои можеме да ги прикажеме со помош на уметноста. Опкружени со мачо култура, интимните приказни се противтежа и начин како да се справиме со нашите и меѓугенерациските трауми, а со споделување на ранливоста можеме да се подадеме кон креирање на алтернативни системи на грижа.
Имам впечаток дека во Македонија многу малку се зборува за курирањето како професија. Што те привлекува кај неа, кои се најголемите предизвици што ги носи и дали се гледаш и понатаму во улога на кураторка?
Курирањето го гледам како процес и начин на којшто моментално можам најубаво да се изразам, да креирам нови феминистички начини на делување и соработување кои им пркосат на постоечките модели на работа кои се најчесто експлоатирачки и нѐ доведуваат до исцрпеност. При обмислувањето на процесот на соработка со уметниците, многу ми помогна летната школа „Курирање во контекст“ која ја посетував во 2021, каде што можев да научам и разменувам мислења за ограничувањата и можностите кои ни ги нудат различните кураторски практики. Им се радувам на новите прилики кои ќе ми овозможат да се изразам преку курирањето.
Во нејзиниот текст за нашата минатогодишна публикација „Новите добри времиња“, проф. Елизабета Шелева пишуваше за невидливата дијаспора во која неминовно се наоѓаат жените, но и другите малцинства. Во невидлива дијаспора може да живееме „во рамките на сопствената култура и земја на потекло, а да не се поместиме ни десетина или стотина чекори надвор од роднокрајните државни граници“ со самото тоа што нашите ставови и начин на живеење и делување се разликуваат од доминантното патријархално и хетеронормативно општествено уредување. Дали се согласуваш и дали „Тука, но некаде другаде“ го третира и егзилот во рамки на сопствениот „дом“?
Интересно е дека кога зборуваме за преселби, тие на некој начин се сметаат за завршен чин. Но, всушност, откако ќе се случи преселбата, одново се соочуваме со рамките на патријархалниот и хетеронормативниот дом. Преселувајќи се некаде, сепак сме дел од истите системи и нормативи, кои во последните десет години стануваат се поограничувачки и тоталитарни, особено кон популацијата која не ѝ припаѓа на таа доминантна рамка. Со изложбата се обидов да ги најдам паралелите меѓу чувствата и промислувањата кои се секојдневие за мигрант(к)ите и оние (чувства и промислувања) кои се дел од секојдневието на другите, соочени со реалноста на стареечки популации и масовни миграции/иселувања, посебно во нашата држава и регионот.
Во описот велиш дека изложбата е замислена како „долгорочна иницијатива“. Што значи тоа?
На кратко тоа значи дека не застануваме тука 😊. Во контекстот во кој беше развивана изложбата, тоа значи дека ќе продолжам да вложувам енергија и време во тоа да се среќаваме со уметниците, да си разменуваме литература, прилики за резиденции и други соработки. Продукциски, тоа значи дека постојано (ќе) барам начини како ќе можеме да продолжиме да работиме заедно и, можеби, да ја прикажеме изложбата уште во некој друг контекст. Ме радува што после скопската изложба сите наоѓаме радост во тоа да продолжиме да работиме заедно.
Ако не тука, каде би пропатувала низ просторот и времето?
Во последните години, посебно после Ковид пандемијата и геноцидот во Газа, Судан и Конго, се повеќе се усмерувам спрема делот од светот кој го составува глобалното мнозинство (или таканаречениот глобален Југ). [1] Сепак, свесно се фокусирам на регионот од кој доаѓам и во кој делувам. Сметам дека патувајќи тука, низ просторот и времето, можам со својата белост и привилегираност да направам најмалку штета, да се обидам да ја разберам и преведам сегашноста во проектите и иницијативите кои ги курирам и во кои соработувам. За мене е важно е да ги откријам моите слепи точки и да се подобрувам во однос на нив.
[1] „Глобално мнозинство“/„глобален Југ“ – на англиски, global majority/global South. Во деколонизирањето на јазикот, сѐ почесто се користи терминот „глобално мнозинство“ (заб. на Јана).
фотографии: Јелена Белиќ