Кога започнав да го пишувам текстов, месецот на гордоста беше на само неколку расправии од нас. По најавата за Парадата на гордоста, која ќе се одржи на 20 јуни во Скопје, како што скроламе по објавите на социјалните мрежи, така расте и револтот. Секоја година иста приказна: „Дај бе, не ги читај коментарите!“ Секоја година истото прашање: „А, зошто да не?!“
Мислите ти заглавуваат во онаа горчлива голтка што си ја подголтнуваш пред да отвориш некаква статија, објава или линк поврзан со Парадата, си размислуваш заглавена во сопствените спирали на непоимливи стравови. Исплашена си дека во коментарите поврзани со повици за насилство кон тебе ќе начекаш некој твој. Во тие неколку стотинки во глава ти се вртат илјадници коментари што повикуваат на лечење, тепање, па дури и убиства адресирани кон тебе и кон сите тие како тебе. Што ако има некој мој? Вртиш како на апарати во казино; лицата на профилите се менуваат, се менуваат имињата и коментарите, а во десното око ти влегува капка пот и те насолзува. Што ако има некој мој? Си ги навлажнуваш усните и ти се враќа филмот од сите хомофобични коментари што ги имаш добиено од твоите другарчиња во средно — ни тие свесни дека се хомофоби, ни ти свесна дека се. Ти се враќа филмот од сите семејни ручеци и сите страшни пцости изговорени за тебе, за неа, за брат ти – знаеше дека знаат, и знаеше дека не им е гајле. Што ако има некој мој? Се сеќаваш на првата љубов, на онаа на која ѝ призна сè, на онаа на која ѝ кажа што си и која си, и на малтретирањето ден потоа во школскиот двор. На сите убедувања дека има начин да се излекуваш и на твоите моменти на слабост кога помислуваше дека навистина можеш да се излекуваш од „болеста“ што сите ти ја препишуваа. Што ако има некој мој? Како на филмска лента ти поминува погледот на твоите родители кога сфаќаат дека си скршена и дека веќе немаш ни што да изгубиш, дека си се смалила од стравови и насилство, си се уништила себеси пред тие воопшто да се обидат. Знаат и тие дека е готово, дека веќе си ги изгубила во твојата глава, веќе не те прифатиле, веќе ги немаш и дека се тетеравиш без нив, па ти даваат грам милостина и ти кажуваат дека те сакаат секаква, без да се свесни дека тоа „секаква“ е навреда, но нејсе.
И што?! И што?! И што ако има некој мој?!
Ги превртуваш сите коментари, наидуваш на небитни школски другари и другарки од основно, братучеди на мајка ти и по некој скриен геј маж од локалната политичка партија што го жалиш. Добро е, нема никој мој. Сепак, во меѓувреме ти си пораснала и ги забележуваш и оние коментари што порано ги сметаше за утешителни, потоа за игнорантни, а сега просто хомофобични – хомофобија која за жал ја носат многумина околу тебе, ама не знаеш како да им ја доловиш и само ја голташ како таблетка хелекс што треба да те отапи и успие. Знаеш дека нема да се сменат. Знаеш дека во овој твој животен век ова е нивниот максимум и дека од ова подалеку нема да стигнат. Тие те сакаат, условно и привидно, но те сакаат. Те сакаат кога си тивка, кога не си како сите геј луѓе што ги знаат, кога не си премногу шарена и автентична.
Хомофобијата се појавува и кога ќе го отвориш фрижидерот — излегува од него, од шолјата кога пушташ вода, од прозорецот кога го оставаш на кип додека врне.
„Јас прифаќам сè. Навистина не ми е грижа кој со кого спие, само сулудо ми е ова излегување на улица.“
„Имам еден куп другари што се геј. Навистина се прекрасни, без разлика на нивната сексуална ориентација и родов идентитет.“
„Сè е во ред, само гордоста од каде иде? Не разбирам. Земете сработете нешто, учете, па после гордејте се!“
„Не сфаќам што ја мешате црквата? Зарем ќе ви биде вам убаво јас за парадата вака да зборувам?“
„Не сфаќам зошто треба стрејт човек да држи говор на протестот? Па тоа си е ваш протест!“
„Како е можно некој да помисли за мојот партнер дека е бисексуалец?! Па ние сме во хетеро врска! За човек што го знаеме со години, а јас спијам со него! Нема смисла.“
„Сосема ми е океј што сте заедно, само мислам дека моиве деца не се спремни да знаат за најразлични врски, искрено… Не се лутете, ве молам.“
„Не мораше пред баба ти да ја донесеш и неа. Нели се договоривме дека можеш вака да ја умреш?“
„Леле, ти ич не си како другите геј што ги знам. Воопшто не пикаш во очи дека си геј, иако знам дека за работа излеговме, нели… Ама не знаев дека имаш дечко. Преслатко.“
„Сакам да имам другар геј маж за да си се шминкаме заедно.“
„Како мислиш сакаш жени? Не ти се допаѓам јас? Зошто?“
Ова се само дел од „добронамерните“ коментари низ кои се гледа хомофобијата и без некој да ја потенцира. Нашата заедница е една, вашите хомофобии се милион. Тоа е најстрашниот дел.
Ќе бидам кратка: јас ќе излезам на улица на протест за сите наши другари и другарки, браќа и сестри убиени по улиците поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет. За сечиј последен здив пред тишината на самоубиството. За сите кои морале да помислат дека животот е подобар само ако не го живеат. За секоја шлаканица, тупаница, раскрвавени заби и носеви по паркови и барови, за секоја пцост изговорена на глас и за сите оние премолчени. За секој ваш муабет во четири ѕида: „Абе, сè е океј, ама што им треба онолку да објавуваат?“ За секоја солза на мојата девојка поради фрустрација и тага. За секоја моја солза поради вашата неписменост и неспособност да научите како успевате секој ден да нѐ повредувате, да научите како функционира моќта и кој ја има, а кој ја нема. За малата Елена што седи затворена во собата и размислува дека ќе биде подобро ако најде начин до вечер да ја снема.
Ќе излезам на улица, бидејќи не постои закон што нè штити. Затоа што бев избркана од работа поради хомофобија од обично маалско кафуле. Поради тоа што не постои закон за тоа како станот да биде заеднички. Поради тоа што тука не смееме ни да помислиме на деца — децата се светина, а ние сме поим за грев и развратност. За секоја кнедла во грлото што ја голтам секој пат кога ќе кажам пред зграда дека кучето е на цимерката. Наместо нашето куче, моето и нејзиното куче, на мојата партнерка, нашето куче. За да не морам да речам дека станот е нејзин, а јас на неа ѝ плаќам кирија.
Ќе излезам на улица бидејќи мојата партнерка, мојата сакана, нема да ја пуштат во болничка соба ако ми се случи нешто. Затоа што сè уште сама ме канат на прослави и свадби, иако знаат дека не сум сингл.
Сето ова е хомофобија, додека ние џвакаме привидна поддршка само за да преживееме.
И што ако има некој наш? Ништо, тоа е.
Живела љубав!