Со Алма Гачанин разговараме за феминизмот, уметноста и секојдневието, за потчинетоста како извор на (супер)моќ и за различните работни искуства што ги претвора во уметнички материјал.
Хана Сировица: Алма Гачанин е сараевска уметница која работи со различни медиуми – перформанс, цртеж, видео, фотографија, текст – истражувајќи ги сложените односи меѓу современиот капитализам и патријархатот. Неодамна настапи во Загреб со перформансот How Well Did You Perform Today и изложбата Работи напорно, играј грубо, која беше отворена во БАЗА. По тој повод разговаравме за феминизмот, уметноста, пркосот, секојдневието и начинот на кој потчинетоста станува извор на (супер)моќ.
Би сакала да започнеме со реченицата со која ја отвораш својата биографија: „The overall purpose of my work is to participate in collective feminist emancipation“. Во низа твои дела, вклучувајќи го и твоето неодамнешно загрепско претставување, се појавува Дјевина – фигура која со женственоста и феминизмот се поврзува на различни начини. Како настана ликот Дјевина, како е поврзан со твојата главна уметничка цел, и како би го опишала односот Алма–Дјевина?
Алма Гачанин: Колективната, феминистичка еманципација за мене започнува во домот, во семејното опкружување. Моето прво запознавање со феминизмот беше преку мајка ми и моето најблиско опкружување. Потоа следеа пријателствата, работната средина и поширокиот круг. Таа феминистичка солидарност многу ми помогна – и за идеите и за силата да продолжам со работа – и сметам дека таа е клучен поттик и поддршка на уметноста, што често се занемарува.
Што се однесува до Дјевина, започнав со неа во 2018 година. Тоа беше моето враќање кон фигуративната уметност по период на отпор кон неа. Почнав со перформансот „Јас ќе правам што јас сакам“, и тогаш доживеав момент на просветлување. Преку серијата Workout сè повеќе цртав и сфатив дека ликот на Дјевина се повторува во различни форми – тоа е моето алтер его. Дјевина честопати отсликува одредени занимања, термини или сцени од секојдневието – разговори, конфликти, ситуации на мизогинија – и често реферира на врската помеѓу физичкиот тренинг и професионалните обуки.

Gold Digger, “Workout” серија (2020)
Во цртежите користам хумор и наслови како Just do it, кои се однесуваат на рутина, продуктивност и притисокот да се „работи на себе“. Во капитализмот, работењето на себе значи да бидеш подобар работник за системот. Моите фигури се хиперсексуализирани до степен на чудовиштност – намерно претерувам за да не бидат сексуални објекти, туку нешто од кое се плашиме.
Сакам да се поигрувам со елементите на женственост кои се сметаат за непожелни, и ги претставувам на пренагласен начин за да го потенцирам тој чудовишен аспект. Инспирацијата доаѓа и од митолошките претстави на жените како чудовишта, како Медуза, кои се казнети за своето постоење. Жените секогаш се виновни што постојат – и се прогонети. Сакам да создадам лик што предизвикува страв – затоа што општеството треба да се плаши од жени. (бидејќи жените можат да го спасат светот!)

a sitting position, “Workout” серија (2020)
Хана Сировица: Освен серијата „Workout“ што ја спомена, каде на друго место се појавува Дјевина и во какви облици?
Алма Гачанин: Се појавува во многу дела, во цртеж и анимација. На пример, во делото „Workout“ си поигрувам со елементи од балканската култура во која жена танцува на маса. Во сцената каде што танцува, Дјевина е лишена од родови карактеристики, појавувајќи се како сосема „невин“ лик кој на крајот, откако ќе танцува во низа смешни пози, го проголтува гледачот. Во ова дело, преку кое сакав да зборувам за трансформацијата од социјализам во капитализам – бидејќи системот се менува, но чудовиштето останува исто – Дјевина ја игра улогата на систем-чудовиште кое ги проголтува своите работници. Во циклусот „Djevina at Work“, таа игра различни улоги – од работничка на нива, до фигура што танцува како стриптизета, до лик што лудо ракува со алатки (секира, лопата). Таа прави неочекувани работи што немаат никаква врска со „вистинската“ работа, покажувајќи дека ќе прави што сака кога сака. Со други зборови, таа го демонстрира својот пркос и инает, наместо да учествува во некаков вид „корисна“ работа.
Хана Сировица: Поради нагласените бои и атрибути, Дјевина наликува на суперхероина што ја црпи својата моќ од потчинетоста. Сличен визуелен јазик гледаме и во делото „Жолт мантил“. Кажи ни нешто повеќе за односот меѓу (супер)моќта и потчинетоста.
Алма Гачанин: „Жолт мантил“ зборува за моето детство во опколено Сараево. Сакав да го избегнам наративот на жртва и да го претставам херојскиот аспект. Детството е трауматично, и секое дете е на некој начин херој. Се сеќавам дека ми беше забрането да носам боја поради безбедност. По завршувањето на војната, си дозволив да ја носам – затоа костимот има суперхеројски момент.

Жолт мантил (2021)
Уште како девојче бев изложена на машкиот поглед и објективизација, што ми создаде срам. Долго време ја избегнував женственоста. Дури во доцните дваесетти почнав да ја прифаќам и користам како извор на сила. Женственоста стана моја супермоќ и ја користам во перформансите, каде се претставувам како суперхероина. Денес младите повеќе ја прифаќаат женственоста како сила, не како знак на слабост.
Хана Сировица: Покрај сексуалноста, твојата работа се занимава и со други аспекти на телото – начини на кои телото се контролира и нормира под капитализам-патријархатот. Како почна да работиш со телото и како одлучи да направиш исчекор од цртеж во перформанс?
Алма Гачанин: Кога почнав да се бавам со перформативна уметност немав многу јасни намери. По серија неуспешни обиди да најдам соодветна работа, прифатив летна работа што траеше 30 дена и каде што условите беа совршени за перформанси. *се смее* Беше слабо платена работа, работев 12 часа на ден, не можев да седам во текот на смената итн. Се одвиваше во интересната средина на еден трговски центар каде што бев опкружена со десетици жени кои работат во многу полоши услови од мене – бидејќи го работат тоа многу подолго, трајно. Ја прифатив работата со веќе подготвена идеја – секој ден ќе правам што сакам, односно секој ден ќе пишувам и цртам летоци што ќе ги делам на случајни минувачи.
Навистина ми се допадна тоа чувство на директен контакт со публиката, преку кој им објаснував дека сум уметница кој си ја работи својата работа иако сум платена да правам нешто сосема друго; исто како и ‘местенката’ со работодавците, преку која одработев нешто и за нив и за публиката. Директната комуникација со публиката беше инспиративна за мене, а потоа решив да направам стендап од белешките, а ова го означи почетокот на мојот влез во перформативната уметност, како и мојот општ интерес за пишување текстови, поврзување на секојдневниот живот и уметноста, односно уметничка интервенција во рамките на работното време.
Во следниот перформанс, вториот дел од „Ќе правам што сакам“, користев делови од текстот „Animal Inside“ од Ласло Краснахоркаи и делови од филмот „Social Game“ од Срѓан Карановиќ. Преку текстот што го напишав, зборував за тоа како е да се биде затворен во простор. Имено, во тој период немаше пасоши и не беше можно да се напушти БиХ, поради што не можев да отпатувам на изложбата на која бев поканета и за која бев платена.
Тоа беа моите први средби со перформансот, тогаш почнав посериозно да го користам моето тело во просторот, имав кореографија, пеев и ги изведував текстовите. Потоа следуваше период кога работев како стјуардеса и често менував работни места, во периодите кога не се бавев со перформанс. Подоцна повторно му се посветив на тоа, инспирирана од мојата најнова работа за грижа за клиенти, во која постојано бев изложена на разговори и размислувања за мојата работа. Постојаните евалуации, проценките и притисокот на ефикасноста ме турнаа повторно да излезам во просторот, да се вратам кај публиката.

Ќе правам што сакам (2016)
Хана Сировица: Го спомена периодот што го помина работејќи како стјуардеса, а искуството поминато на таа позиција е присутно и во твојата работа преку серијата „Good Life“. Можеш ли да ни објасниш што претставува „добар живот“ за тебе и твојата работа?
Алма Гачанин: Кога почнав да работам како стјуардеса, сите ми велеа дека тоа е добра работа, работа од соништата. По обуката, кога почнав да работам, сфатив дека тоа е далеку од работата од моите соништа – беше исклучително физички исцрпувачка работа.
Бев инспирирана да го истражам „добриот живот“ од текст на Џудит Батлер, која, следејќи го Адорно во „Minima Moralia“, пишува за невозможноста да се живее добро во лош живот, го поставува прашањето што значи добриот живот за нас денес и колку разбирањето на добриот живот е под влијание на различни системи, секојдневната работа, капитализмот, структурите на моќ и колку воопшто не сме во можност да видиме што е добро за нас.
Во „Good Life“, зборувам за оваа работа преку селфиња што ги направив во петзвездени хотели, но овие фотографии изгледаат како да ги направил некој друг и евоцираат естетика на sugar daddy. Сите беа сликани или пред или по смената, и сакав да ја доведам во прашање оваа варијанта на „работа од соништата“, да истакнам како изгледот честопати е далеку од реалноста и како сè што добро се продава најчесто е добро спакувана измама. И сакав, на крајот на краиштата, преку сето ова, да зборувам за прашањето што е морално или исправно да се прави – дали е исправно да се има добра работа и добра плата, или да се работи работа што е изградена врз експлоатација, или е морално да се избере нешто што сакам да го правам, но преку кое немам сигурна егзистенција.

Good Life во Џакарта (2019)
Хана Сировица: Друг аспект на современиот капитализам со кој се бавиш е неговата виртуелна страна. Освен што, како што веќе спомна, си играш со селфи естетиката во „Good Life“, елементи на онлајн културата се забележливи и во „Workout“, кое е изложено во БАЗА, каде што имињата на поединечните цртежи се изразени во форма на хаштагови. Како пристапуваш кон елементите на интернет културата?
Алма Гачанин: Интернетот влијаеше на начинот на кој ја перцепираме убавината, женственоста, женското тело, а сето тоа се обидувам да го деконструирам: утврдените норми за изгледот, за тоа какво треба да биде женското тело. Хаштаговите што ги користам во Workout ја имаат улогата што ја играат и во секојдневниот живот – тие се клучни зборови преку кои наоѓаме интересна содржина. Најдобри хаштагови се оние што се користат најмногу на интернет. Во контекст на насловите на овие дела, користам клучни зборови поврзани со продуктивноста или тренинг, кои се многу популарни, и се обидувам да си поиграм со тие значења, честопати иронично.
Кога станува збор за визуелно претставување, важи правилото what you see is not what you get, со кое јас си играм на различни начини. „Good Life“ е за тоа како нашиот живот на социјалните мрежи е курирана содржина – дури и кога се обидуваме да бидеме директни, „природни“, тоа е содржина која е курирана и дизајнирана – дури и кога немаме намера да ја курираме, таа е некако курирана преку нашата изложеност на видот содржина што се бара. Меѓу делата што се занимаваат со репрезентација на Инстаграм и селфи културата, е и постарото дело „Coming Soon 1 & 2“, серија во која направив илјадници „совршени“ селфиња, но брзо ми здодеа количината на селфиња и престанав да го покажувам тоа дело. Премногу содржина честопати води до губење на значењето.
Преку овие дела, како и обично, се справувам со прашањето што е реалноста и што се обидуваме да прикажеме како реалност. Честопати е исто и со претставувањето на професиите – да речеме, креативната индустрија или уметничкото дело. Во нив гледаме прекрасен живот ослободен од обврската за работа од „9 до 5“, но е далеку од тоа – тоа е напорна работа, и иако не постои структура како во корпоративната индустрија, постои друг вид структура што често ја романтизира и крие таа работа. Накратко: сакам да си поиграм со тоа како прикажуваме нешто, како сакаме нешто да изгледа и како всушност е, на говорен и визуелен јазик.
Хана Сировица: Прашањето за скриен и недоволно признат труд – како емотивната и работата на грижа – е централно и во перформансот How Well Did You Perform Today. Од што е составен?
Алма Гачанин: Почнав да го развивам во 2022 година, инспирирана од разговорите што ги водев на мојата позиција во одделот грижа за клиенти, во компанија што работи со агенти за недвижности. Мојата работа подразбираше безброј часови разговори секој ден, а јас имав задача да запишувам белешки од тие разговори за да можеме да имаме подобра слика за одредени клиенти, нивните потреби и проблеми. Набрзо сфатив дека запишувам повеќе отколку што треба, како и дека разговарам со моите клиенти за бројни теми што не се строго поврзани со работата: за општото задоволство од животот, парите, управувањето со времето и како рецесијата и промените на пазарот на недвижности влијаат врз нивните (и нашите) животи воопшто. Накратко, сфатив дека пишувам текст за перформанс. Во тој период, го пишував само тоа; престанав да пишувам поезија и на тој начин се изразував преку пишаниот збор. Го структурирав текстот од дневнички записи на мојот мајчин јазик и работни белешки, кои се на англиски јазик, а кои се однесуваат на квалитетот на животот и тешките разговори што ги водиме во секојдневниот живот.
Алма Гачанин: Дури и кога не работиме таков вид работа, всушност многу разговараме со луѓе во текот на денот, без оглед на тоа што правиме. Во оригиналниот текст, користев и пасуси од книгата „Economy of the Unlost“ од Ен Карсон, кој зборува за парите и времето, и кој многу добро резонира со мојот текст. Исто така, бев инспирирана од книгата „Perform or Else“ на Џон Мекензи. Тој поаѓа од истоимената јануарска насловна страница на „Форбс“ од 1994 година, на која гледаме човек во одело на кој му се заканува кукаст стап. Изданието зборува за успехот на американската индустрија, т.е. 1300 компании од нивниот пазар – и многу ми е интересен третманот на перформансот (во англиската смисла на ефикасност), кој е формулиран вака: или работи за да бидеш најдобар, или ќе изгубиш во секој поглед (статус, постоење). Мекензи пишува дека ефикасноста е нешто што ја истуркало дисциплината (која доминирала во 18-ти и 19-ти век) од пиедесталот во развиениот капитализам.
Повеќе не е прашање дали работата е добро завршена, туку да направиме што е можно повеќе. Дури и кога правиме многу, треба да направиме уште повеќе на следната евалуација. Притисокот за хиперпродукција, за правење што е можно повеќе во рамките на работното време, без можност за задоволство на работа, е постојан. Кога работиш толку напорно, кога си под толку голем притисок кој ти вели дека е невозможно да завршиш, не можеш да се опуштиш дури ни во слободното време бидејќи секогаш има толку многу работа што е невозможно да се „перформира“. За време на таа работа, евалуациите беа постојани, моите разговори беа слушани и анализирани, бев обучена да следам одредени сценарија во комуникацијата за да ги убедам дека го добиваат најдобриот производ и дека она што го гледаат како реалност всушност не е вистина. Ние, така да се каже, ги лажеме – и претпоставувам дека во секој бизнис има мала дистанца од вистината. Ако успееме добро да го артикулираме начинот на кој ги нудиме нашите услуги, клиентот ќе биде убеден во тоа, иако тоа не мора да биде целосна вистина.

How Well Did You Perform Today (2023)
Хана Сировица: Слушнавме многу за тоа како си успевала да ја усогласиш уметноста со другите работни места и за тоа како си ги третирала како уметнички материјал. Сепак, сега, по долго време, твојата единствена работа е уметничка, па затоа конечно би сакала да те прашам како изгледаат проектите на кои моментално работиш, кои се следните чекори?
Алма Гачанин: Подготвувам неколку самостојни изложби: во водњанската Аптека, во галеријата Манифесто во Сараево, резиденција во Подгорица, и поголем проект во Љубљана. Исто така, работам на заеднички перформанс со фантастични жени – тоа многу ме радува.
Овој текст е објавен како дел од проектот „Еко-системи на инклузивна култура“, кофинансиран од Фондот за поттикнување на плурализмот и разновидноста на електронските медиуми.
Текстот го преведе Стефан Богески од хрватски јазик, а е оригинално објавен на kulturpunkt.hr