Рафики е диџеј колектив базиран во Берлин, основан од Катериња, Кхадиџа, НЏЕРИ и Анеле – четири талентирани уметници со различни позадини, потекло и пасија за електронска денс музика. Во сабота, 16ти септември, РАФИКИ доаѓаат во Скопје со свој диџеј сет во Three Kitchen & Bar (Анеле и НЏЕРИ) и Клуб 1212 (Катериња и Кхадиџа). Во продолжение, прочитајте го разговорот помеѓу РАФИКИ и нашата уредничка Калиа.
Калиа: Бидејќи ова ќе биде ваше прво шоу во Скопје како колектив, ајде да ја запознаеме локалната публика со Рафики. Сите четири независно терате и свои креативни патишта, но која е клучната енергија што ве спои и што сакате да ја пренесете како колектив?
Катериња: Пред сѐ, нашето пријателство и страста кон музиката! Групната работа ме прави лично попродуктивна, а имањето заедничка цел е најголема мотивација за да се продолжи напред. Кога имате тим што ве поддржува низ сите предизвици во тоа да се биде креативец, таа поддршка ви создава едно блиско, семејно чувство. А кога вашето семејство е толку кул и ја сака истата музика како вас, станувате незапирливи :)
Вашиот музички избор е длабоко вкоренет во концептот на раскажување приказни. Која е приказната позади вашето име?
Катериња: „Рафики“ значи „пријател“ на кисвахили и потекнува од арапскиот збор „rafiq“ што значи „придружник“. Рафики ни дојде природно како едноставно име што им е познато на сите и носи големо значење. Рафики ги симболизира нашите интеркултурни корени, а тоа што самиот збор е верзија на збор што доаѓа од друга култура (арапска во свахили) ја симболизира нашата работа – мешање на различни музички елементи и создавање нова, наша верзија.
Можете ли да споделите некои од вашите музички и/или креативни влијанија што се рефлектираат во вашиот звук и ве поврзуваат вас четири?
Катериња: Сите ја сакаме африканската музика во сите нејзини варијанти и стилски наследници бидејќи таму лежат корените на сите сегашни популарни жанрови. Уживаме да ги истражуваме минатото, сегашноста и иднината на жанровите што потекнуваат од африканските. На сите ни се допаѓаат силни ритам секции, моќни вокали, хипнотички повторувања…
НЏЕРИ: Како Кенијка, јас сум длабоко заинтересирана да ја истражувам врската помеѓу ритмичките битови на различните звуци што потекнуваат од Африка, почнувајќи од тапани па сè до ритмичко плескање со раце и звучно удирање со нозете, и тоа како овие ритми се инхерентно испреплетени со отчукувањата на нашите срца. Кога се занимаваме со музика, природно гравитираме кон композиции што предизвикуваат уникатна сензација, чувство што ги забрзува нашите отчукувања на срцето малку над нивното вообичаено темпо. Поединечно, уживаме да ги споделуваме овие музички искуства со останатите, а уште поголемо задоволство ни дава можноста да го споделиме како колектив.
Колку ви се важни вашите идентитети и потекло и како тие се рефлектираат во атмосферата што ја создавате?
Кхадиџа: Тие се важни затоа што ги претставуваат нашите наследство, корени и предци. Како обоени жени, ги застапуваме сите оние жени кои поминале долг пат да егзистираат и да им биде чуен гласот на овие простори. Ние сме еден од многуте светски колективи во една од најпопуларните клупски културни сцени во светот, но свесни сме за важноста на застапувањето бидејќи има помлади луѓе кои треба да видат, искусат и разберат дека колективните пристапи се неверојатно важни за да се создадат впечатливи искуства. Доаѓајќи од местата и корените од кои доаѓаме, колективно се омоќуваме себеси, а се надеваме и другите околу нас.
НЏЕРИ: Да, се согласувам со Кхадиџа. Да се препознате во некој како вас, особено како црна жена, е од големо значење во ова општество, особено за млади обоени лица кои можеби претходно не сретнале луѓе како себе на сцената. Ќе споделам едно лично искуство што го имав кога сè уште бев нова во Берлин. Бев на фестивалот Melt со некои пријатели за време на едно неверојатно лето. На овој настан, посведочив една извонредна црна жена која ја красеше сцената со нејзините волшебни мелодии. Таа жена беше Кхадиџа. За првпат, на сцената видов некоја толку млада жена со која можам да се поистоветам како жена од Источна Африка, а со која истовремено го делам и источноафриканското наследство. Ова ми беше огромна инспирација. Меѓутоа, тоа што резонираше со мене уште подлабоко беше можноста да се видам себеси и нашата заедница претставени преку неа. Ова беше навистина исклучителен подарок и посебно чувство.
Дали чувствувате како полека да се оддалечуваме од клупската сцена како „boys club“ (диџеи, букери, менаџери, сопственици на клубови итн), кон една поприфатлива и разновидна култура?
Катериња: Во Берлин, дефинитивно да. Битката сѐ уште трае, но преку мојата работа како уметница и „букерка” веќе забележувам многу промени на тој план и подигање на општата свест. Но, нѐ чека уште работа.
Дефинитивно имате талент да ги размрдате луѓето. Дали танцот е можеби еден од најсировите начини на комуникација, особено денес кога има толку малку активности за кои ги спуштаме телефоните за навистина да бидеме присутни во нашите тела?
Катериња: Танцот е дефинитивно главната причина поради која го правиме ова. Нема ништо подобро од пуштање музика за толпа која танцува, без разлика дали „знаат како“ или не. Секој може да танцува! Се надеваме дека ќе танцувате овој викенд со нас во Скопје :)
НЏЕРИ: Она што го сфатив за нашиот колектив е дека делиме заедничка љубов да приредуваме изненадувања кога диџејуваме. На пример, Катериња вешто спојува бразилска бајле фанк песна со ритам на англиски рап. Кога ги измикса овие траки на денската Рафики забава, целиот подиум се избезуми. Тоа е енергијата што ја барам на сетовите – возбудливи моменти на изненадување што не само што го шокираат, туку и го принудуваат моето тело да се движи на неочекувани начини.
Кои се вашите очекувања од Скопје викендов?
Кхадиџа: Можноста да го доживееме родниот град на една од нашите членови е многу посебна за нас. Навистина ни е мило што го носиме Рафики искуството во Скопје и не очекуваме ништо друго освен топло и забавно време тука.
А кои се вашите надежи и соништа за Рафики?
Кхадиџа: Сакаме да изградиме силна врска во рамки на нашиот колектив и да ја рашириме оваа љубов во нашата околина. Со нетрпение очекуваме да настапуваме на меѓународно ниво и да запознаеме нови Рафики и истомисленици. Секако една од нашите главни цели е да донесеме повеќе радост и забава и да си поминеме прекрасно со сите наши Рафики.
