„Кога се во прашање жените, домот секогаш победува. Имам впечаток дека општеството порано или подоцна ја припитомува секоја жена и го гуши нејзиниот отпор. Затоа наша должност е секогаш да ги преиспитуваме зададените граници.“ Марија Ратковиќ
Пред неколку месеци, лутав низ една прашлива антикварница во Охрид, кога налетав на каталог од Струшки вечери на поезијата од 80-тите. Прочитав неколку песни од фестивалската селекција и скокнав на последната секција, каде беа прикажани фотографии од различните содржини на фесивалот. „Зумирав“ една од фотографиите, за подобро да го доживеам расположенитето на настанот, кога забележав едно познато лице (а не беше Блаже Конески – победникот на тогашниот фестивал). Всушност, се работеше за средовечна жена, која аплаудираше во публиката и ужасно многу личеше на баба ми. Уште позаинтересирана, погледнав уште повнимателно и кога го видов речиси ќелавиот човек со карактеристична насмевка до неа, сфатив, ова се баба ми и дедо ми. Откако ја видов оваа фотографија од нивниот социјален живот, за кој доста имам слушано, почнав интензивно да размислувам за баба ми и нејзиниот живот.
Баба ми Зора, нагалено Мака, почина на мои 16 години. Иако голем дел од своето детство го поминав во нејзиниот дом, денес имам многу малку сеќавања од неа. Оние сеќавања, пак, кои ги имам, се многу живописни и се кристализираат додека го пишувам овој есеј. Таа беше слатка жена, со мала, но цврста градба, мили очи свиени удолу (кои ги наследивме и јас и сестра ми) и крупни витлери, кои ѕиркаа од цветна марама. Можам да ја видам јасно, како лупи компири во кујната. Како секогаш лупи компири во кујната, како во некој непрекинлив сон.
Баба ми беше од Гостивар, а како средношколка се доселува во Скопје. Покрај македонскиот, зборуваше и турски и албански јазик, поради мултикултурното опкружување на нејзиното растење. Сфаќам дека не знам што и дали продолжила да учи по средното училиште. Знам дека била посветен член на комунистичката партија и работела во МВР. На еден собир во дворот на Министерството го запознала дедо ми Трајко, надежен и амбициозен млад архитект. Повторно се сретнале случајно во воз кон Дубровник, потоа почнале да се излегуваат и набргу се венчале. Во тоа време, таа имала речиси триесет. Кога бев дете, ѝ го поставував глупавото прашање зошто се омажила толку доцна. Го чекав вистинскиот за мене, беше нејзиниот одговор. Секогаш сметав дека тоа е многу модерно од нејзина страна. Образованието и дисциплината беа многу важни во тоа домаќинство. Секогаш кога одев кај нив морав да вежбам множење и делење, да ја пишувам домашната навреме, да го наместам креветот наутро, да слушам радио драми и да читам. Всушност, токму во тој дом за прв пат прочитав нешто самостојно и веднаш бев заведена од магијата на јазикот и раскажувањето. Подоцна, повторно таму беше вреднуван и поттикнат мојот интерес за пишување. Иако без многу корист, баба ми ме научи и на неколку традиционални ора и се обидуваше да ме научи како да плетам.
Иако во тој дом јадев неколку пати неделно, на неделниот ручек се сеќавам до најситни детали. Салата, супа, главно јадење, соленки, а потоа јаболка исечени на многу прецизен начин. Вино за возрасни, кока-кола со лимон за деца. Дедо ми седеше на едната страна од масата, татко ми на спротивната – единствените мажи во семејството, кои постојано се расправаа, најмногу за дневна политика. И следно, ја гледам неа. Баба ми. Лепакот на семејството. Главниот готвач како главна слуга, седната на помошно столченце на аголот од масата, за да биде поблиску до кујната во случај некој да не има потреба од нешто, бидејќи ние самите не можеме да станеме. Денес, кога ќе помислам на тие неделни ручеци, сфаќам дека таа го поминуваше поголемиот дел од времето трчајќи напред-назад меѓу кујната и трпезаријата. Се сеќавам како дедо ми не стапна во кујната додека таа не почина и како почна да готви во неговите осумдесетти. Се сеќавам на една жена која ме научи толку многу, а сепак, најсилното сеќавање што го имам од неа е начинот на кој лупеше компири. Се сеќавам на едно домаќинство со златно правило за братска делба, но дури сега сфаќам дека тоа не важеше баш за сите. Се сеќавам на оваа фасцинантна, паметна, образована, еманципирана жена – идеалната Југословенка, која го поминуваше целото свое слободно време грижејќи се за другите. Секогаш лупејќи компири. Секогаш седејќи на помошно столче.
Југофеминистката
„Пред конференцијата ние не постоевме. Настанавме за време на таа конференција. Не се познававме, Жарана нè собра сите заедно, ние не бевме група. Немавме свест дека нешто можеме да претставуваме. За време на таа конференција сфативме дека сме многу и дека секоја од нас прави некоја феминистичка работа, малку истражување, критика“.
Рада Ивековиќ
Велиш дека мојот работен ден трае 13 часа. Фала многу! За мене трае скоро 18 часа. Дали претерувам? Би сакала да беше на мое место… Прво, 8 часа сум на нозе, напорно работам. А потоа готвење, миење, чистење и така натаму. Двојно работно време, четири пати одење на работа и назад. А маж ми нема ни да ги однесе алиштата за перење, ниту да оди на пазар кога ќе има време. (Одговор од анкета спроведена во јуни 1956 година од страна на списанието „Практична жена“)
Случајот со баба ми дефинитивно не е уникатен. Тоа е попрво случајот со бабата, бидејќи генерации жени се образовале и станале дел од работната сила во Југославија, но нивните сограѓани не побрзале да го поделат товарот на домот и активностите поврзани со грижа. Семејното насилство не била тема широко препознаена и дискутирана во однос на родот и класата, јазот во урбанизацијата силно ги погодувал жените, се одржувале конзервативните родови норми и очекувања, а постоеле и огромни разлики во однос на образованието и вработувањето помеѓу различните региони. Додека Југославија била дефинитивно пред своето време, воведувајќи цврста систематска основа за класна и родова еднаквост¹, културата и материјалната реалност сè уште останале главно патријархални.
Бидејќи таканареченото „женско прашање“ требало да биде државно решено, во раните 50-ти, Антифашистичкиот женски фронт бил апсорбиран од Националниот фронт, а подоцна се саморазрешил, со образложение дека историската мисија на Фронтот е завршена. Меѓутоа, тоа не бил случајот во реалноста и создал вакуум кој не бил исполнет сè до појавата на новите југословенски феминистки во доцните 60-ти и поактивно во 70-тите. Во овој период, независни феминистички групи биле обесхрабрени и женското прашање не требало да се дискутира одвоено од класните и работните прашања.
За време на овој „феминистички вакуум“, двојната улога на жената, како работничка и мајка, никогаш не била јавно доведена во прашање, додека истовремено западните консумеристички идеали на женственост биле актуелни:
„Идеален пример беше жена која успешно балансира помеѓу грижлива мајка, домаќинка, партнерка и вработена жена, без да се загрози нејзината убавина, сексуална привлечност и женственост. Од друга страна, феминистичкото движење повеќе немаше никакво значење, ниту пак критичкото проблематизирање на родовите улоги во општеството. Насилството врз жените како проблем, исто така, беше целосно отсутно од јавната сфера.“ (Stojčić, Marijana. The Feminist Movement in Yugoslavia 1978-1989, Antipolitika, 2020)
Во таква атмосфера, клучниот феминистички слоган од вториот бран, личното е политичко, логично го најде својот пат до Југославија, најмногу преку работата на новите југословенски феминистки, кои ги препознаа и критикуваа очигледните недостатоци на проектот за еманципација на државата.
Пресвртен настан од овој период е конференцијата “DRUG-CA ŽENA. Žensko pitanje. Novi pristup?” („Друга жена. Женското прашање – нов пристап?“), што се одржува во 1978 година во Белград, во Студентскиот културен центар (СКЦ), кој се смета за јадро на алтернативната култура и политика во тоа време. СКЦ е формиран по студентските протести во 68ма година и одигрува важна улога во развојот на „новите феминистки“; од кои многумина се веќе активни во алтернативни левичарски групи, но доживуваат сексизам дури и во тие општествени и политички кругови. Очигледната неусогласеност помеѓу формалните државни напори за родова еднаквост и секојдневните предизвици со кои жените постојано се соочуваат и недостатокот на простори и можности за справување со оваа реалност ја поттикнуваат Жарана Папиќ (социјален антрополог и феминистичка теоретичарка) заедно со Дуња Блажевиќ (тогашна директорка на СКЦ) и Јасмина Тешановиќ (авторка, активистка, преведувачка и режисерка) да ги соберат феминистките од Југославија, Источниот блок и западна Европа за да разговараат за овие прашања tête-à-tête за првпат. Точниот број на учесници (вклучувајќи публика и медиуми) не е познат, но судејќи според фотографиите, на дводневниот настан присуствуваат околу 80 луѓе.
Делата на домашните автор/к/и на Конференцијата главно се концентрирале на анализа на југословенското општество од феминистичка гледна точка, како и на покренување прашања во врска со релевантноста и применливоста на феминизмот во социјалистичкото општество. На Конференцијата имало дискусии за патријархатот, идентитетот, сексуалноста, јазикот, невидливоста на жените во јавната сфера, двојниот товар на жените, насилството врз жените и опстанокот на традиционалните патријархални улоги и покрај нормативните решенија кои гарантираат еднаквост. За прв пат бил претставен критички осврт за решавањето на женското прашање во Југославија. Критиката е феминистичка, но не и антисоцијалистичка, и како таква се смета за ретка и релевантна анализа на југословенската реалност.
Напнатоста и различното потекло и феминистичката позиционираност меѓу учесничките од Југославија и оние од западните земји секогаш се сметаат како обележје на настанот сами по себе, се потсетува учесничката од Полска, Ева Моравска: „Од западна феминистичка перспектива, југословенските феминистки не беа доволно радикални. Од перспектива на домашните учесници, гостите од запад дефинитивно не беа соодветно информирани за ситуацијата во Југославија, а повремено беа снисходливи и претенциозни“.
Но, и покрај овие тензии, преовладуваше солидарноста и разбирањето. Феминистичката новинарка Весна Кесиќ пишува токму за солидарноста меѓу младите југословенски феминистки и феминистичките активистки на Запад:
„Нивниот пат кон феминизмот е генерално сличен на нашиот. Тие се издигнаа заедно со мажите во 1960-тите како дел од левите студентски движења, како членови на западните комунистички партии или антивладини леви активисти. Но, наскоро тие почувствуваа дека и покрај заедничката борба за универзална еманципација на човештвото и хуманистичките цели, тие останаа занемарени и во теоријата и во реалноста на овие движења. И покрај декларативната еднаквост меѓу мажите и жените, која е дел од сите постојни левичарски политички програми, тие се соочија со машката интелектуална левица која страдаше од речиси идентични облици на сексизам, на мачо-шовинистичка свест и нееднаквост кои традиционално доминираа во буржоаскиот поредок.“ Весиќ, Јелена. The Conference Comrade Woman – Art Program (On Marxism and Feminism and Their Mutual Political Discontents)
Конференцијата „Друга жена“ претставува историска знаменитост, не само поради тоа што е прва средба од ваков вид во тоа време, не само затоа што отвара дискусии кои дотогаш не биле адресирани на таков начин и во таков амбиент, туку затоа што генерира знаење и плодна почва за понатамошно феминистичко размислување и вмрежување во регионот. Овој состанок се смета за почеток на развојот на феминистичкото движење во Југославија, каде клучна улога игра спојувањето на жените кои веќе се занимаваат со феминистичка теорија низ социјалистичка Југославија со феминистките од други места во Европа, адресирајќи дилеми и конфликти кои и денес се далеку од одговорени. Користејќи ги зборовите на истражувачката Кјара Бонфиљоли „конференцијата, на тој начин, станува место на меморија што овозможува истражување на меѓусебните односи помеѓу минатото и сегашноста и во отелотвореното и субјективно искуство на овие трансформации“². Новите феминистки на Југославија сосема праведно укажуваат дека патријархалната култура, најсликовито репродуцирана низ традиционалната семејна единица, може да опстојува и опстојува во различни политички и економски системи, на начин кој го надминува времето и просторот. Згора на тоа, тие сосема прецизно укажуваат на пречките со кои може да се соочат феминистичките движења кога правата на жените ќе станат дел од државната пропаганда, но не и живеана реалност на жените.
Ова прашање останува да биде од важност денес, имајќи предвид дека сите постјугословенски земји ги потпишаа повеќето меѓународни документи и конвенции за родова еднаквост, а сепак, нашите општества стануваат сè пошовинистички и мизогини. Родовото насилство е присутно во секој аспект од животот на жените, неплатената работа и активностите за грижа се претежно извршувани од жени, жените се едвај застапени во политиката и во процесите на одлучување, поголемиот дел од имотот го наследуваат мажите, медиумите ги цементираат традиционалните родови норми, родовиот есенцијализам и религијата се користат за правење на притисок за рестриктивни закони за абортус, а објективизацијата, експлоатацијата и сексуализацијата на женското тело е поприсутна од кога било во постсоцијалистичкото, капиталистичко-во-обид општество.
Тогаш на кој начин е конференцијата што се случила во седумдесеттите релевантна за нас денес? И покрај носењето на клучни феминистички теми во очите на јавноста и укажувањето на потребата од критички, свеж и компаративен пристап кон женското прашање, низ различни политички и економски системи, конференцијата служи како плодна платформа за понатамошно феминистичко организирање. „[Настанот] ги охрабри учесничките да веруваат во себе и да започнат отворено да работат во јавната сфера и, како таков, претставува настан-темел на целиот подоцнежен развој на феминистичкото движење во овој регион. Конференцијата беше пресвртница во подоцнежниот развој на феминистичките групи“³. Во наредните години беа развиени женски и феминистички групи низ регионот кои организираа тркалезни маси и работеа на феминистичка теорија, беа развиени СОС линии и други услуги за жртвите на родово базирано насилство (првенствено) во Загреб, Љубљана и Белград, а подоцна, во деведесеттите, женското движење и повеќето феминистки од вториот бран беа вклучени во антивоено движење, повикувајќи се на веќе воспоставените регионални феминистички врски.
Со доминацијата на конзервативните групи и политичари во регионот и подемот на анти-родовото движење, не е невообичаено да се слушне – всушност, еден од нивните главни аргументи е – дека феминистичките, како и другите прогресивни движења, се увезени во регионот од запад. Ваквите наративи добиваат на популарност, така што феминистичките групи денес не само што можат да учат од феминистичката историја на Југославија (од антифашистичкото минато, како и од политиката од вториот бран), туку можат да извлечат и легитимитет и чувство за идентитет и континуитет. Познавањето, признавањето и користењето на нашето регионално феминистичко минато, во нашето тековно стратегизирање и организирање, може да претставува наше зајакнување и збогатување, бидејќи гледаме и разбираме како системите на угнетување постојано се репродуцираат.
Дете од 90-тите
Родена сум во 1991 година, годината кога Македонија ја стекна својата независност. На некој начин е многу невротично да се родиш на Балканот во 90-тите. Да пораснеш во регион растргнат од војна, сиромаштија, емиграција, (лошо извршена) приватизација и постојан растечки јаз меѓу обичните луѓе и оние малкуте перверзно богати. Да се образуваш и социјализираш во општества кои се обидуваат да ја фабрикуваат националната историја и да ги избришат сите можни траги од социјалистичкото минато.
Минатото, сепак, тешко се брише. Па така, мојата генерација мораше да изгради идентитет имајќи ја предвид силната промена во идеологиите: да слуша за солидарност, но да сведочи алчност; да чита за братство и единство, но да бега од војни – сето тоа додека сме седнати во мебел направен во Југославија, во фабрики кои ќе бидат оставени да банкротираат во годините што доаѓаат.
Јас, како и многу мои пријатели, пораснав со приказните за Тито кој доаѓа во посета на Скопје, анегдоти за шверцување фармерки и бескрајни приказни за дејствувањето на работниците раскажани во добриот носталгичен дух за тоа како на сите им било подобро во Југославија. Пораснав со прекрасни фотографии од шик млади на брегот на „нашето море“, со книги на српски што никогаш не успеав да ги прочитам и со страшна „екс-ју“ музика која сè уште се свири на свадби и матури. Но, со едно чувство дека оваа меморија – трансгенерациска, политичка, културна, но и физичка – на (речиси) утописки простор-време полека, но сигурно згаснува. Ова чувство ме натера да размислувам за тоа колку е чудно да растеш со силно (а сепак од втора рака) сеќавање за земја која никогаш не сум ја населувала, а која веќе не ни постои. Но, иако пораснав со овие митски приказни за Југославија и отсекогаш сум го чувствувала присуството на таа историја во мојот живот и како дел од мојот идентитет, ми беше тешко да замислам како ова минато може да создаде визии за иднината, како и дали тоа е всушност присутно во мојата сегашност, и како луѓето од мојата генерација, кои сигурно имаат посилни врски со глобалната заедница и култура, отколку со земја што некогаш одамна постоела, можат да се потпрат на југословенското минато во честопати Дон Кихотскиот обид да се изгради подобра иднина. Или барем можна иднина.
Бев во средно кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт и за неколку години создаде заробена држава. Наеднаш, низ цело Скопје почнаа да се поставуваат статуи на мажи качени на коњи кои држат оружје, гушејќи ги нашите јавни простори со националистички, псевдоисториски наративи. Модернистичките згради, изградени во духот на меѓународната солидарност по разорниот земјотрес во Скопје во 63-та, беа покриени со лажни барокни фасади. Прогресивниот закон за абортус од Југославија беше променет во поконзервативен. Верските институции добија легитимитет и моќ. Просторот за прогресивна мисла и идентитети постојано се намалуваше. Мојата земја ми кажуваше дека моето место, исто како и на баба ми, е во кујната. Времето почна да оди наназад. Се чувствував како да не припаѓам овде и сонував да побегнам на Запад.
Тоа беше отприлика времето кога почнав сè повеќе да се интересирам за феминизмот, движењето за правата на жените, а подоцна и за родовата и квир теорија. По студиите по политички науки и културолошки студии и живеењето овде-онде, почувствував нагон да се вратам во Македонија, да работам и да ја градам мојата иднина овде, колку и да биде тоа тешко и стресно. Десетгодишниот режим ја направи својата штета и знаев дека треба многу да се стори како идните генерации би имале некаква шанса тука. Вооружана со моето свежо, новопечено академско знаење, се впуштив во мисија да развијам феминистичка платформа, односно феминистичка веб-страница на македонски јазик. Работата за Медуза исто така ме доведе овде, токму во овој момент, да го напишам овој есеј и да размислувам за она што влијаеше да станам жената која сум денес и како мојата работа и мојот феминизам се поврзани со минатото, иднината и просторот што го заземам: телото, градот, земјата, регионот, планетата и интернетот.
Имав доста потешкотии, а може да се каже и писателска блокада, при пишувањето на овој есеј кога сфатив колку е колеблива мојата врска со југословенското феминистичко минато, особено од аспект на (не)познавањето на тоа минато. Иако идејата за Медуза беше инспирирана од слични платформи од регионот, како Muf и Libela, не можев да се сетам дали сум прочитала некој феминистички текст од Југославија, но со сигурност можев да ги наведам повеќето релевантни феминистки од минатиот век од Западна Европа или САД. Ова сознание не беше некое големо изненадување кога ќе се сетам дека сум растена со Google и дека англискиот ми е подобар од српскиот. Но помислата дека повеќето феминистички референци што ме изградиле доаѓаат од западната феминистичка мисла и дека тоа е случај со повеќето феминистики и активистки од моите генерации ме натера да се запрашам дали можеме да зборуваме за постјугословенски феминистички врски или да замислиме некаква регионална иднина вкоренета во југословенското минато?
Додека истражував и читав, бев збунета и малку разочарана што никогаш не сум слушнала за револуционерната конференција што се одржала во 70-тите години во Белград, а на која се дискутирале теми во домен на мојот интерес, притоа нарекувајќи се себеси левичарка и феминистка. Прелистувајќи ги сликите, видов жени кои личеа на моите баби, мајка, учителки, менторки, пријателки. Видов жени кои личеа на мене. Во црно-белите архивирани видеа ја видов мудроста во нивните очи и ја слушнав страста во нивните гласови. Се запрашав какво е чувството да се биде дел од таква инспиративна и ветувачка средина, да се означи почетокот на новите феминистички плими во регионот, за истиот тој регион да биде уништен од војна и мачоизам само една деценија подоцна.
А сепак, и покрај мојот недостиг на формално знаење, поминувајќи низ материјалите, се почувствував како интуитивно да ги чувам нивните мисли и искуства. Забележав како работата на мојата генерација е во континуитет со нашето југословенско минато и колку можеме да научиме од тој период; како да се живее, создава и да се одржи борбата во тешки пост-капиталистички, еко-катастрофални, дехуманизирачки услови. Во таква разорна локална и глобална атмосфера, кадешто губењето на сета надеж за иднината е исто толку вообичаено како и утринското кафе, донекаде е понизно да се нурне во историските архиви и да се замисли можната иднина почнувајќи од таму. За мене, феминистичките, квир и еко стратегиите отсекогаш биле и ќе продолжат да бидат клучни кога работиме на иднината – ако воопшто сакаме да имаме некаква иднина.
Додека сонуваме за и работиме кон таа иднина, нашето заедничко југословенско минато не треба да ни користи само „за да размислуваме за ефектите од геополитичките и историските трансформации врз производството на феминистички знаења“(Кјара Бонфиљоли, 2008), туку за активно да се надоврзуваме на таа богата историја на солидарност, транснационална соработка и интерсекционалност бидејќи се работи за наша регионална историја и традиција. Ако тоа звучи премногу апстрактно, можеме да бараме примери за тоа како ова трансгенерациско знаење е преточено во пракса – со антивоените движења од 90-тите; протестите за одбрана на реките и другите природни ресурси кои имаат локална, регионална и глобална димензија; прекуграничната соработка на општествените движења во организирањето против сличната десничарска политика во повеќето постсоцијалистички држави, заедничките напори на многу феминистички групи против дигиталното родово-базирано вознемирување на Балканот; прекуграничната културна соработка; архивирањето на југословенската естетика, сувенирите и антифашистичката историја преку различни типови на интернет сајтови и профили чија популарност расте; токму преку ова списание, зближувајќи нè, околу нашето заедничко минато како простор за имагинација и создавање; дури и преку регионалната стравопочит кон евровизиската песна на Констракта „In corpore sano“, која ги преведе нашите заеднички постјугословенски, пост-идеолошки борби со менталното здравје, конзумеристичките идеали за убавина и слабите општествени системи во впечатлив музички перформанс. Песна која одекнува во баровите, клубовите и на радио станиците низ регионот, додека луѓе од сите генерации (кои ја имитираат кореографијата) се прашуваат, што сака да каже со тоа уметница мора бити здрава?
Нашето време бара радикално преиспитување на општествените и политичките констелации во кои живееме и понекогаш повикува да копаме подлабоко во нашите истории, кога ни изгледа како да нема каде да се оди оттука. За мене, богатата феминистичка историја и интимните истории на моите женски предци отсекогаш биле бесценети наследства кои ми помагаат да замислам поинаков, подобар свет, длабоко вкоренет во културата на грижа, солидарност и љубов. Многу од вредностите во кои верувам биле основни вредности на југословенската политичка култура, но понекогаш слабо применети во политиката. Југофеминистките беа една од ретките групи кои јасно ставија до знаење дека вистинската општествена трансформација е невозможна доколку патријархалните вредности остануваат во сржта на политичката култура во една земја, дури и ако е социјалистичка. Четириесет години по Друга жена, кога повеќето општествени движења се комодифицираат од страна на државите или пазарот, кога повеќето системи за грижа се приватизираат и екосистемот полека се урива под глобалната алчна, машка, незауздана политика; можеме (и мора!) да ги одржуваме во живот овие разговори, гледајќи назад и напред, истовремено.
* Есејот е оргинално објавен на словенечки и англиски јазик во магазинот за перформативни уметности Маска (Vol. XXXVII., issue 209-210, пролет 2022), во специјалната регионална едиција Југофутуризам YUFU 2.0. За потребите на Медуза, текстот е преведен од страна на авторката.
¹Жените во Југославија почнале да учествуваат на изборите за Уставниот совет уште во 1945 година, додека жените од многу западноевропски земји сè уште биле на почетокот на нивната борба за првото на глас. Уставот од 1946 година ја потврдил еднаквоста на жените во сите аспекти на општествениот живот. Согласно Законот за брак од 1946 година, положбата на жените и мажите во бракот била изедначена, Законот за социјално осигурување вовел социјална заштита од сите ризици, вклучително и платено породилно отсуство и право на старосна пензија под исти услови за мажите и жените. Правото на абортус било обезбедено во 1951 година и дополнително либерализирано во 1977 година.
²Bonfiglioli, Chiara. Remembering the conference Drugarica Žena. Žensko pitanje. Novi pristup? / Comrade Woman. The Women’s Question: A New Approach? Thirty years after“. (2008)
³Vesić, Jelena. The Conference Comrade Woman – Art Program (On Marxism and Feminism and Their Mutual Political Discontents) https://tranzit.org/exhibitionarchive/wp-content/uploads/2015/02/woman-comrade-report.pdf