STEALTH unlimited е истражувачко-архитектонско дуо составено од архитектите Ана Џокиќ и Марк Нилен кое работи помеѓу Ротердам и Белград. Во последните петнаесет години нивната практика се трансформира од кураторски провокации во долготрајна, вткаена работа на декомодификација на основните услови на животот во градот – домување, енергија, финансии.
Од 7 до 9 мај, Ана и Марк ќе одржат работилница за женски кооперативи: Ткаење солидарност – од раце до срце која ќе се реализира како дел од соработката помеѓу програмата ПРВО ПА ЖЕНСКО #14 и City as a Stage: Urban Utopias.
Во разговор со Ана Џокиќ ја начнавме темата за различните начини на размислување и организирање со цел замислување, развивање и конструирање на алтернативни иднини преку практики на заедничарење. Во времиња кои нема да бидат лесни – ниту политички, ниту климатски – потенцијалот на кооперативите како модели каде се практикува заедничарење е токму она кое може да ја развие нашата имагинација.
Во вашата работа немате тенденција да се занимавате со самиот процес на продуцирање на градскост (urbanity. Напротив, вашиот талент лежи во провоцирање на социо-просторни прашања кои се кријат под површината преку охрабрување на различни заедници да конструираат имагинации загледани во и насочени кон иднината (future-pointing imaginaries). Со текот на времето, овие истражувачко-просторни провокации се трансформирале во нешто подолго, помакотрпно и подлабоко: посветување на повеќе од деценија на декомодификација на основните услови за живот во градот: домување, енергија, финансии. Која е разликата помеѓу начнувањето, односно отворањето на одредено прашање и останувањето со него во неудобниот простор помеѓу, без да го имаме одговорот? И што ги прави просторите на социјална репродукција – просторите каде спиеме, јадеме, се грижиме едни за други и го конструираме микрокосмосот на нашиот секојдневен живот – токму она вреди да се истражува?
Ана Џокиќ: Првенствено, би сакала да дадам малку контекст. STEALTH.Unlimited започна како истражувачка и кураторска практика преку која истражувавме примери и искуства за различните начини на кои луѓето колективно ја менуваат својата средина. Тоа истражување секогаш беше поврзано со градот, бидејќи по образование сме архитекти.
Со текот на времето сфативме дека не ни е доволно само да зборуваме и истражуваме за овие работи – напротив, сакавме да ги видиме и тестираме како сценарија во реалноста, во градовите од кои доаѓаме. Јас сум од Белград, мојот партнер Марк е од Холандија, и го делиме животот помеѓу Ротердам и Белград. Живеејќи и создавајќи помеѓу два града, со краткотрајни присуства насекаде (работилници, предавања, кураторски проекти) одлучивме дека е подобро да се концентираме на создавање, експериментирање и тестирање на нови форми на колективно ко-егзистирање и задничко живеење, работа и грижа на места во кои тој концепт може да пушти корен – уморни од динамичното темпо, а со желба за нешто трајно – се фокусиравме на Белград и Ротердам.
Разликата е суштинска: кога сте истражувач или куратор, можете да останете одвоени, да набљудувате однадвор. Но кога формирате организации, кога сте нивен дел, кога барате финансирање, поврзувате луѓе и водите иницијативи – тогаш сте вткаени во тоа нешто. Што е сосема различно од тоа само да го провоцирате нештото да се случи или прашањето да се отвори.
Сè уште ни е мила провокацијата, сè уште сакаме да бидеме краткотраен катализатор. Но оваа втора страна – вткаеноста – стана нешто што е од особена важност за нас. И токму затоа ја прифативме поканата да дојдеме во Скопје и да работиме со Тиииит! Инк. и АКТО-ФРУ и да испровоцираме некои интересни насоки.
Пишуваш за преминот од индивидуализирана ранливост кон заедничка отпорност како едно од најтешките нешта кои ги бара заедничарењето (commoning). Сакав да зборуваме за грижата како секојдневна практика, особено во рамки на кооперативата – заедничкото одлучување, одржувањето, еден вид споделен живот. Дали тоа само по себе е форма на отпор? И ако е -отпор против што, конкретно?
Ова не се мои зборови, но ми доаѓа на ум: caring is daring – грижата е смелост. Грижата е еден вид отпор против сè она што е рамнодушно и изискува многу: истрајност, вклученост, посебен вид упорност. Полесно е да не се грижиш. Полесно е да си рамнодушен, да ги оставиш работите таквикакви што се и да продолжиш напред во својот индивидуализиран меур.
Заедничката отпорност е навистина тешка, но истовремено е состојба која ти носи една специфична форма на (лично) задоволство. Грижата станува форма на отпор против водечката идеја т.н. „секој за себе.“ Лесно е да ги игнорираш работите и индивидуалистички да одиш по своето. Грижата подразбира негување и одржување – таа е бавна пракса која бара труд. Светот околу нас е насочен кон инстантност: брзи решенија, брзи начини, брзи излези. Таа брзина е ерозивна и деструктивна. Во таков свет, грижата се јавува како антитеза – пракса која е бавна, но генеративна.
Не се сите подготвени за тоа. Но кога ќе сретнете група или заедница која е подготвена, начинот на создавање, замислување и правење работи добива поинаква форма.
Во Србија, последните година и пол беа навистина страшни и надежни истовремено. Едно од нештата што излегоа на виделина е тоа дека многу луѓе длабоко се грижат за општеството и се подготвени да направат нешта за кои, пред година и пол, сите мислевме дека изумреле – дека самата енергија за таква грижа повеќе ја нема. И токму тоа ме прави да се надевам. Нештата за кои зборуваме, кои беа на маргините, сега се ставени во фокус. Не знам како ќе се одвива овој процес понатаму, но мислам дека тие искуства нема да бидат заборавени и дека ќе послужат како основа на која ќе продолжиме да се надоврзуваме.
Кампањата „Welcome to Housing Hell / Добредојде во пеколот на домувањето” во Белград, лансирана од платформата „Кој го гради градот?“ каде STEALTH.unlimited се јавува како еден од иницијаторите, ги именува мрачните реалности на домувањето:неотплатливи хипотеки, незаштитени станари, енергетска сиромаштија и присилни иселувањаод кои се засегнати дури 70% од луѓето во Србија. Во таа статистика спаѓаат и самохрани мајки, постари жени, негувателки, жени кои бегаат од семејно насилство и немаат каде. Дали си ги сретнала овие жени преку работата со „Кој го гради градот?” И дали нивната специфична ситуација го обликувала начинот на кој размислувате за домувањето како феминистичко прашање?
Постои цела низа луѓе кои не се вклопуваат во категоријата на среќното нуклеарно семејство или во стандардниот модел за кој е конструирано домувањето. Луѓе кои во голема мера се надвор од пазарниот сегмент – група на луѓе карактеризирани преку своето неприпаѓање. И до одреден степен работевме со луѓе од такви групи. Ja формиравме нашата станбена кооператива пред околу седум години која во меѓувреме се прошири, но жените навистина имаат водечки глас во неа. Членовите на нашата кооператива се главно работници со нестабилни работни места и приходи, и сме свесни за важноста на позицијата на жените.
Токму темата на работилницата во Скопје го адресира предизвикот и потребата да се насочиме кон начините на создавање женски кооперативи. Она што го научивме од работата, особено работата со постари жени кои бараат начини на взаемна грижа кога остануваат сами е дека во средината во која живееме постојат длабоко вкоренети родови политики и вградени родови односи на моќ во самиот простор.
Интересно ми е да споменам некои примери. Уште во 2011, кога бевме во поинтензивна истражувачка фаза, поминавме некое време во Франција, каде наидовме на пензионерска група чија инспирација беше нешто наречено „Куќата на Баба Јага” – феминистичка алтернатива за домот за стари лица, населена во 2012 по тринаесет години развој. Многу инспиративен пример. А поскоро, во Барселона, беше отворена La Morada housing cooperative – феминистичка станбена кооператива која функционира врз основа на колективизација на задачите и заедничка грижа за секојдневните потреби: храна, хигиена, здравје, грижа за животни, родителство. Навистина инспиративни примери за тоа колку прашањето на жените може и треба да биде ставено во центарот на домувањето.
Во есејот “Urban Commons: de-commodifying urban life” го опишуваш „Градот во настанување” како „лабораторија / простор за тестирање и експериментирање”, односно привремен простор каде луѓето може да се пробаат во колективната самоуправа пред да преземат поголем скок кон долготрајно заедничарење. Но исто така пишуваш дека заедничарењето допира до сосема специфични групи граѓани, а не до сите. За кого е тогаш таа „лабораторија” и дали постои опасност заедничарењето, онакво какво постои денес, да ги репродуцира истите исклучувања против кои се бори?
* Град во настанување (Stadt in de Maak) е иницијатива која има за цел да им даде втор живот на напуштените „проблематични” објекти. Преку нивна адаптација во пристапно/достапно (affordable) домување и заеднички простори како и колективна самоуправа овие објекти се отвораат кон заедницата додека пак недвижниот имот станува заеднички ресурс, покажувајќи дека домот е право, а не инвестиција или привилегија.
Во „Град во настанување” оние кои можат да си „дозволат“ да живеат во ваков алтернативен модел на домување, се всушност таму бидејќи немаат друга алтернатива. Овие луѓе „си дозволуваат“ да живеат оскудно баш зашто мнозинството имаат несигурни работни места, не се на конвенционална работна позиција или се во некоја меѓу-фаза. Речиси и не наоѓате конвенционални семејства. Тоа се главно ранливи луѓе кои, по избор или судбина, клизнале вон редовниот живот и неговите обрасци -понекогаш тоа се уметници (очигледната категорија), но и студенти, луѓе кои ги изгубиле своите блиски и немаат каде да одат, луѓе кои бараат начин да го почнат животот одново…
Она што ги поврзува, а со нив и стотици луѓе кои со текот на времето поминале низ тие простори, е подготвеноста да ги прилагодат и просторот и животот. Ова директно се поврзува со претходното прашање за грижата. Никој не ветува сигурност, но тука привремено наоѓаат нешто слично на засолниште и слободата која доаѓа кога немаме што да изгубиме. Со растечките цени на недвижностите домувањето станува привилегија за многу луѓе. Така да, сè повеќе луѓе би сакале да бидат дел од нешто вакво, а просторот е ограничен. И тоа само уште повеќе ja потенцира потребата од такви простори.
Кога би зборувала за тоа што нѐ инспирираше за да се наклониме кон истражување на кооперативите како алтернативен начин на живот би тргнала од нашето лично искуство. Марк и јас, пред да го почнеме „Град во настанување” имавме можност дванаесет години да живееме во негов претходник – мал блок на куќи во Ротердам, којшто се користел за социјално домување. Властите сакаа да го срушат, но предводени од една активистка и дел од луѓето што живееја таму, успеавме да го одбраниме. Градот ни го даде на користење во време од десет години, да го одржуваме сами – сите заедно – луѓе со повисоко образование и луѓе од работничката класа, столари, водоводџии, едноставно луѓе со различни потекла и животни приказни. Успеавме успешно да го задржиме повеќе од 22 години!
Тоа искуство на самоуправувана заедница беше суштинско за нас. Ни ја отвори имагинацијата дека работите можат да функционираат поинаку и ни даде практични вештини. Ни овозможи воопшто да постоиме – да живееме со минимални трошоци за домување и да имаме слобода да истражуваме, да патуваме, да работиме речиси волонтерски на „Град во настанување” и „Кој го гради градот?” во Белград. Без тие услови, ние веројатно би работеле стандардни работи како архитекти, а STEALTH.Unlimited веројатно не би постоел.
„Паметнија Зграда“ е изградена врз основа на заедничка сопственост – домување трајно извадено од пазарот, достапно, енергетски ефикасно, колективно управувано. Но дали овој модел им дава способност за дејствувачка моќ на жените (agency)? Не само стабилен покрив, туку услови за поинаков живот – слобода да се излезе од несигурната ситуација, да се работи поинаку, да се учествува политички, да се замисли иднина која не е целосно проголтана од оскудноста и прашањето на „каде ќе живеам следниот месец?“ И дали можеби оди уште подалеку – дали го трансформира женското субјективно доживување на себеси? Дали ја трансформира жената во политички субјект, во некој кој се чувствува дека може да бара, да замислува и да изгради алтернативни иднини, а не само да преживее?
Ова е можеби најтешкото прашање. „Паметнија зграда“ е модел, но и реална кооператива, формирана врз основа на идеи кои долго ги развивавме. Сè уште е во настанување – не можеме уште ниту да тврдиме, ниту да докажуваме. Но во суштината лежи идејата за поинаков живот што ја спомнуваш, односно форма на домување што е многу повеќе од само домување.
Досега организиравме серија настани насочени токму кон замислување како може да биде поинаку, и дел од нив оделе во правецот на трансформативната перспектива за жените. Во кооперативата има прилично голем број на жени, кои можеби се најактивни во моментов бидејќи токму тие – под влијание на животните околности – ја имаат развиено таа имагинација која е потребна за замислување и ткаење на алтернативни иднини.
Останува да видиме. Не можам сè уште ништо категорично да тврдам. Но насоката е јасна. Ние не сме феминистичка кооператива во строга смисла – но постои феминистичка нота кај сите членови. И тоа е многу специфична група: активни луѓе кои сакаат да направат нешто во услови каде нема никаква поддршка за кооперативно домување во Србија – ниту политичка, ниту финансиска. Сè уште сме на ниво на експеримент, барајќи минимален простор од каде можеме да почнеме. Од една страна да ја шириме идејата, а од друга да бараме простор кој ќе стане наш и кој потоа би се обиделе да го водиме според принципите за кои позборувавме.