Веројатно периодов сте слушнале за мини-серијата Mrs.America, драма во 9 епизоди, кои мошне верно на историјата ни ја раскажуваат позадинската приказната на вториот феминистички бран во Америка и (обидот за) ратификувањето на ERA – Амандман за еднакви права.
Доколку не сте слушнале, ќе ви дадам 5 причини зошто, според мене, треба да ја гледате серијава, веднаш.
Важна лекција по историја која нема каде да се научи
Реткост е во популарна култура (ок, можеби веќе не), историски документарци, а не па во формално образование да се добие детален приказ за женската историја и борба. Краток пример: во мојата последна година на факултет (отсек политички науки) омилен предмет ми беше Политичка филозофија. Во таа страшно обемна книга хронолошки беше претставена политичката филозофска мисла, од антика до денес. Нормално, машка филозофска мисла. Пријатно се изненадив кога стигнавме до лекција за феминизам. Откако на кратко ни беше раскажано за феминистичката идеја за јавното и приватното, ни беше соопштено дека поглавјето феминизам не е за испит, туку така, за општа култура. Па, бидејќи цел живот некако „по грешка“ собирав знаење за развојот на феминизмот, феминистичките бранови и борби, среќна сум што конечно има комерцијална и квалитетна серија која се занимава со вториот феминистички бран и неговите централни точки и ликови. Троа е ризично да базираш цела серија околку ратификувањето на еден Амандман во САД, со оглед на тоа што институционалните борби обично звучат како најдосадниот дел од борбата за еднаквост. За среќа, тоа не е случајот овде. Серијата ни претставува како ERA оди од веќе (речиси) решена работа, поздравена и од демократите и од републиканците, која требало на некој начин да го круниса триумфот на движењето за женското ослободување во 60тите и 70ите, во една од најконтроверзните политички борби во американската политика.
Мега-талентираната Кејт Бланшет во улога на ужасната Филис Шлафли
Очигледно нема чевли кои Кејт Бланшет не може да ги носи, дури и ако тоа се чевлите на ултраконзервативната антифеминистка Филис Шлафли. Филис ја носи водечката улога, што за некои критичари на серијата е грешка – зошто серија која се занимава со вториот феминиситчки бран да ѝ го даде центарот на вниманието на една од најпознатите антифеминистики? Според мене тоа е можеби и најголемиот погодок на серијата. Иако во секоја епизода ја следиме Филис, како во нејзините политички напори, така и во нејзиниот приватен живот и дури на моменти сочувствуваме со нејзината позиција, сепак, фактот дека креаторите на серијата се на феминистичката страна, е несомнен. Филис Шлафли била екремно талентиран стратег, одличен лобист и политички организатор зад маската на домаќинка и задоволна мајка на 6 деца која се залагала за традиционални „семејни“ вредости, додека истовремено работела 24/7 и патувала низ цела Америка, сонувајќи да стане Конгресменка. You gotta love the irony. Па така, повеќето позиции, одлуки и ставови кои ги имаат феминистките ми се лесни за разбирање, но тоа не е случајот со домаќинките кои толку ревносно се бореле против Амандман кој практично кажува дека тие треба да се еднакви на своите мажи пред законот. Баш затоа ми се допаѓа што е даден акцент и на таа страна на приказната, без притоа жените кои се против да бидат исмевани и карикатуризирани. Тешко е да се има и грам сочуство за лик како Филис Шлафли, но серијата тоа не го изнудува. Тоа што го прави успешно, е приказ на повеќедимензионален лик, кој дури и да го мразиме мора да признаеме дека си има свои борби, на пример растргнатоста помеѓу нејзината опсесија да се биде добра мајка, сопруга и домаќинка и несовладливата желба да се биде активна во политиката. Кејт Бланшет совршено ги претставува тие внатрешни борби.
Секоја хероина си има свои 5 минути
Иако Филис Шлафли на некој начин го води дејството, имаме можност длабински да запознаеме повеќе релеватни жени кој го запечатиле вториот бран. Па така, ја гледаме Gloria Steinem и нејзините почетоци како главна уредничка на Ms. Magazine, решена да издејствува за правото на абортус, истовремено исфрустирана што нејзиниот изглед е поинтересен за јавноста од нејзината работа. Betty Friedan, авторката на The Feminine Mistique, е преставена како генијална и конфликтна, која иако за многу е пионерка на бранот, полека ја губи својата моќ, особено со оглед на тоа што не успеава да ја види неразделната врска помеѓу движењето за женското и квир ослободувањето. Интерсекцискиот елемент е уште подоминантен кога станува збор за Shirley Chisholm, која е првата црна конгресменка, а воедно и првата кандидатка за претседател на демократската партија. Соочена со расизам и сексизам, разочарана и предадена до некаде и од самото феминистичко движење кое треба да биде нејзиниот мотор, ја раскажува приказната за борбата помеѓу идеализмот и политичкиот прагматизам. Преку врските и конфликтите меѓу овие ликови, како и нивните внатрешни дилеми и борби, а дефитивно и партнерски/пријателски односи, добиваме една целосна и според мене автентична слика за што тоа значело да се бориш за женски права во 70тите. Секако, нема ништо ново во политичка драма која е преставена преку приватните животи на протагоностите, но ретко има политичка драма во која сите протагонисти се жени.
Минатото се повторува
Еве сме во 2020, точно 50 години од вториот феминистички бран. Дали некои победи се добиени? Дефитивно да. Дали родовата дискриминација е сè уште нашето добро утро? И тоа како. Фактот што минатото се повторува (а во некои аспекти и стои во место) ја прави оваа серија особено, особено интересна за една милениумска феминистика како мене. Аргументите се горе-доле исти, контра аргументите се горе-доле исти. Филис Шлафли многу паметно разбира дека единствен начин за да се запрат промените кои ги носи феминизмот е креација на широк фронт на отпор: од мормоните и екстремните десничари до националистите и расисти. Звучи познато? Застапувањето за Амандманот за еднакви права ужасно многу ме потсети на нашата локална приказна со носењето и укинувањето на новиот Закон за спречување и зашитита од дискриминација, кој слично како во Mrs. America стана терен за политички игри и идеолошки борби. На дебатните емисии противниците на ERA користат заплашувања за уништувањето на традиционалните вредности, ги стереотипизираат феминистките како тажни, мизерни жени на кои едноставно им недостасува љубов и секс, а неретко извитоперуваат или измислуваат информации – на пример, дека таквиот Амандман ќе подразбира легализирање на геј бракови и родово универзални тоалети… Резултатот на ваквото агресивно лобирање, за жал, води кон пораз на феминистките и на некој начин ја навестува иднината на брзите и лажните вести кои на опасен начин се користат за политичко манипулирање. Има многу што да се научи од оваа серија за застапување, лобирање, градење отпор и соработки, негување на пријателства меѓу активистки со различни позадини, вршење притисок, политичко организирање, медиумско присуство, компромиси, но и бескомпромисни борби. Mrs. America е одлична серија-потсетник дека сите женски права висат на конец, но ни дава и алатки и знаење за како да се продолжи понатаму.
Лудило естетика
Ако на нешто не можам да одoлеам, тоа е естетиката на доцни 60ти и рани 70ти. Серијата е одлична временска машина во тој поглед, на ниво на Mad Man, па не ме изненади дека Dahvi Waller има заслуги и за двете серии. Слично како и во Mad Man, приказната на секој лик е раскажана преку нивниот стил, дом, аксесоари и слично. Во овoј случај тоа е од особена важност, бидејќи серијата нè запознава со вистински историски ликови. Еден едноставен google search на сите имиња кои го носат дејството и ќе бидете зачудени колку внимание е посветено на нивната трансформација. Овој елемент ни помага целосно да влеземе во тој 70ти филм, а на моменти искуството наликува на гледање документарец.
Сите овие фактори во комбинација прават да ми е многу жал што оваа серија има само 9 епизоди, наместо неколку сезони како Mad Man. Сепак, и овие неколку епозоди се доволни за да се добие сеопфатна слика на темата и за човек многу да се изнервира дека Амандаманот за еднакви права, како што бил предложен во 1923, во 2020 година, сè уште не е донесен!