Јелена Васиљевиќ е извршна директорка на Rainbow Ignite и долгогодишна активистка на ЛГБТИК+ и феминистичкото движење во Србија. Таа повеќе од 20 години работи на зајакнување на капацитетите на организациите и активистите од ЛГБТИК+ движењето во Западен Балкан и има богато искуство во организациски, програмски и проектен менаџмент, работа со заедници, застапување, прибирање средства и организациски развој. Васиљевиќ е исто така посветена на зачувувањето на квир историите преку архивски иницијативи, меѓу кои и развојот на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија“.
Токму преку „Аркадија“, Јелена ни доаѓа во посета неделава со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ што ќе биде поставена во склоп на QUEER програмата на ППЖ#13 во четврток (30.10) во КСП Јадро со почеток во 20 часот. По тој повод, новоформираниот чопор БУЧКУРУЖ поразговара со Јелена за архивата, архивирањето и зошто е важно да се одржува сеќавањето за квир ѝсторијата во имагинацијата на новите генерации.
Како дојде до идејата за архивата „Аркадија“ и дали може да ми раскажеш нешто повеќе за тековните активности?
Ј. В. Идејата за архивата „Аркадија“ се роди од една многу конкретна потреба – да не се изгуби квир историјата во Србија и регионот, да не остане расфрлана низ приватни фиоки, стари кутии и сеќавања. Со години гледав како исчезнуваат драгоцени материјали како фанзини, фотографии, летоци, преписки, па дури и интимни сведоштва, бидејќи никој систематски не ги собира, ниту ги третира како дел од културното наследство.
Така „Аркадија“ настана како простор на колективно сеќавање, но и како политички чин – присуството на ЛГБТИК+ заедницата во јавниот и културниот простор да постане трајно и видливо. Називот „Аркадија“ упатува и на првата геј и лезбејска група во Србија, основана во деведесеттите, со што сакаме да го одржиме континуитетот на движењето и да ја пренесеме таа искра понатаму.
Во моментот работиме на дигитализација на архивската граѓа, собирање лични приказни, градење база на податоци и вмрежување со сродни архиви во регионот преку иницијативата Balkan Network of Queer Archives. Покрај тоа, организираме изложби, јавни дискусии и работилници за архивирањето како феминистичка и квир пракса, бидејќи веруваме дека архивата не е статичен магацин, туку жив простор – место каде што историјата се пресретнува со заедницата.
Што претставува за тебе архивирањето како пракса и која е итноста во архивирањето квир приказни денес?
За мене архивирањето е длабоко политички чин. Тоа е начин да се одолее на бришењето и искривувањето на квир искуствата, да се зачуваат трагите на нашето постоење во време кое често се обидува да нѐ скрие. Архивата не е само складиште на документи, туку простор каде што градиме колективно сеќавање, каде што сведоштвата, предметите и гласовите стануваат сведоци на времето и докази за постоењето.
Итноста во архивирањето на квир приказните денес е огромна, бидејќи сме сведоци на нов бран конзервативизам, анти-родови движења и обиди да се избришат достигнувањата што заедниците ги граделе со децении. Многу жени кои биле дел од лезбејското и феминистичкото движење во 90-тите сега веќе се повозрасни, и ако нивните сеќавања, фотографии и документи не се зачуваат, ризикуваме да изгубиме цела генерација сведоштва.
Затоа велам дека архивирањето е чин на љубов и чин на отпор – љубов кон заедницата и нејзините приказни и отпор кон заборавот кој секогаш е политички.
Во четврток во КСП Јадро ќе биде поставена изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ што ја подготви „Аркадија“, а која претставува своевидна историски втемелена етнографија на регионалните заедничарења на квир жените* од 1990-тите па наваму. Што ти беше најфасцинантно додека ги собираше и селектираше материјалите?
Најфасцинантно ми беше откритието колку релациите меѓу квир жените во регионот биле длабоки и цврсти, дури и во најмрачните времиња. Материјалите од Лезбејските недели и останатите собири сведочат за една мрежа на солидарност која опстојувала без оглед на војните, границите, јазиците и политичките разлики.
Во тие писма, летоци, фотографии и записи се чувствува неверојатна сила на заедништво, нежност и истрајност. Тие граделе свои простори на слобода – не само физички, туку и симболични. Фасцинантно е колку биле креативни и храбри, колку создавале уметност, хумор, ритуали и јазик кој истовремено бил политички и интимен.
Архивскиот материјал нè потсети дека квир ѝсторијата не е само борба, туку и радост, пријателство и поезија на преживувањето. И дека уште тогаш жените интуитивно го практикувале она што денес го нарекуваме интерсекциски и регионален феминизам.

Изложбата пред сѐ им оддава почит на основачките генерации на лезбејското* движење и нивниот влог кон регионалната феминистичка и квир солидарност во годините што следат. Изложбата за првпат беше преставена во Белград пред неполна година. Кои беа впечатоците на посетителите? Дали имаше посетеност од помладата квир публика?
Впечатоците беа исклучително силни. Постарите генерации во изложбата видоа дел од сопствената биографија, додека помладите квир лица првпат имаа можност визуелно, емотивно и историски да го поврзат сегашниот момент со минатото на движењето. Многумина рекоа дека биле трогнати и инспирирани, дека изложбата им помогнала да сфатат дека квир борбата овде датира од многу поодамна и е подлабока отколку што мислеле.
Изложбата беше претставена во рамки на регионално собирање на ЛБТИК+ жени и конференцијата „Будење: спротивставување на анти-родовите движења“, која собра активист(к)и од целиот регион за да разговараат за отпорот кон антиродовните наративи, за солидарноста и стратегиите за преживување во еден сѐ покомплексен политички контекст. Во тој контекст, изложбата стана повеќе од документарен приказ – таа беше и емотивен простор на средби, препознавање и благодарност кон оние кои го трасирале патот.
Особено ме израдува интересот на младите луѓе кои се враќаа, носеа пријател(к)и, сакаа да дознаат повеќе, да волонтираат во архивата, да учат… Тој меѓугенерациски дијалог е можеби и најголемата вредност на архивата „Аркадија“ – таа не е створена само за минатото, туку за градење мостови помеѓу оние кои создавале простор на отпор и оние кои денес продолжуваат да го шират.
Како што дознаваме од архивските материјали, овие активистки најчесто се собирале во рамки на Лезбејските недели кои биле прв експлицитен обид за здружување и артикулирање на потребите и желбите на квир жените во регионот и нивно мобилизирање во политичка акција. Овој процес одел тивко и бавно бидејќи многумина од нив тогаш сè уште ги немале материјалните услови за јавно да проговорат и да се обзнанат. Сепак, се чини дека, по распадот на Југославија, токму сестринството (а не братството) помеѓу феминистките, лезбејките* и квир жените го одржува и преобмислува концептот на единство како место на радикално богата различност (Билиќ, 2019) и се обидува да ја навигира политичката, етничка, јазична, класна и родова раскрсница отаде национализмот, војната, репатријархализацијата и хомофобијата што го зафаќа регионот.
Мислам дека тоа што го потенциравте е навистина така. Токму во таа реченица – сестринство, а не братство – лежи сржта на она што го одржуваше движењето во живот. Лезбејските недели не беа само собири, туку простор за повторно создавање заедништво, но и за учење како да се живее солидарно низ разликите. Тоа сестринство не беше идеализирано – се градело преку дијалози, несогласувања, преведување, напори да се разбереме едни со други отаде политичките, јазичните и културолошките разлики. Но токму таа упорна, нежна, а неретко и хаотична пракса овозможи движењето да преживее периоди на насилство, молк и институционално игнорирање. Сестринството стана начин за одржување континуитет дури и кога институциите, па дури и општествата, целосно потфрлија. И токму тоа, според мене, е специфично за нашето регионално квир движење – неговата сила никогаш не доаѓала „одозгора“, туку од мрежите на поддршка и доверба кои жените и квир лицата самите ги создавале. Кога денес гледаме наназад, јасно е дека Лезбејските недели и тие рани собири ги поставиле темелите за сè она што го правиме сега во културата, уметноста и активизмот. Сметам дека тоа сестринство и понатаму е нашата најважна политичка стратегија: способноста да се поврзуваме дури и во најтешки услови, да градиме мостови таму каде што другите изградиле ѕидови.
Колку се имаат сменето условите за квир жените од 1990-тите и формите на ангажирано делување? Дали би рекла дека и во регионот се забележува некоја лезбејска/сафичка „Ренесанса”?
Условите се имаат променето, но тоа не е така линеарно. Денес имаме видливост, постојат организации, фестивали, конференции, јавни настани и културни иницијативи, но истовремено и силен отпор кон тие слободи. За време на 90-тите, многу од тие жени не смееле јавно да проговорат за својот идентитет, да се појават под свое име или воопшто да ја најдат заедницата на која ѝ припаѓале. Денес имаме пристап до медиуми, дигитални платформи и меѓународни мрежи, но постои и нов бран на наративи кои се обидуваат да ги оспорат правата на жените и квир лицата, да го стеснат просторот на слобода за кој се изборивме.
Сепак, верувам дека денес можеме да зборуваме за вистинска лезбејска ренесанса – не само во уметничка, туку и во општествена и политичка смисла. Сè повеќе уметници, активистки, кустоски, теоретички и истражувачки се враќаат кон женското и лезбејското наследство, разгледувајќи го од современа перспектива и создавајќи простор за историска репарација. Сведочиме за филмови, стрипови, поезија, дигитални уметнички дела, перформанси и изложби кои со нова сила и креативност го враќаат лезбејскиот наратив во јавниот простор.
Исто така, драго ми е што таа енергија не се задржува само во рамките на поранешна Југославија, туку се шири низ целиот Балкан, преку соработки, заеднички проекти и размена помеѓу организации и индивидуалци од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Косово, па дури и Грција и Бугарија. Тој процес на вмрежување покажува дека постои заедничко чувство на припадност и солидарност која ги надминува границите и јазиците и ги поврзува различните локални реалности во една поширока балканска квир мапа.
Ова не е само ренесанса на видливоста, туку и обновување на континуитетот, односите и солидарноста. Лезбејското движење никогаш не исчезнало туку ги менуваше формите, се прилагодуваше и преживуваше во тишината. Денес му се враќа достоинството, историската длабочина и, можеби најважно, чувството на заедничка иднина која се гради врз темелите на сеќавањето и соработката.

Ако треба да издвоиш еден до два моменти/настани од регионалната квир историја кои би биле тие?
Без сомнение првиот момент што би го издвоила е настанувањето на Лезбејските недели – тие легендарни собири кои, во време без интернет, без безбедни простори за дружење и со минимални ресурси, создале мрежа на регионална солидарност. Лезбејските недели не биле само состаноци, туку лаборатории на иднината, места каде жени од различни земји од поранешна Југославија доаѓале за да разменат знаење, искуства и стратегии на отпор, да се поврзат, оснажат и изградат заеднички политички јазик. Интересно е што на секоја нова Лезбејска недела се појавувал нов бран жени од заедници каде што лезбејското движење било во зародиш – секоја нова генерација носела свој глас, енергија и специфичност на контекстот од кој доаѓала. Тој процес на постојано ширење и вклучување покажува колку таа мрежа била жива.
Мене лично, еден од најубавите и највпечатливите моменти ми беше доаѓањето на црногорските активистки пред десетина години. Нивното доаѓање, како и радосниот пречек што го доживеаa, беше вистински симбол на заедништво и гордост. Тој момент го олицетворува она што го претставуваат Лезбејските недели – простор во кој секој(а) е пречекан(а) со радост и каде политичката борба станува прослава на меѓусебното препознавање.
Втор момент што би го издвоила е обновата на тие врски по војните, кога феминистките и квир жените од различните земји од регионот повторно се среќавале, без оглед на сè што ги разделувало и им се заканувало – национализмот, омразата и заборавот. Тие средби беа трогателни, понекогаш тивки, но исклучително отпорни. Тој чин на повторна средба и заедништво отаде границите, јазиците и политичките реалности е можеби најважниот доказ дека токму сестринството, а не братството, го одржало идеалот за единство во регионот, и дека преку него квир движењето преживеало, се развивало и нашло нова сила.
За крај – факти или фикција?
Во архивите секогаш има и факти и фикција. Архивата никогаш не ги содржи само „сувите“ факти, туку сведочи за начинот на кој се сеќаваме, раскажуваме и понекогаш го „дотеруваме“ сопственото минато. Реалноста е дека квир историјата често морала да опстојува тајно, под шифри, и да преживее во симболи и метафори. Така што, ако нешто ни изгледа како фикција – веројатно тоа било единствениот начин да (се) опстои.
Баш затоа архивирањето никогаш не ми здосадува! Секогаш е интересно да се чита за стварноста на жените од раните 2000-ти: во една фасцикла се сочувани мејлови од состаноци, во друга план на активности, а веќе во следната „препукување“ околу тоа кој го зел кабелот за проекторот или како завршила некоја „бурна ноќ“ на Лезбејската недела. Таму ќе најдете сѐ: и љубовни приказни и трачеви и сериозни политички анализи, и шармантен хаос што го создававме додека се обидувавме да го промениме светот со буџет колку за три сендвичи и неограничена количина ентузијазам.
Архивите се живи бидејќи ја чуваат вистинската душа на заедницата, сите тие мали детали кои покажуваат дека нашите движења секогаш биле и сериозни и смешни, и политички и лудо забавни. Фактите и фикцијата во квир архивите не се исклучуваат меѓусебно туку одат во пар и нè потсетуваат дека историјата понекогаш најдобро ја паметиме низ смеа.