Дарко Алексовски: Здраво, Јован. Во ноември минатата година, во КСП Центар-Јадро се отвори твојата четврта самостојна изложба. Драго ми е дека во овој проект бев вклучен како графички дизајнер на уметничката книга Never North, Never Fair: The Prespa Disagreement која беше промовирана за време на изложбата. Техничкиот процес на реализација на книгата одеше релативно брзо, но подготовките траеја околу една година. Во меѓувреме имаше можности твоите проекти да ги претставиш и пред публиката во Нови Сад и Сплит. Голем дел од работата на еден проект е можеби невидлив за читателите и публиката, па би сакал со ова интервју малку повеќе да го откриеме процесот преку кој стигна не само до финализирање на книгата и изложбата во Скопје, туку и до твоите тековни интереси како визуелен уметник инспирирани од овие патувања и претставувања пред странска публика.
Ова е твојата втора уметничка книга. Првата ја издаде во 2022 година преку PrivatePrint со наслов I used to be a lovely boy but turned out queer. Можеш ли повеќе да ни кажеш каков е процесот на пренесување и „преведување“ на одреден визуелен и наративен материјал во форма на книга?
Јован Јосифовски: Морам да напоменам дека соработката со PrivatePrint останува како една од подобрите. Илија и Марија знаеја подобро од мене што треба да се случи со материјалот што го создадов за книгата. Земајќи ги предвид моите тенденции за претерување и непостоечкото претходно искуство со уметнички публикации, мислам дека навистина паднав во вистинските раце. Кога сме веќе кај втората публикација, тоа беше поинакво искуство, многу хаотично. Паралелно работев на материјалот за книгата, изложбата и краткиот филм, одбивајќи помош во целиот процес, нешто за кое ќе размислам двапати во иднина. Сè уште не можам да го дефинирам процесот на пренесување и „преведување“ на содржината, често имам дилеми дали истото е успешно пренесено. Сепак, две уметнички книги не претставуваат голем репертоар или искуство. Она што беше битно за првата публикација, не беше битно кај втората. Првиот пат процесот беше предводен од професионалци во областа, вториот пат бев сам и хистеричен, придружен со смешната сума од Министерството за култура, кое првично го исклучи проектот, бидејќи, нели, „квир уметноста не е уметност“ во Македонија. Тука сакам искрено да се заблагодарам на тимот од Центар Јадро, кој ми излезе пресрет и се избори проектот да опстои.
Низ книгата можеме да забележиме мноштво предмети и мотиви (перници, секира, ракавици, знамиња, виножито и сл.) кои функционираат како знаци и симболи на различни квир, националистички, антиродови, општествено-политички, историски и поп-културни дискурси. Сите тие може да имаат многу произволни значења во зависност од физичките или метафоричките простори во кои се појавуваат, па можеш ли да ни раскажеш повеќе за релацијата која ти ја градиш низ овие предмети и како таа е важна за нашиот културно-политички контекст?
Книгата, а особено филмот, изобилуваат со симболи и предмети, ги има толку често, што во еден момент го губат своето индивидуално значење, за доброто на сите. Сите мотиви присутни во мојата последна уметничка книга се збир од мојата втора, трета и четврта самостојна изложба. Може да гледаме на ова како на трилогија што кулминира во една мала книга. Сè заедно добива театрална, па дури и нејасна димензија за оние што не се запознаени со мојата уметност. Она што сакам да го постигнам со предметите е да ги присвојам, па да ги понудам назад, во контекст што е апсолутно непопуларен и занемарен. Преку нив сакам да ги отворам прашањата за квир животот на Балканот, за насилството, за влијанието на тековните политики врз квир заедницата и, најважно, за фамилијарните релации кои се бескрајно и непотребно романтизирани. Отпорот во мојот опус го гледам како обврска. Едноставно, не можам да ја игнорирам црквата што повикува на протест против родовата еднаквост, истата таа црква што, буквално, ја поседува државата. Не можам да ги игнорирам небулозните изјави на премиерот. Во нив не гледам никаков патриотски чин, напротив, гледам прилика за уште поголем замав на хомофобијата. Не можам да ја игнорирам првата дама на антиродовите движења, која со фотографии генерирани преку вештачка интелигенција успешно ги лаже бумерите дека ЛГБТ+ луѓето „доаѓаат“ по нивните деца и внуци, изложувајќи ја целата заедница на реална опасност. Овие луѓе не само што не се способни да ги заштитат децата, туку и нема од што, всушност, да ги заштитат.
Додека ја работевме книгата неколкупати се потсетувавме дека не правиме каталог, туку засебно дело кое треба да функционира како такво и по затворање на изложбата. Каква е релацијата помеѓу изложбата „Box Office Poison“ и книгата Never North, Never Fair: The Prespa Disagreement? Освен формално, кои се аспектите во кои тие се поклопуваат, а каде се разликуваат како две целини од еден поголем проект?
Не би рекол дека воопшто се разликуваат, само се надополнуваат, заедно со краткиот филм „Метастазата на Вергина“. На овој проект работев во периодот на глобалните избори во 2024 година, кога десницата земаше замав, и ние не бевме поштедени. Оттаму произлегуваат и националистичките мотиви, како Вергината, која во последните години стана поголем патриотски симбол од било кога, особено кај помладата машка генерација во земјата. Битно е да се каже дека изложбата ја доживеа судбината на сопствениот наслов, многу луѓе не се појавија на настанот, медиумите не пишуваа за изложбата, најверојатно затоа што не сакаа да бидат асоцирани со уметник кој ја насочува својата критика кон политиките на власта. Всушност, ова е првото интервју во кое добивам прашања поврзани со оваа изложба.


Од книгата Never North, Never Fair: The Prespa Disagreement
Иако си млад визуелен уметник кој истражува и изложува дела во различни медиуми, во твоето портфолио веќе се препознаваат мотиви и методи на кои се навраќаш. Како ти гледаш на потенцијалот на мотивите и медиумите кои ги користиш повеќепати?
Како што кажав, три од вкупно петте мои самостојни изложби се тесно поврзани, па навраќањето беше неизбежно. Тоа не беше нешто што беше однапред планирано, мислам дека ми требало повеќе време за да го „потрошам“ концептот. Почнав од премногу лични аспекти и искуства, продолжив со истражување што ми донесе неверојатни туѓи перспективи, за на крај сè да биде врамено таму каде што, всушност, лежи почетокот на проблемот, во политиката и религијата. И покрај сличностите, визуелниот приказ секогаш беше различен, со исклучок на предметите кои се повторуваа. Конечно, оваа фаза е завршена. Единствено што останува од тука е уште малку да си поиграм со карактерот што го создадов за проектот за кој говориме – „родителот“. Инспириран е од македонските тврдокорни патриоти, антиваксери, антиродови активисти, религиозни фанатици… Мислам дека можам да го искористам неговиот идентитет за уште неколку работи. Инспиративно ми е тоа што просечниот Македонец стана апсолутно неподнослив човек, особено во изминатата година.
Едно од твоите најнови учества е и учеството на CHOSEN-YU: Queer Film Festival & Exhibition – нов фестивал кој ги обединува уметниците и филмските автори од поранешна Југославија, со цел архивирање на современата квир уметност, а се одржува во окупираниот Студентски културен центар во Нови Сад. Како се поврза со сцената во Нови Сад и кои се твоите размислувања за важноста на архивирањето на современата квир уметност, особено во време кога таа е во постојана опасност да биде избришана, уништена и/или намерно заборавена?
Минатата година мојот краток филм имаше проекција во Нови Сад, во рамки на проектот за кој првенствено и беше снимен – Echo Curve 2024, под менторство на Јане Чаловски, а кураторка беше Јованка Попова. Претпоставувам дека студентите кои ме поканија оваа година на овој нов фестивал, веќе ја проследиле проекцијата, па се договоривме покрај филмот да биде изложена и мојата прва уметничка книга. А кога станува збор за архивирањето на квир уметноста, не треба ни да постои дискусија. За жал, нема ни дискусија околу опасноста од нејзиното бришење, тоа веќе се случува. Фестивалот Скопје Прајд Викенд годинава не доби никаква поддршка од институциите. Тоа, претпоставувам, е првиот чекор во процесот на бришење. Кога не давате поддршка или простор за единствениот, и повеќе од докажан, квир фестивал во државата, фестивал кој ги донесе најголемите имиња од актуелната светска сцена и за првпат создаде простор за сите македонски квир уметници, тогаш навистина е во прашање некаква фобија.

Од краткиот филм „Метастазата на Вергина“
Како еден од номинираните уметници за минатогодишното издание на наградата ДЕНЕС за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во Северна Македонија, ја освои наградата за престој на уметничка резиденција во Culture Hub Croatia и нивната галерија „Prostor“ во Сплит. За време на твојот престој беше дел и од qFEST – фестивалот за квир уметност во организација на колективот queerANarchive и LGBT центарот во Сплит. Најпрво, какви се твоите доживувања за односот на публиката спрема твојата презентација и изложба? И, на каков начин работниот и истражувачки престој влијаеше на твоите тековни истражувања и идни планови?
Резиденцијата во PROSTOR беше повеќе од одлично едномесечно искуство, девојките од тимот се навистина фантастични. Уметникот или уметничката што ќе ја добие овогодинешната резиденција во Сплит, преку наградата ДЕНЕС, ќе заврши на фантастично место. Таму ја претставив изложбата “The Alibi of the Lonely Sandwiches”, а во рамки на qFEST имав и презентација на проектот за кој најмногу зборувавме во ова интервју. Привлечно е да се зборува пред публика што не те познава, мислам дека помина одлично. Како сето тоа ќе влијае врз моите идни планови, допрва ќе видиме. Не помина многу време откако се вратив.