Македонската дизајнерка Ирина Тошева постојано ги турка границите на дефиницијата за тоа што значи модата, неуморно нурнувајќи во нејзините потенцијали да направи промена. Неодамна, Тошева ни го постави прашањето: што се случува кога модата излегува од ѕидовите на студиото и влегува во просторите изградени за да казнуваат?
Во женското крило на Воспитно-поправниот дом Идризово, таа започна иницијатива чија цел беше да им овозможи на затворените жени да стекнат практични вештини за кроење, шиење и везење. Преку обука, креативно вклучување и практична работа, програмата имаше за цел да им помогне да развијат занает преку кој би можеле да изградат економска независност и посигурна иднина надвор од поправните установи.
Во пресрет на утрешниот настан „Шиеме надеж, шиеме промени“, каде што ќе се продаваат изработките од шивачката работилница, со вас го споделуваме ова интервју, со надеж дека ќе ве инспирира, охрабри и допре. Настанот ќе се одржи утревечер од 18:30 до 20:30 часот, на Зелената тераса во Градскиот трговски центар. Ве покануваме да ја поддржите оваа значајна приказна и да станете дел од промената што ја претвора модата во алатка за надеж и нов почеток.
Какви видови на вештини учат жените преку проектот – и дали мислитедека тие вештини ги зајакнуваат внатре, и би ги зајакнале надвор од затворот?
Во моментов фокусот е на везење, шиење и по малку кукичање. Жените кои се дел од шивачката работилница имаат работни задачи и работно време, што им овозможува нивниот ден да биде исполнет со продуктивност. Со секој нов чекор стануваат посигурни и поумешни. Жените од затвореното одделение, кои немаат право на излегување, активно придонесуваат со своите везови. Посебно радосен момент е кога ќе дознаат дека некоја нивна изработка е купена, тоа им дава чувство на вредност и гордост. Една жена, која во меѓувреме ја одлежа својата казна, сега ми помага околу везењето за новата колекција, со надеж дека тоа ќе ѝ отвори можности и за работа со студија кои имаат потреба од вакви соработници.
Каква беше првата реакција на жените кога им ја претставивте идејата за проектот? Дали беа колебливи, возбудени, скептични? Како првичните реакции прогресираа/се менуваа со текот на работата и времето?
На првите работилници за везење во јануари учествуваа околу 25 жени. Некои се пронајдоа, други се откажаа, а дел од нив само сакаа да пробаат нешто ново за да го исполнат своето време. Драга случка од првите денови во шивачката работилница ми беше кога една од жените ми рече: „Мајка ми е шивачка и никогаш не ме интересирало, а сега кога бев дома на викенд, сама побарав да ми покажува некои работи.“ Тој момент покажува како иницијативата отвори ново чувство на љубопитност и врска со своето семејство. Денес, таа се трогнува до солзи кога ќе слушне коментари и ќе ја види поддршката од јавноста. Тоа ја мотивира да биде подобра и посвесна, а мене ми потврдува дека сме на вистински пат.
Што мислите, како перцепцијата на општеството за жените во казнено-поправните установи влијае на нивните можности да добијат нова шанса, и како проектите како вашиот можат да помогнат да се смени тој наратив? Каква улога може да има модата како индустрија во поддржувачкиот процес на реинтеграција?
Стигмата е голема, за многу работни места се бара и потврда за неосудуваност и често еден погрешен чекор во животот остава белег за цел живот. Тоа ја намалува шансата некој повторно да се врати во општеството како рамноправен член. Тука жените гледаат дека стекнатите вештини можат да им донесат заработка и чувство на независност, без да зависат од тоа дали некој ќе им прости или ќе им даде „нова шанса“. Модата во оваа приказна има посебна улога, таа е јазик без предрасуди, што го слави креативниот израз и човечката приказна зад секое дело. Кога нивните изработки ќе стигнат до поширока публика, тие се ракотворби со душа и порака. Модата овде не е само индустрија, туку алатка за враќање на гласот и достоинството.


Дали мислите дека се става доволно акцент на рехабилитацијата и креативното зајакнување на казнениот систем во нашата држава? Каде гледате простор за раст? Истовремено, каква улога мислите дека државните институции би требало да имаат во поддршката на иницијативи како вашата?
Секогаш има простор за поголем акцент на рехабилитацијата и зајакнувањето преку креативни процеси. Од разговорите со луѓе кои се сеќаваат на минатите практики, дознав како некогаш системот активно овозможувал затворениците да создаваат и придонесуваат – од шиење, до производство на млеко и сирење и правење шаховски табли. Тоа е добра потврда дека моделот постоел и функционирал. Верувам дека денес треба да се „рестартира“ и прилагоди на современите услови и потреби.
Јас имам голема поддршка од раководството на КПУ Идризово, кое го препозна потенцијалот уште на првиот состанок. Ваквите иницијативи не требада бидат оставени на ентузијазам на поединци, туку институционално поддржани и развиени во долгорочни програми. Културата, образованието и социјалната инклузија не треба да бидат исклучоци, туку составен дел од казнено-поправниот процес.
Ако имате шанса директно да разговарате со создавачите на политиките или со луѓето задолжени за програмите за рехабилитација, што најмногу би сакале тие да разберат за жените со кои работите?
Најмногу би сакала да разберат дека овие жени не се бројки во системот, туку личности со таленти, амбиции и желба за нов почеток. Тие не бараат сочувство туку можност, а тоа е најголемата инвестиција што општеството може да ја направи за подобра иднина. Би сакала институциите да ја препознаат моќта на креативните процеси и уметноста во таа трансформација, и да создадат услови вакви иницијативи да станат системска пракса, а не исклучок. Отворена сум за соработка и комуникација, би било прекрасно ако оваа врата што ја отворивме заедно се прошири и институционално.
Дали жените некогаш зборуваат за тоа што сакаат да прават кога ќе заминат од установата – и дали овој проект ја обликува таа визија?
Тоа е една од најубавите страни на овој процес, гледаш како полека се создава надеж и конкретна визија за иднината. Една од жените веќе замина и продолжува да биде дел од иницијативата преку моето ателје и продажните активности на Made in Idrizovo. Дополнително ја поврзав со кариерен центар и консултант за да има и пошироки можности за развој. Друга жена, која од самиот почеток беше движечка сила со своето предзнаење, наскоро ќе излезе, а сама неколкупати ми повтори дека сака да продолжи да доаѓа макар еднаш неделно и да го споделува своето знаење со другите. Навистина има искрена желба ова да опстане и да расте. Исто така, една нова учесничка која неодамна се приклучи, со насмевка ни раскажа дека му рекла на брат ѝ да и купи машина за шиење штом излезе. Тоа е најдобрата потврда дека овие активности влијаат и ги поттикнуваат да сонуваат и да планираат конкретни чекори напред. Токму тоа е најголемата победа – кога желбата станува конкретна визија.


Верувам дека овој проект за вас не е само професионален, туку и емотивен. Како ги носите приказните што жените ги споделуваат со вас? Дали некогаш тие остануваат во вас и отпосле?
Од почетокот носам една тетратка каде што жените ми оставаат пораки и впечатоци, затоа што немам фотографии од активностите. Тоа е мојата најголема архива на емоции и потсетник зашто вреди секој труд. Приказните што ги споделуваат не остануваат зад затворските ѕидови, тие остануваат во мене, ме менуваат и ме тераат уште поупорно да се борам за нивната видливост.
Дали некогаш се чувствувате како жените да ве учат исто толку колку што вие ги учите нив? Ако е така, на кои начини? И со што ви возвраќа овој проект, како на човечко суштество – не само како на дизајнерка?
Учам за издржливост, за храброст, за способност да почнеш од нула и пак да создаваш убавина. Тие ме потсетуваат дека модата не е само естетика, туку и политички чин – начин да се пробие стигмата, да се даде глас на оние што општеството ги замолчува. Како човек, ме прават поблагодарна и посвесна запривилегиите што ги имам. Како дизајнерка, ми враќаат смисла, бидејќи секое парче не е само производ, туку доказ дека постои пат кон промена.
Кога луѓето би можеле да видат само една работа – еден момент или приказна – за да го разберат влијанието на овој проект, што би издвоиле да им покажете? Што би сакале светот да знае за овие жени што ги надминува предрасудите или претпоставките што луѓето би можеле да ги имаат за нив?
Би ги покажала очите на една од жените кога слушна дека нешто што таа го изработи се продало. Тоа е момент на гордост, но и на надеж, чувство дека е вредна и надвор од идентитетот „осуденичка“. Светот треба да знае дека овие жени не се дефинирани од нивните грешки, туку од нивната огнена волја, сила и потенцијал. Сите тие се ѕверки, секоја на свој начин. И токму во таа дивост, во таа моќ да преживеат и повторно да создаваат, се крие нивната најголема убавина.