„Здруженост, позитивност и мотивација“ така Елена Василевска го опишува својот читателски клуб „Бук нук“. Клубот за кратко време прерасна во голема заедница, преку која љубителите на литературата се среќаваат (барем) еднаш месечно, дискутираат книги и градат пријателства.
Во ова интервју за Медуза, Елена ѝ открива на нашата уредничка, Дамјана Видическа, како се роди идејата за „Бук нук“, нешто повеќе околу читачката заедница, кои се книгите што ги читаат и зошто ваквите средби го збогатуваат нашето секојдневие.

Фотографија: Елена Василевска
Д.В.: За почеток, кажи ни од каде идејата за ваква заедница?
Елена Василевска: Идејата произлезе од мојата лична желба да споделувам впечатоци за книгите што ги читам со други луѓе. Претходно споделував рецензии на мојот блог, и на мрежата Goodreads, но ми фалеше моментот на дискусија. Во Скопје постоеја книжевни клубови, но не се пронајдов во изборот на книги што ги читаа, па затоа решив да ја испробам идејата за основање сопствен клуб. Првично ја споделив оваа замисла со моите следбеници на Инстаграм, а по добивањето на огромен позитивен одѕив, одлучив да го основам читателскиот клуб „Бук нук“.
Инстаграмот на Клубот има повеќе од 1000 следбеници. Очигледно е дека многу луѓе делат иста страст, а воено и сличен начин за поминување на слободното време. Што значи оваа заинтересираност за тебе и како оваа заедница на bookworms придонесува кон едно различно колективно секојдневие?
Заинтересираноста за клубот е тоа што ме мотивира да продолжам да ги „поместувам границите” за тоа што значи да си дел од клуб на читатели. Иако првично идејата ми беше доста едноставна – се бира една книга месечно и за истата се состануваме за дискусија – со растечкиот број на членови се појави потреба да се култивира чувство на заедништво и преку други активности кои јас лично сметам дека би им биле интересни на членовите. Досега, oсвен редовните месечни средби за дискусија, организирамe и разни активности, како што се специјални работилници, заеднички одења во кино, дружења посветени на читање во група, па дури и патувања.
Како изгледа процесот на избор на месечни теми и наслови? Март го посветивте на феминистичка книжевност, па нѐ интересира која книга ја одбравте и зошто баш таа?
Така е, темата за март беше феминизмот и членовите споделија многу интересни предлози што би можеле да ги обработиме. Во потесен избор влегоа: A Room of One’s Own на Вирџинија Вулф, Caliban and the Witch на Силвија Федеричи, The Bell Jar на Силвија Плат, и Invisible Women: Data Bias in a World Designed for Men на Керолајн Криадо Перез, но победникот беше The Handmaid’s Tale („Приказната за робинката“) на Маргарет Атвуд.
The Handmaid’s Tale е дистописка приказна, која, за жал, поради моменталната глобална политичка клима станува сѐ пореална и возможна реалност. Зошто сметаш дека е важно да се читаат книги кои обработуваат феминистички прашања, особено имајќи предвид дека се забранети во одредени држави?
The Handmaid’s Tale е само една од низата книги кои служат како предупредување маскирано во фикција. Преку темите кои се обработуваат, можеме да дискутираме и критички да размислуваме за потенцијалните општествени опасности, особено за маргинализираните групи. Свесноста е најмоќната алатка која ја имаме, и истата е двигателот кој ни треба за да ни помогне да се избориме за сопствените права. Дополнително, фактот дека книгите со вакви теми се забранети додава нова призма низ која можеме да ја дискутираме нивната важност: зошто се забранети и како нивното изоставување би можело да влијае врз наредните генерации.
Најдов еден цитат на Маргарет Атвуд кој гласи вака: „Јас читам за задоволство и тоа е моментот кога учам најмногу“. Дали се сложуваш со ова? Што значи читањето за тебе? Дали е поразлично да читаш сам од читањето во заедница?
Читањето за мене претставува отворање на видиците, и притоа учам за светот, но и за себеси. Секој може да се пронајде во некое литературно дело, макар и во една реченица, и тоа да служи како движечка сила за понатамошно себеосознавање и осознавање на светот. Индивидуалното читање го овозможува ова, но читањето во заедница овозможува простор за дополнително споделување на идеи и мислења, што води кон подлабоко размислување за теми кои можеби на прв поглед не ни оставиле толку голем впечаток.

Фотографија: Елена Василевска
Сигурно читањето заедно е доста интересно, но верувам дека уште поинтересни се дискусиите во Клубот. Која дискусија и за која книга ти била најинтересна и најпредизвикувачка досега? Која дискусија ќе ти остане во сеќавање?
Без размислување, нашата втора дискусија посветена на The Secret History на Дона Тарт. Таа книга, поради својата заслужена популарност, донесе многу нови членови во клубот, и самата дискусија беше многу интересна заради сите аспекти на романот: од јазикот и наративниот стил на Дона Тарт, до самите теми кои се обработуваат. Интересно е што многу луѓе дојдоа на дискусијата мислејќи дека книгата не им оставила посебен впечаток, и до крајот на средбата целосно си го променија мислењето. И оттогаш, имаме непишано правило дека на секоја средба, некој (несвесно) мора да ја спомне The Secret History за да направи некаква споредба, ха ха.
Зошто сметаш дека е важно да постојат вакви читателски клубови во Македонија? Колку е важно да се обработуваат книги кои влијаат врз критичкото размислување врз читателите?
Книгите се најинтроспективниот извор за разбирање на туѓите искуства и нивниот начин на размислување и носење одлуки. Преку нив, читателот формира свои мислења за што им се допаѓа, а што не во тоа книжевно дело. Преку разговор, можеме да ги споделиме тие мислења и со тоа да отвориме безброј дискусии кои ги истакнуваат личните мислења на другите читатели. На овој начин го предизвикуваме сопственото гледиште на светот и гледиштето на другите, што, според мене, е најубавиот начин да се вежба критичко размислување. Колку и да сметаме дека за некоја книга „нема што да се зборува”, може да се извадат длабоки психолошки и културолошки прашања.
Доколку ти и членовите на Book Nook имате способност да ја предвидите иднината, кој big book trend сметате дека ќе биде следен?
Лично, би сакала да видам повеќе мешање на жанровите и креативна соработка меѓу различни креативци со цел да се добие нов тип на книжевно дело – некој вид на уметнички Франкенштајн кој успева да ја продлабочи првичната идеја на авторот. Покрај завршеното дело, ова може да го вклучува и целиот пристап кон маркетирање на делото и приближување на темите кон читателот на нов и уникатен начин.